Харолд Годвинсон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Харолд Годвинсон
BayeuxTapestryScene13(crop2).jpg
Харолд Годвинсон на тапесеријата од Баје
Крал на Англија
На престол5 јануари – 14 октомври 1066
Крунисување6 јануари 1066
ПретходникЕдвард Исповедникот
Наследник
Роден(а)о. 1022
Весекс, Англија
Починал(а)14 октомври 1066 (на возраст од околу 44 години)
во близина на ридот Сенлак, Сасекс, Англија
Почивалиште
Волтамската опатија, Есекс или во Бошам, Сасекс (се спори)
Сопружник
  • Едита Лебедов врат
  • Едита од Мерсија
Деца
  • Годвин
  • Едмунд
  • Магнус
  • Ганхилд
  • Гита
  • Харолд
  • Улф
ДинастијаГодвин
ТаткоГодвин, Ерл од Весекс
МајкаГита Торкелсдотир

Харолд Годвинсон ( о. 1022 – 14 октомври 1066 година), наречен и Харолд II, бил последниот крунисан англосаксонски Крал на Англија. Харолд владеел од 6 јануари 1066 година [1] до неговата смрт во битката кај Хестингс, каде се борел против норманските напаѓачи предводени од Вилијам Освојувачот за време на норманското освојување на Англија. Со неговата смрт завршил и периодот на англосаксонско владеење со Англија.

Харолд Годвинсон бил член на истакнато англосаксонско семејство со врски со Кнут Велики. По смртта на неговиот татко, Годвин, тој станал моќен гроф во Англија. Англискиот крал Едвард Исповедникот (негов зет за сестра) умрел на 5 јануари 1066 година без да остави наследник. Витенаџмот го избрал Харолд за негов наследник; тој најверојатно бил првиот англиски монарх кој бил крунисан во Вестминстерската опатија. Кон крајот на септември, успешно ја одбил инвазијата на претендентот за англиската круна, Харалд Хардрада од Норвешка, во Јорк. Потоа со својата војска се упатил на југ за да се соочи со Вилијам Освојувачот во Хестингс две недели подоцна.

Семејно стебло[уреди | уреди извор]

Харолд е роден како втор син на Годвин ( о. 1001-1053 ), моќен гроф од Весекс и Гита Торкелсдотир.[2] Таткото на Харолд Годвин бил еден од најмоќните луѓе во тоа време и де факто владетел со Англија за време на првиот период од владеењето на Едвард Исповедникот, кој бил во брак со неговата ќерка Едит.[3] Харолд имал околу 25 години во 1045 година, што значи дека е роден околу 1020 година.[4]

Моќен благородник[уреди | уреди извор]

Едит се омажила за Едвард на 23 јануари 1045 година и околу тоа време Харолд станал Ерл од Источна Англија. Свејн, постариот брат на Харолд, бил именуван за гроф во 1043 година [5]

Постариот брат на Харолд, Свејн, бил прогонет во 1047 година, откако ја киднапирал игуманијата на Леоминстер. Земјата на Свејн била поделена помеѓу Харолд и братучед му, Беорн.[6]

Семејството Годвин до 1050 година имало многу големо влијание и моќ. Самиот Годвин бил Ерл од Весекс и ја контролирал цела Јужна Англија од Кент до Корнвол. Кралот Едвард, бил загрижен поради својата зависност од ова семејство. Во 1051 година му се пружила можност да се справи со ова семејство. Имено во Довер, кој бил дел од грофовијата Весекс, биле убиени витези од свитата на грофот Евстахиј II од Булоњ, кој бил во посета на кралот. Едвард му наредил на Годвин да ги казни луѓето од Довер, но тој го одбил тоа, што значело раскинување на врските со кралот.

