Припитомување

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Кучињата и овците се едни од првите припитомени животни.

Припитомување или скротување — процесот при кој популација на животни или растенија, преку процес на селекција, се навикнува на човечките услови и контрола. Карактеристика на припитомувањето е вештачката селекција од страна на луѓето. Луѓето ги довеле овие популации под нивна контрола и грижа од многу причини: да произведува храна или вредни артикли (како волна, памук или свила), за помош при различни типови на работа (како транспорт, заштита и борба), научни истражувања или едноставно да уживаат во нивното друштво или да ги користат како украси.
Припитомените растенија примарно за естетско уживање во и околу домовите обично се викаат куќни растенија или орнаменти, додека, пак, оние што се припитомуваат за обемно производство на храна се наречени жетви. Може да се направи разлика помеѓу оние припитомени растенија коишто се намерно изменети или избрани за одредена пожелна карактеристика (погледнете култиген) и оние припитомени растенија коишто во суштина не се многу различни од соодветните диви растенија (со претпоставка дека припитомувањето не значи физичка модификација). Животните припитомени за домашно друштво обично се наречени миленици, а оние што се припитомени за храна или работа стока или земјоделски животни.

Потекло[уреди]

Чарлс Дарвин опишува како процесот на припитомување вклучува и несвесни и методски елементи. Рутинската човекова интеракција со животните и растенијата создава притисоци во селекцијата што предизвикува адаптација како што видовите се приспособуваат на човечкото присуство, употреба или одгледување. Намерното селективно одгледување се користело и за да се создадат посакуваните промени, често по почетното припитомување. И двете сили, несвесната природна селекција и методски селективното размножување, веројатно влијаеле во процесите на припитомување низ историјата. Од перспектива на човекот и двата процеса се опишани како вештачка селекција.
Припитомувањето на пченицата претставува еден пример. Кога дивата пченица ќе созрее паѓа на земја за да се презасади самата, но припитомената останува на дршката за полесно да се ожнее. Постои доказ дека оваа критична промена дошла како резултат на случајна мутација блиску до почетокот на одгледување на пченицата. Пченицата со оваа мутација е ожнеана и станала семе за следната жетва. Според тоа, без да забележат постарите земјоделци ја селектирале селектирале оваа мутација, бидејќи инаку таа би изумрела. Резултатот е припитомена пченица, којашто се потпира на земјоделците за своето размножување и ширење.
Мутацијата не е единствениот начин со кој работи природната и вештачката селекција. Дарвин опишува како и природните варијации во индивидуални растенија и животни ја поддржуваат селекцијата на нови особини. Се шпекулира дека волците скротени повеќе од просечното, помалку претпазливи од луѓето, самите се селектирале како домашни кучиња во текот на многу изминати генерации. Овие волци биле способни да напредуваат со тоа што ги следеле луѓето во потрагата по храна близу до логорски огнови и депонии. На крај се развил симбиотички однос помеѓу луѓето и овие пракучиња. Кучињата се хранеле со остатоците храна од луѓето и луѓето откриле дека кучињата можат да ги предупредуваат за опасностите кои им се приближуваат, да им помогнат во ловот, да се однесуваат како миленици, да обезбедуваат топлина или да им ги надополнуваат нивните потреби за храна. Како што еволуирал овој однос, луѓето почнале да ги чуваат овие самоприпитомени волци и да ги размножат од нив расите на кучиња кои ги имаме денес.
Во последно време, селективното одгледување може најдобро да покаже како најчесто функционира процесот на продолжување на припитомувањето. Дел од најпознатите докази за моќта на селективното одгледување произлегуваат од еден експеримент на рускиот научник Дмитри К.Белајев во педесетите години од дваесетиот век. Неговиот тим потрошил многу години одгледувајќи ја сребрената лисица (Vulpes vulpes) и ги селектирал само оние индивидуи кои покажувале најмалку страв од луѓето. На крајот, тимот на Белајев ги селектирал само оние кои покажувале најпозитивна реакција на луѓето. Завршил со популација од сиви лисици со значителни промени во однесувањето и изгледот. Тие не покажувале повеќе страв од луѓето и често мавтале со опашката и ги лижеле луѓето кои се грижеле за нив изразувајќи им наклонетост. Фасцинантно, овие лисици имале клапнати уши, помали черепи, свиткани опашки и други особини обично забележани кај кучињата.
И покрај успехот со овој експеримент, се чини дека со селективното одгледување не може секогаш успешно да се изврши припитомувањето. Многу обиди за припитомување на различни видови диви животни биле неуспешни. Еден пример за тоа е зебрата. Покрај фактот дека четири видови зебри и дел од истиот род како коњот и магарето можат да се вкрстуваат, обидите за припитомување не биле успешни. Факторите коишто влијаат на можноста за припитомување на големи животни (види подолу) се разработени подолу. Изненадувачки е фактот што уште од порано па сѐ до денес, за само 12 видови големи животни се докажало дека можат да се припитомат. Распоредени приближно според периодот на припитомување, започнувајќи од првото, припитомени животни се: куче, овца, коза, свиња, крава, коњ, магаре, воден бивол, лама/алпака, азиска камила, арапска камила и слон.

