Институт за родови студии

Од Википедија — слободната енциклопедија

Институтот за родови студии е единаесетти по ред на формирање институт на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кои започнал да работи во 2007 година.

Историјат[уреди | уреди извор]

Идејата за основање додипломски родови студии произлезе од неколку членови на Катедрата за хуманистички студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ во Скопје во академската 2002/2003 година, во општествена атмосфера кога се преземаа активности за реформи во високото образование. Сепак, оваа првична идеја, која беше јасно артикулирана, требаше да причека уште извесен период за да се создадат услови за нејзино реализирање, попрецизно до 4 ноември 2005 година. На 19 декември 2005 година, со одлука на деканот на Филозофскиот факултет беше формиран тимот за реализација на родовите студии во состав: проф. д-р Слободанка Марковска, проф. д-р Марија Ташева, проф. д-р Денко Скаловски, проф. д-р Владимир Давчев и проф. д-р Сузана Симоновска. Последниот чекор од процедурата којшто овозможи реализација на новите студии беше Решението за исполнување на условите за почеток на работа, донесено од Министерството за образование и наука на 5 ноември 2007 година.

Дејност на Институтот[уреди | уреди извор]

Оваа студиска насока треба да профилира студенти подготвени да се реализираат во исклучително сложениот свет на современата култура, образование и општествени односи. Студентите кои ќе дипломираат на родовите студии ќе имаат можност за вработување во многу сфери на општествено-политичкиот и културниот живот. Дипломираните студенти ќе имаат можност да учествуваат во создавањето и реализирањето на родовата политика, како во сферите на државната, така и на локалната самоуправа. За нив се отвора простор за дејствување во граѓанските асоцијации на невладиниот сектор, во областа на медиумите, во информативните центри, издавачките куќи, библиотеките, во членствата на лоби-групи, синдикатите, политичките партии.

Воведувањето на новата студиска програма по родови студии на Филозофскиот факултет претставува пионерски чекор во доменот на високото образование не само во нашата земја туку и во регионот. Нашата намера беше да понудиме студиска програма која е компатибилна со модерните теориски и образовни текови во светот, но и со државната стратегија за вградување на родовата перспектива во сите домени од општественото живеење. При дизајнирањето на студиската програма се водеше сметка во реализацијата да бидат вклучени што повеќе наставници кои во рамките на своите научни дисциплини веќе внеле содржини од родовата проблематика не само на нашиот факултет туку и на другите факултети членки на УКИМ. Предвидени се и гостувања на еминентни професори од светот.

Во однос на организациона поставеност на студиите, носител за реализација е Институтот за родови студии кој израсна од Катедрата за хуманистички студии.

Додипломските студии се организирани како редовни и вонредни додипломски студии во траење од четири години (осум семестри). Студиите се организирани според критериуми на европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС) кои се прифатени од страна на Филозофскиот факултет и според статутот на факултетот.

По завршувањето на додипломските родови студии студентите се здобиваат со звањето: дипломиран/а по родови студии.[1]

Покрај додипломските студии, на Институтот се организирани последипломски студии, односно втор циклус на студии едногодишни/двогодишни студии.

Предметни дисциплини што се изучуваат на Институтот[уреди | уреди извор]

На Институтот за родови студии се изучуваат следните предмети (дисциплини): Феминистичка епистемологија, антропологија, родот и етиката, неврофеминизам, технофеминизам и киберкултура, родот и филозофијата, стратегии за родова рамноправност, феминистички теории за политиката, родот и сексуалноста, методологија на родовите истражувања, визуелната култура и родот, жената во масовната култура, репродуктивни технологии - морални импликации, родот и културата и други.

Денешни наставници и соработници[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Филозофски факултет“. www.fzf.ukim.edu.mk. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 2019-12-29.