Институт за класични студии

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Институт за класични студии — една од најстарите студиски групи на Филозофскиот факултет — Скопје. Својата наставно-научна дејност ја почнува во првата половина на 1920-тите, во рамките на тогашниот Филозофски Факултет во Скопје — експозитура на Филозофскиот факултет во Белград. По Втората светска војна, тој станува дел од јадрото околу кое се формира македонскиот државен универзитет.

Историјат[уреди | уреди извор]

Почетоци[уреди | уреди извор]

Лого на Институтот

Создавањето на Институтот за класични студии е тесно врзано со создавањето на Универзитетот во Скопје и неговото јадро — Филозофскиот факултет. Како една од првите шест наставно-научни единици на Историско-филолошкиот оддел при овој факултет, Институтот за класични студиија ја започнува својата дејност во 1946 година, како Семинар за класична филологија, со минимален наставен кадар (проф. д-р Михаил Д. Петрушевски и асистент Анастас Таховски). Основачот на Семинарот проф. Михаил Д. Петрушевски, воедно станува и прв декан на Филозофскиот факултет во периодот 1946-9 година. Како раководител, прво на Семинарот, а потоа на Катедрата за класична филологија, професорот Петрушевски создава солидна база за натамошен развој на наставно-научната дејност на Катедрата, снабдувајќи ја Семинарската библиотека со најнужната литература (текстови, прирачници, студии, лексикони, енциклопедии и сл.).

Во 1950 год. проф. Петрушевски е иницијатор за издавањето на научното списание од областа на класичните студии Жива Антика, единствено од овој вид на просторите на тогашна Југославија, при што станува негов главен и одговорен уредник. Ова списание континуирано се издава и денес. Во него објавуваат свои трудови значајни научници од земјата и од странство, а се дистрибуира во научните центри на сите континенти во светот. Поради тоа го има статусот на меѓународно научно списание, атестирано како такво од УНЕСКО. Преку размената на ова списание Институтот за класични студии остварува соработка со бројни сродни списанија од светот и на тој начин редовно и со најнови вредни наслови од областа се збогатува библиотечниот фонд на Институтот.[1]

До 1956 год. целокупната настава по фундаменталните предмети на Семинарот за класична филологија ја изведува професорот Михаил Д. Петрушевски во соработка со асистентот Анастас Таховски. Во тој период како гости во наставата се приклучуваат и професорите од Филозофскиот факултет] во Белград — проф. д-р Милан Будимир и проф. д-р Милош Н. Ѓуриќ. Во 1956 год. Семинарот прераснува во Катедра за класична филологија, кадровски подзасилена со изборот на д-р Богдан Стевановиќ, кој ја презема наставата по Историја на старогрчката и римска литература, на Елена Зографска како лектор по старогрчки јазик и на Петар Хр. Илиевски како асистент по Грчка и Латинска историска граматика. Во 1958 год. е избран и лектор по латински јазик — Борка Јосифовска.[2]

1960—1980[уреди | уреди извор]

Проф.д-р Љубинка Басотова

По докторирањето и изборот за доцент на Петар Хр. Илиевски (1961), се избираат уште два асистента: Јани Филовски — по старогрчки јазик и Љубинка Басотова — по латински јазик. Наставниот и помошнонаставниот кадар од Катедрата за класична филологија изведува настава и на другите катедри на тогашниот Филозофски факултет — за историја, за романска филологија и за албанологија, а се држат и курсеви по старогрчки јазик и компаративна лингвистика за наставниците и соработниците на Филозофскиот факултет кои пројавиле интерес за овие дисциплини.

Во академската 1959/60 година на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје редовно се одржуваат научни состаноци, на кои се презентираат резултатите од научните истражувања на членовите на катедрата од областа на микенологијата — тогаш новата дисциплина во класичната филологија, анализа и критика на текстови, предавања од историјата на литературата, археологијата, митологијата, балканистиката и други. На ваквите состаноци присуствуваат и учествуваат и наставници од другите катедри на Факултетот, како и наставници по класичните јазици од средните училишта.

