Питагора

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Питагора (582 п.н.е.-496 п.н.е., старогрчки (јонски) математичар и филозоф

Питагора (582 п.н.е. – 496 п.н.е., на грчки: Πυθαγόρας) бил јонски математичар и филозоф, роден на островот Самос, најпознат по формулирањето на Питагоровата теорема.

Биографија[уреди | уреди извор]

Бидејќи неговото дело е завиткано во легенди и нејаснотии, тешко може да се зборува со сигурност за неговиот живот и за неговите предавања. Познато е дека го напуштил родниот остров и отпатувал за Египет, каде што се запознал со неговата култура, особено со религијата и науката. Потоа отишол во Голема Грција (денешна Јужна Италија и Сицилија), каде што цутеле многу самостојни градови во кои била развиена науката и филозофијата и се населил во градот Кротон каде што го основал Питагорејскиот сојуз, другарство на политички и идејни истомисленици. Тоа било тајно друштво и работите во него се чувале во тајност од останатите луѓе. Таму владеела строга дисциплина и послушност на учениците кон Питагора. Според прописите на својот учител, питагорејците ги здружиле своите имоти во заедница во која сите членови биле рамноправни, зашто еднаквоста во чувствата и во имотот биле сметани за основен закон на заедничкиот живот. Самиот Питагора се сметал рамен на своите ученици и ги негувал кога биле болни, ги тешел во тагата, а дури и им пеел магиски песни.[1] Од друга страна, учениците го обожавале Питагора како божество и се колнеле со неговото име.[2] Сепак, судбината на Питагора била тажна, зашто, и покрај тоа што имал многу пријатели, на крајот умрел од глад.[3]

Филозофски погледи[уреди | уреди извор]

Познат како „татко на бројките“, Питагора имал значаен придонес во филозофските и религиозните предавања во доцниот 6 век. Тој и неговите следбеници верувале дека сѐ е поврзано со математиката, и чувствувале дека сѐ може да се предвиди и измери со помош на ритмични циклуси. Питагора сметал дека во основа на светот е бројот и дека сè може да се претстави преку бројот (ова можеби го прифатил како тврдење кога се запознал со египетските верувања). Да ги запознаеме стварите и појавите значи да го запознаеме нивниот број. Од своја страна, законитоста на светот се изразува со бројни односи или пропорции. Питагорејците тоа го илустрирале со тоа што бројот еден го претставувале со точка, два со линија, три со триаголник, а четири со пирамида. Со тоа ја поврзале аритметиката со геометријата. Понатаму, тие развиле своебразна мистика на броевите. Најважни броеви биле 1, 2, 3 и 4 кои ја чинат светата четворка со која се колнеле, кои кога ќе се соберат даваат десетка која имала особено значење и светост. Така, бројот и пропорцијата владеат со светот. Питагора и неговите ученици со особен мистичен занес и енергија се фрлиле на изучување на математиката во која постигнале значајни резултати. Ним им се препишува откритието на Питагорината теорема и на ирационалните броеви. Според нив, и Космосот е уреден како од некој божествен математичар. Тие сметале дека постојат 10 небесни тела: петте планети што тогаш биле познати: Сонцето, Месечината, Земјата, Млечниот пат, а десеттото го нарекле „антипод“ (таму се одело со нозете нагоре). Движејќи се со строга правилност по своите десет сфери околу божествениот оган, овие тела произведувале небесна хармонија која можат и од неа да паднат во екстаза само оние што се посветени во тајните на Питагориното учење. Питагора и неговите ученици претерувале и застранувале во мистика, но нивниот занес и силна енергија со која ја проучувале математиката има трајна неодминлива научна вредност.[4]

Питагора е првиот кој од пријателството направил филозофска и морална доктрина. Според него, пријателот е нашето второ „јас“, а меѓу пријателите, сè е заедничко, вклучувајќи го и имотот, зашто пријателството е повеќе од личниот живот. Според Питагора, милосрдието и науката ги приближуваат луѓето, доброто законодавство прави од нив едно тело, а природата покажува дека странците се слични како браќа. Питагора бил првиот Грк кој рекол дека повеќе вреди добриот странец отколку лошиот Грк, а во неговите тајни обреди подеднакво учествувале Грците и варварите.[5] Според српскиот поет Јован Дучиќ, само доктрината на Питагора за пријателството го отворила патот до христијанското учење за еднаквоста и милосрдието.[6]

Питагора бил противник на физичката љубов за која сметал дека е штетна за човекот, зашто го заморува и му го скратува животот. Така, кога го прашале, кога човекот треба да му се препушти на љубовното задоволство, тој одговорил: „Секогаш кога сакаш да се потцениш“.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 202.
  2. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 192.
  3. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 179.
  4. Учебник по филозофија за четврта година по гимназиско образование.
  5. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 175-176.
  6. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 180.
  7. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 153.