Животни[уреди]

Според еволутивниот биолог Џаред Дајмонд, животинските видови мора да исполнат шест критериуми за да се земат предвид за припитомување:

  1. Прилагодлива исхрана - Суштества што ќе можат да консумираат широка разновидност на извори на храна и ќе можат да живеат од помалку кумулативна храна од хранливата пирамида (како пченка или пченица), особено храна којашто не ја консумираат луѓето (како трева и сточна храна) се помалку скапи за чување во заробеништво. Месојадите по дефиниција се хранат примарно или само со животинско ткиво, што бара трошење на многу животни, иако тие можат да користат извори на месо коишто луѓето не ги користат, како остатоци од храна или паразити.
  2. Релативно брз раст - Брзото созревање во споредба со човечкиот животен век овозможува интервенција во одгледувањето и го прави животното корисно во рамките на прифатливо долго грижење за него. На големите животни како слоновите им требаат многу години додека ја достигнат корисната големина.
  3. Способност да се размножуваат во заробеништво - Суштествата што не се доволно способни за размножување кога се чуваат, не создаваат доволно корисно потомство, а тешко можат да се фатат во дива состојба. Суштества како пандата, антилопата и џиновската шумска свиња се приврзуваат територијално и не можат да се одржат во бројни групи.
  4. Пријатна природа - Големите животни кои се агресивни кон човекот се опасни за чување во заробеништво. Африканскиот бивол има непредвидлива природа и е многу опасно за луѓето. Слично на тоа, иако американскиот бизон е одгледуван во ограден хабитат во западен САД, опасно е да се смета за вистински припитомено животно. Иако на многу начини се слични со припитомената свиња, американското пекари и африканските диви прасиња (warthog и bushpig) исто така се опасни за чување.
  5. Темперамент кој ретко предизвикува паника - Тешко е да се чува во заробеништво суштество со нервозна природа, бидејќи секогаш кога ќе се исплаши може да избега. Газелата е многу непостојана и има силен скок, што ѝ овозможува да избега од заградено трло. Некои животни, како домашната овца, сѐ уште имаат силна тенденција да паничат кога некој ќе ја премине ограничената зона и им се доближи. Сепак, повеќето овци имаат инстинкт за групирање, па кога се притиснати тие се збиваат блиску едни до други. Луѓето и кучињата стоката со ваков инстинкт можат да ја втеруваат во стадо.
  6. Приспособлива социјална хиерахија - Социјалните суштества кои препознаваат хиерархија на доминантност можат да се одгледуваат да го сметаат човекот за предводник.

Растенија[уреди]

