Рајан Гослинг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Рајан Гослинг
Роден(а)Рајан Томас Гослинг
12 ноември 1980 (1980-11-12) (38 г.)
Лондон, Онтарио, Канада
ЖивеалиштеЛос Анџелес, Калифорнија, САД
НационалностКанаѓанец
Занимањеактер, режисер, продуцент, сценарист, музичар, бизнисмен
Активен период1993–сè уште
ПартнерЕва Мендес (2011–сè уште)
ДецаЕдно

Рајан Томас Гослинг (роден на 12 ноември 1980 година) e канадски актер, режисер, сценарист и музичар. Својата кариера тој ја започнал уште како дете во детската серија Клубот на Мики Маус (1993–1995) која се емитувала на каналот Дизни. Потоа тој глумел во семејните забавни серии Се плашите ли од темнината? (1995) и Младиот Херкулес (1998–1999). Неговата прва значајна улога била во филмот Верникот (2001) во кој глуми еврејски нео-нацист, а потоа изградил углед глумејќи во независните филмови Убиство по броеви (2002), Правило на најсилните (2002), и Соединетите Лиландски Држави (2003).

Во 2004 година, Гослинг ѝ го одземал вниманието на пошироката јавност со главната улога во романтичната драма Бележникот, за која добил четири Teen Choice награди и една МТВ филмска награда. Неговата изведба на професор кој е зависник од дрога во филмот Полу-Нелсон (2006) му донела номинација за Оскар а за улогата во филмот Ларс има девојка (2007) бил номиниран за наградата Златен глобус.

По тригодишна пауза од глумата, Гослинг во 2010 година глумел во филмот Тажна врска, со што заработил втора номинација за Златен глобус. Следната година била од големо значење за неговата актерска кариера, бидејќи тој глумел во три успешни филмови - романтичната комедија Таа луда љубов, политичката драма Мартовски иди и акцискиот трилер Возач – и добил две номинации за Златен глобус. Во 2013, тој глумел во криминалистичките филмови Гангстерски одред и Местото зад боровите, и во трилерот Само Бог простува.

Музичката група на Гослинг, Коските на мртвиот човек (Dead Man's Bones), го издала нивниот прв и засега единствен албум во 2009 година, и истата година имале турнеја низ Северна Америка. Тој е еден од сопствениците на „Тагине“, марокански ресторан во Беверли Хилс, Калифорнија. Тој јавно поддржува неколку непрофитни организации, и патувал во Чад, Уганда и источно Конго со цел да го сврти вниманието на јавноста кон конфликтите кои постојат во тие региони

Биографија[уреди | уреди извор]

Рајан Томас Гослинг е роден во Лондон, Онтарио.[1] Неговиот татко, Томас Реј Гослинг бил комерцијалист во фабрика за хартија,[2] а неговата мајка, Дона била секретарка а од 2011 година e средношколска професорка. Неговите родители биле Мормони,[3] и Гослинг изјавил дека религијата имала силно влијание на сите аспекти од нивните животи.[4] Поради работата на неговиот татко, семејството многу често се преселувало, па Гослинг живеел и во Корнвол,[5] и во Берлингтон.[6] Неговите родители се развеле уште кога бил дете, па тој и неговата постара сестра Менди живееле со мајка им,[7] искуство што Гослинг смета дека го навело „да размислува како жена“.[8]

