Кутретино

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кутретино

Поглед на селото

Кутретино во рамките на Македонија
Кутретино
Местоположба на Кутретино во Македонија
Кутретино на карта

Карта

Координати 41°12′32″N 21°12′51″E / 41.20889° СГШ; 21.21417° ИГД / 41.20889; 21.21417Координати: 41°12′32″N 21°12′51″E / 41.20889° СГШ; 21.21417° ИГД / 41.20889; 21.21417
Регион  Пелагониски
Општина  Демир Хисар
Област Железник
Население 264 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7240
Повик. бр. 047
Шифра на КО 10018
Надм. вис. 650 м
Кутретино на општинската карта

Атарот на Кутретино во рамките на општината
Кутретино на Ризницата

Кутретино — село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Името на селото потекнува од личното име Кутретин или Кутрашин, кое се верува дека е од првиот жител. Така, се верува дека надворешно бил неугледен, ситен, поради што народот го викал кутриот, никоја жена не го сакала.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Ова село се наоѓа во Железник, во југоисточниот дел на територијата на Општина Демир Хисар, од десната страна на Црна Река, недалеку од патот Демир Хисар-Битола, а чиј атар се допира со подрачјето на Општина Битола.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 650 метри.[3]

Во Кутретино има претежно нови куќи, кои се изградени во непосредна близина на магистралниот пат Битола-Демир Хисар–Кичево. Селото од градот Демир Хисар е оддалечено околу 4 километри, а од градот Битола 25 километри. Селото се граничи со градот Демир Хисар на север, со селото Суводол на исток, со селата Загориче и Лопатица (Општина Битола) и со селото Стругово на запад.[2]

Селото е практично споено со соседното Суводол, така што дел од општествените установи се заеднички. Двете села ги делат училиштето, фудбалското игралиште, селската црква „Св. Константин и Елена“ и селските гробишта. Новите градби во ова село се направени на местото на некогашните плодни ниви, каде се доселиле луѓе од планинските села Боиште, Лесково и Церово.[4]

Во 1958 година селото добило електрична енергија, водовод има од 1966 година, а асфалтен пат од 1986 година.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Според легендата, во месноста Леска се наоѓала голема средновековна населба позната како Лескоец или Леска. Меѓу мештаните месноста е нарекувана и Старо Кутретино. Таму имало многу богата црква, која била уништена од Турците. Нејзините столбови и камени блокови биле однесени во селото Гопеш и вградени во црквата „Св. Преображение“.[4]

Селото Кутретино е споменато во пописните турски дефтери од 1468 година и од 1568 година. Во 1468 година имало 26 христијански семејства, 2 неженети и 3 вдовици, односно вкупно 147 жители. Во 1568 година имало 64 жители.[2]

Кутретино е заведено и во Слепченскиот кодик од XVI век.[2]

Во XIX век, Кутретино се наоѓало во Битолската каза, нахија Демир Хисар, во Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е мал и зафаќа простор од 3,9 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 178 хектари, на шумите отпаѓаат 126 хектари, а на пасиштата 61 хектар.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]

Во селото има две продавници за колонијални стоки, две живинарски фарми, два отпада, една столарска работилница, еден автосервис, една кафеана и една воденица (млин).[2]

Населението одгледува разни зрнести и крмни растенија (компир, грав, пченка, пипер, тутун) и зеленчук.[2]

Во отоманскиот период се одгледувале пченица, јачмен, просо, се саделе лозја и се правело вино и се занимавале со гаење на пчели.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948159—    
1953161+1.3%
1961164+1.9%
1971197+20.1%
1981179−9.1%
ГодинаНас.±%
1991259+44.7%
1994271+4.6%
2002301+11.1%
2021264−12.3%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Кутретино имало 52 жители, сите Македонци христијани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бараково имало 64 жители.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Кутретино се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 5 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[8]

Кутретино е мало село, но со пораст на населението. Така, селото во 1961 година броело 164 жители, а во 1994 година 271 жител, македонско население.[3]

Кутретино е едно од малкуте села во областа кои бележат раст на населението во последните децении.[4]

Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 301 жител, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 264 жители, од кои 257 Македонци, 1 Албанец и 6 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 52 64 159 161 164 197 179 259 271 301 264
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови[уреди | уреди извор]

Кутретино е македонско село.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1952 година родови во селото:[15]

  • Со непознато потекло: Шопевци (2 к.), Ѓиковци (3 к.) и Китановци (2 к.), стари доселеници.
  • Доселеници: Тодоровци (2 к.), Босилковци (2 к.) и Поповци (2 к.), доселени се во 1920 година од селото Вирово; Чагоровци и Богојовци (1 к.), доселени се во 1905 година од раселеното село Чагор кај Битола; Најденковци (2 к.), доселени се во 1913 година од селото Вирово и Тренчевци (2 к.), доселени се во 1920 година од селото Големо Илино. Таму им биле роднини Велковци.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Демир Хисар.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Демир Хисар, во која покрај селото Кутретино, се наоѓале и селата Бараково, Белче, Вардино, Граиште, Единаковци, Журче, Мургашево, Ново Село, Лесково, Прибилци, Ракитница, Растојца, Сладуево, Слепче, Стругово и Суви Дол. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Мургашево, во која влегувале селата Белче, Кутретино, Мургашево, Слепче и Суводол.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0628 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 260 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[19]
Цркви[20]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави
  • Свети Константин и Елена (3 јуни) — селска слава

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Кутретино има десетина иселени домаќинства, главно во градовите Битола и Скопје, но има иселено и во европските и во прекуокеанските земји.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Димитров, Никола В. (2017). Географија на населби: општина Демир Хисар (PDF). Битола. стр. 50–51. ISBN 978-608-65616-4-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 170. Посетено на 25 март 2020.
  4. 4,0 4,1 4,2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-07-18. Посетено на 2020-03-25.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 238.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 јули 2016.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. Русиќ, Бранислав. Фонд Русиќ. Архивски фонд на МАНУ к-5, АЕ 97.
  16. „Основно образование“. македонски: Општина Демир Хисар. Архивирано од изворникот на 2016-08-28. Посетено на 26 јули 2016.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 25 март 2020.
  18. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 25 март 2020.
  19. Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]