Демијан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Демијан
Македонскиот превод на „Демијан“, издание на „Ѓурѓа“.
АвторХерман Хесе
Изворен насловDie Geschichte von Emil Sinclairs Jugend
ЗемјаГерманија
ЈазикГермански
ЖанрРоман
ИздавачФишер Верлаг
Издадена
1919 г.
МедиумПечатена (меки корици)
Страници176 стр. (изданието на „Ѓурѓа“)
OCLC40739012
833/.912 21
Клас. КБPT2617.E85 D413 1999
ПретходнаРасхалда“ 
СледнаПоглед во хаосот“ 

Демијан - Приказни од младоста на Емил Синклер (германски: Demian - Die Geschichte von Emil Sinclairs Jugend) е роман на германскиот писател Херман Хесе, првобитно објавен во 1919 година, а прологот бил додаден во 1960 година. Книгата најпрвин била објавена под псевдонимот Емил Синклер (името на раскажувачот во романот), но подоцна било откриено дека Хесе е авторот на делото. Романот го прикажува животниот пат на Емил Синклер, следејќи го неговиот живот од 10-годишна до 18-годишна возраст, а Демијан е пријателот на Синклер кој му помогнал да се спознае себеси, преку низа размислувања и дела со кои го импресионирал Синклер. Во книгата се прикажани два света, светот во којшто владее доброто и светот во кој владее злото. Во книгата се зборува за потребата од верување во нов бог (Абраксас) и нова религија (каинизам). Размислувањата на Синклер поврзани со овие „факти“ му помагаат да го најде патот до себеспознавањето.[1][2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од пролог и од осум глави:

  1. Два света: Емил Синклер е десетгодишно дете кое живее во мирот, спокојството и благосостојбата на својот дом. Еден ден, тој го среќава лошото момче Франц Кромер и пред него се пофалува дека ги украл јаболката од градината на воденичарот. Таа измислена приказна ја искористува Франц, кој го уценува Емил, заканувајќи му се дека ќе го пријави во полицијата. Откако Емил не е во состојба да му ги даде бараните пари, Франц почнува да го мачи на разни начини. Тој настан предизвикува пресврт во животот на Емил: кај него се јавува страв и немир, проследени со чести мачнини и повраќање, а неговиот дотогашен свет потполно се урива.[3]
  2. Каин: Во училиштето во кое учи Синклер доаѓа нов ученик - Макс Демијан, кој набргу го привлекува вниманието на учениците и станува предмет на озборување. Синклер веднаш чувствува необична приврзаност кон Демијан, кој во една прилика му нуди поинакво толкување на библиската приказна за Каин и тоа го наведува на критичко размислување. Токму Демијан го спасува Синклер од измачувањето на Франц Кромер. Дури потоа, Синклер им се исповедува на родителите и така го враќа своето спокојство.[4]
  3. Разбојник: Минуваат неколку години и Синклер е во пубертетот, така што кај него се буди половата свест. Тој продолжува да му се восхитува на Демијан со кого ја следи верската настава. Синклер паѓа под неговото влијание, а Демијан му ги изложува своите ставови за моќта на волјата и за забранетото наспроти дозволеното. Кога завршува учебната година, Демијан заминува некаде и Синклер повеќе не се гледа со него.[5]
  4. Беатриче: Синклер заминува во ново училиште во друг град. Таму се зближува со ученикот Алфонс Бек и почнува да ги посетува меаните и да се опива. Од една страна, тој е растргнат меѓу бунтот кон семејството и копнежот кон мирниот семеен живот. Од друга страна, тој е осамен и копнее по љубов. Истовремено, неговото однесување се влошува и нему му се заканува исфрлање од интернатот. Еден ден, тој здогледува непозната девојка која ја нарекува Беатриче и таа му го враќа оптимизмот и желбата да се поправи и да се оттгрне од мрачните сили. По сеќавање, тој почнува да го слика портретот на Беатриче, но крајниот резултат повеќе го потсетува на Демијан. Така, Синклер повторно почнува да копнее по Демијан и, поттикнат од сеќавањето на него, го слика грбот од портата на неговата куќа и му го испраќа на Демијан.[6]
  5. Птицата се пробива од јајцето: Синклер добива кратко писмо од Демијан, кој го известува за богот Абраксас. Тогаш, повторно се впушта во сонување, а најчесто го сонува ликот на измислена, идеална жена која е спој на невиност и блуд. Потоа, Синклер се запознава со музичарот Писториј кој, исто така, го познава тој бог, а разговорите со него му помагаат да ја изгради својата личност.[7]
  6. Борбата на Јаков: На Синклер му пристапува помладиот ученик Кнауер кој, привлечен од неговата таинствена повлеченост, е убеден дека Синклер е спиритист. Една ноќ, борејќи се со внатрешниот немир, Синклер оди на напуштено градилиште и таму го среќава Кнауер, кој помислува да изврши самоубиство. Оттогаш, Кнауер се приврзува кон Синклер, кој го продолжува дружењето со Писториј, исполнето со разговори за богот Абраксас. Меѓутоа, Синклер сфаќа дека мора самостојно да го пронајде својот животен пат и да ја изгради личната судбина, така што постепено се оддалечува од Писториј. Кога го завршува училиштето, Синклер се подготвува да се запише на универзитет, но нема идеја што да студира.[8]
  7. Госпоѓата Ева: За време на распустот, Синклер ја посетува куќата во која порано живеел Демијан и кога ја здогледува фотографијата на госпоѓата Ева, мајка му на Макс Демијан, сфаќа дека таа е идеалната жена од неговите соништа. Некое време, тој патува во околните земји и насекаде го бара нејзиниот лик. Најпосле, тој се запишува на универзитет и еден ден случајно го среќава Макс Демијан. Утредента го посетува неговиот дом и таму ја запознава мајка му Ева која веднаш предизвикува воодушевување кај него. Така, Синклер стигнува до својата цел и го остварува животниот сон, зашто постојано е во близината на Ева, а во домот на семејството Демијан се собираат луѓето кои го носат „знакот“ и разговараат за иднината на човештвото и за неизбежната пропаст на европската цивилизација. При една посета на нивниот дом, Синклер го затекнува Демијан во необична, вкочанета поза, а потоа оди надвор од градот каде има визија на неговата птица која се вознесува на небото. Кога се враќа кај Демијан, тој му кажува дека ќе се случи голема несреќа која ќе го промени човештвото.[9]
  8. Почетокот на крајот: Набргу започнува Првата светска војна и Синклер се разделува од семејството Демијан, а тогаш го добива првиот бакнеж од Ева. Макс Демијан и Синклер се регрутирани. Еднаш, додека се наоѓа на стража на фронтот, Синклер има визија на Ева и неговата птица, но тогаш е тешко ранет од граната. Во болницата го среќава ранетиот Демијан кој го бакнува во знак на поздрав од Ева. Утредента, Демијан умира, а Синклер понекогаш во себе ја гледа својата слика која потполно личи на Демијан.[10]