Гослинг бил образован во државното училиште „Гледстон“,[9] во средното стручно училиште во Корнвол и во средното училиште Лестер Б. Пирсон.[10] Тој "мразел" да биде дете,[4][11] во основното училиште бил задеван[12] и до своите 14-15 години немал пријатели.[13][14] Во прво одделение, под влијание на филмот Рамбо, тој заминал на училиште со кујнски ножеви, и за време на одморот со нив фрлал по другите деца. Поради овој инцидент, тој бил избркан од училиште. [11] Тој имал проблеми при читањето [15] и му било дијагностицирано хиперкинетичко пореметување со што бил преместен во паралелка за деца со посебни потреби.[16] Поради тоа, неговата мајка дала отказ од својата работа и го подучувала дома, една година.[16] Подоцна, Гослинг изјавил дека ова му дало чувство на самостојност.[4] Пред публика, тој настапувал уште од мали нозе. Заедно со својата сестра пееле на венчавки; тој настапувал со групата на својот вујко наречена „Елвис Пери“ во чест на Елвис Присли, чиј репертоар го изведувале. [17] и бил член на локално балетско друштво.[18] Благодарение на настапите, што биле единственото нешто за кое добивал пофалби, се здобил со висок степен на самодоверба.[14] Тој усвоил карактеристичен начин на изговор, бидејќи како дете сметал дека канадскиот акцент не звучи доволно „цврсто“. Како пример за усвојување на својот специфичен акцент го зел акцентот на Марлон Брандо.[19] На 17 години, тој го напуштил средното училиште за да се посвети на актерската кариера.[20]

Актерска кариера[уреди | уреди извор]

Детски глумец (1993–1999)[уреди | уреди извор]

Во 1993 година, на 12 години, тој учествувал на јавна аудиција во Монтреал за детската серија Клубот на Мики Маус која требало да се емитува на каналот Дизни.[21] Тој склучил двегодишен договор за оваа серија, и се преселил во Орландо, Флорида.[20] Тој поретко се појавувал на екраните, бидејќи другите деца биле сметани за поталентирани.[22] Сепак, за оваа работа, тој вели дека тоа му биле најдобрите 2 години од неговиот живот.[20] Колеги од овој филм му биле Џастин Тимберлејк, Бритни Спирс и Кристина Агилера. Тој особено се зближил со Тимберлејк, и тие живееле заедно околу шест месеци за време на втората година од снимањето на серијата. Мајката на Тимберлејк му станала законски старател на Гослинг, откако неговата мајка заминала за Канада, поради работа.[23] Гослинг изјавил дека иако со Тимберлејк повеќе не комуницираат толку често, тие сепак си даваат поддршка еден со друг. Бидејќи шоуто било откажано во 1995 година, Гослинг се вратил во Канада, и добил улога во семејната серија Се плашите ли од темнината?.[24] На 18 години, тој се преселил во Нов Зеланд заради снимањето на серијата Младиот Херкулес (1998–99) која се прикажувала на каналот Фокс Кидс. [25] Тој уживал глумејќи во сериите, но почнал да се грижи премногу за нив и повеќе не му било забавни. Тој сакал да игра најразлични улоги, со што решил да игра во филмови и да не прифаќа улоги во телевизиски серии.[20]

Премин кон независни филмови (2000–2003)[уреди | уреди извор]

На возраст од 19 години, Гослинг решил да почне да глуми во посериозни филмови. Неговиот застапник го напуштил и во почетокот наишол на потешкотии во обезбедувањето на улоги, поради тоа што тој бил „обележан“ од претходните детски емисии.[26] По споредната улога во драмата Запомни ги Титаните, тој добил главна улога на млад еврејски нео-нацист во филмот Верникот во 2001 година. Режисерот Хенри Бин изјавил дека го избрал Гослинг за оваа улога, бидејќи израснал во Мормонска заедница, што му помогнало да го сфати изолирањето на евреите.[27] Кевин Томас од Los Angeles Times ја пофалил неговата „наелектризирана и застрашувачки убедлива“ изведба, [28] додека Тод Мекарти од списанието Варајети рекол дека неговата изведба неможела да биде подобра од ова.[29] Филмот ја добил наградата од жирито на филмскиот фестивал Санденс[30] но поради контроверзната тема, било тешко да се обезбедат финансиски средства за неговата целосна дистрибуција во кината,[31] па затоа бил прикажан на кабловскиот ТВ канал Showtime. Филмот заработил само 416.925 долари, во споредба со неговиот буџет кој изнесувал 1.5 милиони долари.[32] Гослинг смета дека тој филм бил пресвртница во неговата кариера.[17]

