Шега (новела)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Шега  
The joke kundera book cover.jpg
првото издание на чешки
АвторМилан Кундера
Наслов на
оригиналот
Žert
ПреведувачМаргарета Карајанова
Јазикчешки
ИздавачТабернакул
Страници376 страни, 120mm x 200mm, полутврда подврска
ISBN978-9989-171-51-2

Шега (чешки: Žert) — прв роман на Милан Кундера, пишуван од 1962 до 5 декември 1965 година а објавен во Прага во 1967 година,[1] единствениот негов роман во кој тој не е единствениот раскажувач. Дејството во романот се одвива од крајот на Втората светска војна па сѐ до настаните пред Прашката пролет, кон крајот на 1960-тите години во тогашната Чехословачка.[2] Шега се вбројува во 100. книги на векот според Ле Монд. Романот послужил како инспирација за филм, а се споменува и во неколку песни од поп-изведувачи. Книгата била три пати преведена на англиски, поради тоа што Кундера не бил задоволен од првите два преводи.[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од седум дела, а приказната е раскажана од четири наратори: Јан Лудвик, Хелена Земанкова, Костка, и Јарослав.

  1. По 15 години, Јан Лудвик се враќа во родниот град во Јужна Моравија за да заврши некоја ситна работа. Тој се сместува во хотелот, но веднаш го бара својот пријател, докторот Костка, со молба утредента да му го отстапи станот. Костка го води во берберница каде Лудвик ја препознава Луција, некогашната негова љубов.[4]
  2. Хелена е новинарка во едно радио, верна активистка во комунистичката партија, омажена и мајка на едно дете. По Втората светска војна, како членка на музички ансамбл, таа го запознала Павел и се омажила со него. Меѓутоа, почетната љубов брзо исчезнала и нејзиниот брак бил несреќен, исполнет со неверствата на нејзиниот сопруг, а и таа самата, во потрагата по љубов, имала неколку авантури со други мажи. Во една прилика, случајно го запознава Јан Лудвик и меѓу нив се раѓа љубов. Таа службено треба да отпатува во родниот град на Лудвик, каде ја чека тој.[5]
  3. Додека шета низ својот роден град, Лудвик се сеќава на своето минато: По Втората светска војна, како студент, тој бил ангажиран комунист, посветен на изградбата на социјализмот, иако малку несериозен. Тој бил вљубен во колешката Маркета и многу се налутил кога таа заминала на партиски курс, што го спречило да се гледа со неа. Знаејќи дека таа немала никаква смисла за хумор, во една прилика, Лудвик ѝ испратил разгледница со следниов текст: „Оптимизмот е опиум за народот! Здравиот дух смрди на глупост. Да живее Троцки!“ Межутоа, разгледницата паднала во рацете на комунистичката партија по што тој бил исклучен од партијата и избркан од факултетот. Есента, Лудвик заминал во војска, а воениот рок го служел во казнената единица, работејќи во рудник. На почетокот, тој не можел да се помири со исклучувањето од партијата и се трудел да ја докаже својата верност, но потоа сфатил дека е засекогаш отпишан како непријател на партијата и на народот. При една прошетка по периферијата на Острава, Лудвик ја запознал Луција - обична, скромна и сиромашна девојка во која веднаш романтично се вљубил, а дури подоцна ја открил нејзината женственост.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Predgovor“, во: Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 6 и 338.
  2. Издание на „Табернакул“
  3. Author's Preface to 1982 Harper & Row edition
  4. Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 9-20.
  5. Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 21-33.
  6. Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 35-136.