Тамерланови освојувања во Персија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Тамерлановите освојувања во Персија започнале во 1383 година и завршиле во 1387 година, кога најголемиот дел од Персија се нашла под неговата власт. Во 1385 година, Тамерлан ги освоил Херат, Хорасан и цела источна Персија. Во 1387 година, Тамерлан го освоил градот Исфахан со што завршиле неговите воени походи во оваа област. Освојувањето било пропратено со голема суровост и масовни убиства на цивили.

Хронологија[уреди | уреди извор]

Персиски коњаник
Освојувањата на Тамерлан во источниот дел на Персија, територија на поранешниот Илканат

Додека Туктамиша ја освојувал власта во Златната Орда, Тамерлан своето внимание го насочил кон југ. По смрта на Абу Саид во 1335 година, Илканатот се распаднал на помали држави кои биле лесен плен за Тамерлан. Во 1381 година, Тамерлан му наредил на Џијас Ал Дин, владетел на Херат да стане негов вазал. Барањето било одбиено, а силите на Тамерлан во пролета истата година се нашле пред ѕидините на Херат. Жителите на овој град се предале, а градот бил освоен. По падот на Херат, Тамерлан наредил сите учители и теолози од овој град да бидат донесени во Самарканд. Џијас Ал Дин бил поштеден и бил поставен за вазален владетел на Херат. Во 1382 година во Херат започнало востание, а Џијас Ал Дин ја отфрлил вазалната обврска. Во 1383 година, третиот син на Тамерлан - Миран Шах го нападнал и освоил градот. По освојувањето на Херат, Миран Шах наредил, Џијас Ал Дин и неговите потомци да бидат ликвидирани, да бидат подигнати кули од черепите на убиените жители, а самиот Херат бил приклучен кон Тамерлановата држава [1][2]. Тамерлан ја продолжил својта кампања на југ и го освоил Систан, Захедан главниот град на оваа област бил разурнат, а неговите жители масакрирани. Тамерлан својот поход го продолжил во правец на Кандахар, овој град наскоро бил освоен.

По навлегувањето на неговите сили во источен Хорасан, тој се судрил со Али Моеаџад од Сарбдарен и емирот Вали од Мазандеран. По пристигнувањето на Тамерлан, Моеаџад бил принуден да стане негова вазал. Тамерлан го продолжил својот поход и го опседнал и освоил градот Есферајен. Емирот Вали не се потчинил на Тамерлан, меѓутоа во 1384 година, Тамерлановите сили го освоиле Астарабад (денес Горган), главниот град на Мазандеран. Емирот Вали се засолнил во Азербејџан. По бегството на овој емир, власта на Тамерлан сè уште не бил цврста во оваа област и набргу дошло до востание во градот Астарабад. Востанието било сурово задушено, Тамерлан наредил сите жители на овој град да бидат убиени. Претходната година, 1383 година, Тамерлан го освоил бунтовничкиот градот Себзевар. Врз жителите бил извршен масакар, а нивните глави биле поставени на градските ѕидини [3].

Во 1384 година Тамерлан навлегол во источниот и северениот дел на Иран и решил да ја освои државата на монголската династија Џаларидите. Нивната држава ги опфаќала Ирак, Азербејџан и Багдад. Владетелот на оваа држава, султанот Ахмед тогаш се наоѓал Султанија и Тамерлан се повлекол во правец на градот Тебриз. Тамерлан лесно можел да го освои овој град, меѓутоа решил да се врати Самарканд [4]. Освојувањата против оваа држава, Тамерлан ги продолжил во 1386 година, решен целосно да ја потчини западна Персија. Како повод за војна против муслиманските држави му послужиле нападите врз трговските карвани [5]. Тамерлан започнал поход против ограбувачите на карваните, успеал да ги пронајде и да ги порази, меѓутоа целата кампања ја искористил за освојување на градот Тебриз, старата престолнина на поранешниот Илканат. Во зимата 1385-1386 година пред градот Тебриз се појавил Туктамиша. Силите на овој монголски владетел го ограбиле градот и неговата околина по што се повлекле во степите. По повлекувањето на Туктамиша, Тебриз повторно се наоѓал во рацете на султанот Ахмед. По пристигнувањето на Тамерлан, градот Тебриз бил освоен, а султанот Ахмед избегал во Багдад, но и овој град набргу се нашол под власта на Тамерлан. Веднаш потоа, Тамерлан го приклучил Азербејџан во рамките на својата држава. Овој чин довел до влошување на односите помеѓу Тамерлан и Туктамиша, бидејќи Туктамиша имал претензи врз оваа област [6].