Во филмот Убиство по броеви од 2002 година, Гослинг и Мајкл Пит глумеле средношколци кои биле убедени дека можат да извршат совршено убиство. Сандра Булок била во улога на детектив, ангажирана да врши истрага за убиството. Лиза Шварцбаум од Entertainment Weekly го опишала Гослинг како феноменален талент кој доаѓа до израз дури и во толку лоши филмови, додека Тод Мекарти од Варајети изјавил дека сценариото ги изневерило добрите и харизматични млади глумци. Филмот кој имал буџет од 50 милиони долари имал мал комерцијален успех и заработил 56 милиони долари ширум светот. Неговото второ појавување на филмското платно во 2002 година било во филмот Правило на најсилните кој го прикажува односот помеѓу еден средношколски фудбалер и неговиот проблематичен тренер. Гослинг изјавил дека соработувањето со Дејвид Морс го направил „подобар актер“. Стивен Холден од The New York Times го опишал Гослинг како „материјал за голема ѕвезда“ со „суровост и јачина“ кои потсетуваат на Мет Дилон", додека Манола Даргис од Los Angeles Times била воодушевена од неговиот „суров талент“. Филмот бил прикажуван во само три американски кина, со што заработил 13.411 долари.

Во 2003 година, Гослинг глумел во филмот Соединетите Лиландски Држави во улога на тинејџер кој е уапсен поради убиство на дете со посебни потреби. Тој бил привлечен за таа улога, бидејќи било невообичаено да се пронајде некој кој ќе биде емоционално отсутен во текот на целиот филм. Роџер Иберт од Chicago Sun-Times рекол дека „надарениот актер прави се што е во негова моќ, но сепак, ликот доаѓа од имагинацијата на сценаристот, а не од вистинскиот живот“. А.О.Скот од The New York Times за неговата изведба забележал дека „тој прави се за да го спаси Лиланд од канџите на клишеата, додека Дејвид Руни од Варајети приметил дека „неговата монотона глума, проткаена со неизразеноста, не поседува ни малку од магнетската привлечност што ја прикажува во филмот „Верникот“. Филмот достигнал заработка од 343.847 долари во САД, но не бил прикажан надвор од американскиот континент.

Бележникот и Полу-Нелсон (2004–2009)[уреди | уреди извор]

Гослинг го привлекол вниманието на пошироката јавност во 2004 година, појавувајќи се заедно со неговата канадска колешка Рејчел Мекадамс во романтичната драма Бележникот, филмска адаптација на истоимениот роман на Николас Спаркс'. Тој го глумел Ноа Калун и за својата улога изјавил: „Ова беше можност за мене да глумам еден подолг период иста улога – од 1940 до 1946 – што беше доста длабока и сложена.“ Гослинг се обидел да го исполни својот лик со „тивка сила“, а инспирација добил од Сем Шепард во Денови на рајот. Филмот се снимал во Чарлстон, Јужна Каролина, кон крајот на 2002 и почетокот на 2003 година. Иако, Гослинг и Мекадамс биле впуштени во романса во 2005 година, тие имале борбена врска на сцената. „Го разбудивме најлошото во себе“, рекол Гослинг. „Тоа беше чудно искуство, да создаваш љубовна приказна, а во никој случај да не се согласуваш добро со твојата партнерка.“ Во еден момент, Гослинг го замолил режисерот Ник Касаветес да ангажира некој друг за неговата улога, бидејќи тој забележувал дека Мекадамс не соработува. Од „The New York Times“ ја пофалиле „спонтаната и разгорена“ изведба на двете главни улоги и забележале дека „против сите предрасуди, сите стискаат палци овој пар да ги премине сите препреки помеѓу нив“. Десон Томсон од The Washington Post ја пофалил „заводливата незасегнатост“ на Гослинг и забележал дека „тешко е да не ги сакаш овие двајца и да не им позавидиш на нивната голема љубов“. Филмот достигнал заработка од преку 115 милиони долари ширум светот, и со прилагодувањата за инфлацијата, тој останува најуспешен филм во кариерата на Гослинг до 2012 година. За улогата во овој филм, тој добил четири Teen Choice награди и МТВ Филмска награда.

