Затемнување на Месечината

Од Википедија — слободната енциклопедија
Подоцнежни фази на делумното затемнување на Месечината во на 17 јули 2019 г. гледано од Глостершир, Англија.

Затемнување на Месечината или месечево затемнување — вид затемнување кое се случува кога Месечината ќе влезе во Земјината сенка, предизвикувајќи нејзино потемнување.[1] Ваквото порамнување се јавува во сезоната на затемнување, приближно на секои шест месеци на полна месечина кога нејзината орбитална рамнина е најблиску до орбиталната рамнина на Земјата.

Појавата е можна само кога Сонцето, Земјата и Месечината се порамнети (во сизигија), и во овој распоред Земјата мора да биде меѓу другите две. Ова се случува само во ноќ со полна месечина, кога Месечината е блиску до еден од месечевите јазли. Видот и траењето на затемнувањето на Месечината зависи од нејзината близина до месечевиот јазол.

Кога Месечината е целосно затемнета од Земјата, таа добива црвеникава Бидејќи Земјата наполно го попречува надоаѓањето на сончева светлина врз Месечината, бидејќи само светлината одбиена од Месечевата површина се прекршува од Земјината атмосфера. Оваа светлина е црвеникава зради Рејлиево расејување на сината светлина — истатото расејување кое на изгревот и залезот им дава портокалова боја.

За разлика од сончевото затемнување, кое се гледа само од релативно мал дел од светот, месечевото затемнување е видливо секаде кајшто е ноќ. Целосното затемнување на Месечината може да трае до 2 часа, а целосното затемнување на Сонцето по трае неколку минути на секое дадено место, бидејќи сенката на Месечината е помала. Исто така, за разлика од сончевите, месечевите затемнувања можат безбедно да се набљудуваат без заштита за очите.

Симболот на затемнувањето на Месечината (или било кое тело во сенка на друго) е 🝶 (U+1F776 🝶).

Видови затемнување[уреди | уреди извор]

Шематски дијаграм на сенката што ја фрла Земјата. Во средишното подрачје на сенката, Земјата наполно ја попречува сончева светлина. За разлика од ова, во полусенката (надворешниот дел) сончевата светлина е попречена само делумно. (Големината на телата и нивните растојанија не се во размер.)

Земјината сенка може да се подели на два посебни дела: сенка и полусенка.[2] Земјата наполно го прикрива непосредното сончево зрачење во сенката (средишното подрачје на засенетост). Меѓутоа, бидејќи на месечевото небо пречникот на Сонцето изгледа како да е 14 од оној на Земјата, планетата само делумно ја попречува непосредната сончева светлина во полусенката (надворешното подрачје на засенетост).

Полусенчено затемнување[уреди | уреди извор]

Полусенченото месечево затемнување се случува кога Месечината ќе навлезе само во Земјината полусенка.[3] Полусенката предизвикува доста мало потемнување на месечевата површина, видливо со голо око само кога во неа ќе влезат 70 % од месечевиот пречник.[4] Посебен вид на ова затемнување е целосното полусенчено затемнување, каде Месечината е целосно во Земјината полусенка. Овие затемнувања се ретки, и кога ќе се случат, делот од Месечината најблизок до сенката делува малку потемен од остатокот.

Делумно затемнување[уреди | уреди извор]

Делумното затемнување се случува кога Месечината ќе навлезе делумно во Земјината сенка,[3] а целосно затемнување на Месечината се случува кога целата Месечина ќе навлезе во неа. Просечната орбитална брзина на Месечината изнесува приближно 1,03 км/с (3.708 км/ч), односно малку над нејзиниот пречник за еден час, поради што целосноста може да потрае 107 минути. Меѓутоа, вкупното време меѓу првиот и последиот допир на Месечевиот раб со Земјината сенка трае многу подолго и знае да потрае до 236 минути.[5]

Целосно затемнување[уреди | уреди извор]

Забрзан приказ на целосно затемнување на Месечината.

Кога Месечината целосно ќе навлезе во Земјината сенка, се случува целосно затемнување на Месечината.[3] Веднаш пред целосното навлегување, сјајноста на месечевиот раб (кривиот раб на Месечината кој сè уште е непосредно осветлен од Сонцето) го прави остатокот од Месечината да изгледа споредбено темен. Во мигот кога Месечината влегува во целосно затемнување, сета површина станува рамномерно светла. Подоцна другиот раб на Месечината е осветлен ос Сонцето, па дискот повторно станува затемнет. Ова се јавува гледајќи од Земјата, каде сјајноста на месечевиот раб е поголема од онаа на остатокот од површината поради отсјаите од многу површински нерамнини на работ: сончевата светлина што паѓа врз овие нерамнини секогаш се одбива посјајно отколку онаа падната во посредишниот дел; поради ова рабовите на полната месечина изгледаат посјајни од остатокот. Сличен ефект се добива ако оптегнеме кадифена ткаенина врз испакната површина, и тогаш средината на кривата му изгледа најтемна на набљудувачот. Ова важи за секое планетерно тело со малку или без атмосфера и неправилно рапава површина (на пр. Меркур) кога се гледа спроти Сонцето.[6]

Средишно затемнување[уреди | уреди извор]

Средишното затемнување е целосно затемнување на Месечината каде таа минува низ средиштето на Земјината сенка, допирајќи ја спротисончевата точка.[7] Ваквитте затемнувања се релативно ретки.

Релативното растојание помеѓу Месечината до Земјата за време на затемнувањето може да влијае врз нејзиното траење. Ако Месечината е близу апогеј (најдалечната точка од Земјата во месечевата орбита) нејзината орбитална брзина ќе биде најмала. Пречникот на Земјината сенка не се намалува забележително со промените во орбиталното растојание на Месечината. Така, целосно затемнета Месечина близу апогеј ќе го продолжи траењето на целосноста.