Ликови[уреди | уреди извор]

  • Емил Синклер - главниот лик во романот, Синклер е збунет поради тоа каков му е животот, и каков ќе биде понатаму, и во текот на целиот роман постојано бара менторство. Тој има потреба од потврда од постара личност и наоѓа водичи во фигури како Писториус, Демијан и Ева.
  • Родителите на Синклер се симболите на безбедноста во кои Синклер најпрвин наоѓа прибежиште, а на крајот се бунтува против нив.
  • Франц Кромер - школски насилник кој психички го малтретира Синлер, а тоа воедно е причината за Синклеровото познанство со Демијан.
  • Макс Демијан - пријател од детството на Синклер, и на некој начин негов ментор. Демијан го води Синклер до неговото евентуално самоосознавање и може да се смета за негов повисок дух.
  • Алфонс Бек - „саркастичното и старателско“, најстаро момче во стдентскиот дом каде што престојува Синклер. Бек му служи како ментор на Синклер и го наведува на развратен живот и го навлекува на алкохолот.
  • Писториус - оргулар во локалната црква. Тој го упатува Синклер во учењето за богот Абраксас и го учи како да се пронајде себеси.
  • Ева Демијан - мајката на Макс Демијан. Таа станува трајна идеална карактеризација во животот на Синклер, најпрвин во неговите слики и визии, а потоа и лично.

Влијанието на Јунг[уреди | уреди извор]

Уште од најрано во 1914 година, ако не и во 1909 година, додека се движел низ германските интелектуални кругови, Хесе се сретнал со психоанализата. За време на 1910-те, Хесе сметал дека неговите психолошки потешкотии од младоста поради кои сè уште се чувствувал растргнат треба да се решат преку психоанализата. Во 1916-1917, тој бил подложен на психоаналитички третман од д-р Јозеф Ланг, ученик на Карл Јунг. Преку неговиот контакт со Ланг и психоанализирањето од страна на Јунг подоцна, во 1921 година, Хесе многу се заинтересирла за анализата и интерпретацијата на Јунг. Како последица на тоа, „Демијан“ е преплавен со архетипите и симболиката на Јунг. Покрај тоа, психоанализата му помогнала на Хесе да ги идентификува психолошките проблеми кои ги искусил во младоста, вклучувајќи ја внатрешната тензија предизвикана од дуалистичко толкување на светот која се одвивала меѓу неговите телесни инстикти и строгиот морализам на неговите родители. Ваквите теми се појавуваат во Демијан како полуавтобиографски рефлексии врз основа на неговото истражување на филозофијата на Јунг.