Гослинг на филмскиот фестивал во Торонто во 2007

Во 2005 година, Гослинг глумел растроен млад студент по уметност во Остани, психолошки трилер, во кој глуми заедно со Наоми Вотс и Јуан Мекгрегор. Во една статија за филмот, Манола Даргис од „The New York Times“ изјавила дека Гослинг, исто како и неговите обожаватели, заслужуваат многу повеќе. Тод Мекарти од „Варајети“ изјавила дека „способниот“ Мекгрегор како и Гослинг, не прикажуваат ништо повеќе од она што досега го имаат покажано. Филмот достигнал заработка од 8 милиони долари ширум светот. Гослинг бил малку вознемирен од негативните реакции за филмот. Тој изјавил: „Едно десетгодишно детенце ме застана на улица и ми рече: „Дали си ти момчето од „Остани“?“. За што, по ѓаволите, се зборуваше во тој филм?“. Мислам дека тоа е одлично. Исто сум горд, и доколку некој дојде и ми рече: „Еј, ми се смачи од тебе во оној филм“, колку што сум горд и доколку некој ми каже дека сум го расплачал. Следно, во 2006 година тој глумел во Полу-Нелсон како млад професор кој е зависник од дрога, и кој се поврзува со млад студент. За да се подготви за улогата, еден месец пред да почне снимањето, Гослинг се преселил во Њујорк. Живеел во мало станче во Бруклин, а времето го поминувал следејќи еден учител на осмоодделенци. Кенет Туран од „Los Angeles Times“ ја опишала оваа изведба како „еден вид на длабоко разбирање на ликот кој се глуми, нешто што на малку актери им успева“. Рут Стејн од San Francisco Chronicle направила споредба со Марлон Брандо и изјавила дека „секој кому му е важна добрата глума, не би сакал да ја испушти оваа изведба“. За оваа улога тој бил номиниран за Оскар. Филмот достигнал заработка од околу 4 милиони долари низ кината ширум светот. Во 2007 година, тој бил поканет да се придружи на Академијата за филмски уметности и науки.

Во филмот од 2007 година Ларс има девојка, Гослинг игра улога на затворен човек кој се вљубува во секс кукла. Инспирацијата за оваа улога ја црпел од изведбата на Џејмс Стјуарт во филмот Харви. Ен Хорнадеј од „The Washington Post“ ја опишала неговата изведба како „мало чудо... бидејќи тој се менува и расте толку незабележливо пред нашите очи“. Меѓутоа, Манола Даргис од „The New York Times“ ја оценила изведбата како негово ретко промашување во претежно одличната кариера. [33] За оваа улога тој бил номиниран за Златен глобус за најдобар актер во комедија,[34] и покрај тоа што филмот не постигнал успех низ киносалите и не успеал ни да си го поврати буџетот од 12 милиони долари. [35] Истата година, Гослинг глумел наспроти Ентони Хопкинс во трилерот Пукнатина. Првично тој ја одбил оваа улога, но се предомислил откако Хопкинс го потпишал договорот.[36] Бидејќи дејството во овој филм се случува воглавно во судница, за да се подготви за оваа улога, тој следел судења и ги проучувал однесувањата на адвокатите. [37] Клаудија Пуиг од USA Today изјавила дека за да гледаш како ветеран како Хопкинс учествува во вербален двобој со еден од најдобрите млади актери од Холивуд, навистина вреди да платиш билет. Филмот достигнал заработка од преку 91 милион долари ширум светот.

