Софија Грандаковска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Софија Грандаковска
Софија Грандаковска
Роден(а)1973
Полиња
Установи
Познат по
Поважни награди
Страница
Sofija Grandakovska

Софија Грандаковска (1973) — научник, поет и автор во областите на компаративните книжевни студии и интердисциплинарните студии на холокаустот, еврејската историја, литература и култура, со специјализација во доменот на еврејската и холокауст историја на Балканот. Друга област на нејзин научен интерес се Византиски студии. Грандаковска има објавено бројни научни студии во областите на книжевната и визуелната семиотика, книжевната теорија, критика и интерпретација и уметноста.

Кариера[уреди | уреди извор]

Образование и работно искуство[уреди | уреди извор]

Софија Грандаковска дипломира (1999), магистрира (2007) и докторира (2009) (научна насока) на Катедрата за општа и компаративна книжевност, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзините дипломски, магистерски и докторски трудови се од областите на книжевната и визуелната семиотика.

Во нејзиниот дипломски труд Интермедијалните аспекти на иконата (теологија, семиотика, апстрактна уметност) (1999), преку примена на семиотичкиот модел на компаративното проучување на книжевноста и визуелната уметност (средновековната икона и апстрактното сликарство), Грандаковска го истражува прашањето „Дали зборот и претходи на сликата, или сликата му претходи нему?“ Подоцна, тезата од овој труд е развиена и објавена во нејзината академска книга Портретот на сликата (2010).[1]

Во 2006 година, Грандаковска ја добива наградата „Најдобар млад научник на годината: Вита Поп-Јорданова“ од Македонската академија на науките и уметностите за нејзината исклучителна академска работа и меѓународно објавените научни трудови во областа на компаративните книжевни студии.[2]

Нејзината магистерска дисертација, одбранета во 2007 (објавена под наслов Говорот на молитвата во 2008),[3] е фокусирана на дефинирање на дискурсот на молитвата во интердисциплинарен домен, од нејзините архаични манифестации до нејзината книжевна феноменологија во еврејската, хеленската, византиската и старословенската книжевна традиција и семиотика на антропологија.[4]

Во 2007, Грандаковска е номинирана од Одделението за книжевност и литературна наука при Македонската академија на науките и уметностите за научно истражување во Српската академија на науките и уметностите, во Белград. Како докторанд при Византолошкиот институт и Балканололошкиот институт при САНУ, таа истражува на тема: „Историските перспективи меѓу старозаветната поезија и византиската книжевност“, што подоцна ја развива и разработува во нејзината докторска дисертација Богородичниот акатист во контекст на византиската химнографија (2009),[5] подоцна објавена во книгата Неседалната химна низ слово и фреска (2017).[6]

Пролетта 2009 година, Грандаковска користи номинација за престој во културниот центар apexart (Њујорк), како резултат на нејзините научни и книжевни достигнувања во Република Северна Македонија.[7] Подоцна, истата година, се стекнува со звање асистент професор во областа на културната теорија на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ (Скопје), каде предава од 2009-2013 година.[8] Во 2014 година, Грандаковска се стекнува со научно звање виш научен соработник/вонреден професор при Институтот за национална историја, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.[9]

Во 2013-2014 година, д-р Грандаковска работи како постдокторски истражувач на Меѓународниот институт за холокауст истражување Јад Вашем. Нејзината истражувачка тема: Холокаустот во Македонија: Депортацијата на Евреите од Македонија“[10] се занимава со прашањето за непризнаениот граѓански статус и третманот како не-бугарски граѓани на Евреите на територијата на вардарска Македонија, окупирана, администрирана и анексирана од Царството Бугарија, што во 1943 година доведе до нивна депортација во Треблинка како res nullius.[11]

