Манастир „Св. Архангел Гаврил“ - Дренок

Координати: 41°25′13.6″N 20°34′0.5″E / 41.420444° СГШ; 20.566806° ИГД / 41.420444; 20.566806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Архангел Гаврил
македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Струшко
Парохија Втора струшка
Местоположба

Карта

Координати 41°25′13.6″N 20°34′0.5″E / 41.420444° СГШ; 20.566806° ИГД / 41.420444; 20.566806
Место Дренок
Општина Струга
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Архангел Гаврил
Изградба XIX век
Архитектонски опис

Свети Архангел Гаврил — поранешна црква и манастир во голобрдскотото село Дренок, Општина Струга. Се наоѓа на територијата на Струшкото архијерејско намесништво во Дебарско-кичевската епархија на МПЦ - ОА.[1][2][3]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Манастирот се наоѓал на 5 км северно од селата Модрич и Дренок и на околу 7,5 км југоисточно од Џепиште. Месноста е јужно од Требишка Река, недалеку границата со Албанија, преку која е македонското село Требишта. Делот крај регионалинот пат Струга-Дебар (Р1201) го носи името Три Чешми.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

На оваа месност се наоѓа археолошкото наоѓалиште Манастирец, каде има остатоци од црква од доцниот среден век[4]. Миленко Филиповиќ запишал месни преданија кои исто така кажуваат дека тука имало манастир посветен на Свети Илија. Областа се нарекувала Манастирец, во која до 1957 г. се наоѓала Општина Манастирец. Освен „Св. Илија“ имало уште три цркви — „Пресв. Богородица“, „Св. Архангел“ и „Св. Ѓорѓи“.[1] Едно од ридовите што останале во Албанија се нарекува Свети Илија, а над манастирот има Попова Чешма. Се вели дека Турците го срушиле манастирот до темел и каменото корито на Попова Чешма го однеле во Требишта. Кај Попова Чешма бил откриен и камен со натпис, но требишките муслимани го скриле. Во 1934 г. во Требишта сè уште живеела муслиманка чиј татко бил поп во Манастирец.[5]

Во 1918-1920 г. поголемиот дел од Голо Брдо влегол во Кралството СХС. При враќањето на Требишта во Албанија, дел од атарот на селото крај реката Црвеница останал во Кралството СХС.[6][1] Државната граница минува низ Црквишта десно од Црвеница и Бела Вода лево од Црвеница, при што во Албанија останал ридот Градиште.[1] Крај патот имало само еден ан наречен Требишки ан.[5]

Во 1920-тите околу анот се изградени уште неколку градби,[5] а во 1930-1932 г. е подигнат и голем манастир посветен на Соборот на Архангел Гаврил. Црквата била монументална камена градба, можеби една од најголемите во Струшко, со димензии од 23 × 15 м. Покривот бил со ќерамиди, таванот премачкан со варов малтер, а внатре имало дрвен иконостас.[2]

Во 1944 г. манастирот изгорел. Денес црквата е полусрушена, со паднат покрив.[2]

Манастирот располагал со голем имот, чии граници на север достигале до реката Црн Дрим, на запад до државната граница со Албанија, на север до реката Црвеница, а на југ до општинската шума.[2]

По заземањето на Југославија во 1941 г., манастирот влегол во надлежност на Општина Манастирец под италијанска окупација. Во овој период монасите го напуштиле манастирот и грижата за него им ја оставиле на свештениците од Модрич и Дренок. Последниот свещеник кој служел во манастирот есента 1944 г. бил Милан Јованоски од Модрич, а на крајот од 1944 г. манастирт бил запален и ограбен. Селаните од Модрич и Дренок се обиделе да го изгаснат пожарот, но успеале да спасат само малку икони, подоцна пренесени во Модрич. Овие икони потоа се пренесени во дрвен параклис кои мордичани го подигнале во месноста Напреслок и го посветиле на Архангел Гаврил. Пролетта 1971 г. параклисот изгорел во пожар заедно со иконите.[2]

Возобнова на црквата[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Архангел Гарвил“ кај Модрич

На 26 јули 2000 г. владиката Тимотеј Дебарско-кичевски го осветил камен-темелникот на црквата „Св. Архангел Гаврил“ североисточно од Модрич, недалеку од старата црква. Во 2014 г. братството на Бигорскиот манастир си го повратило имотот како негов метох.[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Филиповић, Миленко (1940). Голо Брдо: белешке о насељима, о преклу становништва народном животу и обичају. Скопље. стр. 27.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Наумоски, Ристе. „Метох Св. Архангел Гавриил“. Бигорски манастир. Посетено на 4 март 2021.
  3. „Во посета на Бигорскиот метох посветен на Соборот на Светиот Архангел Гаврил“. Бигорски манастир. Посетено на 4 март 2021.
  4. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 393. ISBN 9989-649-28-6.
  5. 5,0 5,1 5,2 Филиповић, Миленко (1940). Голо Брдо: белешке о насељима, о преклу становништва народном животу и обичају. Скопље. стр. 28.
  6. Филиповић, Миленко (1940). Голо Брдо: белешке о насељима, о преклу становништва народном животу и обичају. Скопље. стр. 37.