Валериј Софрониевски
Валериј Софрониевски | ||
Роден | 4 јуни 1966 Скопје, Р Македонија | |
---|---|---|
Националност | Македонец | |
Познат | по лексикони на класичните јазици | |
Занимање | класичен филолог | |
Сопружник | Ева Софрониевски | |
Родители | Олга и Божо Софрониевски | |
Деца | Лавинија, Тимотеј |
Валериј Софрониевски (4 јуни 1966, Скопје) — македонски класичен филолог, славист, фолклорист, преведувач, лексикограф и универзитетски професор.
Живот и кариера
[уреди | уреди извор]Валериј Софрониевски е роден на 4 јуни 1966 година во Скопје. По дипломирањето во 1990 година на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1991 година се вработил како наставник по латински јазик во УСО „Гоце Делчев“ во Куманово, а напоредно бил ангажиран и на Филозофскиот факултет во Скопје, како стручен соработник. Од 1993 година бил вработен на Филозофскиот факултет при Институтот за класични студии како помлад асистент. Постдипломските студии што по дипломирањето ги започнал на Универзитетот во Белград, поради тогашните премрежија и распадот на СФРЈ, ги продолжил на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што и магистрирал во 1996 година, на полето на македонската фолклористика и старогрчката книжевност. Истата година бил избран во звањето асистент при ИКС и ги покривал вежбите по предметите античка литература и читање старогрчки текстови со метрика. Сообразно со кадровските потреби на Институтот, во меѓувреме почнал да ги изведува вежбите и по предметите морфологија и синтакса на старогрчкиот јазик. По докторирањето во декември 2000 година на Филозофскиот факултет во Скопје,[1] во 2001 година бил избран за доцент при Институтот за класични студии и ги држел предавањата по предметите морфологија на старогрчкиот јазик, синтакса на старогрчкиот јазик и старогрчки јазик, а од 2003 година и по предметите новозаветен и византиски грчки јазик, новогрчки јазик и јазична анализа на старогрчки текстови.[2] Во 2006 година бил избран за вонреден професор и почнал да држи предавања и по предметите применета класика и антиката на филм, а во 2010 година во звањето редовен професор при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, кога го вовел во студискиот курикулум и предметот рецепција на класичната култура.[3]
Дејност и творештво
[уреди | уреди извор]Научниот ангажман на д-р Валериј Софрониевски е фокусиран на јазикот, писмото и културата на Хелените, од класичниот и преткласичниот период, па сè до најново време и во оваа сфера тој остварува бројни истражувачки резултати со оригинално и автентично обележје. Целна група на неговите истражувања се и прашањата што го засегаат македонското книжевно наследство и неговото компаративно иследување со другите култури, а особено со нему најблиската, грчката. Како филолог–истражувач, остава печат и во славистиката и тоа во, можеби, најтешкиот нејзин дел, етимологијата. Софрониевски вниманието го свртува и кон новите хоризонти што совремието ги отвора пред истражувачите на класичната мисла и во нашата академска средина ја воведува рецепцијата на класиката во сите сегменти на човековата духовна еманација низ вековите.[4] Во научната мисла силен печат остава неговата уникатна теорија за леглото во старогрчката книжевност,[5] којашто во 2002 година ја бранува македонската научна и интелектуална јавност.[6] Во 2001 година од печат излегува неговиот капитален труд Латинско-македонски речник[7] со над 3,5 милиони карактери,[8] со што за првпат[9] и македонскиот јазик станува дел од културното наследство на нациите со лексикографска традиција во јазичните столбови на западната цивилизација.[10][11] Во меѓувреме, чувствувајќи го недостигот од литература по предметот старогрчки јазик, почнува со прилагодување и преведување на еден од најпознатите и, методолошки, најефективни универзитетски курсеви во светот за изучување на старогрчкиот јазик,[12] а резултатите од оваа работа академската средина ги здогледува во 2009 година.[13] Десетина години по латинскиот речник, Софрониевски се зафаќа со уште поголем потфат - изработка на исклучително (лексички, толковно, фразеолошки и референтно) обемен Старогрчко-македонски речник, кој паралелно треба да има и постојано ажурирана online варијанта.[14] Поради големината на овој потфат, датумот на конечната реализација е неопределен, но во меѓувреме, почнувајќи од 2010 година, овој речник почнува да излегува под насловот „развојна верзија“ и веќе има доживеано четири изданија.