Почнувајќи од 1958 г. воспоставени се контакти на меѓународно ниво, така што наставниците од Катедрата за класична филологија учествуваат на повеќе меѓународни собири во многу европски земји (Германија, Англија, Бугарија, Италија, Шпанија, СССР, Словенија, Грција, Полска и др.), а пред наставниците и студентите од Катедрата со свои излагања гостуваат професори од странство (Грција, Романија, Бугарија, Полска, САД, Англија и др.). По донесувањето на законот за високо образование од 1977 год., Катедрата за класична филологија е преименувана во Наставно-научна група за класични студии, а од 1988 г. во Институт за класични студии.

Научните екскурзии се обврзен дел од активностите на Институтот; Делфи, 2006 год.

Наставните планови и програми на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје од неговото основање во 1946 година се подложувани на неколкукратни корекции во функција на подобрување на квалитетот и ефикасноста на студирањето. Првичниот план и програми биле сообразени со наставните планови и програми на соодветните студии на другите универзитетски центри во тогашна Југославија. Нагласката на овие планови и програми била ставена врз изучувањето на класичните јазици (старогрчкиот и латинскиот, нормативна и историска граматика) и старогрчката и римската литература. Со текот на времето, тие се прошируваат со нови дисциплини, сродни со класичната филологија (историја на Стара Грција и Рим, археологија), како и со предметите филозофија, социологија, педагогија, психологија и сл.

Во 1977 година е направена ревизија на наставните планови, при што е понудена и можноста старогрчкиот и латинскиот јазик да се избираат како втор главен предмет на некои наставно научни студиски групи на Филозофскиот и Филолошкиот факултет (Историја, Историја на уметноста со археологија, Романска филологија и Албанологија). Подготвени се посебни наставни планови и програми за шестсеместрални студии (изучување на нормативните и историските граматики, како и на старогрчката и римската литература).

Професорите и асистентите на Институтот со гости од странство: ФЗФ, Скопје, 2006 год.

Со време, наставниот и соработничкиот кадар на Институтот за класични студии се зголемува и стекнувајќи пропишани квалификации се здобива со повисоки наставни звања: Професорот д-р Михаил Д. Петрушевски, основачот на Институтот и првиот декан на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1957 година е избран за редовен професор; доцентот д-р Богдан Стевановиќ во 1961 година е избран за вонреден, а 1967 за редовен професор; д-р Петар Хр. Илиевски во 1956 година е избран за асистент, во 1960 година, по одбрана на докторатот за доцент, во 1966 е избран за вонреден, а во 1971 година за редовен професор. Асистентот Јани Филовски и Љубинка Басотова, во 1972 година се избрани за лектори по старогрчки и латински јазик, Љубинка Басотова во 1978 година е избрана за предавач по латински јазик, во 1982 година за виш предавач, а во 1994 година за вонреден, а во 1999 година за редовен професор по Нормативна латинска граматика. Лекторот Елена Зографска во 1971 година е избрана за предавач по Историја на старогрчката и римска литература, а во 1982 година за виш предавач по истите предмети. Лекторот Борка Јосифовска во 1969 година е избрана за виш предавач по одбраната на хабилитационен труд во 1974 година е унапредена во звањето вонреден професор по латински јазик. Во 1974 година за лектор по старогрчки јазик е избрана Елена Колева, која во 1984 година е избрана за предавач по предметот Античка литература, 1992 година, по одбраната на докторатот е унапредена во звањето доцент, две години подоцна за вонреден, а во 2000 година за редовен професор по истиот предмет.

1980—2009[уреди | уреди извор]

ЕврипидоватаАлкестида“ во изведба на студенти од Институтот; Антички театар во Ефес, 2004 г.

