Курилски Острови
Брегот на еден од Курилските Острови | |
Местоположба на Курилските Острови во Тихиот Океан меѓу полуостровот Камчатка и Јапонија | |
Географија | |
Место | Тихи Океан |
Координати | 46°30′N 151°30′E / 46.500° СГШ; 151.500° ИГД |
Вкупно острови | 56 |
Површина | 10,503,2 км2 |
Должина | 1.150 км |
Највисоко место | 2.339 м |
Највисока точка | Атласов Остров |
Држава | |
Федерален Округ; Префектура | Сахалинска област; Хокаидо |
Автономен Округ; Субпрефектура | Курилска Област; Немуро |
Демографија | |
Население | 19434 (2010) |
Курилските острови се вулкански архипелаг дел од Сахалинската област на Рускиот Далечен Исток.[1] Се протегаат на околу 1300 км. североисточно од Хокаидо во Јапонија до полуостровот Камчатка и го делат Охотското Море од Тихиот Океан. Се состојат од 56 острови и голем број помали карпи. Курилските острови се состојат од Големиот Курилски и Малиот Курилски Ланец. Зафаќаат површина од околу 10,503,2 km2 ,[2] со приближно население од 20.000 жители.[3]
Иако островите се под руска управа, Јапонија тврди дека четирите најјужни острови, вклучувајќи ги два од трите најголеми (Итуруп и Кунашир), се дел од нејзината територија, исто и островите Шикотан и Хабомаи, што доведе до Спор за Курилските Острови. Спорните острови во Јапонија се познати како „Северните територии“ на земјата.[4] Во 2018 година продолжија руско-јапонските преговори за решавање на спорот.[5]
Географија и клима
[уреди | уреди извор]Курилските острови се дел од прстенот на тектонска нестабилност што го опкружува Тихиот Океан познат како Огнен прстен. Самите острови се врвови на стратовулкани и се директен резултат на движењето на Тихоокеанската Плоча под Охотската Плоча, со што се формира Курилскиот Ров на околу 200 км источно од островите. Ланецот има околу 100 вулкани, од кои 40 се активни, и многу топли извори и фумароли. Има честа сеизмичка активност, вклучувајќи ги и земјотресите со јачина од 8,5 степени во 1963 година и од 8,3 степени на 15 ноември 2006 година, по кој се појавија цунами со висина од 1,5 м. стигајќи до брегот на Калифорнија.[6] Островот Раикоке, кој се наоѓа во средина на архипелагот, има активен вулкан кој еруптираше повторно во јуни 2019 година, со емисии кои достигнаа 13,000 м.
Климата на островите се одликува со долги, студени, бурни зими и кратки и магливи лета. Просечните годишни врнежи се од 1020 до 1270мм., најчесто во вид на снег. Според Кепеновата класификација на климата повеќето острови имаат субарктичка клима (Dfc ), но Кунашир има умереноконтинентална (Dfb). Сепак, климата на Курилските острови е послична со субполарната океанска клима во југозападна Алјаска отколку на хиперконтиненталната клима во Манџурија и во Сибир, бидејќи врнежите се обилни а нема ни вечен мраз. Летата се благи, и само 1 до 3 месеци температурата се искачува над 10 °C и студени, снежни, ветровити зими со температури од -3 °C, но најчесто под -10 °C.
Вегетативната покривка се менува и почнува од тундра на север до густи шуми од смрека и ариш на поголемите јужни острови. Највисоката кота на островите е вулканот Алаид (2339 м.) на Атласовиот Остров на северниот крај од ланецот.
Пределите на островите се сочинети од разни видови на плажи и карпести брегови, карпи, широки реки и брзи чакалести потоци, шуми, пасишта, алпска тундра, кратерски езера и тресетни мочуришта. Почвата е претежно плодна, поради периодичните приливи на вулканска пепел и, на одредени места, затоа што е збогатена со гвано од морските птици.
Екологија
[уреди | уреди извор]Море
[уреди | уреди извор]Безрбетници: Големите наноси на алги со кои е опкружен речиси секој остров се живеалиште за морските ежови, разни мекотели и безброј други безрбетници и нивните придружни грабливци. Многу видови лигњи се главна компонента во исхраната на многу помали морски цицачи и птици долж ланецот.
Риба: Полокот, тихоокеанскиот бакалар, и неколку видови плоснати риби се од најголемо комерцијално значење. Во текот на 1980-тите, преселната јапонска сардина беше една од најзастапените риби во лето.
Морски видри: Морските видри биле експлоатирани за нивното крзно во 19 век, што може да се види од записите за лов на китови од 19 и 20 век.[7]
Морски птици: Курилските острови се дом на милиони морски птици, меѓу кои и галеби и корморани. На многу од помалите острови во текот на летото, каде нема копнени грабливци, речиси во секоја ниша, и на секоја карпа има гнезда од птици.[8]
Копно
[уреди | уреди извор]Светскот фонд за природа дели Курилските острови на два екорегиони. Јужните Курилски Острови, заедно со Сахалин, го сочинуваат екорегионот на мешани шуми. Северните острови се дел од екорегионот наречен Камчатка-Курилски ливади и ретките шуми, кој се протега на полуостровот Камчатка и Командорските острови.