Дела
[уреди | уреди извор]Авторски книги
[уреди | уреди извор]- Ајсоп и ајсоповските басни во македонските народни приказни (Матица Македонска, 1999); ISBN 9989-48-009-5
- Латинско-македонски речник (БИГОСС, 2001); ISBN 9989-44-012-3
- Поетика на леглото во старогрчката книжевност (Магор, 2003); ISBN 9989-851-82-4
- Lexicon graeco-macedonicum (evolutivum) (Контрапункт & Филозофски факултет, 2010); ISBN 978-608-65150-0-3
- Дескриптивна грчка фонетика и морфологија на име (Филозофски факултет, 2013); ISBN 978-608-238-003-2
- Старогрчко-македонски речник (развојна верзија)2 (ТРИ, 2013); ISBN 978-608-230-155-6
- Морфологија на старогрчкиот јазик (Филозофски факултет, 2013); ISBN 978-608-238-030-8
- Lexicon graeco-macedonicum (evolutivum)3 (Филозофски факултет, 2015); ISBN 978-608-238-062-9
- Старогрчко-македонски речник (развоен)4 (Филозофски факултет, 2017); ISBN 978-608-238-128-2
- Старогрчко-македонски речник (развоен): ἀ – ἀπογυμνάζω et temere5 (Филозофски факултет, 2022); ISBN 978-608-238-223-4
Преводи и препеви
[уреди | уреди извор]- Гај Јулиј Кајсар, Белешки за Галската војна (во соавторство со Љ. Басотова) (ТРИ, 2000); ISBN 9989-918-08-2
- Платон, Горгија (БИГОСС, 2004); ISBN 9989-44-117-0
- Ајсоп, Басни (ТРИ, 2008); ISBN 9989-153-50-7
- Платон, Теајтет (Профундум, 2011); ISBN 978-9989-2757-8-4
- Аристофан, Жени во собрание (ТРИ, 2013); ISBN 978-608-230-162-4
- Аристофан, Славенички на Тесмофории (ТРИ, 2014); ISBN 978-608-230-229-4
- Аристофан, Лисистрата (ТРИ, 2016); ISBN 978-608-230-415-1
- Платон, Менон (ТРИ, 2017); ISBN 978-608-230-500-4
- Антологија на старогрчки поговорки и мудрости (Publisher, 2018); ISBN 978-608-4569-77-0
- Платон, Филеб (ТРИ, 2019); ISBN 978-608-230-653-7
- Еврипид, Јон (Publisher, 2020); ISBN 978-608-489-214-4
- Еврипид, Децата на Херакле (ТРИ, 2021); ISBN 978-608-230-765-7
- Софокле, Кралот Едип (ТРИ, 2022); ISBN 978-608-230-842-5
- Еврипид, Медеја (ТРИ, 2023); ISBN 978-608-230-921-7
Учебници
[уреди | уреди извор]- Читање грчки : Граматика, речник и вежби, превод од англиски јазик, превод и препев од старогрчки јазик, прилагодувања и дополнувања (ТРИ, 2009); ISBN 978-9989-187-89-6
- Читање грчки : Текст, превод од англиски јазик, превод и препев од старогрчки јазик, прилагодувања и дополнувања (ТРИ, 2009); ISBN 978-9989-187-88-9
- Χρύσειον αʹ (Khryseion I ): Учебник по старогрчки јазик - почетно изучување (во соавторство), (МОН на РМ, 2010); ISBN 978-608-226-202-4
Интересни факти
[уреди | уреди извор]Mалку е познато дека како резултат на исклучителната посветеност и ангажираност на Софрониевски во наставната и образовната дејност, во текот на првото десетлетие од овој век на Институтот за класични студии биле реализирани повеќе интра и екстракурикуларни проекти, организирани и направени за или создадени од самите студенти. Овие вонредни активности, во вид на разни перформанси, изложби, читања, теренски настави, празничен прием на студенти, рецитации, претстави и сл., во голема мера го збогатиле студентскиот и академскиот живот и го обележале споменатиот период како еден од најактивните и најпродуктивните на Институтот за класични студии. Од овие проекти бездруго е вредно да се спомене препевот на Плавтовата комедија Грне што, под менторство на проф. Софрониевски, го направиле студенти од ИКС и според кого, од страна на самите студенти - учесници во проектот, во 2009 година, во рамките на годишната конференција на EUROCLASSICA во Охрид,[15] била изведена и драмска претстава, во режија на Валериј Софрониевски.