Во 2007 година, Гослинг требало да започне со снимање на филмот Прекрасните коски, но тој се откажал два дена пред снимањето поради „креативните разлики“, и бил заменет со Марк Валберг. Гослинг бил на проби за улогата на татко на една убиена тинејџерка, но по неколку обиди сфатил дека тој е премногу млад за таа улога. Режисерот Питер Џексон и продуцентот Френ Волш го убедувале да ја прифати улогата со тоа што изгледот според годините можат да му го средат со шминка и со средување на косата. Пред да започне снимањето, Гослинг се здебелил и си ја пораснал брадата за да изгледа постаро. Тогаш, Волш сфатил дека згрешиле. „Наша вина е што сакавме ова да успее, по секоја цена“, рекол тој. Подоцна, Гослинг изјавил: „Пред снимањето ние не зборувавме многу за оваа улога, што сметам дека е голем проблем. Јас само се појавив на сцената, и ја згрешив работата. Тогаш, останав здебелен и невработен.“ Тогаш, тој рекол дека ова искуство било важна реализација за него: да не дозволи неговото его да биде вмешано. „Во ред е и да си премногу млад за некоја улога“, рекол тој.

Меѓународно признавање (2010–2012)[уреди | уреди извор]

По тригодишно отсуство од големите екрани, Гослинг глумел во пет филмови во 2010 и 2011 година. „Никогаш не сум имал повеќе енергија“, рекол Гослинг. „Сега повеќе од кога било сум возбуден да снимам филмови. Порано, како да се плашев од тоа. Ми беше премногу емоционално и некако ме оптеретуваше. Но, најдов начин како да се забавувам додека го правам тоа. И мислам дека сега, тоа се забележува во моите филмови“. Исто така, тој раскажал за тоа како се чувствува депресивно кога не снима. Во 2010 година, тој се појавил во филмот, Тажна врска, заедно со Мишел Вилијамс. Ниско-буџетната семејна драма била воглавно импровизирана, а Гослинг изјавил дека при снимањето, самиот себеси требало да се потсетува дека снима филм. За оваа улога тој бил номиниран за Златен глобус за најдобар актер. Филмот постигнал големи успеси низ кината, заработувајќи преку 12 милиони долари на светско ниво. Следното појавување на филмското платно на Гослинг во 2010 било во филмотСите добри нешта, мистерија базирана на вистинита приказна. Во филмот негова сопруга била Кирстен Данст. Кога го прашале дали е горд на овој филм, тој одговорил: „Горд сум на она што Кирстен го прави во овој филм“. Питер Траверс од Ролинг Стоун забележал дека Гослинг толку длабоко навлегува во оваа улога, што гледајќи го, дури можеш да почувствуваш како му пукаат нервите. Бетси Шарки од Los Angeles Times забележала дека филмот како и целата приказна и припаѓа на Данст, но дека и Гослинг не е лош. Филмот достигнал заработка од 644.535 долари ширум светот. Исто така, повторно во 2010 година, Гослинг го продуцирал документарецот Регенерација, кој ја истражува циничноста кај денешната младина наспроти социјалните и политичките последици.

