Алигатор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Алигатор
American alligators (Alligator mississippiensis)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Рептили
Ред: Crocodilia
Фамилија: Alligatoridae
Род: Alligator
Daudin, 1809
Species

Alligator mississippiensis
Alligator sinensis

Алигаторите (Alligator) се род на крокодиловидни рептили од фамилијата на Alligatoridae. Се разликуваат од крокодилите по нивната поширока и пократка глава. Тие се исто така помалку агресивни од нивните роднини – крокодилите.

Родот Алигатор содржи два преживеани вида:

Кајманите од централна и јужна Америка, кои спаѓаат во иста фамилија како алигаторите, се разликуваат по тоа што немаат коскен септум меѓу ноздрите.

Етимологија[уреди]

Името алигатор е добиено од шпанскиот збор el lagarto што значи „гуштер“. Со ова име го опишале конквистадорите кога го виделе ова животно за прв пат. Зборот lagarto потоа бил променет од страна на британските колонизатори и ја добил неговата денешна форма – алигатор (alligator).

Живеалиште и распространетост[уреди]

Кинески алигатор

Алигаторите живеат само во две држави: Кина и Соединети Американски Држави.

Американскиот алигатор го среќаваме во југоисточниот дел на САД: Флорида и Луизијана, јужните делови на Џорџија, Алабама и Мисисипи, крајбрежјето на Јужна и Северна Каролина, источен Тексас, југоисточниот дел на Оклахома и јужниот врв на Арканзас. Поголемиот дел од американските алигатори живеат во Флорида и Луизијана, каде има над милион алигатори по држава. Овие животни ги населуваат слатководните околини како бари, мочуришта, реки и езера, како и места каде има мешање на речна и морска вода како на пример делтите. Јужна Флорида е единственото место каде заедно живеат алигатори и крокодили.

Кинескиот алигатор денес може да се најде само во долината на реката Јангце. Овој вид е екстремно загрозен, и се верува дека во дивината се останати само неколку десетици индивидуи. Всушност многу повеќе кинески алигатори живеат во зоолошките градини низ светот, отколку што има во природата.

Карактеристики[уреди]

Алигатор со отворена уста

Алигаторите се опишуваат и како „живи фосили“ од ерата на рептилите, поради фактот дека преживеале на земјата повеќе од 200 милиони години[1].

Алигаторите се карактерисизираат со широка и кратка муцка. И двата преживеани вида имаат темна боја на кожата, често скоро црна. Сепак бојата на кожата многу зависи од водата во која живеат. Водите во кои има големо присуство на алги им даваат на алигаторите зеленикава боја на кожата. Алигаторите кои живеат во води во кои има голема концентрација на танинска киселина (оваа киселина доаѓа од дрвјата кои надвиснуваат над реката) имаат потемна боја на кожата. Кога устата на алигаторите е затворена, можеме да ги видиме само забите од горната вилица, што е различно од кај крокодилите каде ги гледаме забите и од двете вилици. Ова распознавање не е многу употребувано затоа што постојат многу индивидуи со деформитети на вилиците.

Во просек, тежината на Американски алигатор е 360 килограми, и достигнува должина од 4 метри, но достигнува и до 4,4 метри[2] должина и тежина од 468 килограми[3]. Според веб-страната на Националниот парк Еверглејдс, најголемиот регистриран алигатор од Флорида бил долг 5,3 метри иако според веб-страната на „Florida Fish and Wildlife Conservation Commission“ рекордот го држи 4,28 метри долгиот мажјак од езерото Монро. Кинескиот алигатор е помал, и ретко надминува 2,1 метар должина. Алигаторите се сметаат за едни од најбрзите големи рептили на планетата, со регистрирани брзини од 43 km/h. Овие рептили во просек имаат по 75 заба.

Просечниот животен век на алигаторите е 50 години. Индивидуа со име Муја живее во Белградската зоолошка градина во Србија од 1937 година, што ја прави стара најмалку 71 година. Друг примерок, од зоолошката градина во Рига, Латвија умрел во 2007 година при 75 годишна старост.

Исхрана[уреди]

Младите алигатори се хранат со риби, инсекти, полжави и ракови. Како растат, така одбираат поголем плен, како поголеми риби, желки, различни цицачи, птици, а потоа и антилопи и други рептили. Често во желудникот среќаваме гастролити. Во состојба на голем глад, способни се да се хранат и со мрша. Возрасните алигатори се хранат и со диви свињи и елени, како и алигатори кои се помали од нив. Во одредени случаи забележани се алигатори кои ловеле и американска црна мечка и пантер од Флорида, што ги прави суперпредатори во нивната околина.

Размножување[уреди]

Гнездо на алигатор

Сексуална зрелост достигнуваат кога се долги околу 1,8 метри. Парењето се одвива на пролет. Женката гради гнездо од растителен материјал, чие распаѓање ослободува топлина која е потребна за инкубација на јајцата.

Полот на младите алигатори зависи од температурата во гнедото и е детерминиран помеѓу седмиот и дваесет и првиот ден после почетокот на инкубацијата. Ако темературата е 30 °C или помалку, алигаторите се развиваат во женки, а доколку е 34 °C или повеќе, се развиваат во мажјаци. Гнездата кои се изградени на почва се потопли отколку гнездата изградени на влажните брегови. Односот машки-женски во едно легло најчесто е 5 женки на еден мажјак, и женките се многу потешки од мажјаците.

