Давид (Микеланџело)
Творец | Микеланџело |
---|---|
Година | 1501– ок. 8 јуни 1504 |
Тематика | Библискиот Давид |
Димензии | 517 см × 199 см |
Место | Галерија на Академијата, Фиренца, Италија |
Давид — ремек-дело на Микеланџело од ренесансната ера, кое било извајано во мермер помеѓу 1501 година и 1504 година. Статуата, висока 5,17 m со основата, го претставува библискиот лик Давид во момент на сосредоточување пред борбата со Голијат, и е извајана како симбол на средновековната држава Фиренца. Првично бил поставен пред денешната Палацо векио, седиште на фирентинскаа власт. Скулптурата е откриена на 8 септември 1504 година. На првичното место од 1910 година се наоѓа реплика на скулптурата, а изворната скулптура од 1873 година се наоѓа во Галеријата на Академијата (италијански: Galleria dell'Accademia) во Фиренца каде што е заштитена од оштетување.
Давид бил нарачан за катедралата во Фиренца и според првичната идеја, би бил поставен на една од потпорите (контрафори на апсидата) на нејзините ѕидови како дел од низата монументални фигури што би го краселе горниот дел на градбата. Овој предлог е од „тречента“ (13 век), како што е очигледно од „Поглед на Фиренца“ на Андреа да Фиренце, фирентински сликар кој бил еден од советниците за време на неговата изградба.[1] Уште Донатело добил нарачка да го изваја Давид во мермер како дел од овој проект, меѓутоа, овој Давид како и неговиот пар Исаија кого го изработил Нани ди Банко според заклучокот на тогашната комисија биле премногу мали за оваа местоположба.[1]
Задачата за изработка на овие фигури во мермер била оживеана во 1460-тите, кога на скулпторот Агостино ди Дучо му бил доделен мермерен блок висок околу 5,2 метри за да го издлаби Давид. Агостино, кој веројатно работел според моделот на Донатело, набрзо го напуштил делумно извајаниот камен, најверојатно по смртта на Донатело во 1466 година.[1] Блокот на крајот му бил доделен на Микеланџело на јавен конкурс одржан во 1501 година. Далеку од тоа дека се работело за идеална нарачка; мермерниот блок бил висок, но плиток и дизајнот на Микеланџело морал донекаде да биде компромитиран од почетната работа на Агостино.[1]
Микеланџеловиот јунак е шеснаесетгодишно момче кое сè уште не пораснало целосно во момчак, но со силни мускули на оние кои веќе биле изложени на напорна работа на таа возраст. Ременот му лежи на левото рамо, а каменот сè уште му е во десната рака, со напнати мускули, а челото наборано и пркосно намуртено.
Кратка историја на статуата
[уреди | уреди извор]Договорот помеѓу катедралата и Микеланџело е со датум 16 август 1501 година, со рок на испорака од две години и паричен надоместок кој подоцна бил зголемен на 400 дукати. На 25 јануари 1504 година се одржал состанок на истакнати уметници од Фиренца за да се одлучи каде да се постави Давид; Меѓу учесниците биле Леонардо да Винчи, Ботичели, Филипино Липи, Перуџино и Пјеро ди Козимо. Било одлучено да се отстрани Јудита на Донатело од влезот во Палацо векио, со цел да се направи простор за Давид на Микеланџело. На 8 септември 1504 година била завршена монтажата пред палатата и така статуата била поставена на предвиденото место. Во 1873 година со цел да се спречи нејзиното пропаѓање, статуата на Давид била преместена во Академијата во Фиренца, а во 1910 година, била направена нејзина мермерна реплика и била поставена пред палатата Векио. Кога на Микеланџело му бил даден мермерниот блок од кој Агостино ди Дучо се обидел да го изваја Давид, прво тој направил восочен модел на младиот Давид кој држи ремен, кој би можел да послужи како амблем на палатата (Вазари). Кога Медичи биле протерани од Фиренца, на 26 април 1527 година, статуата била оштетена од клупа фрлена од еден од прозорците на палатата и му била скршена левата рака. Три парчиња пронашле Салвијати и Вазари. Во 1543 година, по наредба на војводата Козимо I, деловите биле повторно припоени на статуата и биле санирани и другите оштетувања.
