Битката во Ресава

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Битката во Ресава - борба меѓу турскиот аскер и македонските револуционери на 13 јуни 1905 година,[1] во тиквешкото село Ресава.

Опис на битката[уреди | уреди извор]

По Илинденското востание, состојбата во Тиквешијата била многу тешка: турскиот аскер вршел насилство во селата за кои се сметало дека имале врски со револуционерните чети, како што биле: Ресава, Рожден, Клиново, Бунарче и Кошани. Во овие села, седуммина биле стрелани, а петмина умреле од последиците на тепањето. Со одлука на Централниот комитет на ТМОРО за околиски војвода во Тиквешијата бил назначен Добри Даскалов. На еден состанок во селото Ресава, војводата Даскалов разговарал со селаните за потребата од собирање пари за набавка на оружје, потребно за продолжување на борбата. На собирот истапил касапот Ристо Толов, кој му се пожалил на војводата дека попот Ристо Пејков му наплатил 30 гроша за крштевката на неговото дете, иако тарифата била само пет гроша. Народот пресудил попот да му ги врати парите на селанецот и да му плати отштета за казната што тој требало да му ја плати на кадијата затоа што неговото дете немало крштеница. Тогаш, комитата Лазо Ридов-Асијата се налутил и му ја искубал брадата на попот. Утредента, попот отишол во Кавадарци и му кажал на кајмакамот дека во селото се наоѓа четата на војводата Даскалов.[2]

Потоа, селото било опколено со три кордони турски аскер. Командантот на војската побарал од кметот на селото да ги повика комитите да се предадат, ветувајќи дека ќе им ги поштеди животите, додека во спротивно ќе го запали селото. Тогаш, кајмакамот побарал кметот и попот да потпишат дека во селото нема комити, а војската започнала да врши претрес по куќите, но комитите биле скриени во подземните скривници по куќите. Во куќата на Ило Биков, малите девојчиња започнале да врескаат и да плачат од страв, а Лазо Ридов - Асијата, кој не знаел што се случува надвор, мислејќи дека аскерот ги обесчестува девојчињата, го повикал војводата Даскалов да застанат во нивна одбрана. Така, војводата наредил комитите да излезат од скривницата, кои почнале да пукаат во турските војници. Поради силниот отпор, аскерот и башибозукот се повлекле, но подоцна повторно се вратиле со топ и започнале да го бомбардираат селото. За да ги натераат комитите да излезат од куќите, аскерот почнал систематски да ги пали сите куќи, амбари и плевни во Биковското Маало. Тогаш избувнал голем пожар во куќата на трговецот со вино и ракија, Дафче Кареата (Кареов), а голем оган ја зафатил и куќата на Ило Биков. Сепак, неколкумина мажи успеале да избегаат од селото.[3]

Во големата борба меѓу аскерот и комитите, која траела речиси 12 часа, биле ранети Даскалов и Асијата, но комитите се извлекле од селото и се скриле во Драгожелската шума. Асијата бил префрлен во Неготино, каде бил лекуван од лекарот Димитри Михалаки. Поради зивлекувањето на комитите, кајмакамот бил бесен и решил да му се одмазди на селското население во Ресава, а апсењата продолжиле и во другите тиквешки села. Така, турските војници се изживувале, а потоа го убиле попот Захарис Кимов Чамов. Во опожарената куќа на Кареата настрадале петгодишниот внук на домаќинот и една старица на возраст од 90 години. Притоа, трговецот Дафче имал скриено во ѕидот две стомни со златни и сребрени пари, кои се истопиле од големата температура, па златото и среброто почнале да течат по ѕидот. Неколку дена по борбата, турската власт уапсила околу 60 селани од Ресава, кои биле однесени во затворот во Кавадарци. Дел од нив биле ослободени, некои добиле привремени затворски казни, а трети никогаш не се вратиле од затворот. Според сеќавањата на поп Шаќо (Јован Ѓелев), кој бил очевидец на борбата, во селото биле запалени и до темел изгореле 20 куќи и исто толку плевни и амбари, а при повлекувањето на аскерот биле убиени петмина селани. Подоцна, аскерот вовел полициски час, кој траел од 8 до 20 часот.[4]

Набргу по завршувањето на борбата се дознало дека попот Ристо Пејков бил предавникот и било одлучено тој да се стрела за стореното дело. За извршител на убиството бил одреден синот на Ристо Пејков, попот Тодор, но тој одбил да го убие својто татко, по што било побарано убиството да го изврши жената на Тодор, Трајана, меѓутоа и таа одбила. Најпосле, било одлучено попот да го убие некој што не е од селото и за таа цел бил одреден селанец од Куманичево. Тој го повикал попот на божемен погреб на неговата мајка, а на патот до селото попот го пресретнале неколку луѓе, кои го убиле.[5]

За борбата во селото Ресава пишувал и тогашниот печат. За неа пишувале списанијата „Славјани“ и „Револуционерен лист“, кои известувале за измачувањата на цивилното население, а борбата била опеана и во песна.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Весна Ивановска-Илиевска, „Во едно село во Македонија има куќа изградена со вино“
  2. Светлана Дарудова, „Злато течеше по ѕидот од запалената куќа на Дафче Кареов“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 2-3.
  3. Светлана Дарудова, „Злато течеше по ѕидот од запалената куќа на Дафче Кареов“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 2-3.
  4. Светлана Дарудова, „Злато течеше по ѕидот од запалената куќа на Дафче Кареов“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 2-3.
  5. Светлана Дарудова, „Злато течеше по ѕидот од запалената куќа на Дафче Кареов“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 2-3.
  6. Светлана Дарудова, „Злато течеше по ѕидот од запалената куќа на Дафче Кареов“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 2-3.