Во периодот 2016-2018, Грандаковска ја добива престижната Саул Каган постдокторска стипендија во напредни шоа студии од страна на Клеимс Конференс (Claims Conference) за нејзинато истражување „Евреите од Македонија и холокаустот: раса, граѓански статус, депортација“. Ова интердисциплинарно и интеристориско научно истражување е фокусирано на прашањата за расата и нацијата во 20 век низ примерот на различните холокауст искуства на македонските Евреи, вклучувајќи ги оние од вардарска Македонија и оние кои престојувале на територијата на Југославија. Како истражувач на Саул Каган, Грандаковска била афилирана на Факултетот за медиуми и комуникации (ФМК) при Универзитетот Сингидунум во Белград (Србија).[12]

Во 2018, Грандаковска остварува научен престој во Центарот за еврејска историја (Center for Jewish History) (Њујорк), каде работи на истражувачката тема: „Поделени истории на Сефардите од Монастир: Холокаустот и мигрирањето во Америка.“ Основниот фокус на нејзиното истражување е насочен кон населувањето на таканаречените Монастирлии или Сефардите од градот Монастир (Битола) во отоманска Македонија, во Њујорк, Индианаполис и Рочестер, во три миграциски бранови во периодот меѓу 1900 и 1924 година. Грандаковска ја истражува нивната институционална (социјална, религиска и професионална) интеграција во новиот американски амбиент како нова географска референца за оваа сефардска група, како и учеството на Монастирлиите во создавање нов културен наратив за историјата на миграцијата во 20 век.[13]

Од 2019 година, Грандаковска работи како професор на John Jay College of Criminal Justice (City University of New York), на катедрата за антропологија. Предава за теми кои ги истражуваат прашањата од „културата и злосторството“ манифестирани во насилна форма, со посебен акцент на колонијализмот, војната и геноцидот во различни општества, територии и времиња.[14]

Компаративна книжевност и културни студии[уреди | уреди извор]

Софија Грандаковска е автор на неколку научни книги од областа на интердисциплинарните студии на книжевноста, уметноста и културата.

Говорот на молитвата (2008) го проучува феноменот на молитвата во човечката историја, нејзиното потекло, предкнижевниот контекст и нејзиниот развој во различни цивилизации, како и начините на кои човекот го надминувал стравот и го барал доброто. Книгата понатаму ја изучува молитвата како книжевен жанр во хеленската, еврејската, византиската и старословенската книжевност.[15]

Портретот на сликата (2010) е збирка што обединува научно истражување во однос на дванаесет различни теми, поврзани со толкувањето на книжевни феномени и форми на уметничко и духовно изразување во средновековната и современата епоха. Одделните тематски истражувања претставуваат своевидни теоретски прозорци во однос на разбирањето на културното наследство на Република Северна Македонија, обединувајќи неколку хуманистички научни дисциплини, меѓу кои археологија и нејзините субдисциплини, историја на уметност, уметничка критика, книжевни жанрови, културно-историски анализи и проучување на средновековната и современата духовна култура.[16][17]

Неседалната химна низ слово и фреска (2017) претставува мултидисциплинарна студија посветена на етичките, естетските и поетските аспекти на византиската Акатистна химна во нејзиното терминолошко разбирање, историскиот, книжевниот, литургискиот и визуелниот контекст. Истражувањето навлегува во книжевниот текст на Акатистот, како и во трансформацијата на химната во сликарството (како што е примерот на насликаниот циклус на Акатистот во црквата „Св. Димитрија“ - Марков манастир близу Скопје).[18]

Минијатури и максимали (2020) претставува збирка на книжевнонаучни и критички студии и есеи на низа теми, чиј контактен центар ја претставува улогата на книжевноста во современ социјален контекст. Петте поглавја од книгата се посветени на античката и византиската поетика и визуелната уметност, холокаустот и еврејската историја и култура (претставени преку архивски документи за Сефардите во османлиска Македонија и сефардската книжевност), потоа, современите дискурси на војната, антропологијата и деконструкцијата на центрите на моќ, современата македонска книжевност, како и поместувањата во современата светска книжевност поттикнати од руската авангардна проза.[19]