Допирни точки[уреди | уреди извор]

Допирни точки во однос на Земјината сенка и полусенка. Тука Месечината е близу спуштачки јазол.

Редоследот на целосното затемнување е определен од т.н. „допири“ (мигови на допир со Земјината сенка):[8]

  • Пс1 (прв допир): Почеток на полусенченото затемнување. Земјината полусенка го допира надворешниот раб на Месечината.
  • С1 (втор допир): Почеток на делумното затемнување. Земјината сенка го допира надворешниот раб на Месечината.
  • С2 (трет допир): Почеток на целосното затемнување. Месечевата површина целосно се наоѓа во Земјината сенка.
  • Најголемо затемнување: Врвот на целосното затемнување. Месечината е најблиску до средиштето на Земјината сенка.
  • С3 (четврти допир): Крај на целосното затемнување. Надворешниот раб на Месечината излегува од Земјината сенка.
  • С4 (петти допир): Крај на делумното затемнување. Земјината сенка ја напушта Месечевата површина.
  • Пс4 (шести допир): Крај на полусенченото затемнување. Земјината полусенка повеќе не е во допир со Месечината.

Данжонова скала[уреди | уреди извор]

Месечината не потемнува целосно кога минува низ сенката бидејќи Земјината атмосфера ја прекршува сончевата светлина во сенчениот конус.

Следнава сакала (наречена Данжонова скала) е осмислена од францускиот астроном Андре Данжон со цел оценување на темнината на месечевите затемнувања:[9]

  • L = 0: Многу темно затемнување. Месечината е речиси невидлива, особено во средината на целосноста.
  • L = 1: Темно затемнување, сива или кафеникава боја. Деталите се одвај видливи.
  • L = 2: Темноцрвено или ’рѓено затемнување. Многу темна средишна сенка, а надворешниот раб на сенката е релативно светол.
  • L = 3: Затемнување со боја на тула. Сенката обично има светол или жолт обод.
  • L = 4: Многу светло банарно или портокалово затемнување. Сенката е синикава и има многу светол обод.
Кристофер Колумбо како предвидува затемнување на Месечината.

Затемнувањето на Месечината во културата[уреди | уреди извор]

Неколку култири имаат митови за затемнувањето на Месечината или ја споменуваат како добар или лош предзнак. Егиѓаните ја гледале како свиња што привремено ја голта Месечината; во други култури ја голтаат други животни како јагуарот во мајанските преданија, или митската тринога жаба Чан Чу во Кина. Некои општества мислеле дека Месечината ја голта демон, и се обидувале да го избркаат со фрлање камења и клетви.[10] Старите Грци исправно верувале дека Земјата е округла и како доказ се служеле со сенката од затемнувањето.[11] Некои хиндуисти го сметаат капењето во реката Ганг по месечево затемнување за спасоносно.[12]

Периодичност[уреди | уреди извор]

Додека Земјата се врти околу Сонцето, приблужната осна напоредност на Месечевата орбитална рамнина (наклонета 5° кон Земјината орбитална рамнина) води до вртењето на месечеви јазли во однос на Земјата. Ова причинува сезона на затемнување на секои шест месеци, во кои може да се случи затемнување на Сонцето кога месечината е млада. Затемнувањето на Месечината се случува кога месечината е полна.

Секоја година се случуваат најмалку две, а највеќе пет месечеви затемнувања, иако целосните затемнувања се значително поретки од делумните. Ако се познати датумот и времето на едно затемнување, тогаш претстојните затемнувања можат да се предвидат според циклус на затемнување, како што е саросот. Затемнувањата се случуваат само во сезона на затемнување, кога Сонцето (од наше гледиште) минува близу еден од двата јазола на Месечевата орбита.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. McClure, Bruce (27 јули 2018). „Century's Longest Lunar Eclipse July 27“. EarthSky. Посетено на 1 август 2018.
  2. Link 1969, стр. 1.
  3. 3,0 3,1 3,2 Link 1969, стр. 2.
  4. H. Mucke, J. Meeus (1992). Canon of Lunar Eclipses -2002 to +2526 (3. изд.). Astronomisches Büro Wien. стр. V.
  5. Karttunen, Hannu (2007). Fundamental Astronomy. Springer. стр. 139. ISBN 9783540341444.
  6. „Lunar Limb Magic“. Astronomy.com. 27 ноември 2018.
  7. Westfall, John; Sheehan, William (2014). Celestial Shadows: Eclipses, Transits, and Occultations. Springer. стр. 50. ISBN 978-1493915354.
  8. Clarke, Kevin. „On the nature of eclipses“. Inconstant Moon. Cyclopedia Selenica. Посетено на 19 декември 2010.
  9. Deans, Paul; MacRobert, Alan M. (16 јули 2006). „Observing and Photographing Lunar Eclipses“. Sky & Telescope. F+W. Архивирано од изворникот на 20 мај 2007. Посетено на 7 јануари 2007.
  10. Littmann, Mark; Espenak, Fred; Willcox, Ken (2008). „Chapter 4: Eclipses in Mythology“. Totality Eclipses of the Sun (3. изд.). New York: Oxford University Press. ISBN 978-0-19-953209-4.
  11. Pollack, Rebecca. „Ancient Myths Revised with Lunar Eclipse“. University of Maryland. Посетено на 2 октомври 2014.
  12. Ani. „Hindus take a dip in the Ganges during Lunar Eclipse“. Yahoo News. Посетено на 2 октомври 2014.

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]