До 1 септември 1051 година, Годвин и неговите синови собрале војска која се приближила до Глостер, каде што во тоа време се наоѓал кралот, и побарале да има сослушување за инцидентот во Довер и да се отфрлат обвиненијата за предавство. Во меѓувреме, повикувајќи се на светото право на англосаксонските кралеви, Едвард објавил свикување на сите територии од земјата во кралската војска. Поради ова Годвин загубил значителен дел од своите воени сили. Плашејќи се за својот живот, Годвин не се појавил на состанокот на Витенаџмот и со своето семејство побегнал од земјата. Едвард ја отфрлил Едит и ја испратил во женски манастир. Годвин умрел во 1053 година, а Харолд го наследил како гроф од Весекс (јужната третина од Англија). Кралот сè повеќе се повлекувал од активното управување со земјата и станал посветен на верата, а Харолд ја презел контролата врз земјата. Ова веројатно го направил најмоќна личност во Англија по кралот.[7]

Во 1055 година Харолд го одбил нападот на Велшаните, кои го запалиле Херефорд и да ги натера да ја признаат врховната власт на англискиот крал. Харолд, исто така, станал гроф од Херефорд во 1058 година, и станал главен противник на растечкото норманско влијание во Англија поради нивната блискост со Едвард Исповедникот, кој поминал повеќе од 25 години во егзил во Нормандија. Тој водел серија успешни борби (1062–63) против Графид ап Ливелин од Гвинед, кралот на Велс. Овој конфликт завршил со пораз и смрт на Груфид во 1063 година [8]

Харолд во северна Франција[уреди | уреди извор]

Во 1064 година, Харолд имал бродолом во близина на Понтие. Тој бил заробен од грофот Гај I од Понтие, а потоа бил одведен како заложник во замокот на грофот во Борен. Тој бил спасен од норманскиот војвода Вилијам, на кого за возврат морал да се заколне на верност и да го признае како легитимен наследник на англиската круна. Вилијам, пак на Харолд му дал оружје и го прогласил за витез. По смртта на Едвард, Норманите побрзале да истакнат дека при прифаќањето на круната на Англија, Харолд ја прекршил оваа наводна заклетва. [9]

Во 1065 година, избувнал бунт против неговиот брат Тостиг, грофот од Нортумбрија. Бунтот бил поддржан и од Едвин, Ерл од Мерсија, а бунтот се проширил во централна Англија. Харолд бил принуден да го признае братот на Едвин, Моркар како гроф од Нортамбрија, и го протерал Тостиг од Англија. Тостиг се засолнал кај неговиот зет, грофот Болдвин од Фландрија, непријателот на Харолд и стапил во сојуз со кралот Харалд Хардрада од Норвешка. [1]

Владеење[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1065 година, кралот Едвард Исповедникот паднал во кома и не кажал кој треба да го наследи како крал. Умрел на 5 јануари 1066 година. Витанците се состанале следниот ден, и го одредиле Харолд за наследник, и бил крунисан на 6 јануари, најверојатно во Вестминстерската опатија, иако нема докази од тоа време што го потврдува тоа.[10]

На почетокот од јануари 1066 година, кога слушнал за крунисувањето на Харолд, војводата Вилијам II од Нормандија ги започнал плановите за инвазија на Англија. Вилијам на почетокот немал поддршка за инвазијата, но откако тврдел дека Харолд се заколнал над светите мошти дека ќе го поддржи како иден крал на Англија по бродоломот во Понтје, Вилијам го добил благословот на црквата и благородниците. Во пресрет на инвазијата, Харолд ги собрал своите трупи на островот Вајт, но флотата на напаѓачите останала во своето пристаниште скоро седум месеци. На 8 септември, Харолд ја распуштил својата војска и се вратил во Лондон. Истиот ден Харалд Хардрада од Норвешка, кој исто така претендирал на англиската круна, му се придружил на Тостиг и извршил инвазија во близина на устието на реката Тајн.