Поради релативно малата големина и изолираноста на централните острови, само мал број на копнени цицачи ги населуваат, иако црвените и поларните лисици се донесени заради трговијата со крзно во 1880-тите. Најголемиот дел од биомасата на копнените цицачи ја сочинуваат глодачите. Најголемите острови се населени со кафеава мечка, лисици и куни. На појужните острови се наоѓаат некои видови елени. Се тврди дека дивата мачка, Курилскиот Бобтејл, потекнува од Курилските Острови. Мачката е припитомена и се одгледува во Русија каде што е популарна домашна мачка.
Од копнените птици, најчести се гавраните, дивите соколи, некои видови врапци и тресиопашки.
Историја
[уреди | уреди извор]Народот Ајни ги населувал Курилските острови уште од дамнешни времиња, но сепак записите датираат не порано од 17 век. Јапонија ја презела контролата врз островите за време на Едо (1603-1868) во форма на побарувања од кланот Мацумае. Се тврди дека Јапонците знаеле за северните острови 370 години пред да се објави Картата на Јапонија од ерата на Шохо (мапа на Јапонија направена од Токугава шогунатот во 1644 година, која прикажува 39 големи и мали острови североисточно од Хокаидо. Холандска експедиција под водство на Мартен Гериц Врис ги истражувала островите во 1643 година. Тој ги открил островите Итуруп и Уруп и теснецот Врис меѓу нив, а на 1 јули истата година го открил и островот Кунашир. Во 1697 година, русинот Владимир Атласов стигнал до најјужната точка на полуостровот Камчатка, и го открил најсеверниот остров Шумшу и дал првични информации за островите. Во јули и август 1738 година, руските морепловци Мартин Спанберг (од данско потекло) и Вилијам Вартон (од англиско потекло) за време на нивното патување во Јапонија ги откриле, мапирале и именувале соодветно: 31 остров од северната група до теснецот Врис; и 26 острови од јужната група. Врз основа на нивните откритија во 1745 година, овие острови се наведени на „Општата карта на Руската империја“ во објавениот „Академски атлас“. Во јуни 1805 година, првиот руски морепловец низ светот, Иван Крузенштерн, детално мапирал дел од северната група до теснецот Надежда.
На 26 јануари (7 февруари) 1855 година меѓу Русија и Јапонија е потпишан т.н. договор за трговија, навигација и разграничување, според кој Курилските острови се поделени по теснецот Врис - на север за Русија и на југ за Јапонија. На 25 април (7 мај) 1875 година, во Санкт Петербург бил потпишан нов договор со кој на Јапонија ѝ се доделуваат сите Курилски острови, а Русија го задржува Сахалин. По завршувањето на Втората светска војна, со договорот на Јалта, Курилските острови целосно се припоени кон СССР. Островите имаат големо геостратешко значење. Нивната припадност кон Русија е оспорувана од Јапонија
Население
[уреди | уреди извор]Во 2013 г., на Курилските острови живееле 19.434 луѓе. Според етничката припадност тоа се: Руси, Украинци, Белоруси, Татари, Нивхи, Ороци и Ајни. Главна религија е православното христијанство. Некои од селата се постојано управувани од руски војници (особено во Кунашир по неодамнешните тензии). Други се населени со цивили, кои се претежно рибари, работници во рибните фабрики, докери и работници од социјалната сфера (полицајци, медицински лица, учители итн.). Неодамнешните градежни работи на островите привлекуваат многу работници мигранти од Русија и други постсоветски држави. Во 2014 година, имало само 8 населени острови од вкупно 56. Населението на островот Итуруп го сочинуваат над 60% етнички украинци.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Kuril Islands“. Britannica.com.
- ↑ „Архивиран примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-01-14. Посетено на 2011-02-01.
- ↑ „Kuril Islands: factfile“. The Daily Telegraph. London. November 1, 2010.
- ↑ 4,0 4,1 Koike, Yuriko (31 March 2014). „Japan's Russian Dilemma“.
- ↑ „Kuril Islands: Russia and Japan push to resolve Kuril Islands dispute“. FinTimes. USA. November 28, 2018.
- ↑ Central Kuril Island Tsunami in Crescent City, California Архивирано на 26 февруари 2010 г. University of Southern California
- ↑ Clapham, P. J.; C. Good; S. E. Quinn; R. R. Reeves; J. E. Scarff; R.L. Brownell Jr (2004). „Distribution of North Pacific“. Journal of Cetacean Research and Management. 6 (1): 1–6.
- ↑ „Kuril islands (between Urup and Paramushir)“. BirdLife Data Zone. BirdLife International. 2021. Посетено на 7 February 2021.
|