Малку е познато дека Софрониевски е автор на првиот македонски блог посветен на класичната филологија. Под името ГРАММАТА[16] овој блог се појавил на прагот од 2007 година и од самиот почеток почнал да ги бележи и пренесува бројните случувања, појави и новини од науката, културата, образованието и општествениот живот во земјата и во светот, кои на еден или на друг начин биле во некаква релација со антиката, филологијата, книжевноста, историјата, археологијата, итн. Воедно, овој блог започнал и да ги промовира класичните студии во македонската средина, објавувајќи забавни и интересни содржини под мотото Classics - way of life. Меѓутоа, откако неколку генерации студенти, професори и љубители на антиката израснале со него, во пролетта 2014, поради технички пропуст, од меѓумрежјето исчезнал овој блог заедно со сите податоци оставени на него.[17] Набргу, како негово продолжување се појавил блогот ТА ГРАММАТА,[18] но тој не успеал да ги достигне содржинската разновидност и широката популарност на претходниот.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Темков, К. et al. (2006), стр. 170
- ↑ Темков, К. et al. (2006), стр. 288
- ↑ Универзитетски весник, бр. 146, стр. 20-21
- ↑ ibid.
- ↑ v. Софрониевски, В. Поетика на леглото во старогрчката книжевност, ISBN 9989-851-82-4
- ↑ Форум, бр. 109, стр. 86-90; cf. и бр. 110, 111
- ↑ Латинско-македонски речник
- ↑ Класичните студии се факел за избраните, Денес, бр. 201, стр. 50-52
- ↑ Став, бр. 14, стр. 34
- ↑ Lateinische Wörterbücher - Eine illustrierte Bibliographie von Richard Wolf
- ↑ Список на автори на латински речници
- ↑ Joint Association of Classical Teachers, Reading greek (Cambridge University Press, 1978). Повеќе од триесет години овој курс е присутен на голем број универзитети, има доживеано над дваесет препечатувања и две изданија и е преведен на неколку јазици.
- ↑ Читање грчки (ТРИ, 2009), ISBN 978-9989-187-89-6 и ISBN 978-9989-187-88-9
- ↑ „Online верзија на Старогрчко-македонскиот речник“. Архивирано од изворникот на 2019-08-17. Посетено на 2019-08-17.
- ↑ „Euroclassica Congress 2009“. Архивирано од изворникот на 2019-08-17. Посетено на 2019-08-17.
- ↑ URL-адресата на овој блог била http://grammata.blog.mk/ Архивирано на 9 февруари 2014 г.
- ↑ „Изгледот на ГРАММАТА“. Архивирано од изворникот 2013-07-03. Посетено на 2013-07-03.
- ↑ v. „Надворешни врски“, ТА ГРАММАТА - Академски информативен портал за курсевите по грчки јазик
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Универзитетски весник, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
- Форум, магазин (Форум доо - Скопје, 2002)
- Денес, магазин (НИК „Денес“ д.о.о. - Скопје, 2001)
- Став, магазин на студиите по новинарство (Правен факултет - Скопје, 2001)
- Темков, К. et al., Филозофски факултет во Скопје: 1920-1946-2006, (Филозофски факултет, 2006); ISBN 9989-934-65-7