Тамерланов анадолски поход

Од Википедија — слободната енциклопедија

Тамерлановиот анадолски поход се одвивала во 1402 година кога Тамерлан извршил инвазија врз Анадолија и започнал војна со османлискиот султан Бајазит I. По завршувањето на анадолскиот поход, Тамерлан станал господар на предна Азија.

Хронологија[уреди | уреди извор]

Бајазит I

Во текот на сирискиот поход и освојувањето на Багдад, Тамерлан не ги занемарил Османлиите. Во градот Трабзон, избеганиот византиски цар Мануил II Палеолог ја признал власта на Тамерлан и бил склучен сојуз со Цариград. Од друга страна, османлискиот султан Бајазит I им дал прибежиште на двајца непријатели на Тамерлан и одбил да ги предаде. Бајазит бил еден од најдобрите генерали на своето време. Тој во 1396 година разбил една крстоносна војна и бил блиску до освојувањето на Цариград. Во февруари 1402 година, двајцата водачи започнале со подготовки на војната која била неизбежна.

Бајазит со својата војска пристигнал во Тугат, каде што сметал дека и Тамерлан ќе пристигне. Меѓутоа, Тамерлан бил вешт во лажните маневрирања и со својата војска се упатил кон Ангора (денес Анкара). Во овој град, неколку дена претходно престојувал Бајазит со своите сили, меѓутоа по заминувањето на османлиската војска, Тамерлан се појавил ненадејно. Тој имал голема предност, можел да го опседне градот, а во неговиот камп можела да се одмори војска. Бајазит морал со својата војска да мине едно неделен марш за да се врати назад. Кога османлиската војска пристигнала пред Ангора, таа била исцрпена и слабо опремена. Покрај тоа, во рамките на Бајазитовата војска имало татарски сили, кои Тамерлан со месеци се обидувал да ги придобие на своја страна со богати награди.

Утрото, на 28 јули 1402 година на полето Чибук, во близината на денешната престолнина на Турција, Анкара дошло до Битката кај Ангора. Во таа битката учествувал и самиот Бајазит I, заедно со своите синови: Иса, Мехмед, Муса, Мустафа и Сулејман. На страната на Османлиите учествувале и вазалите Стефан Лазаревиќ и Ѓураѓ Бранковиќ, кои биле српски деспоти и учестувале со околу 5 000 оклопни коњаници. Оваа битка е меѓу најголемите битки во воената историја. Според различни проценки, имало присуство на околу 2 000 000 луѓе. Се наведува дека Тамерлан имал најмалку 800 000 војници. Веројатно е дека овие бројки се значително претерани во источните извори, а европските извори даваат многу помали бројки: 250-350 000 војници и 32 воени слонови на Тамерлан и 120 000 - 200 000 војници на султанот Бајазит I. Местото на битката, градот Ангора, не бил случајност: тука се вкрстувале сите патишта на Анадолија. На бојното поле победила војската на Тамерлан. Во текот на битката, бегови од областите Ајдин, Сарухан, Ментеш и Караманија преминале на страната на Тамерлан и со тоа битката била решена. Со околу 10 000 јаничари, султанот во ноќта се обидел да побегне но во тоа не успеал и бил заробен од страна на Тамерлановата војска. Заедно со него бил заробен и син му Муса. Другите негови синови се спасиле со бегство, освен Мустафа кој мистериозно исчезнал на бојното поле.

Бајазит како затвореник пред Тамерлан

Постојат неколку митови за третманот и заточеништвото на Бајазит. За да го спречи можното бегство на Бајазит, Тамерлан наредил да биде пренесен на носилка во решетки, односно во кафез (според некои извори кафезот бил златен). Според друга верзија, Тамерлан го дочекал пријателски османлискиот султан. Кога го прашал што би направил кога би бил на негово место, тогаш Бајазит му одговорил дека ќе го внесе во кафез, по кое следувала наредбата за градење на кафезот. Тамерлан решил да го понижи султанот доведувајќи ја Бајазитовата најмила жена, српската кнегиња Оливера. Тој ја носел постојано во својот логор и наредувал да му служи. Султанот Бајазит му порачал на Тамерлан дека како човек од скромно потекло не треба да се однесува на таков начин со еден султан исмејувајќи ги неговите жени и деца. Бајазит исто така бил носен во кафезот низ целиот воен логор на Тамерлан каде неговите војници го исмејувале.

Според византиските кратки хроники е познато дека Бајазит починал на 9 март 1403 година во Акшехир[1], северозападно од Конија. Денеска не е познато како точно починал султанот. Византиските извори од 15 век имаат две верзии. Според првата тој бил отруен а според втората починал од тага. И покрај сè, Тамерлан се потрудил Бајазит да биде погребан во престолнината Бурса. По смртта на Бајазит, во Отоманското Царство избувнала граѓанска војна помеѓу синовите на Бајазит I. Војната завршила во 1413 година, кога Мехмед Челебија се појавил како победник и тој бил прогласен за султан под името Мехмед I.

По поразот на Бајазит, сите османлиски земји биле целосно отворени за Тамерлан. Тој и неговата војска го ограбиле и опустошиле градот Бруса. Речиси цела Анадолија се наоѓала во негови раце. Таквата состојба предизвикала страв меѓу европските владетели, тие се плашеле дека Тамерлан ќе го мине Мраморното Море и ќе ја продолжи својата војна во Европа. Различни држави започнале со испраќање на свои амбасадори на Тамерлановиот двор. Дури и мамелучкиот египетски султан одлучил да му се подреди на Тамерлан. Од сите градови, единствено Смирна не се наоѓала во негови рацете. Овој град бил последната христијанска енклава во Анадолија и се наоѓал под власта на Болничарскиот ред. Тамерлан решил да ја освои Смирна и започнал со опсада. Градот две недели бил бомбардиран со течен оган, меѓутоа витезите дале хрбар отпор. Смирна имала добра одбранбена позиција и силна ѕидови, но одбраната почнала да попушта и градот паднал. Освојувањето на Анадолија било завршено [2].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ismail Hakki Uzuncarsili. Osmanli tarihi, cild, 3 baaski, Ankara 1972, 310-320
  2. Marozzi (2005), p. 337-344