Црква „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ - Кучевиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Свети Архангели Михаил и Гаврил
Црква „Св. Архангел Гаврил“ - Кучевиште.jpg

Поглед на црквата

Македонска православна црква
Епархија Скопска
Архијерејско намесништво Северноскопско
Местоположба
Координати 42°7′53.94″N 21°24′51.2″E / 42.1316500° N; 21.414222° E / 42.1316500; 21.414222Координати: 42°7′53.94″N 21°24′51.2″E / 42.1316500° N; 21.414222° E / 42.1316500; 21.414222
Населено место Кучевиште
Општина Чучер-Сандево
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Архангели Михаил и Гаврил
Изградба XIV век
Живопис 1591
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Свети Архангели Михаил и Гаврил (позната и како Свети Архангели) — главна и единствена манастирска црква на Кучевишкиот манастир во скопското село Кучевиште.[1] Црквата, заедно со целиот манастирски комплекс, е прогласена за споменик на културата на Македонија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Црквата се наоѓа во средишниот дел на манастирот, кој е сместен два километри северно од селото Кучевиште во живописната клисура на Кучевишка Река.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Историските податоци навестуваат дека црквата веројатно е изградена во втората половина на XIV век.[2] Сепак, нема посигурни историски извори што би го укажале времето на градење на црквата.[3]

Народните кажувања се дека црквата била подигната во времето на Крале Марко. Научните факти укажуваат на тоа дека црквата била подигната во периодот помеѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389).[4]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата, во основа, има облик на развиен троен лист, со висока купола, која преку пандантифи лежи на четири квадратни столба. Градбата на црквата била ѕидана со делкан камен и бигорни блокови, тули и малтер.[3] Со овој облик, црквата наликува на светогорските цркви и оваа техника, позната како клоазон, претставува карактеристика само за најелитните донации.[4] Тамбурот на куполата е осмострано со по еден прозорец на секоја страна, чии венци се изведени со украсни лончиња во форма на крст со што и даваат убав изглед на црквата. На источната страна се наоѓа олтарната апсида со бифорен отвор.[5]

Подоцна, поради зголемените манастирски потреби, црквата била проширена кон запад со припрата. Веројатно се случило во периодот 1630-31 година. Надворешните ѕидови на припратата биле направени од кршен камен и се разликуваат од декорациите на црквата.[5] Постојат научни индиции дека во ова време нов ктитор на манастирот бил скопскиот митрополит Симеон, кој донирал опковани книги и скапи литургиски предмети за самиот манастир. За неговото меценатство сведочи и натписот во Шишевскиот манастир „Св. Никола“, на ридот над езерото Матка. Тој ги повикал зографите, кои работеле во овие два манастира и сцените ги проследувале со текст испишан на убав црковнословенски јазик.[4]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Според зачуваниот натпис над западниот влез во наосот, црквата била живописана во 1591 година, под ктиторство на презвитер Никола, во времето на манастирскиот игумен Стефан.[3]

Доминантно место заземаат во живописот заземаат сцените од Христовите чуда и дела: Свадбата во Кана, Исцеление на болниот од лепра, на Слепородениот, на болниот од водена болест и исцеление на болежливиот.[5]

Наосот на црквата, исто така, е насликан и со композициите: Христос и Самаријанката, Христос се јавува на мироносците, Вечера во Емус и други.[5]

Припратата, исто така била живописана, што се случило во периодот 1630-31 година, но авторот на живописот е непознат.[3] Сепак, се верува дека тоа се истите мајстори кои работеле на црквата „Св. Никола“ во Шишевскиот манастир.[5]

Според Анета Серафимова, која напишала книга за манастирот, вели дека манастирската црква поседува ретки и интересни фрески, кои се невообичаени за Македонија и за централниот Балкан. Особено ги истакнува сцените на пронаоѓањето на Светиот Крст во Ерусалим и воспоставувањето на култот на иконите во Византија. Исто така, интересна е и претставата на Јуда, кој во млаз го повраќа светото причесно, во олтарската сцена Причестување на апостолите. Јуда е насликан и во северозападниот темен ќош, како се распаѓа во пеколната јама. На фреската „Крштевање“, Свети Јован Претеча беседи пред народот за Христовото доаѓање, а децата сами скокаат во светата река, додека на небото благословува Богоотецот. Според Серафимова, зографите не биле од овој крај, туку дојденци од југ поради нивните црковно-грчки и словенски натписи.[4]

Целиот источен ѕид во припратата е посветен на „Страшниот суд“, каде што на страната на грешниците, се наоѓа и Александар Македонски, поставен на клупа помеѓу другите пагански владетели, како и група отомански господари со фесови на главите. На дното на импресивната претстава на пеколот како огнена река, се наоѓа црниот Сатана, кој во рацете го држи грешниот Јуда. На спротивниот ѕид, на запад, се наоѓа ликовната интерпретација на семејното стебло на Христос, според неговата библиска генеалогија во сцената наречена „Лозата Есеева“. Ова родословје насликано на 25 квадрати има вкупно 110 сцени и фигури, меѓу кои и оние на Сократ, Платон, Аристотел и Плутарх. Во овој спектакуларен обем Лозата на Христос е единствена во централно-балканскиот простор.[4]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Во 1592 година благодарение на ктиторот Никола се изработил големиот крст за иконостасот. Иконите за дрвениот иконостас биле изработени кон крајот на XVI век и во првата половина на XVII век. Особено внимание привлекува иконата „Хвалите Господа“, дело на непознат зограф.[2] Вредна за споменува е и иконата со претставата на архангелите Гаврил и Михаил, исклучителна по темната боја на нивната кожа, која стручно се нарекува инкарнат. Истиот колорит преовладува и во олтарот и во наосот.[4]

Во XIX век бил изработен нов дрвен иконостас, во времето на игуменот Мисаил од тетовското село Копанце.[2] Заедно со новиот иконостас биле изработени и нови икони (1846).[4] Царските двери на новиот иконостас изработени од плитка резба потекнува од XVI/XVII век.[5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Trifunoski, Jovan F.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Skopska Crna gora : prirodna sredina, prošlost, naselja, stanovništvo i privreda : (sa skicama, fotografijama i kartom) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Свети Архангели“. Македонска енциклопедија , книга II (М-Ш): стр. 1317. (2009). Скопје: МАНУ.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 „Кучевишки манастир Свети Архангели“. preminportal.com.mk. Посетено на 2020-02-22.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Ḱornakov, Dimitar. (1991). Makedonski manastiri. Skopje: Matica makedonska. ISBN 9989-48-558-5. OCLC 469935586.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]