Погледнете ги: Култиген и Хортикултура

Најпрвите обиди на човекот за припитомување на растенијата се случиле во Југозападна Азија. Постои доказ за свесно одгледување и селекција на особини на растенија од страна на пренеолитски групи во Сирија: зрна од 'рж со домашни особини сочувани од Епипалеолитот (c. 11,050 BP) од наоѓалиштето Абу Хуреира во Сирија, но се чини дека тоа е локализиран феномен на одгледување низи див 'рж, а не јасен чекор во припитомувањето.
До 10 000 година п.н.е. било припитомено растението лејка (Lagenaria siceraria), кое се користело како сад пред да се измисли керамичката технологија. Припитомената лејка стигнала до Американските држави од Азија до 8000 година п.н.е., најверојатно благодарение на миграциите на луѓето од Азија во Америка.
Житните култури првпат биле припитомени околу 9000 година п.н.е. во областа Плодна полумесечина во Средниот Исток. Првите припитомени жетви биле едногодишни растенија со големо семе или овошје. Тука спаѓале мешункасти растенија како грашокот и зрнести како пченицата.
Средниот Исток бил навистина соодветен за овие видови, сувата летна клима била погодна за развивање на едногодишните растенија со големо семе и разновидноста на извишувањата довело до создавање на различни видови растенија. Како што се одвивало припитомувањето луѓето почнувале од општество на ловци и собирачи да преминуваат во стабилно земјоделско општество. Околу 4000 до 5000 години подоцна, оваа промена довела до создавање на првите градови-држави и на крај со заживувањето на цивилизацијата.
Понатамошното припитомување бил повремен процес кој се одвивал постепено со потешкотии и грешки. Со тек на времето започнале да се припитомуваат повеќегодишни растенија и мали дрвја, како јаболка и маслинки. Некои растенија до неодамна не биле припитомени, како што се макадамскиот лешник и пеканот.
Во други делови на светот биле припитомени најразлични видови растенија. Во Америка, тиквата, пченката, гравот и можеби маниоката (позната и како Cassava) биле главните плодови во исхраната. Во источна Азија најважни жетви биле просо, ориз и соја. Некои делови од светот како Јужна Африка, Австралија, Калифорнија и јужната половина на Јужна Америка никогаш не припитомиле локални видови растенија.
Низ милениумите многу припитомени видови се целосно поинакви од нивните видови во минатото. Класовите на денешната пченка| се многу поголеми од оние на дивата пченка (teosinte). Слична промена се случила и помеѓу дивите и питомите јагоди.
Видовите припитомени растенија често се разликуваат од нивните сродници на предвидливи начини. Овие разлики се наречени синдром на припитомување и вклучуваат:

  • Повисока стапка на 'ртење
  • Попредвидливо и посинхроно 'ртење
  • Зголемени репродуктивни органи
  • Тенденција на созреаните плодови да останат на растението, а не да се кршат и паѓаат на земја
  • Намалена физичка и хемиска одбрана
  • Промена во распределбата на биомасата (повеќе во плодовите, корењата или стеблата, во зависност од човекот)

Степени[уреди]

Поради бавниот раст на слоновите, границите помеѓу преживеаните диви популации и домашните клади се нејасни. Слични проблеми во дефинирањето се појавуваат кога домашните мачки побеснуваат. Систем за класификација кој би можел да помогне да се реши оваа нејаснотија околу популациите на животните, може да се состави врз основа на спектарот зголемено припитомување.

  • Диви: Овие популации го живеат целиот нивен животен циклус без намерна човечка интервенција.
  • Одгледани во заробеништво/заробени од дивината (во зоолошки, ботанички градини или за човечки потреби): Овие популации се хранети од луѓето (освен во зоолошките градини), но не се размножуваат под човечка контрола. Овие животни не се разликуваат според изгледот или однесувањето од соодветните диви животни. Примери за тоа се азиските слонови, животните кои ги користат шоумените од Индија како мрзливците и кобрите, животни како азиските црни мечки (одгледувани заради нивната жолчка) и животните од зоолошките градини, коишто се чуваат како примери од нивните видови. (Треба да се забележи дека зоолошките и ботаничките градини понекогаш изложуваат припитомени или бесни животни и растенија како што се камилите, мустанзите и орхидеите.)
  • Деловно одгледувани (заробени или делумно припитомени): Овие популации се одгледувани на ранчеви или фарми во голем број за добивање храна, артикли или трговија со миленици, обично одгледувани во заробеништво, но како група не се значително изменети во изгледот или во однесувањето од нивните диви роднини. Примери од оваа група се нојот, разни видови елени, алигатор, штурец, бисерна острига и питон. (Овие животни понекогаш се наречени делумно припитомени.)
  • Припитомени: Овие популации се растени и одгледувани со контрола на човекот низ многу генерации и како група се значително изменети во изгледот и однесувањето. Дел од овие животни се свињи, ласици, канаринци, домашни гулаби, [[зелени австралиски папагалчиња], златни рипки, свилени буби, кучиња, мачки, овци, говеда, кокошки, лами, морски прасиња, лабораториски глувци, кози и (сребрени) лисици.