Во осумдесеттите години на минатиот век се одвива процес на засилено кадровско зајакнување на Институтот за класични студии. Во 1980 година како помлад асистент е примена Маргарита Бузалковска која во 1985 година, по одбраната на магистерскиот труд е избрана за асистент и во ова звање, со одобрување на Наставно-научниот совет ја држи наставата и вежбите по Историските граматики на старогрчкиот и латинскиот јазик, по пензионирањето на академик проф. д-р Петар Хр. Илиевски во 1986 година, која по докторирањето во 1996 година е избрана за доцент, во 2001 година за вонреден, а во 2006 година за редовен професор. Во 1986 година во звањето асистент по Античка литература е избран Витомир Митевски, кој по докторирањето во 1990 година е избран за доцент, во 1995 година за вонреден професор по предметот Античка литература II, а во 2000 година за редовен професор. Во 2009 година е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Во 1985 година како приправник, а следната година како помлад асистент е избрана Весна Томовска, која по одбраната на магистерскиот труд е избрана за асистент по Античка литература во 1991 година; по докторирањето во 2004 година е избрана за доцент, а 2009 година за вонреден професор. Во звањето лектор по старогрчки и латински јазик во 1986 година е избрана Даница Чадиковска.[3] Во 1987 година за помлад асистен е избрана Весна Димовска; по одбраната на магистерски труд и таа е избрана за асистент по предметот Нормативна латинска граматика, а по докторирањето во 2001 година е избрана за доцент, а 2006 година за вонреден професор.

Во антиката може да се ужива: храна од антиката, подготвена од студенти на ИКС

Во 1993 година во звањето помлад асистент по Античка литература е избран Валериј Софрониевски, кој магистрира во 1996 година, кога е избран за асистент по старогрчки јазик; по докторирањето, во 2001 година е избран за доцент, во 2006 година за вонреден професор, а во 2010 година за редовен професор. Во 2001 година се примени двајца помлади асистенти:[4] Елена Џукеска по предметите Историска граматика на старогрчкиот и Историска граматика на латинскиот јазик, која во 2004 година е избрана за асистент, а во 2009 година, по докторирањето, за доцент по истите предмети и Ратко Дуев по предметот Античка литература, кој по магистрирањето во 2003 година е избран за асистент, а по докторирањето во 2010 година за доцент по предметите Античка митологија и Античка култура.

Напоредно со наставниот ангажман, вработените на Институтот пројавуваат и голема творечка научна дејност, која, според тематската ориентација профилира еден вид скопска школа по класична филологија. Тука се издвојуваат истражувањата на Аристотеловата теорија на литературата што ги започна проф. Михаил Д. Петрушевски; на нив се надоврзува проф. Елена Колева со својата докторска теза, а потоа се појавуваат и неколку преводни толкувања од областа на филозофијата и реториката на овој голем антички мислител. Посебен печат на Институтот му даваат истражувањата од областа на микенологијата, со кои, покрај проф. Михаил Д. Петрушевски, се зафаќа и проф. Петар. Хр. Илиевски. Со своите оригинални научни решенија, презентирани на светските научни собири, тие го раширија името на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје како значаен центар за микенолошки студии, од кој произлегоа и помлади истражувачки кадри во и надвор од Институтот: проф. Маргарита Бузалковска Алексова, м р Миодраг Тодоровиќ и др. Во областа на античката филозофија и епската поезија се објавени истражувањата на акад. Витомир Митевски, а од теоријата на литературата истражувањата на проф. Валериј Софрониевски и проф. Весна Томовска.[5]

Студенти од Институтот ја изведуваат комедијата „Грне“ од Плаут; Дом на културата „Григор Прличев“, Охрид, 2009 год.

