Прејди на содржината

Кучевишки манастир

Координати: 42°7′58″N 21°24′51″E / 42.13278° СГШ; 21.41417° ИГД / 42.13278; 21.41417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Кучевишки манастир
Поглед на манастирот
Информации
Целосно имеМанастир „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ - Кучевиште
Други имињаМанастир „Св. Архангели“ - Кучевиште
Манастир на:МПЦ - ОА
ОснованXIV век
Посветен наСвети Архангели Михаил и Гаврил
ЕпархијаСкопска
ЦрквиЦрква „Св. Архангели Михаил и Гаврил“
Личности
Важни личностиНатанаил Кучевишки
Место
Местос. Кучевиште, Општина Чучер-Сандево Македонија Македонија
Координати42°7′58″N 21°24′51″E / 42.13278° СГШ; 21.41417° ИГД / 42.13278; 21.41417
Видливи остатоци1 црква, конаци, помошни објекти
Отворен за јавностада

Кучевишки манастир — средновековен манастир во скопското село Кучевиште.[1] Прогласен е за споменик на културата на Македонија.

Самата црква на манастирот потекнува од XIV век.

Местоположба

[уреди | уреди извор]

Манастирот е сместен на падините на планината Скопска Црна Гора, веднаш над скопското село Кучевиште, од каде води тесен асфалтиран пат во должина од 3-4 километри. Манастирот е подигнат во живописната долина на Кучевишка Река, на едно проширено плато.[2]

Историја

[уреди | уреди извор]

Се смета дека манастирот, како и голем број црковни споменици во околината на Скопје, биле изградени во XIV век. Надворешниот изглед на манастирската црква остава впечаток дека е од т.н. „класичен“ средновековен период.[2]

Манастирот во минатото поседувал голем имот со над 100 хектари обработливи површини, лозја, шуми и пасишта, кои биле предадени на селската задруга по Втората светска војна.[3]

Во XIX век, манастирот ја доживеал својата преродба, кога станал богословски училиштен центар со богата библиотека и вредни предмети за богослужба, а бил и дограден јужниот конак како пандан на постариот. Активностите во манастирот во најголем дел се поврзувале со тогашниот игумен, јеромонахот Мисаил од тетовска Копаница. Во манастирот, на гости или како учители, доаѓале видни луѓе од соседството, тадури и светогорски и руски монаси. Во време на Балканските војни во 1912 година за одреден период животот во Кучевишкиот манастир згаснал.[4]

Манастирот отсекогаш имал монаси.[3] Денес, повторно е жив женски манастир.

Градби во манастирот

[уреди | уреди извор]
Фотографија од старите конаци (1903 г.)

Од манастирскиот комплекс до денес се сочувани: манастирската црква, старите и понови конаци и други помошни стопански објекти.

Црква „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ - Кучевиште

[уреди | уреди извор]

Манастирската црква спаѓа во редот на една од најубавите градителски дела во Македонија од поствизантискиот период. Не е познато како е точно подигната,[2] иако се верува дека црквата била подигната во времето на Крале Марко. Научните факти укажуваат на тоа дека црквата била подигната во периодот помеѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389).[4]

Во својата основа таа припаѓа на триконхалните цркви со една купола.[2]

Црквата и иконостасот се реставрирани во 1991/1992 година.[5]

Конакот од XVII век

[уреди | уреди извор]

Конакот е изграден во XVII век и низ него тече поток, односно вода низ подземните одаи. Градбата се состои од приземје и кат со простран чардак. Во конакот има и фурна и огниште. Конакот се наоѓал во понезавидна состојба, и по барање на игуменија Марија, тој бил реставриран од страна на американскиот фонд за културна заштита во износ од 100.000 долари.[6]

Конакот од XIX век

[уреди | уреди извор]

Овој конак потекнува од XIX век. во долниот дел на истиот се наоѓа манастирската трпезарија, а во горниот дел се наоѓаат соби за гости.

Кучевишки манастир како тема во уметноста

[уреди | уреди извор]
  • „Монахот од Кучевиште што создава ружи“ - песна на македонскиот поет Анте Поповски.[7]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Ḱornakov, Dimitar. (1991). Makedonski manastiri. Skopje: Matica makedonska. ISBN 9989-48-558-5. OCLC 469935586.
  3. 3,0 3,1 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  4. 4,0 4,1 „Кучевишки манастир Свети Архангели“. preminportal.com.mk. Посетено на 2020-02-22.
  5. „Обновен конакот во манастирот Свети Архангели Михаил и гаврил во Кучевиште“. Канал 5. 26 ноември 2013. Посетено на 22 февруари 2020.
  6. Конакот од 17 век повторно ќе чека гости[мртва врска]
  7. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 44-45

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Анета Серафимова (2005). Кучевишки манастир „Свети Архангели“. Скопје.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]