Мајката го брани гнедото од предаторите и им помага на младите алигатори во вода. Ако останат во близина, мајката ги брани околу една година. Најголема опасност за младенчињата претставуваат постарите алигатори, поради кои смртноста во првата година може да се искачи и на 50 %.

Однесување[уреди]

Алигатор во зоолошката во Берлин

Возрасните мажјаци алигатори се самотни и територијални животни. Помалите алигатори често можат да бидат забележани во голем број на мало растојание едни од други. Најголемата индивидуа (и мажјак и женка) ја брани својата територија, дедека помалите алигатори се многу потолеранти кон останатите алигатори со слична големина.

Иако алигаторите имаат тешки тела и бавен метаболизам, тие се способни за брзи и нагли движења поготово на кратки растојанија. Главниот плен на алигаторите се мали животни кои ги убиваат и ги јадат во еден залак. Поголемито плен го зграбчуваат и го одвлекуваат во водата за да се удави. Кога пленот е премногу голем за да биде изеден со еден залак, тие или чекаат да се распадне или загризуваат и изведуваат нагло вртење за да го откинат загризаниот дел. Ова движење и познато под името „смртоносно завртување“. Ова движење е забележано и кај младите крокодили. За да го изведат ова завртување, алигаторите си помагаат со опашката која мора да ја завртат под одреден агол во однос на телото. Доколку му ја имобилизираме опашката овие животни ја губат способноста за „смртоносното движење“.

Повеќето мускули на вилицата на алигаторот се наменети за гризење и држење на пленот. Мускулите кои ја затвораат устата се екстремно моќни, за разлика од нив, мускулите кои ја отвараат устата се доста слаби. Како резултат на ова, возрасен човек може да ја држи устата на алигаторот затворена без многу напор. Всушност, самолеплива трака е доволна за да се спречи алигаторот да ја отвара устата, и ова е еден од највообичаените методи кои се употребуват при заробување или пренесување на овие животни. Алигаторите најчесто се трудат да ги избегнат луѓето. За жал, ваквото однесување на алигаторите придонесува некои луѓе да пробуваат да се доближат премногу до нив или до нивните гнезда. Ваквото доближување алигаторот го смета за опасност и напаѓа. Хранењето на алигаторите не е нелегално но не се препорачува. Доколку се хранат, алигаторите ќе го изгубат стравот од луѓето и можно е да почнат премногу да се доближуваат до населените места.

Напади врз луѓе[уреди]

Американски алигатор


Нападите врз луѓето се доста ретки, но не и непознати. Алигаторите за разлика од останатите големи рептили, не го гледаат човекот како потенцијален плен, меѓутоа напаѓаат во знак на самоодбрана кога се чувствуваат загрозени. Помеѓу 1970 и 2000 година, во САД имало само 9 фатални напади од алигатор, додека во периодот од 2001 до 2006, пријавени се 11 смртни случаи како резултат на напад од ова животно.

Oдгледување[уреди]

Одгледувањето на крокодили е во вистински пораст на Флорида, во Тексас и во Луизијана. Овие три држави годишно произведуваат околу 45 000 кожи од алигатор. Овие кожи достигнуваат висока цена на пазарот, па така кожа со должина од 1,8-2 метри достигнува цена од 300 долари. Производството на месо од алигатор исто така е доста популарно, па годишно се произведуваат и до 140 тони. Според оделот за земјоделство на Флорида, 100 грама месо од алигатор има 240 калории.

Медицински истражувања[уреди]

Крвта на алигаторите содржи антимикробиотски протеини[4]. Рептилите имаат леукоцити „убијци“ кои селективно ги уништуваат микроорганизмите како габите, вирусите и бактериите, дури и без да имаат претходен контакт со нив.

Протеини кои се изолирани од овие леукоцити се покажале ефикасни против голем број на бактерии, меѓу кои и фамозната Staphylococcus aureus и 6 од осумте типа на Candida albicans.

Научниците сметаат дека веќе изолирале четири протеини кои би требало, за десетина година, да дадат нов тип на лекови наречени „алигацини“.

Наводи[уреди]

  1. „American alligator, Wildlife Species Information: U.S. Fish and Wildlife Service“. Ecos.fws.gov. http://ecos.fws.gov/speciesProfile/SpeciesReport.do?spcode=C000. конс. 11 декември 2008. 
  2. „Columbus Zoo and Aquarium » Animals“. Colszoo.org. http://www.colszoo.org/living_collection/AmericanAlligator.aspx. конс. 14 октомври 2008. 
  3. „American Alligator and our National Parks“. Eparks.org. http://www.eparks.org/marine_and_coastal/marine_wildlife/alligator.asp. конс. 14 октомври 2008. 
  4. Etude du biochimiste Mark Merchant, Université de Louisiane, publiée lors de la 235ème réunion de la Société américaine de chimie organisée en avril 2008 à La Nouvelle-Orléans

Надворешни врски[уреди]