Последниве децении посебно е интензивирана преведувачката дејност. Една долга низа на класичари кои работат на Институтот или произлегле од него, објавија импозантен број преводи од класичната литература на македонски јазик. На тоа секако влијаеше личниот избор, но и условите што се наложија со осамостојувањето на Република Македонија. Беше потребно на македонскиот читател да му се овозможи пристап до капиталните класични дела на мајчиниот јазик, што во голема мера беше постигнато за релативно кус период. Посебно место заслужува појавата на универзитетските учебници, прирачници и наставни помагала од областа на класичната филологија, каде свои прилози даваат Елена Зографска, Даница Чадиковска, Витомир Митевски и Валериј Софрониевски. Во 2001 година од пазувите на Институтот излегува и капиталниот Латинско-македонски речник, со чиешто издавање конечно и македонскиот јазик станува дел од цивилизацискиот мозаик на двемилениумската заоставштина од лексикони на латински јазик. Девет години подоцна се појавува и првиот, развојно конципиран, Старогрчко-македонски речник, прво во книжовна, а потоа и во електронска (online) верзија.[6]

Во текот на деведесеттите години на минатиот век се преземени некои помали интервенции во наставниот план на класичните студии, при што затекнатото разграничување на старогрчката од римската литература е напуштено за сметка на современото презентирање на античката литература по видови: античка епика, лирика, филозофија, драма, историографија, реторика и др.

Со воведувањето на Европскиот кредит трансфер систем во 2004 година, се преземаат крупни промени во студиската програма. Задржани се носечките предмети на класичната филологија (во збиен блик), но се внесуваат и многу нови предмети со задолжителен, изборен и факултативен статус. На студиската програма тоа и' дава поголема динамичност, но и разновидност, а наедно отвора можност за понатамошни иновации и студиски проширувања согласно со потребите на високото образование во оваа област. По четиригодишниот период од воведувањето на новата студиска програма, се сумираат искуствата и резултатите од изминатиот период и се вршат значителни интервенции во студискиот курикулум, што резултира со нова, значително видоизменета студиска програма, чија примена стартува во учебната 2009/10 година.

Во 1997 година се обновуваат и постдипломските студии на Институтот, кои првобитно имаат две насоки: јазик и литература. Со воведувањето на европскиот кредит-трансфер систем, се преземаат темелни промени и на овој план, при што, покрај стандардните дисциплини од класичната филологија, во постдипломските студии се вклучува и студиска програма по византиска култура (литература, јазик и сл.). Зголеменото интересирање на запишаните кандидати за овие насоки ја покажува оправданоста од нивното постоење. Паралелно со најновите измени во додипломската студиска програма, се вршат промени и во постдипломската студиска програма по класична филологија, која стартува во почетокот на учебната 2009/10 година.

Од 1990 година наваму, при Институтот за класични студии се одбранети и девет докторски тези.

Дејност[уреди | уреди извор]

Студии[уреди | уреди извор]

Покрај додипломските студии, на Институтот се организирани постдипломски студии, како и докторски студии од областа на класичните науки. Дипломираните студенти се стекнуваат со звањето Дипломиран класичен филолог, додека со завршувањето на постдипломските, односно докторските студии со научниот степен Магистер по класична филологија, односно Доктор по класични науки.

Меѓундародни конференции[уреди | уреди извор]

Антиката и европската наука и култура, научен собир одржан во рамките на јубилејот 60 години ИКС

На планот на научната соработка Институтот за класични студии зема учество како соорганизатор на неколку значајни научни собири:

  • 1. Прв научен собир Антика и античко наследство кај нас, одржан во Охрид од 15 до 19 септември 1977 година, на кој учествуваат класични филолози од сите републики на поранешната СФРЈ.
  • 2. Осми меѓународен микенолошки колоквиум, одржан во Охрид од 15 до 20 септември 1985 година, на кој учествуваат микенолози од повеќе земји од светот.
  • 3. Петти научен собир на Сојузот на друштвата за антички студии на СФРЈ Грчко-римската антика во Југославија и на Балканот, одржан во Скопје од 26 до 29 септември 1989 година.
  • 4. Меѓународна конференција 50 години Жива Антика, одржанa во Охрид 4–8 декември 2000 година.
  • 5. Меѓународен научен собир Класика-балканистика-палеославистика, одржан во МАНУ, Скопје 18–19 ноември 2005 година.
  • 6. Меѓународен научен собир Антиката и европската наука и култура, одржан на Филозофскиот факултет во Скопје, 21–22 ноември 2006 година
  • 7. Меѓународен научен собир Aeternitas Antiquitatis, одржан во Скопје, во рамките на Годишната конференција на EUROCLASSICA одржана во Скопје-Охрид, од 27 до 30 август, 2009 година, на која учествуваат класични филолози од дванаесет европски земји.[7]
  • 8. Меѓународен научен собир 100 години од раѓањето на академик Михаил Д. Петрушевски, одржан во МАНУ, Скопје, 14-15 октомври 2011 година.[8]

Активности и членства[уреди | уреди извор]

Наставниците и соработниците на Институтот за класични студии имаат објавено голем број научни и стручни студии во разни меѓународни научни списанија, книги, средношколски и универзитетски учебници. Членовите на Институтот се афирмирани во светот како врвни специјалисти во микенологијата (Академик проф. д-р Михаил Д. Петрушевски, академик проф. д-р Петар Хр. Илиевски); учествуваат на бројни научни собири во земјата и странство со свои прилози. Тројца членови на Институтот проф. д-р Михаил Д. Петрушевски, проф. д-р Петар Хр. Илиевски и проф. д-р Витомир Митевски, за високите дострели во науката и уметноста се избрани за редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите. Исто така, членови на овој Институт активно соработуваат со бројни научни институции: академик Михаил Д. Петрушевски бил член – редактор на списанието „Ваlkanika“, член на Југословенскиот комитет за балканологија, член на Центарот за балканолошки истражувања при АНУБиХ, на Меѓународниот одбор на Балканологија при Балканолошкиот институт на САНУ, член на Меѓународниот одбор за Речникот на средновековниот и нововековниот латинитет при ЈАЗУ, член на Меѓународниот комитет на ЕIRЕNЕ, главен и одговорен уредник на „Жива Антика“,[9] уредник на Прилози на МАНУ и др.; Академикот проф. д-р Петар Хр. Илиевски соработува со Катедрата за јужнословенски јазици, Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“, член е на Постојаната меѓународна комисија за микенолошки студии при УНЕСКО, одговорен уредник на публикацијата „Словенска писменост“, главен и одговорен уредник на „Жива Антика“,[10] член на ЕIRENЕ, член на Центарот за балканолошки истражувања при АНУБиХ, соработник на Републичкиот завод за унапредување на образованието и воспитанието на Македонија; Вонредниот професор Борка Јосифовска е член на Интеракадемскиот одбор за антички натписи во поранешната СФРЈ, член на Таbula imperii Romani и член на Центарот за епиграфија и нумизматика во Белград.

Признанија[уреди | уреди извор]

За големиот придонес на полето на науката некои членови на овој Институт се почестени со највисоки општествени признанија: Академикот проф. д-р Михаил Д. Петрушевски е двократен добитник на највисокото републичко признание, наградата „11 Октомври“ и тоа во 1971 година за животно дело, а 1976 година за препевот „Скендербег“ од Григор Прличев. Во 1982 година тој е добитник и на највисокото општествено признание во поранешната СФРЈ, наградата „АВНОЈ“ за животно дело. Академикот проф. д-р Петар Хр. Илиевски е исто така двократен добитник на наградата „11 Октомври“ и тоа 1972 година за студијата „Крнински дамаскин“ и 1990 година за животно дело и студијата „Балканолошки студии“. За значајните придонеси во преведувањето автори од антиката до ренесансата, проф. д-р Љубинка Басотова во 2001 година е добитник на наградата „Кирил Пејчиновиќ“,[11] а во 2006 година е добитник и на наградата „11 Октомври“.[12] Во 2008 година академик проф. д-р Витомир Митевски е добитник на наградата „13 Ноември“, за едицијата „Античка филозофија“.[13] За својот 40-годишен педагошки, научен и преведувачки ангажман, во 2009 година проф. д-р Елена Колева е добитник на наградата „Св. Климент Охридски“.[14] И други наставници на Институтот се носители на високи државни одликувања, како признание за својата дејност на наставен и научен план.