Гослинг во 2011

Во 2011 година, Гослинг ги проширил своите хоризонти, појавувајќи се во три различни филмови со врвни улоги. Со својата прва комична улога, тој глумел во филмот Таа луда љубов наспроти Стив Карел и Ема Стоун. Ен Хорнадеј од The Washington Post изјавила дека неговото заводливо и неодоливо присуство укажува на тоа дека можеби го пронајдовме новиот Џорџ Клуни". Питер Траверс изјавил дека тој е „совршен комичар“, додека Клаудија Пуиг од USA Today констатирала дека тој открива изненадувачки талент за комедија. За оваа улога, тој бил номиниран за Златен глобус за најдобар актер во комедија. Филмот имал големи успех низ киносалите и достигнал заработка од 142 милиони долари ширум светот. Првата улога на Гослинг, во акционен филм била во филмот Возач, базирана на романот на Џејмс Салис. Гослинг играл улога на изведувач на трикови од Холивуд, кој истовремено работи и како возач. Роџер Иберт го споредил Гослинг со Стив Меквин и изјавил дека тој ги сплотува присуството и искреноста... тој покажал дарба за моќни улоги како ништо. Џо Монгарстерн од Вол Стрит Журнал внимателно го проучувал мистериозниот начин на кој тој има толку големо влијание без многу напор. „Речиси е невозможно да не го споредиш неговиот економски стил со оној на Марлон Брандо." Филмот постигнал големи успеси во кинотеките, со заработка од 70 милиони долари ширум светот. Последното појавување за 2011 година, му е во режија на Џорџ Клуни во политичката драма Мартовски иди, во која тој глуми улога на амбициозен прес-секретар. Воглавно, Гослинг решил да ја прифати улогата со цел да стане позапознаен со политиката: „Јас сум канаѓанец, и американската политика баш и не е моја јака страна“. Џо Морганстерн од The Wall Street Journal изјавил дека Гослинг и Филип Сејмур Хофман се посебно добро споени за да ги глумат промените на основните карактеристики на нивните улоги. Сè уште, ниту еден актер не покажал толку способности за да се вклопи во ова сценарио. Во генерално воздржана статија, Кенет Туран од Лос Анџелес Тајмс тврди дека е речиси е невозможно да си ги тргнеш погледите од харизматичниот Гослинг во вербална соработка со супериорните актери како Хофман и Џиамати. Мик Ласале од San Francisco Chronicle забележал дека постои само еден аспект од улогата, во која Гослинг не може доволно да се снајде, и што е нешто надвор од неговата сфера, а тоа е идеализмот. За оваа улога, Гослинг бил номиниран за Златен глобус за најдобар актер во драма. Филмот достигнал заработка од 66 милиони долари на светско ниво.

Музичка кариера[уреди | уреди извор]

Покрај глумата, Гослинг се занимава и со музика. Во 2007 година, тој снимил соло песна наречена „Put Me In The Car“ која е достапна за симнување на интернет. Истата година, со неговиот пријател Зак Шилдс создале инди рок група наречена Dead Man's Bones. Двајцата пријатели прво се запознале во 2005 година, кога Гослинг бил во врска со Рејчел Мекадамс а Шилдс со нејзината сестра, Кејлин. Нивната првобитна идеја за да направат мјузикл со чудовишта, се покажало дека ќе излезе премногу скапа, па затоа тие одлучиле да создадат група. Првиот нивен албум го носел името на нивната група, а го снимиле заедно со детскиот хор на музичкиот конзерваториум „Сливерлејк“. Тие самите научиле да свират на сите инструменти. Освен што пеел на албумот, Гослинг свирел и клавир, гитара, бас-гитара и виолончело. Албумот бил издаден од издавачката куќа Анти Рекордс на 6 октомври 2009 година. Според Pitchfork Media овој албум плени со единствените, и заразни прекрасни мелодии кои лесно ти влегуваат под кожа. Од друга страна, пак, во една статија во списанието Спин било констатирано дека ова издание, не го променува правилото дека актерите се сомнителни поп музичари.

Во септември 2009 година, Гослинг и неговиот пријател Шилдс, три дена престојувале во Лос Анџелес, во куклениот театар Боб Бекер каде настапувале со светлосни духови и со неонски костури кои играат. Потоа, во октомври 2009 година, тие одржале тринаесетдневна турнеја низ Северна Америка, каде на секој настап биле придружувани од локалниот детски хор. Наместо пред почетокот на настапот да свират групи, се одржувале натпревари на таленти. Во септември 2010 година, тие настапиле на фестивалот „ФИФ“ (FYF) во Лос Анџелес. Во 2011 година, актерот изјавил дека групата планира да сними втор албум. Во следниот албум, најавил дека нема да биде вклучен никаков детски хор, бидејќи тоа и не е баш во рокенрол стил.

Добротворни цели[уреди | уреди извор]

Гослинг поддржува неколку социјални здруженија. Тој работел со „ПЕТА“ на една кампања за да ги поттикне КФЦ и Мекдоналдс да користат докажани методи за колење на пилињата во нивните фабрики. Тој исто така бил волонтер и во Билокси, Мисисипи во 2005 година, учествувајќи во процесот на чистење поради ураганот Катрина.

