Популација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Да не се меша со население.
Распространување на светската човекова популација.

Под поимот популација во биологијата се подразбира група на единки од ист вид, кои населуваат одреден простор и кои можат меѓусебно да се размножуваат и да даваат потомство.

Во природата многу ретко можат да се најдат единки кои целиот свој живот го поминуваат изолирано. Единките кои живеат на едно исто подрачје воспоставуваат меѓусебни односи, како и односи со животната средина. На овој начин тие градат систем кој се нарекува популација. Сите биолошки видови во природата постојат во форма на популации, при што секој вид е претставен со одреден број во самата популација. На пример, популација сочинуваат сите глуварчиња на една ливада, диви свињи во една шума, како и лилјаците во една пештера.

Карактеристики[уреди]

Секоја популација е жив и динамичен систем. Таа непрекинато се движи како во просторот, така и во времето. Затоа може да стане збор за динамика на популацијата, при која под влијание на надворешните и внатрешните (внатре во популацијата) фактори се менуваат важните карактеристики на популацијата.

Меѓу најважните карактеристики на популацијата се:

  • густина
  • просторен распоред
  • наталитет
  • морталитет
  • старосна структура
  • прираст или, евентуално, намалување.

Густина на популацијата[уреди]

Густината на популацијата се изразува како број на единки (или нивна биомаса) на единица површина или волумен кој го населуваат. Во текот на времето, бројноста на популациите значајно се менува во зависност од условите во животната средина. Кога ќе се стабилизираат одредени услови на средината, тогаш бројот на единки во популацијата може да нарасне до огромни размери, така што густината станува неподнослива, што води до наезда (на пример, на скакулци, губари или некои видови на пеперутки).

Просторен распоред[уреди]

Единките од популацијата се на некој начин распоредени во своето станиште. Тој распоред зависи од условите кои постојат во стаништето. Така, распоредот на единките во просторот може да биде:

  • нерамномерен (случаен)
  • рамномерен
  • групен.

Случаен распоред постои кога условите во стаништето се еднакво поволни (тие се во својот оптимум). Рамномерниот распоред ретко се среќава и се јавува само ако условите на средината се подеднакво оскудни. Бидејќи условите во стаништето се ретко изедначени, најголем број од единките се собираат каде условите се поповолни. Резултат од ова е групниот распоред кој е и најчест во природата.

Наталитет и морталитет[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Наталитет.
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Морталитет.

Наталитетот претставува зголемување на бројот на единки (полово или бесполово размножување). Тој е позитивен чинител на растот на популацијата. Можноста за создавање на нови единки е специфичен за секој вид и зависи од условите во животната средина. Некои видови даваат подмладок (потомство) еднаш во годината, други повеќе пати, а некои се размножуваат постојано при поволни услови (како бактериите).

Морталитетот, пак, е негативен чинител на растот на популацијата. Тој најчесто е резултат од неповолните животни услови во средината (климатски фактори, поплави, пожари, каламитет или наезда од предатори), но делумно и од антропогеното влијание (лов и риболов).

Старосна структура и бројност на популацијата[уреди]

Старосната структура го изразува бројот на одделните единки во одреден степен од нивниот развиток. Кога популацијата е млада, што значи дека во неа доминираат јувенилни единки, популацијата расте и бројно се зголемува. Доколку таа е стара, поголем број од единките се во своето старо доба, а популацијата или стагнира или опаѓа (негативен раст).