Активности врзани со средното образование[уреди | уреди извор]

Секоја година Институтот организира и реализира натпревари по класични јазици за учениците од средните училишта.

Институтот за класични студии постојано и активно соработува и со Републичкиот завод за образование и воспитание на Република Македонија, изготвува наставни програми по предметите Латински јазик и Старогрчки јазик за средното образование, организира разновидни семинари за перманентно усовршување за средношколскиот наставен кадар, секоја пролет подготвува и изведува републички натпревари по класични јазици што се одржуваат во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје, го инспектира изведувањето на наставата по латински и старогрчки јазик во средните училишта во Републиката и врши советодавна дејност во врска со наставата по класичните јазици.

Списанија[уреди | уреди извор]

Покрај споменатото меѓународно научно списание од областа на класичните студии Жива Антика, во чиешто уредништво учествуваат членови на Институтот за класични студии, од 2002 година од пазувите на Институтот се појавува и електронското списание Systasis, кое дава значаен печат во афирмацијата на класиката и класичното образование кај нас.


Предмети што се изучуваат на Институтот[уреди | уреди извор]

Во долните табели се дадени модулите и предметите што може да се изучуваат на додипломските студии на Институтот за класични студии.[15] Максималниот број на предмети по семестар изнесува 5 (пет), а изборот го прави самиот студент.


Класична филологија со антички студии или со византологија[уреди | уреди извор]

Задолжителен модул - Класична филологија

I семестар II семестар III семестар IV семестар V семестар VI семестар VII семестар VIII семестар
Античка митологија Античка лирика Античка драма Античка филозофија Античка реторика Грчка историска морфологија Класична археологија 1 Античка метрика и музика
Античка епика Историја на античкиот свет Старогрчки јазик Старогрчки автори Грчка историска фонетика Латинска историска морфологија Античка проза Дипломска работа
Старогрчки јазик Старогрчки јазик Латински јазик Латински автори Латинска историска фонетика Византиска книжевност
Латински јазик Латински јазик

Изборен модул - Антички студии

Увод во класичната филологија Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на ФЗФ Секојдневниот живот во Хелада и Рим Читање старогрчки текстови Читање латински текстови Предмет од листата на ФЗФ Микенската култура и линеарното Бе писмо
Антиката и европската култура Историја на античките Македонци до 323 г. пр.Хр. Историја на Римската Империја Увод во латинска епиграфика Увод во грчка епиграфика Предмет од листата на УКИМ Класична археологија 2
Грцизми и латинизми во македонскиот јазик Антички религии Увод во грчка палеографија Увод во латинска палеографија Предмет од листата на УКИМ Дидактика на класичните јазици
Религијата на Хелените Рецепција на класичната култура Античка поетика Новогрчки јазик Предмет од листата на ФЗФ
Древномакедонски глоси Хомер и документите на линеарното Бе писмо Предмет од листата на УКИМ

Изборен модул - Византологија

Увод во класичната филологија Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на ФЗФ Новозаветен и византиски грчки Византиска уметност Византиска филозофија Предмет од листата на ФЗФ Византиски автор
Антиката и европската култура Византиска култура Историја на Византија Старословенски јазик Византиска реторика Предмет од листата на УКИМ Византиска нумизматика
Грцизми и латинизми во македонскиот јазик Антички религии Увод во грчка палеографија Византиска историографија Предмет од листата на УКИМ Дидактика на класичните јазици
Византиска археологија Античка поетика Новогрчки јазик Предмет од листата на ФЗФ
Предмет од листата на УКИМ


Старогрчки јазик и античка книжевност со изборни модули[уреди | уреди извор]

