Полиперхон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Полиперхон (394303 п.н.е.) — македонски генерал кој служел војската на Филип II и Александар Македонски, придружувајќи го Александар во неговите воени походи. По враќањето во Вавилон, Полиперхон бил вратен во Македонија заедно со Кратер, но стигнал само до Киликија кога се чуло за смртта на Александар во 323 п.н.е.. Заедно со Кратер продолжил за Грција, помагајќи му на Антипатар да го задуши востанието во Ламиската војна. Останал во Македонија, а по дијадошката војна останал дома како регент на Македонија, додека Антипатар отпатувал за Мала Азија за да го зацрвсти неговото регентство врз целата империја.

По смртта на Антипатар во 319 п.н.е., Полиперхон бил назначен за регент и врховен командант на целата Македонска империја, но набргу влегол во конфликти со Антипатаровиот син Касандар, кој требало да биде неговиот главен заменик. Двајцата започнале граѓанска војна, која набргу се проширила на сите генерали на Александар, со тоа што Полиперхон се осојузил со Евмен против Касандар, Антигон I Едноокиот и Птоломеј I.

Иако Полиперхон на почетокот бил успешен во заземањето на грчките градови, кои ги прогласил за слободни, Антигон I Едноокиот ја уништил неговата флота во 318 п.н.е., а Касандар следната година ја зазел Атина. Накратко потоа, Касандар го протерува Полиперхон од Македонија, па го зел во свои раце немоќниот крал Филип Аридеј и неговата жена Евридика. Полиперхон пребегнал во Епир, каде ѝ се придружил на мајката на Александар Македонски, Олимпија, неговата вдовица Роксана и малиот син Александар IV. Направил сојуз со Олимпија и кралот Еакид Епирски, и Олимпија тргнала во поход на Македонија. Отпрвин Олимпија била успешна во својот поход, со тоа што ја победила и заробила војската на кралот Филип, кого го погубила, но набргу Касандар се вратил на Пелопонез, па ја фатил и ја погубил во 316 п.н.е., земајќи ги Роксана и детето под негово старателство.

Сега Полиперхон пребегнал на Пелопонез, каде сѐ уште командувал со неколку упоришта, па се сојузил со Антигон, кој сега повеќе немал сојузници. Набргу ја воспоставил својата власт врз Пелопонез, вклучувајќи ги Коринт и Сикион. По мировниот договор од 311 п.н.е. помеѓу Антигон и неговите непријатели, и убиството на младиот крал Александар и неговата мајка, Полиперхон ја задржил власта во извесни области. Тогаш избила војна помеѓу Антигон и останатите, па Антигон му го пратил биолошкиот син на Александар Херакле на Полиперхон за да послужи во нагодба против Касандар. Меѓутоа Полиперхон решил да ги раскине врските со Антигон, и го убил момчето во 309 п.н.е. Ја задржал власта врз Пелопонез сѐ до неговата смрт неколку години подоцна, но престанал да се занимава со политика.

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Peter Green, Alexander to Actium (University of California Press, 1990) стр. 17-20


Претходник
Антипатар
Регент на Македонската империја
319 п.н.е. - 317 п.н.е.
Наследник
Касандар