Андреја Чипов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андреја Чипов
Генерален секретар на Комунистичката партија на Грција
На должноста
јули 1941 – септември 1941
Претходник Никос Захаријадис
Наследник Георгиос Сиантос
Лични податоци
Роден(а) 1904
Пателе, Егејска Македонија
Починал(а) 1956 (на 51–52 г.)
Битола, НР Македонија, Југославија
Националност Македонец
Партија КПГ

Андреја Чипов (Пателе, Леринско, 19041956) — македонски комунист и генерален секретар на Комунистичката партија на Грција во периодот од јули 1941 до јануари 1942 година. Чипов е единствениот Македонец што бил на чело на некоја комунистичка партија на Балканот во периодот помеѓу двете светски војни.

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Чипов е роден во 1904 година во леринското село Пателе, Османлиско Царство, денес Агиос Пантелејмонас, Грција. Во 1924 година, како воен регрут, завршил подофицерска школа за водници. За време на воениот рок бил примен за член на КПГ. На парламентарните избори одржани на 25 септември 1932 година бил кандидат за пратеник на КПГ од Леринската околија. Во 1932 година е назначен на чело на ВМРО (Обединета) за Егејска Македонија, a во март 1933 година на Основачката конференција на ВМРО (Обединета) за Егејска Македонија е избран за нејзин секретар.[1] Во 1933 година Чипов станува член на Централниот комитет на КПГ.

Во 1935 година посетува шестмесечен курс за националните малцинства организиран од Коминтерната. За време на својот престој во Москва, Во летото 1935 година, учествува на Седмиот конгрес на Коминтерната.[2] Во Грција се вратил во декември 1935 година и истиот месец учествува на Шестиот конгрес на КПГ и е избран во нејзиниот Централен комитет.[3] На последните предвоени избори во Грција, одржани на 26 јануари 1936 година, Чипов е избран за еден од 15-те пратеници избрани на списокот на Сенародниот фронт, предводен од КПГ. При тоа, според неговото кажување, на избирачките списоци крај неговото име во графата занимање пишувало „Македонец“.[4]

Андреја Чипов (десно) со Лазо Трповски (лево) во 1930-тите

Диктатурата на Метаксас[уреди | уреди извор]

Во јуни 1936 година е уапсен, заедно со Неделко Попнеделков. Со воведувањето на диктатурата на Јоанис Метаксас во август 1936 година, неговиот мандат како пратеник е суспендиран. Истата година тој е затворен во Акронавплија, озлогласениот логор на Пелопонез. Таму е избран за секретар на партискиот комитет на затворениците комунисти.

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Во Акронавплија останува до 29 јуни 1941 година, кога набрзо по освојувањето на Грција од страна на Силите на Оската, Чипов е ослободен заедно со уште 26 други затвореници комунисти, претежно Македонци.[5][6] Ова станува по инсистирање на Солунскиот бугарски клуб пред германските окупаторски власти, откако затворениците декларирале пред Германците бугарско потекло.[7]

По пуштањето од затвор Чипов се зафаќа со реорганизирање на десеткуваната КПГ. Заедно со Андреас Џимас и Костас Лазаридис, кои исто така се ослободени тогаш, како и со Петрос Русос, Панделис Карагицис и Хриса Хаџивасилиу, на состанокот на 1-3 јули 1941 година во Атина, подоцна наречен Шести пленум на ЦК КПГ, формираат нов централен комитет. Согласно одлуките на партиското раководство во Акронавплија, Чипов е избран за генерален секретар на партијата.[8] Новоформираниот централен комитет набрзо успева да се стекне со признавање од страна на стариот централен комитет, како и од некои организации на т.н. „привременото раководство“ на партијата.