Комисијата за местото на поставување на Давид
[уреди | уреди извор]Во јануари 1504 година се појавиле сомневања за мудроста да се постави таква извонредна статуа на врвот на катедралата каде што никогаш не можеше правилно да се види. Со дозвола на Микеланџело, работната група на катедралата во Фиренца која ја нарачала статуата собрала комисија од 35 уметници, занаетчии и градски службеници за да одлучат за најсоодветното место за Давид. Нивните мислења остануваат на евиденција и се забавни за читање. Еден по еден го давале своето мислење, а повеќето - особено занаетчиите и постарите уметници - се труделе никого да не навредат. Еден столар изјавил дека искрено сметал дека статуата треба да биде поставена на врвот на катедралата, каде што била планирана од самиот почеток, и не можел да најде причина зошто сега тоа да се прави поинаку. Месер и гласник на Републиката, Франческо, изразил мислење дека Давид треба да биде поставен пред палатата Векио, на местото каде што тогаш се наоѓала Јудита на Донатело, мислење што го делел само уште еден член на комисијата. Франческо го предложил и дворот на палатата Векио; Со ова се согласиле златар и таткото на Бенвенуто Челини. Еден таписер и сликарот, Давид Гирландајо, фаворизирале место на крајната лева страна на терасата, на местото на хералдичкиот симбол на владеењето на Медичи од Донатело (марцоко [марзоко], или седечки лав кој држи штит со лилјани во неговата десна шепа). Другите двајца сликари, Козимо Росели и Сандро Ботичели, мислеле дека „џинот“ особено добро ќе стои крајно десно, во близина на скалите на црквата Сан Пјеро Скераџо (која денес е впиена од галеријата Уфици). Значајно е што сликарите претпочитале место каде минувачите полесно ја гледаат статуата и така се изјасниле. Ним им се спротивставил златарот Андреа ил Ричо, кој рекол дека „минувачите треба да влезат во дворот и да ја видат статуата, наместо статуата да излезе да ги види нив“.
Но, најголем број мислења се согласиле со архитектите Џулијано и Антонио Сангало. Тие биле загрижени за мекоста на мермерот, кој, според нив, не може да издржи долгорочна изложеност на природата. Затоа тие инсистирале статуата да биде поставена под централниот лак на Лоџија дел Ланци, зграда во аголот на Пјаца Сињорија до галеријата Уфици. Друг градски весник изразил негодување, тврдејќи дека така поставената статуа би им сметала на јавните прослави, но оние кои го поддржувале местото истакнале дека би можело да се изгради ниша зад статуата - Џулијано овде инсистирал таа да биде црна за подобар контраст. Леонардо да Винчи, кому веројатно не му било гајле каде ќе биде поставено ремек-делото на неговиот помлад ривал сè додека биде доволно засенето, се согласил со нив. Филипино Липи и Пјеро ди Козимо рекле дека сите мислења се изразени со почит, но можеби треба да го прашаат самиот Микеланџело за местото на Давид. Не останало забележано дека го направиле тоа и никој не знае кое место му се допаднало на самиот Микеланџело. И покрај неодамнешните и различните толкувања, формулацијата на сведочењето на Пјер не дозволува поинаков заклучок. Тешко дека Микеланџело би ја предложил Лоџија ди Ланци, која би ја сокрила статуата и би ја направила помала отколку што е, а нејзината задна страна би останала во постојана сенка дури и да нема „црна“ ниша зад неа.
Како што најчесто се случува со извештаите на комисијата, и овој на крајот практично бил занемарен. Во мај 1504 година фирентинските власти ја поставиле статуата таму каде што веројатно и наумиле - на местото на Јудита на Донатело, која била преместена на друго место, на терасата на Палацо векио.
Поставувањето на колосалниот Давид, олеснето со генијалното тркалачко скеле дизајнирано од Џулијано да Сангало, не поминало мирно. Ноќта на 14 мај, група палави момчиња, можеби поддржувачи на прогонетите Медичи, ја каменувале статуата; осуммина од нив биле уапсени и фрлени во затворот Стинке. Во 1873 година, Давид бил преместен на нејзината сегашна локација на крајот од долгата галерија на Академијата. Времето покажало дека Џулијано да Сангало бил во право - мермерот бил премногу мек за да издржи дожд, сонце и мраз. Како последица на долгото изложување на временските услови, горниот и задниот дел на главата, со сите негови сјајни прамени коса, како и површината на рамената, може да се сметаат за уништени. Останатите делови од ова големо дело, особено дланките, рацете и одредени делови од торзото, изгубиле добар дел од својот првичен изглед. Совршено е сочувано само лицето заради тоа што е скриено од огромна маса коса. Покрај штетата предизвикана од временските услови, левата рака била оштетена и од клупа фрлена од прозорецот на Палацо векио за време на бунтот за протерување на Медичи во 1527 година. Раката паднала на терасата и се скршила на три дела. Парчињата ги собрале Вазари и неговиот пријател, сликарот Франческо Салвијати, двете мали момчиња во тоа време, кои ги одвлекле тешките парчиња мермер до црквата Сан Пјеро Скераџо, а потоа ги пренеле на безбедно во куќата на отец Салвијати. Овие скршеници на дланката и раката останале видливи и по реставрацијата.