Овој систем за класификација не важи за некои комплицирани фактори: генетски модифицирани организми, побеснета популација и хибридизација (вкрстување). Многу видови коишто се чуваат на фарма или ранч се генетски модифицирани. Ова создава посебна категорија бидејќи ги изменува организмите како група, но на поинаков начин од традиционалното припотомување. Побеснетите организми се членови на популација којашто некогаш била одгледувана од човекот, но сега живее и се размножува вон неговата контрола. Пример за тоа е мустангот. Хибридите можат да бидат диви, припитомени или обете: лигер е хибрид од две диви животни, маска или муле од две припитомени животни, а бафало е резултат на вкрстување на диво и припитомено животно.
Постои голема разлика помеѓу скротено и припитомено животно. Поимот „припитомува“ се однесува на цел вид или род, а поимот „скротува“ само на единка од некој вид или род. Луѓето скротиле илјадници животни коишто никогаш вистински не биле припитомени. Тука спаѓаат слоновите, жирафите и мечките. Постои дилема за тоа дали некои видови се припитомени или се само скротени. Некои сметаат дека слоновите се припитомени, а други дека мачката никогаш не била. Линијата на разграничување е дали младо од диви родители би се разликувало според изгледот и однесувањето со она од припитомени родители. На пример, кучето сигурно е припитомено бидејќи дури и волк (генетското потекло на сите кучиња) одгледан уште од мало, многу би се разликувало од кучето, и во изгледот и во однесувањето.

Граници[уреди]

Селекцијата на животни поради видливите „посакувани“ особини може да направи тие да ги направат несоодветни на непознат начин. Последиците за заробените и припитомените животни биле смалување, шарена боја, пократки лица со помали и помалку заби, намалување на цврстината на роговите, слаби мускули и генетска непостојаност. Слабо изразени зглобови, неправилна фузија на коската на екстремитетите епифиза со диафиза, промени во влакното, зголемени маснотии, помали мозоци, поедноставени навики во однесувањето, продолжено несозревање и други патолошки состојби се само дел од недостатоците на домашните животни. Сите овие промени се документирани со директни набљудувања на стаорецот во деветнаесетиот век, со помош на археолошки доказ и потврдени се од одгледувачи на животни од дваесетиот век.
Едни од несаканите ефекти од припитомувањето се зооношките болести. На пример, говедата ги предизвикале вирусните сипаници, морбилите и туберкулозата, свињите и патките - грипот, а коњите риновирусите. Луѓето имаат преку шеесет заеднички болести со кучињата. Многу паразити исто така потекнуваат од домашните животни. Појавата на припитомување резултирала со погуста популација кај луѓето што овозможило услови за созревање на патогени за репродукција, мутација, ширење и евентуално пронаоѓање нов вид.

Датуми и места[уреди]

Бидејќи процесот на припитомување долг временски период наследно опфаќа многу генерации, а ширењето на одгледување и техники на сточарството е исто така бавно, нема никакво значење да се даде единствен „датум на припитомувањето“. Сепак, се верува дека првиот обид за припитомување на животни и растенија бил изведен во Стариот свет од луѓе од мезолитскиот период. Племињата што учествувале во ловењето и собирањето на растенија за јадење, почнале да се обидуваат да припитомат кучиња, кози и по можност овци, што се случувало во 9000 година п.н.е. Сепак, дури во неолитскиот период се појавило примитивното земјоделство како форма на социјална активност и тоа веќе напредувало. Најголемиот дел припитомени животни и растенија, кои сѐ уште им служат на луѓето, биле селектирани и развивани во текот на неолитскиот период, а други примери се појавиле подоцна. Зајакот, на пример, не бил припитомен до средниот век, а шеќерната репка почнала да се одгледува како земјоделско растение од кое се добивало шеќер во деветнаесетиот век. Неодамна, во дваесетиот век, нането станало предмет на земјоделска обработка, а во истиот период биле започнати и програми за одгледување на животни за производство на висококвалитетно крзно.
Достапните методи за проценка на датумите на припитомувањето внеле понатамошна непрецизност, особено поради тоа што се случувало во далечното минато. Според тоа, датумите споменати овде треба да се земаат со резерва, во некои случаи нема доволно докази, па понатамошните откритија можат значително да го променат времето.

Поврзано[уреди]