Ернст Гринфелд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ернст Гринфелд
Гринфелд околу 1925 година
Целосно имеЕрнст Франц Гринфелд
Земја Австроунгарија
 Австрија
Роден21 ноември 1893
Виена, Австроунгарија
Починал3 април 1962
Виена, Австрија
Титулавелемајстор

Ернст Франц Гринфелд[а] (германски: Ernst Franz Grünfeld; 21 ноември 1893, Виена - 3 април 1962, Виена) бил австриски шаховски велемајстор и шаховски теоретичар. Тој бил првиот шахист којшто ја одиграл Гринфелдовата одбрана, којашто вбила именувана во негова чест.

Со шаховската игра се запознал на релативно доцна возраст, откако бил заинтересиран од жмечот за светски првак меѓу Ласкер и Шлехтер во 1910 година. Наскоро се посветил целосно на шахот и започнал да постигнува забележителни резултати. Својот врв во кариерата го достигнал во текот на 1920-тите и 1930-тите години, кога остварил бројни победи на силните шаховски турнири. Освен тоа, учествувал и на четири Шаховски олимпијади, играјќи на прва табла за својата земја на секоја од нив. Во 1950 година, тој бил еден од првите 27 шахисти, на коишто им била доделена титулата „велемајстор“ од страна на ФИДЕ.

Особено внимание посветувал и на проучувањето на шаховските отворања, а напишал и објавил бројни статии посветени на нив во весници и списанија низ цела Европа. Меѓудругото, автор е и на неколку книги посветени на шаховските отворања.

Животопис[уреди | уреди извор]

Гринфелд се родил во осмиот виенски округ Јозефштат, како седмо дете во семејство на католички верници. Обајцата родители биле доселеници во Виена. Таткото потекнувал од Австриска Шлеска, а мајката била судетска Германка. На петгодишна возраст доживеал тешка несреќа, кога неговата лева нога морала да биде ампутирана.

Мечот за светски првак, одигран меѓу светскиот првак Емануел Ласкер и неговиот предизвикувач Карл Шлехтер во 1910 година, го поттикнало Ернст една година подоцна да се запознае со шаховската игра. Тој забрзано ја проучувал играта, а веќе на 19-годишна возраст за првпат привлекол внимание во локалниот Виенски шаховски клуб. За време на Првата светска војна бил оневозможен да учествува на меѓународните турнири, што се должи на фактот дека само мал број на турнири биле организирани во овој период. Поради тоа, во тоа време претежно се посветил на играњето дописен шах, а одвојувал време и за проучување и анализа на варијантите во отворањата. Отворил и сопствена библиотека за прибирање на шаховски материјали, којашто ја одржувал во својот мал стан сè до својата смрт во 1962 година. Работел како трговец до 1919 година, но како последица на штетите предизвикани со Првата светска војна, бил принуден да ја промени професијата и да стане професионален шахист.[1]

Во текот на 1920-тите, Гринфелд се стекнал со углед на одличен познавач на шаховската теорија во отворањата, а во тој период започнал да постигнува и забележителни резултати на меѓународните шаховски турнири. Првиот позначаен успех го постигнал со делбата на првото место, заедно со Тартаковер, на турнирот во Виена во 1920 година. Следните неколку години остварил и други значајни успеси, меѓу кои: второто место на турнирот во Будимпешта во 1921 (завршувајќи веднаш зад Алехин), победите на 23. конгрес на Германскиот шаховски сојуз во Франкфурт во 1923, на турнирите во Маргејт (пред Алехин) во 1923 и Мерано (пред Шпилман и Рубинштајн) во 1924, на турирот во Будимпешта во 1926 (заедно со Монтичели), на двете изданија на меморијалниот турнир во чест на Леополд Требич во 1928 (заедно со Такач) и во 1933 (заедно со Милер), како и на турнирот во Острава во 1933 година.