Конзервација
[уреди | уреди извор]За време на Втората светска војна, Давид бил заѕидан со цигли за да се заштити од оштетување од воздушни бомби.
Во 1991 година, еден човек го оштетил стапалото на статуата со чекан.[2] Примероците добиени од тој инцидент им овозможиле на научниците да утврдат дека користениот мермер бил добиен од каменоломот Фантискрити во Мизелгија, во средишната од трите мали долини во Карара. Станува збор за мермер кој содржи многу микроскопски отвори кои предизвикуваат негово распаѓање побрзо од другите мермери. Поради расипување на мермерот, од 2003 до 2004 година, статуата била исчистена за првпат по 1843 година. Некои стручњаци се спротивставиле на употребата на вода за чистење на статуата, стравувајќи од дополнително влошување. Под раководство на Франко Фалети, искусните реставратори Моника Ајхман и Синзија Парнигони ја презеле работата за реставрација на статуата.[3]
Во 2008 година биле предложени планови за изолирање на статуата од вибрации предизвикани од стапките на туристите во фирентинската Галерија на Академијата, со цел да се спречи оштетување на мермерот.[4]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Hartt 2010.
- ↑ "a man the police described as deranged, broke part of a toe with a hammer, saying a 16th century Venetian painter's model ordered him to do so." Cowell, Alan. "Michelangelo's David Is Damaged", New York Times, 1991-09-15. Retrieved on 2008-05-23.
- ↑ Eric Scigliano. "Inglorious Restorations. Destroying Old Masterpieces in Order to Save Them." Harper's Magazine. August 2005, 61–68.
- ↑ „Michelangelo's David 'may crack'“. BBC News. 19 September 2008. Посетено на 19 September 2008.
Литература
[уреди | уреди извор]- Hartt, Frederick (1968). Michelangelo The Complete Sculpture (Art). New York: Harry N. Abrams inc. Publishers.CS1-одржување: ref=harv (link)
- Hartt, Frederick; Wilkins, David G. (2010). History of Italian Renaissance Art: Painting, Sculpture, Architecture (Art). Pearson/Prentice Hall.CS1-одржување: ref=harv (link)
- Coonin, A. Victor, From Marble to Flesh: The Biography of Michelangelo’s David, Florence: The Florentine Press. Давид (Микеланџело).
- Goffen, Rona (2002). Renaissance Rivals: Michelangelo, Leonardo, Raphael, Titian. Yale University Press.CS1-одржување: ref=harv (link)
- Hall, James, Michelangelo and the Reinvention of the Human Body New York: Farrar, Straus and Giroux, 2005.
- Hartt, Frederick, Michelangelo: the complete sculpture, New York: Abrams Books,1982.
- Hibbard, Howard. Michelangelo, New York: Harper & Row, 1974.
- Hirst Michael, “Michelangelo In Florence: David In 1503 and Hercules In 1506,” The Burlington Magazine, 142 (2000): 487–492.
- Hughes, Anthony, Michelangelo, London: Phaidon Press, 1997.
- Levine, Saul, "The Location of Michelangelo's David: The Meeting of January 25, 1504", The Art Bulletin, 56 (1974): 31–49.
- Natali, Antonio; Michelangelo (2014). Michelangelo Inside and Outside the Uffizi. Florence: Maschietto. ISBN 978-88-6394-085-5.CS1-одржување: ref=harv (link)
- Pope-Hennessy, John, Italian High Renaissance and Baroque Sculpture. London: Phaidon, 1996.
- Seymour, Charles, Jr. Michelangelo's David: a search for identity (Mellon Studies in the Humanities), Pittsburgh: University of Pittsburgh Press, 1967.
- Vasari, Giorgio, The Lives of the Artists (Penguin Books), “Life of Michelangelo”, pp. 325–442.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Повеќе за Давид (Микеланџело) на збратимените проекти на Википедија | |
Дефиниции и преводи на Викиречник ? | |
Податотеки на Ризницата ? | |
Образовни ресурси на Викиуниверзитет ? | |
Новинарски известувања на Викивести ? | |
Мисли на Викицитат ? | |
Изворни текстови на Викиизвор ? | |
Прирачници на Викикниги ? | |
? | Информации за патување во Википатување ? ? |
- A Goliath's-eye view of DavidАрхивирано на 24 февруари 2012 г.
- Michelangelo Buonarroti: David, Art and the Bible
- The Digital Michelangelo Project, Stanford University
- 10 Facts That You Don't Know About Michelangelo's David
- Models of wax and clay used by Michelangelo in making his sculpture and paintings
- The Museums of Florence – The David of Michelangelo
43°46′36.13″N 11°15′34.02″E / 43.7767028° СГШ; 11.2594500° ИГД
|