Ангелн

Од Википедија — слободната енциклопедија
Двојазична карта на Ангелн/Ангел — на германски и дански јазик
Карта на Ангелн во XVI век
Географски региони и геологија на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Германија
Светилникот Фалсхефт во Померби
Поглед на градот Шлезвиг

Ангелн (германски: Angeln; дански: Angel; латински: Anglia) — мал полуостров (во рамките на поголемиот полуостров Јитланд) во областа Јужен Шлезвиг, во северниот дел на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Германија, кој се простира во Килскиот Залив. Раздвоен е од соседниот полуостров Шванзен (германски: Schwansen; дански: Svans или Svansø) преку фјордот Шлај и од данскиот остров Алс од Фленсбуршкиот Фјорд. Меѓутоа, дали стариот Ангелн се простирал во овие граници не е познато. Веројатно бил нешто поголем, меѓутоа, старите извори главно ја наведуваат површината на денешниот полуостров.

Ангелн има значително поголемо значење отколку неговата мала површина и терен и се верува дека бил првичниот дом на Англите, германски иселеници во средишните и северните делови на Англија. Ова преселување довело нивната нова татковина да биде именувана по нив, од каде што доаѓа името „Англија“. Така, Англија и англискиот јазик потекнуваат од имињата на Англите и Ангелн.

Име[уреди | уреди извор]

Името на Англите се верува дека потекнува од името на областа која ја населиле, Ангелн. Името на областа пак се претпоставува дека потекнува од германскиот корен за „тесно“ (споредено со германското: eng = тесно), што означува „тесната вода“, т.е. естуарот на Шлај; коренот веројатно бил „анг“. Друга теорија е дека името означува „лови“, како фрлање јадица за риби.

Ангелн се наоѓа на голем залив, кој го поврзува балтичкиот брег со Јитланд, кој главно претставува Килски Залив (Kieler Bucht), но понекогаш се нарекува и како Холштајнски Залив (Holsteiner Bucht).

Англите биле дел од Ингевоните, кои тврделе дека потекнува од легендарниот претходник и бог на плодноста Ингви.

Рана историја[уреди | уреди извор]

Областа била дом на Германите, Англите, кои, заедно со Сасите и Јутите, ги напуштиле нивните домови да се преселат во Велика Британија во V-VI век. Во периодот 449-455, Англосаксонските анали, напишани околу 890 година, опишуваат како кралот Вортигерн (британски племенски крал) ги поканил Англите да дојдат и им дал земја за помошта во одбраната против Пиктите. Успешните Англи вратиле поздрав дека била достапна добра земја и дека Британците биле „безвредни“. Подоцна, следела целосна емиграција на Англите, како и други германски народи.

Аналите објавени од кралот Алфред Големиот ги запишале раните усни традиции и се достапни на неколку пишани делови. Најдобрата од нив, напишани околу 730 година, била од монахот Беде, чија историја на англиското христијанство има кратка историја на потеклото и ширењето на Англите:

од Англите, тоа е, земја која е наречена Англија и која се вели, од тоа време, останала празна до денес, помеѓу покраините на Јутите и Сасите, се поделиле на Источни Англи, Средни Англи, Мерци, сите на Нортамбријци, тоа е, сите племиња кои се населиле на северната страна на реката Хамбер, а другите племиња се англиски.

Писанието на монахот Беде

Фразата „северно од Хамбер“ се однесува на северното кралство на Нортамбрија, кое сега ги вклучува северниот и североисточниот дел на Англија и дел од јужна Шкотска. Мерша била сместена во средишна Англија и денес може да поистовети со Мидландс.

Ова може да биде поврзано со археолошките пронајдоци, особено со дистрибуцијата на видовите на фибули или брошеви, носени од жените. Така, постоеле два вида, во вид на чинивче или крст. Источниот и северниот брег на Британија биле населени од жени кои носеле крстови, како што биле во употреба во крајбрежна Скандинавија, сите од Данска и Шлезвиг-Холштајн јужно до долна Елба и источно до Одра, како и крајбрежна Фризија.

Јужна Англија, со исклучок на Кент бил населен од жени кои носеле чинивчиња, кои дошле од Долна Саксонија, јужната страна на долна Елба и земјите на Франките до Рајна и долж брегот на устието на Сена. Овие области на Англија биле одредени како саксонски: Сасекс, Весекс и Есекс. Населбата Кент е одредувана како јутска, кои потекнуваат од земјата северно од Ангелн.

Доцна историја[уреди | уреди извор]

Фленсбуршкиот лав
Фленсбуршкиот Фјорд со црвениот замок во Мирвик

Откако Англите заминале од Ангелн, до VIII век областа била населена од Данците. Ова се гледа преку големиот број на места кои завршуваат на „-би“ (-by; што значи „-село“) и денес во самата област. Во X век, хроничарот Етелверд известил дека најважен град на Ангелн бил Хедеби.

Подоцнежната историја на Ангелн се поклопува со онаа на поголемиот регион, кој е познат како Јужен Јитланд или Шлезвиг. До XIX век, областа главно припаѓала на Данска. Но, во поглед на етничко и лингвистичко наследство, се развило мешано германско-данско население. Данска го изгубила Шлезвиг од Австрија и Прусија во 1864 година како последица на Втората шлезвишка војна. Во 1920 година, по поразот на Германија во Првата светска војна, бил одржан референдум за да се одреди кои области треба да се вратат на Данска. Како последица на референдумот, голем дел од Шлезвиг бил вратен на Данска, но Ангелн останал дел од Германија.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Ecclesiastical History of the English Nation, Book I, Bede, c. 731
  • The Anglo-Saxon Chronicle: Translated and collated by Anne Savage, Dorset Press, 1983, ISBN 0-88029-061-7
  • Malcolm Falkus and John Gillingham, Historical Atlas of Britain, Crescent Books, 1987, ISBN 0-517-63382-5

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 54°40′N 9°40′E / 54.667° СГШ; 9.667° ИГД / 54.667; 9.667