Најтрофејниот период од својата кариера го надополнил и со учествата на шаховските олимпијади во 1927, 1931, 1933 и 1935 година, на коишто играл на прва табла за Австрија. Најдобар учинок остварил на Шаховската олимпијада 1927 во Лондон, каде што освоил 9½ од 13 бода, со што го зазел петтото место во поединечна конкуренција.

Периодот за време и по Втората светска војна го поминал со послаби остварувања на меѓународните турнири. Во мај 1943, го зазел второто место на турнирот во П’лзењ (веднаш зад Керес), а победил на турнирот во Виена одржан во декември истата година. Во 1950 година, Ернст Гринфелд бил дел од групата на првите 27 шахисти, кои се стекнале со титулата „велемајстор“ од страна на ФИДЕ.[2] На меморијалниот турнир во чест на Карл Шлехтер следната година, завршил на делба на третото и четвртото место. Кон крајот на 1950-тите години, многу поретко играл на шаховските турнири и целосно се псоветил на одржување и збогатување на шаховската библиотека, којашто веќе ја зафаќала целата дневна соба од станот во којшто живеел со својата сопруга и ќерка. Последниот турнир на којшто настапил бил турнирот Хоговенс во Бевервијк, на којшто во конкуренција на уште пет силни велемајстори остварил резултат 3/9, со само една победа против Јан Хајн Донер. Починал во родната Виена, како последица на прекумерна телесна маса, на 3 април 1962 година.

Шаховско творештво[уреди | уреди извор]

Стилот на игра којшто го негувал Гринфелд бил налик оној на Акиба Рубинштајн. Тој најчессто се отворал со 1. d4, тврдејќи дека не правел грешки во ова отворање. Сепак, неговиот стил на игра со избегнување на сложени варијанти и главно ремизирачката природа на позициите не била доволна да ги загрози најдобрите светски шахисти во тоа време. Највисокиот историски рејтинг на Гринфелд изнесувал 2715 бода и бил достигнат во декември 1924 година, со што во тоа време би се наоѓал на 4. место ан светската шаховска ранг-листа.[3]

abcdefgh
8
a8 црн топ
b8 црн коњ
c8 црн ловец
d8 црн дама
e8 црн крал
f8 црн ловец
h8 црн топ
a7 црн пешак
b7 црн пешак
c7 црн пешак
e7 црн пешак
f7 црн пешак
h7 црн пешак
f6 црн коњ
g6 црн пешак
d5 црн пешак
c4 бел пешак
d4 бел пешак
c3 бел коњ
a2 бел пешак
b2 бел пешак
e2 бел пешак
f2 бел пешак
g2 бел пешак
h2 бел пешак
a1 бел топ
c1 бел ловец
d1 бел дама
e1 бел крал
f1 бел ловец
g1 бел коњ
h1 бел топ
8
77
66
55
44
33
22
11
abcdefgh
Гринфелдовата одбрана

Особено е голем придонесот којшто Гринфелд го имал во збогатувањето на теоријата во отворањата, а се вели дека имал енциклопедиски познавања во врска со шаховските отворања. Во негова чест била именувана Гринфелодвата одбрана, којашто настанува по потезите: 1. d4 Sf6 2.c4 g6 3. Sc3 d5.[4] Ова отворање за првпат го одиграл во партија против Алберт Бекер, одиграна на турнирот во Бад Пјештјани во април 1922 година, а половина година подоцна успеал да ја добие партијата против Борислав Костиќ, одиграна во рамките на турнирот во Теплице. Сепак, во понатамошниот дел од кариерата не го користел ова отворање толку често, бидејќи самиот го сметал за погрешно. Но и покрај тоа, денес е голем бројот на силните велемајстори, кои често ја применуваат Гринфелдовата одбрана во своите партии.