Задолжителен модул - Старогрчки јазик и античка книжевност

I семестар II семестар III семестар IV семестар V семестар VI семестар VII семестар VIII семестар
Старогрчки јазик Старогрчки јазик Старогрчки јазик Старогрчки автори Читање старогрчки текстови Грчка историска морфологија Античка реторика Дидактика на класичните јазици
Античка епика Античка лирика Античка драма Античка филозофија Грчка историска фонетика Античка метрика и музика Антиката и европската култура Психологија
Латински јазик Секојдневниот живот во Хелада и Рим Античка митологија Античка проза Грцизми и латинизми во македонскиот јазик Древно македонски глоси Педагогија Дипломска работа

Изборен модул - Македонски јазик

Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Правопис и правоговор со фонетика и фонологија на СМЈ Развој на македонскиот писмен јазик Морфологија на СМЈ Зборообразување на СМЈ Лексикологија со фразеологија на МЈ Лингвостилистика на СМЈ
Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Старословенски јазик 1 Старословенски јазик 2 Истриска фонологија на МЈ Историска морфологија и лексикологија Синтакса на СМЈ Дијалектологија на МЈ 2
Општа лингвистика Преглед на лингвистиката Социолингвистика Ономастика Дијалектологија на МЈ 1 Балканска лингвистика
Психолингвистика Прагматика Семантика Основи на врзаниот текст

Изборен модул - Француски јазични студии

Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Француски јазик 1 Француски јазик 2 Француски јазик 3 Француски јазик 4 Француски јазик 5 Француски јазик 6
Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Морфосинтакса на францускиот јазик 1 Морфосинтакса на францускиот јазик 2 Синтакса на францускиот јазик 1 Синтакса на францускиот јазик 2 Семантика на францускиот јазик Прагматика на францускиот јазик
Фонетика на францускиот јазик Корективна фонетика на францускиот јазик Информатичка лингвистика за француски јазик 1 Информатичка лингвистика за француски јазик 2 Контрастивна граматика на францускиот и на македонскиот јазик 1 Контрастивна граматика на францускиот и на македонскиот јазик 2
Историја на францускиот јазик со историска граматика (преглед) Заемките во францускиот јазик Француски јазик со медиумска поддршка (Напредно ниво - TV5 Monde) Споредбена граматика на романските јазици Француска лексикографија

Изборен модул - Француски книжевно-културолошки студии

Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Француски јазик 1 Француски јазик 2 Француски јазик 3 Француски јазик 4 Француски јазик 5 Француски јазик 6
Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Преглед на француска литература: историја и периодизација Француска поезија на XIX и XX век Француска книжевност на Просветителството и Предромантизмот Француски роман XIX век Француски роман XX век Француски театар XX век
Француска книжевност на Среден век и Ренесанса Француски класицизам Француска култура и цивилизација (од времето на Просветителството до V-та Република) Франкофонски култури Франкофонски литератури Француски Нов Роман
Француска култура и цивилизација (современи состојби) Француска култура и цивилизација (од почетоците до времето на Луј XIV) Стилска анализа на француски текстови Литературен превод (дијалошки структури - драмски текстови) Превод и препев на француска поезија


Латински јазик и античка книжевност со изборни модули[уреди | уреди извор]

Задолжителен модул - Старогрчки јазик и античка книжевност

I семестар II семестар III семестар IV семестар V семестар VI семестар VII семестар VIII семестар
Латински јазик Латински јазик Латински јазик Латински автори Читање латински текстови Латинска историска морфологија Античка реторика Дидактика на класичните јазици
Античка епика Античка лирика Античка драма Античка филозофија Латинска историска фонетика Античка метрика и музика Антиката и европската култура Психологија
Старогрчки јазик Секојдневниот живот во Хелада и Рим Античка митологија Античка проза Грцизми и латинизми во македонскиот јазик Рецепција на класичната култура Педагогија Дипломска работа