Монета на кралот Харолд Годвинсон

Армијата на Хардрада и Тостиг ги поразиле англиските грофови Едвин од Мерсија и Моркар од Нортамбрија во битката кај Фулфорд во близина на Јорк на 20 септември 1066 година. Хардрада го завзел Јорк, и со првенците од градот како заложници (на 24 септември) Норвежаните се преселиле до селцето Стемфорд Бриџ. Утрото на 25 септември, силите на Харолд стигнале во Јорк[11] и ги изненадиле Норвежаните, победувајќи ги во битката кај Стемфорд Бриџ. Харалд и Тостиг биле убиени во битката, а војската на Норвежаните била десеткувана. Меѓутоа, ова било скапа победа за Англичаните затоа што армијата на Харолд била ослабнета и далеку од Ламанш.[12]

Битката кај Хејстингс[уреди | уреди извор]

На 12 септември 1066 година, флотата на Вилијам отпловила од Нормандија. Неколку бродови потонале поради бури, па флотата да се засолнила во Сен Валери-сур-Сом и чекала поповолен ветар. На 27 септември норманската флота испловила за Англија, и следниот ден пристигнала во Певенси на брегот од Источен Сасекс.

Харолд, откако ги поразил својот брат Тостиг и Харалд Хардрада на север, оставил голем дел од својата армија таму и со остатокот од војската се упатил на југ за да се справи со норманската инвазија.[13] Иако Харолд се обидел да ги изненади Норманите, норманските извидници го најавиле пристигнувањето на Англичаните. Вилијам ја повел својата војска и напредувал кон непријателот.[14] Харолд зазел одбранбена позиција на врвот на ридот Сенлак на околу 9,7 км од тврдината на Вилијам во Хејстингс.[15]

Се смета дека бројката на англиски војници кај Хејстингс била помеѓу 7000 и 8000 војници.[16][17]

Битката започнала околу 9 часот на 14 октомври 1066 година и траела цел ден.[18] Иако армиите биле бројно еднакви, Вилијам имал и коњаница и пешадија во која имало и многу стрелци, а Харолд имал само пешадија со малку стрелци.[19] Англиските војници формирале штитен ѕид по сртот и на почетокот биле многу ефикасни, така што ја одбиле војската на Вилијам која претрпела големи загуби. Некои од бретонските трупи на Вилијам се испаничиле и побегнале, а некои од англиските војници ги бркале. Норманската коњаница потоа ги нападнала и ги убила трупите што ги бркале. Норманите трипати направиле лажно повлекување, за да ги искушат на Англичаните да почнат да ги бркаат за да може норманската коњаница да ги нападне.[20]

Смрт[уреди | уреди извор]

Пресуден настан била смртта на кралот Харолд, за која има повеќе верзии. Вилијам Џумигес тврдел дека Харолд бил убиен од војводата. Според други верзии Харолд умрел од раната откако бил застрелан во главата.[21] Други извори наведуваат дека никој не знае како умрел Харолд, бидејќи битката се одвивала многу блиску до кралот, а војниците не можеле да видат кој му го задал фаталниот удар.[22]

Смртта на Харолд го означува крајот на англосаксонскиот период, и е пресвртница во историјата на Англија и на цела Британија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 DeVries 1999.
  2. Walker Harold p. 10
  3. Walker Harold pp. 17–18
  4. Rex Harold p. 31.
  5. Barlow Edward the Confessor p. 74.
  6. Walker Harold p. 22
  7. Harold II (Godwineson) (c. 1020–1066), BBC History
  8. „Harold II“. Encyclopædia Britannica. Посетено на 21 January 2020.
  9. Freeman 1869.
  10. “Westminster Abbey Official site – Coronations”
  11. Marren 1066 pp. 74–75
  12. Walker Harold pp. 158–165
  13. Carpenter Struggle for Mastery p. 72
  14. Lawson Battle of Hastings pp. 180–182
  15. Marren 1066 pp. 99–100
  16. Gravett Hastings pp. 28–34
  17. Marren 1066 p. 105
  18. Huscroft Norman Conquest p. 126
  19. Carpenter Struggle for Mastery p. 73
  20. Huscroft Norman Conquest pp. 127–128
  21. Huscroft Norman Conquest p. 129
  22. Marren 1066 p. 137

Извори[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]