Гринфелд дал свој придонес и со пишувањето на статии поврзани со шаховските отворања за многу весници низ Европа. Познато е дека уште пред својата 20. година пишувал статии за Шпанска партија во весникот „Wiener Schachzeitung“, а во остатокот од живот пишувал и за весници во Германија, Белгија и Советскиот Сојуз. Соработувал и во составувањето на извештајот од турнирот во Теплице Шенау во 1922 година. Тој, исто така, е и автр на неколку шаховски книги, коишто биле релативно добро прифатени од страна на критичарите. Неговото прво дело „Отворање со дамски пешак и Одбиен дамски гамбит“ било издадено во 1924 година, а издаавњето било финансиски помогнато од страна на Ѓула Патај фон Бај. Вредно за споменување е и неговото дело „Џебна книга на отворањата во шахот“, коешто било издадено во 1953 година.

Спор за авторски права[уреди | уреди извор]

Во 1930 година, Ернст Гринфелд упатил приговор кон виенскиот мајстор Ханс Кмох, којшто подготвил дополнение и учествувал во распределбата на хонорарот на Билгеровото дело „Handbuch des Schachspiels“, за коешто во голем обем употребил партии и анализи на Гринфелд, без притоа соодветно да го цитира. Гринфелд побарал правен совет, а дури писмено му се обратил и на тогашниот светски првак Александар Алехин. Прашањето било повторно отворено на конгресот на ФИДЕ одржан во Прага во 1931 година, на којшто единствено била утврдена моралната обврска за наведување на изворите, додека важноста на понатамошните барања врз основа на правните сомненија била оценета за скептична.[5]

Трунирски резултати[уреди | уреди извор]

Година Турнир + = Резултат Место
1918 Кашау 6-7
1920 Виена 1-2
1921 Будмпешта 6 1 4 8 од 11 2
1922 Бад-Пјештјани 8 4 6 11 од 18 4
Теплице Шенау 5 1 7 8½ од 13 3-4
1923 Франкфурт, 23. конгрес на Германскиот шаховски сојуз 6 0 3 7½ од 9 1
Маргејт 4 0 3 5½ од 7 1
Карлсбад, 3. меѓународен турнир 6 2 9 10½ од 17 4-5
Острава 4 0 9 8½ од 13 3
1924 Мерано 9 1 3 10½ од 13 1
1925 Баден-Баден 7 4 9 11½ од 20 8
Москва 4 3 13 10½ од 20 9-10
Бреславл, 24. конгрес на Германскиот шаховски сојуз 3 2 6 6 од 11 5-7
1926 Виена 2
Будимпешта 5 1 9 9½ од 15 1-2
Берлин 3 2 4 5 од 9 3-5
1927 Лондон, I Олимпијада (на прва табла) 6 0 7 9½ од 13
1928 Виена 4 1 5 6½ од 10 1-2
Берлин 4 2 5 6½ од 11 3-4
1929 Карлсбад, 4. меѓународен турнир 5 4 12 11 од 21 9
1930 Скарборо 1 0 10 6 из 11 6
1931 Прага, IV Олимпијада (на прва табла) 5 2 8 9 од 15
1932 Виена 4 0 7 7½ од 11 2
1933 Острава 5 1 5 7½ од 11 1
1933 Фолкстон, V Олимпијада (на прва табла) 2 1 9 6½ од 12
1934 Клостернојбург 3
1935 Варшава, VI Олимпијада (на прва табла) 3 3 12 9 од 18
1936 Амстердам 1 1 5 3½ од 7 4-6

Белешки[уреди | уреди извор]

  • а Неговото име се споменува и како „Ернест Франц Гринфелд“.[6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Deutsche Schachblätter, Heft 8/1938, Ernst Grünfeld.
  2. Willy Iclicki: FIDE Golden book 1924-2002. Euroadria, Slovenia, 2002, стр. 74.
  3. Chessmetrics Player Profile, 22 април 2006.
  4. Шаховска археологија: Отворања кодифицирани со ЕШО кодовите од D70 до D99
  5. Michael Ehn: Bilguer nichts Neues. Kaissiber 2007, 27, стр. 46–69.
  6. Chess Notes, Item 5750, Едвард Винтер.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Шахматы. Энциклопедический словарь / гл. ред. А. Е. Карпов. — М.: Советская энциклопедия, 1990. — С. 94—95. — 100 000 экз. — ISBN 5-85270-005-3.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]