Изборен модул - Македонски јазик

Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Правопис и правоговор со фонетика и фонологија на СМЈ Развој на македонскиот писмен јазик Морфологија на СМЈ Зборообразување на СМЈ Лексикологија со фразеологија на МЈ Лингвостилистика на СМЈ
Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Старословенски јазик 1 Старословенски јазик 2 Истриска фонологија на МЈ Историска морфологија и лексикологија Синтакса на СМЈ Дијалектологија на МЈ 2
Општа лингвистика Преглед на лингвистиката Социолингвистика Ономастика Дијалектологија на МЈ 1 Балканска лингвистика
Психолингвистика Прагматика Семантика Основи на врзаниот текст

Изборен модул - Француски јазични студии

Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Француски јазик 1 Француски јазик 2 Француски јазик 3 Француски јазик 4 Француски јазик 5 Француски јазик 6
Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Морфосинтакса на францускиот јазик 1 Морфосинтакса на францускиот јазик 2 Синтакса на францускиот јазик 1 Синтакса на францускиот јазик 2 Семантика на францускиот јазик Прагматика на францускиот јазик
Фонетика на францускиот јазик Корективна фонетика на францускиот јазик Информатичка лингвистика за француски јазик 1 Информатичка лингвистика за француски јазик 2 Контрастивна граматика на францускиот и на македонскиот јазик 1 Контрастивна граматика на францускиот и на македонскиот јазик 2
Историја на францускиот јазик со историска граматика (преглед) Заемките во францускиот јазик Француски јазик со медиумска поддршка (Напредно ниво - TV5 Monde) Споредбена граматика на романските јазици Француска лексикографија

Изборен модул - Француски книжевно-културолошки студии

Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Француски јазик 1 Француски јазик 2 Француски јазик 3 Француски јазик 4 Француски јазик 5 Француски јазик 6
Предмет од листата на УКИМ Предмет од листата на УКИМ Преглед на француска литература: историја и периодизација Француска поезија на XIX и XX век Француска книжевност на Просветителството и Предромантизмот Француски роман XIX век Француски роман XX век Француски театар XX век
Француска книжевност на Среден век и Ренесанса Француски класицизам Француска култура и цивилизација (од времето на Просветителството до V-та Република) Франкофонски култури Франкофонски литератури Француски Нов Роман
Француска култура и цивилизација (современи состојби) Француска култура и цивилизација (од почетоците до времето на Луј XIV) Стилска анализа на француски текстови Литературен превод (дијалошки структури - драмски текстови) Превод и препев на француска поезија

Библиотека[уреди | уреди извор]

Во исклучително богатиот библиотечен фонд на Институтот најстарата книга датира од 1520 година

Библиотеката на Институтот е една од најстарите и, бездруго, најбогатата библиотека на Филозофскиот факултет во Скопје. Опфаќа повеќе од 40.000 наслови: оригинални текстови на старогрчки и латински јазик (во бројни познати едиции: Loeb Classical Library, Bibliotheca Teubneriana и др.), книги од областа на класичната филологија (со голем број речници, лексикони и енциклопедии, меѓу кои и ретки наслови како Pauly-Wissowa енциклопедија) и науките сродни на неа. Преку постојаната размена на списанието Жива Антика во библиотеката секојдневно се слеваат голем број периодочни списанија, од кои добар дел не може да се најде никаде во нашето опкружување. Во просториите на семинарот се наоѓа и колекцијата книги - заоставштина на професорот Михаил Д. Петрушевски. Работното време на библиотеката во текот на делничните денови е од 08:15h до 15:30h (пауза 10:00h-10:30h).

Денешни наставници и соработници[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Темков, К. et al. (2006). Филозофски факултет во Скопје: 1920-1946-2006, Филозофски факултет, ISBN 9989-934-65-7
  • Прирачник за студенти (прв циклус студии) - Институт за класични студии (2013), Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Филозофски факултет

Надворешни врски[уреди | уреди извор]