Умереноконтинентална клима

Од Википедија — слободната енциклопедија

Умереноконтиненталната клима е застапена во: Пелагонија, Преспа, Кичевско, Овче Поле, Куманово, Славиште и во Малешевијата. Имено, во текот на зимата овие простори се под влијание на студените воздушни маси кои доаѓаат од север, а во текот на летото се под влијание на топлите воздушни маси кои доаѓаат од југ. Така, во однос на јануарските и јулските температури меѓу одделни подрачја со умереноконтинентална клима се јавуваат поголеми разлики, кои се последица на географската широчина, надморска височина и влијанието на воздушните маси. Просечната средна годишна температура се движи од 10°С до 12°С, а просечните јануарски температури се движат од 0°С до +1°С или -1°С, додека, пак, просечната јулска температура на воздухот се движи од 19°С до 22°С. Средната јулска температура на воздухот е највисока во Овче Поле, а средната јануарска температура на воздухот е највисока во Малешевија. Просечното годишно количество врнежи се движи од 490 мм во Овче Поле, 640 мм во Пелагонија, до 760 мм во Преспа. Врнежите паѓаат во вид на дожд и снег, а честа е и појавата на град.

Жупска клима има во котлините со умереноконтинентална клима кои се заштитени од студените воздушни струења. Таа се одликува со топли лета и поблаги зими. Жупската клима е застапена во Полошката и Дебарската Котлина.

Умереноконтиненталната клима се одликува со умерено влажни и студени зими и со умерено суви и топли лета. Пролетта е посвежа и трае покусо од есента.

Поврзано[уреди | уреди извор]