Нејасно е до кога Чипов останува на чело на КПГ. Според едни информации, веќе на Седмиот пленум кој се одржува на почетокот на септември истата година е избран нов генерален секретар, а според други Чипов е генерален секретар до Осмиот пленум во јануари 1942 година. На тој пленум Чипов е избран во Политбирото на партијата и е поставен за секретар на Обласниот комитет на КПГ за Пелопонез.[9] На Чипов подоцна ќе му се ставаат повеќе забелешки за периодот кога беше на чело на КПГ. Ќе му се замерува за неспособност, ригидност и слично. Сепак најверојатната причина за неговото сменување е неговата негрчка етничка припадност. Тоа го посочува и Петрос Русос, член на Политбирото на КПГ, според кого „стоењето на Македонец на чело на КПГ можеше да има негативно политичко влијание врз масите на грчкиот народ поради неговата позната чувствителност за националното прашање и уште повеќе во периодот на национално-ослободителната борба...“[10]

Андреја Чипов непосредно пред својата смрт

Како потоа се развивале работите со Чипов не е разјаснето. Според едната верзија, Чипов во јануари 1942 година побарал азил во Софија, каде останал осум месеци.[11] А според некои извори, тој бил во Софија како агент на бугарските тајни служби.[12] Според другата верзија, враќајќи се од Пелопонез во Атина, на 27 август 1942 година Чипов е уапсен, а по интервенција на Бугарија, со авион е префрлен во Софија. Во Софија тој останал само 15-тина дена.[13]

Откако бил ослободен, преку Скопје, во октомври 1942 година пристигнал во Битола каде се поврзал со Македонци од Леринско. Набрзо бил префрлен во Егејска Македонија, а во февруари 1943 година, со формирањето на партизанскиот одред Вичо, стапи во неговите редови. Потоа преминал во Осмата дивизија на ЕЛАС во Епир, каде останал до Договорот од Варкиза во февруари 1945 година. По демобилизацијата од ЕЛАС се враќа во својот роден крај. Се вклучува во Народно ослободителниот фронт.

Преминување во Југославија[уреди | уреди извор]

Во октомври 1945 година преминува во Вардарска Македонија.[13] Прво се населува во Скопје каде работи како службеник во Градскиот народен одбор. Потоа е принуден да менува повеќе места на живеење. Умира во Битола, во 1956 година, изолиран и во немилост.[14]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Даринка Петреска и др. (ур.) „70 години ВМРО (Обединета), ИНИ, Скопје, 1998, 110 стр.
  2. Ристо Кирјазовски „Кој е Андреја Чипов“, „Нова Македонија“, 9 март 1990, 5 стр.]
  3. Ристо Кирјазовски „Демократски и антифашистички партии и организации во Егеjскиот дел на Македонија (1941-1945)“, ИНИ, Скопје, 1991, 26 стр.
  4. Стојан Киселиновски „Егејскиот дел на Македонија (1913-1989)“, Скопје, 1990, 94 стр.
  5. Ристо Кирјазовски „Демократски и антифашистички партии и организации во Егеjскиот дел на Македонија (1941-1945)“, ИНИ, Скопје, 1991, 23-24 стр.
  6. Ристо Кирјазовски „Кој е Андреја Чипов“, „Нова Македонија“, 10 март 1990, 5 стр.]
  7. Giannēs S Koliopoulos, Plundered loyalties: Axis occupation and civil strife in Greek West Macedonia, 1941-1949, London, Hurst & Co., 1999, ISBN 978-1-85065-381-3, p. 53.
  8. Ристо Кирјазовски „Демократски и антифашистички партии и организации во Егеjскиот дел на Македонија (1941-1945)“, ИНИ, Скопје, 1991, 26 стр.
  9. Ристо Кирјазовски „Демократски и антифашистички партии и организации во Егеjскиот дел на Македонија (1941-1945)“, ИНИ, Скопје, 1991, 31 стр.
  10. Ристо Кирјазовски „Демократски и антифашистички партии и организации во Егеjскиот дел на Македонија (1941-1945)“, ИНИ, Скопје, 1991.
  11. Българско историческо дружество, Институт за история (Българска академия на науките), 2000, стр. 156.
  12. André Gerolymatos, Guerrilla warfare and espionage in Greece, 1940-1944, Pella Pub. Co., 1992, ISBN 0918618509, pp. 181-182.
  13. 13,0 13,1 Ристо Кирјазовски „Кој е Андреја Чипов“, „Нова Македонија“, 13 март 1990, 4 стр.]
  14. Стојан Киселиновски „Македонски дејци (XX век)“, Скопје, 2002, 236-237.

Литература[уреди | уреди извор]