Теми[уреди | уреди извор]

Прифаќањето на двојната природа[уреди | уреди извор]

Една од главните теми на постоењето е постоењето на спротивставени сили и идејата дека и двете се неопходни.

Духовно просветлување[уреди | уреди извор]

Романот се однесува на идејата за гностицизмот, особено на богот Абрахас, прикажувајќи го влијанието на психилогијата на Карл Јунг. Според Хесе, романот е приказна за Јунговата индивидуализација, процесот на отворање на бесвестта.

Жените во „Демијан“[уреди | уреди извор]

Жените играат многу важна улога во Јунговата интерпретација на Демијан. На почетокот, Синклер се огледува на неговите сестри и мајка му, дури и на неговата слугинка. Додека е на училиште тој гледа една убава жена која ја нарекува Беатриче и при крајот на романот, кога веќе е адолесцент, Синклер ја открива мајка му на Демијан, госпоѓата Ева. Овие жени немаат главни улоги во приказната, но Хесе ги користи симболично како аспекти на длабочинте на умот на Синклер.

Симболи[уреди | уреди извор]

Гностичкото божество Абрахас се користи како симбол кој во текстот го идеализира хармоничното обединување на сето она што е добро и зло во светот. Демијан расправа дека христијанскиот Бог е недоволен; тој владее со се она што е здраво, но дека исто така има и друга половина од светот. Симболот на Абрахас се појавува како птица која се ослободува од јајцето, односно од светот.

Значајни пасуси[уреди | уреди извор]

  • Птицата се бори да излезе надвор од јајцето. Јајцето е светот. Оној што сака да се роди мора да уништи свет. Птицата лета кон Бога. Името на тој Бог е Абрахас.
  • Судбината и темпераментот се два збора за еден ист концепт. Тоа ми е сега јасно.
  • Не се противам на обожувањето на овој Бог Јехова, далеку од тоа. Но мислам дека би требало да земеме предвид сè што е свето, целиот свет, а не само на вештачки одделената половина. Според тоа, заедно со богослужбата, исто така, треба да имаме служба за ѓаволот.
  • Кога денес би морало да изберете еден од двајца разбојници за пријател или да размислите за тоа во кој од нив двајцата би можеле побрзо да добиете доверба, тоа сигурно не би бил оној кој цимоли и се претвора. Не тоа би бил другиот, тој е вистински човек со карактер. Тој не се грижи за претворање, што во неговата состојба е вредно за пофалба; тој ја оди својата патека до крајот и во послендиот момент не се однесува како кукавица, одрекувајќи се од Ѓаволот кој сигурно му помагал дотогаш. Тој е човек со карактер, а ваквите луѓе обично кратко траат во приказните во Библијата. Можеби, тој е потомок на Каин, не мислите така?

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Податотека:Демијан (БИГЗ 1983).jpg
Предната корица на српското издание на книгата, БИГЗ, Белград, 1983.

Со романот „Демијан“ Хесе зазел високо место во германската книжевност. Романот претставува повест за созревањето и влегувањето во животот, за „доброто“ и „злото“, за релативноста на сите нешта во животот, за поделената личност и за минувањето низ мачни сознанија за да се дојде до сопствениот идентитет. Темата што се обработува во романот, заедно со вештото транспонирање на философското во секојдневното, ја прави книгата блиска до младите читатели.[11]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Херман Хесе, Стенли Апелбаум. Демијан: Двојазична книга. Куриер Довер Публикации.
  • Тимс, Едвард, Питер Колиер и Џуди Дејвис (1990). Издание Моденризам и Европската несвесност. Оксфорд: Polity Press ISBN 0-7456-0519-2

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Кус осврт на лектирното издание
  2. „Толкување на пораката во Демијан“. Архивирано од изворникот на 2012-11-11. Посетено на 2012-11-07.
  3. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 11-28.
  4. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 29-47.
  5. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 48-66.
  6. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 67-87.
  7. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 88-104.
  8. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 105-125.
  9. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 126-148.
  10. Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 149-157.
  11. „Beleška o piscu“, во: Herman Hese, Demijan. Beograd: Bigz, 1983, стр. 159.