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Гослинг живее во Њујорк. Тој е сопственик на Тагин, марокански ресторан во Беверли Хилс, Калифорнија. Тој изјавил дека овој ресторан го купил поради некој негов импулс, но дека сите пари ги потрошил инвестирајќи во него. Потрошил една година реновирајќи го сам, и сега тој го надгледува целосното мени во ресторанот. Гослинг бил уапсен на 17 март 2005 година. Причината за тоа било тоа што возел под дејство на алкохол и/или дрога, и возење со содржина на алкохол во крвта од 0,08 промили или повеќе. Тој бил две години на условна слобода и платил парична казна од 849 долари.

Љубовни врски[уреди | уреди извор]

Гослинг се забавувал со американската актерка Сандра Булок, една година, од 2002 до 2003. Потоа, од средината на 2005 до средината на 2007 година, бил во двегодишна врска со неговата колешка, канадската актерка Рејчел Мекадамс. Кратко по нивното раскинување, тие повторно се споиле летото 2008 година. Кон крајот на 2010 година, тој бил во врска со Блејк Лајвли, а во почетокот на 2011 година, со Оливија Вајлд.

Од септември 2011 година, тој е во врска со американската актерка и модел Ева Мендес. Во септември 2014, Мендес ја родила ќерката Есмералда Амада Гослинг.[38]

Филмографија[уреди | уреди извор]

Филм[уреди | уреди извор]

Година Наслов Улога Забелешки
1997 Јас и Франкенштајн Кени
1999 Неверојатните Џош
2000 Запомни ги Титаните Алан Босли
2001 Верникот Дени Балинт
2002 Убиство по броеви Ричард Хејвуд
2002 Правило на најсилните Рој Чатни
2003 Соединетите Лиландски Држави Лиланд Ц. Фицџералд
2004 Бележникот Ноа Калун
2005 Остани Хенри Летам
2006 Полу-Нелсон Ден Дан
2007 Пукнатина Вили Бичам
2007 Ларс има девојка Ларс Лианстром
2010 Тажна врска Дин Переира
2010 Сите добри нешта Дејвид Маркс
2011 Таа луда љубов Џејкоб Палмер
2011 Возач Возачот
2011 Мартовски Иди Стивен Мејерс
2013 Гангстерски одред Џери Вутер
2013 Местото зад боровите Лук Глентон
2013 Само Бог простува Џулијан

Телевизија[уреди | уреди извор]

Година Наслов Турнир Белешки
1993–95 Клубот на Мики Маус Себеси 3 епизоди
1995 Се плашите ли од темнината? Џејми Лири Епизода "Приказна за станицата 109.1"
1996 ПСИ Фактор: Хроники на паранормалното Адам
1996 Кунг Фу: Легендата продолжува Кевин Епизода "Пештерата на змејот"
1996 Патот кон Авонлеа Брет Мекналти
1996 Goosebumps Грег Бенкс Episode "Кажи чиз и умри"
1996 Авантурите на Ширли Холмс Шон Епизода "Случајот на запалената зграда"
1996 Место напред Скот Стаки
1996 Подготвен си или не Мет Калински Епизода "Сакам, не сакам"
1997–98 Breaker High Шон Халтон 44 епизоди
1998 Ништо не е премногу добро за каубојот Томи ТВ филм
1998–99 Младиот Херкулес Херкулес 49 епизоди
1998 Херкулес: Легендарните патувања Зајлас Епизода "Академијата"
2005 Сè уште сум овде:Дневници на младите луѓе кои живееле во текот на Холокаустот Илија Гербер Документарен филмм