Тамерлан го подготвува походот против Грузија.
Освојувањата на Тамерлан во западниот дел на Персија

Во Тебриз, Тамерлан го поминал летото и решил да ги продолжи своите освојувања во правец на Грузија. На пат кон оваа област, поминал низ Нахичеван. Од Карас, Тамерлан се упатил кон главниот град на Грузија - Тбилиси. На 21 ноември 1386 година, Тамерлан го освоил Тбилиси и го заробил грузискиот владетел Баграт V. Овој владетел бил ослободен откако преминал во ислам и ја прифатил вазалната обрска. Тамерлан потоа се повлекол во Карабах, каде што ја минал зимата [7].

Во 1387 година, Тамерлан и Туктамиша се судриле поради Азербејџан. На север од реката Кура дошло до голема битка помеѓу силите на овие владетели. Тамерлановите сили кои биле испратени во оваа област биле поразени, меѓутоа Миран Шах, синот на Тамерлан, пристигнал со засилување и војската на Туктамиша била поразена и принудена да се повлече кон Дербент. За разлика од суровоста која ја покажал во текот на кампањите против Авганистанците и Персиците, Тамерлан ги ослободил заробените војници на Туктамиша и им дозволил да се вратат кај својот владетел. По оваа битка, Тамерлан решил да ја нападне Ерменија. Во овој период Ерменија била поделена помеѓу Туркмениските емири. Тамерлан им објавил џихад на овие владетели, под изговор дека тие ги напаѓале карвани кои биле на пат за Мека. Тамерлан го испратил својот син Миран Шах да војува против туркменскиот племенски сојуз познат како Кара Којунлу (Црна Овца) во областа Муш. по освојувањето на градот Ван, Тамерлан лично предводел походот против Музафаридската држава, чие јадро се сосотоело од Фарс, Исфахан и Керман [7].

Шах Шуџа владетелот на оваа област бил вазал на Тамерлан, меѓутоа тој починал, а Тамерлан сета негова фамилија ја ставил под своја заштита. Тамерлан не ја искористил смрта на Шах Шуџа и во октомври или ноември 1387 година се упатил кон Исфахан. Плашејќи се дека управникот на овој град нема да му дозволи да влезе, Тамерлан решил да кампува со својата војска пред ѕидините. Меѓутоа, кога граѓаните на Исфахан разбрале за пристигнувањето на Тамерлан решиле да се побунат [8]. Тамерлан решил да ги казни жителите на овој град. Исфахан бил освоен и речиси целосно уништен, на околу 70 000 жители им биле исечени главите [9]. Тамерлан повторно, како и во минатото, наредил да се изградат кули со главите на убиените. Суровоста на Тамерлан го надминала монголското освојување на градот, кое се случило 150 години претходно. Тамерлан успеал да ја потчини Музафаридската држава, но прославата била кратка, Туктамиша од север се заканил врз Самарканд, престолнината на Тамерлан.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Grousset (1970), p. 427
  2. Jackson (1986), p. 48
  3. Grousset (1970), p. 428
  4. Grousset (1970), p. 429
  5. Sicker (2000), p. 154
  6. goudenhorde
  7. 7,0 7,1 Grousset (1970), p. 430-431
  8. Grousset (1970), p. 431
  9. Jackson (1986, p. 55) retrieves the historian Hafiz-i Abru, renowned for its reliability, to which 28 towers each about 1,500 heads counted on one side of the city, with a few others on the other side. 70,000 heads that are