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ryan Gosling Says Onscreen Intimacy in 'Blue Valentine' 'Just Happened'“, 4 јануари 2011 (посет. 26 јануари 2012 г).
  2. Hiscock, John. „From Mouse to Big Cheese“, 25 август 2006 (посет. 26 јануари 2012 г).
  3. „In Love with a Real Doll“. Beliefnet. конс. January 26, 2012. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Wood, Gaby. „I Live on Skid Row. You Can't Filter Out Reality There“, 21 февруари 2007 (посет. 26 јануари 2012 г).
  5. „Ryan Gosling Biography“. Tribute. конс. January 26, 2012. 
  6. Shea, Courtney. (January 5, 2011) Spotted! Ryan Gosling getting his Canuck Christmas on in Burlington | Telling Tales. torontolife.com.
  7. The Oddball“, „Time“, 4 октомври 2007 (посет. 26 јануари 2012 г).
  8. Shone, Tom. „In the Driving Seat: Interview with Ryan Gosling“, 11 септември 2011 (посет. 26 јануари 2012 г).
  9. "Disney Gets First Canadian Mouseketeer". The Gazette. March 24, 1993.
  10. "The Children's Champion, The Oscar-Nominated Actor, a Star by His Teens, Is Taking Up the Cause of Ugandan Boy Soldiers". The Independent. April 22, 2007.
  11. 11,0 11,1 Stone, Jay (September 2, 2011). „TIFF Poster Boy Ryan Gosling on Working under the Table“. National Post. конс. April 5, 2012. 
  12. „Celebrity Spider – Ryan Gosling“. Celebrityspider.com. конс. January 26, 2012. 
  13. GQ. January 2011. p. 50.
  14. 14,0 14,1 Gosling Interview“ (посет. 26 јануари 2012 г).
  15. Karger, Dave. „Spotlight on Ryan Gosling“, „Entertainment Weekly“, 20 април 2007 (посет. 26 јануари 2012 г).
  16. 16,0 16,1 Ryan Gosling: The Children's Champion“ (посет. 26 јануари 2012 г).
  17. 17,0 17,1 „Steve Carell and Gosling“. Interview. Архивирано од изворникот на November 23, 2010. конс. January 26, 2012. 
  18. I Think Like a Girl“, 25 октомври 2011 (посет. 26 јануари 2012 г).
  19. W. October 2010. p. 89.
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 „Ryan Gosling“. People. конс. January 26, 2012. 
  21. „Ryan Gosling Interview – The Notebook Movie“. About.com. конс. January 26, 2012. 
  22. Ryan Gosling Reveals His Wedding Singer Past“, CNN (посет. 26 јануари 2012 г).
  23. „Justin Timberlake: I Stole a Golf Cart with Ryan Gosling!“. Us Weekly. конс. January 26, 2012. 
  24. „The Evolution of Ryan Gosling“. Total Film. конс. January 26, 2012. 
  25. „The Evolution of Ryan Gosling“. Total Film. конс. January 26, 2012. 
  26. Lim, Dennis. „A Heartthrob Finds His Tough-Guy Side“, 14 септември 2011 (посет. 26 јануари 2012 г).
  27. „Twist of Faith“. The Nerve. конс. January 26, 2012. 
  28. Thomas, Kevin. „Believer Doesn't Tell the Whole Story“, 17 мај 2002 (посет. 26 јануари 2012 г).
  29. McCarthy, Todd. „The Believer“, „Variety“, 25 јануари 2001 (посет. 26 јануари 2012 г).
  30. „The Believer Wins Sundance Grand Jury Prize“. FilmFestivals.com. конс. January 26, 2012. 
  31. Camhi, Leslie (March 17, 2002). "In a Skinhead's Tale, a Picture of Both Hate and Love". The New York Times.
  32. „The Believer (2002)“. boxofficemojo.com. конс. 20. 4. 2012. 
  33. Dargis, Manohla. „Lars and the Real Girl“, 12 октомври 2007 (посет. 26 јануари 2012 г).
  34. „The Golden Globes“. TheGoldenGlobes.com. конс. January 26, 2012. 
  35. Lars and the Real Girl (2007). Box Office Mojo (March 6, 2008).
  36. Abramowitz, Rachel. „Just Too Cool for School“, 22 април 2007 (посет. 26 јануари 2012 г).
  37. „Ryan Gosling Interviewed – Fracture“. Collider.com. конс. January 26, 2012. 
  38. Todd Leopold, CNN. „Surprise! Eva Mendes, Ryan Gosling have baby“, „CNN“, 17 септември 2014.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]