Еврејска и холокауст историја на Балканот[уреди | уреди извор]

Софија Грандаковска е приредувач, автор на предговорот и соавтор на двојазичната хрестоматија „Евреите од Македонија и холокаустот: историја, теорија, култура“ [The Jews from Macedonia and the Holocaust: History, Theory, Culture] (2011). Појавата на оваа книга претставува значаен придонес во пополнувањето на празното место во контекст на недостатокот студии за судбината на Евреите од Вардарска Македонија во текот на Втората светска војна. Од 7.148 македонски Евреи кои биле депортирани во екстерминациониот камп Треблинка II, не преживеал ниту еден.[20][21] Првата збирка документи за холокаустот во Македонија е објавена во 1986 година од Вера Весковиќ-Вангели и Жамила Колономос. Книгата на Грандаковска од 2011 година, претставува втор референтен репер на оваа тема. Хрестоматијата е структурирана како интердисциплинарен и интертекстуален корпус, покривајќи три значајни аспекти на дискусија во однос на холокаустот: историја, култура и теорија. Содржи 14 оригинални авторски текстови, како и архивски и фотографски материјал.[22][23]

Грандаковска е автор на каталогот и ко-куратор (заедно со Жанета Вангели, дизајнер на изложбата) на мултимедијалната изложба „Евреите од Македонија и холокаустот“ (Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2011 и Галерија на еврејска заедница, Белград, 2013), која претставува визуелна реплика на дискурзивното ниво на хрестоматијата. Документарниот филм „Евреите од Македонија и холокаустот“, базиран на истражувањето на Грандаковска и колекцијата архивски материјал, е реализиран од Жанета Вангели и продуциран од Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“ (2011).[2][24]

Д-р Грандаковска била предавач, програмски дизајнер и организатор на првата школа за холокауст во Република Северна Македонија: “The Diverse Survival Strategies of Jewish and Roma Communities in Macedonia: From Resistance to Memorialization“(2011), на која учествувале истражувачи од европските земји и по која, следувале други бројни активности.[25]

Во 2011–2012, Грандаковска соработува со Мајкл Беренбаум (Michael Berenbaum) и била ангажирана од страна на Berenbaum Group (Лос Анџелес, Калифорнија) како професионален консултант и истражувач за концептуалниот развој на проектот „Изложба во Меморијалниот центар на Евреите од Македонија.“[2]

Грандаковска била консултант, истражувач и автор на сегментот од сценариото за депортацијата на Евреите од вардарска Македонија и реорганизацијата на еврејската заедница во Социјалистичка Република Македонија по Втората светска војна, за документарниот филм „Евреите од Македонија“, во режија на Дејан Димески, во продукција на Националната телевизија и Министерството за култура на Република Северна Македонија (2016-2017).[26][27]

Во 2018, Софија Грандаковска била главен истражувач за Република Северна Македонија за European Holocaust Research Infrastructure (EHRI) и автор на студијата за идентификација на легални случаи за холокаустот, вклучително и големи судски процеси во Северна Македонија.[28][29] Друга област на нејзиното истражување на оваа тема е судбината на македонските Евреи кои, за време на Втората светска војна, живеат или престојуваат надвор од Македонија, на други територии окупирани од нацистите. Грандаковска за првпат идентификуваше имиња на околу 200 македонски Евреи убиени во раната фаза на холокаустот од страна на германскиот окупатор во Србија и нејзиниот соработник, квислиншката влада на Милан Недиќ и од усташите во нацистичкиот сателит Независна Држава Хрватска.[30][31]

Поезија[уреди | уреди извор]

Грандаковска е автор на две двојазично објавени книги поезија. Осмиот ден [The Eighth Day] (2005) претставува современа епско-лирска поема за светоста, сфатена како светлина и предмет на човечкиот крик. Поетската книга Препечено сонце [The Burning Sun] (2009) претставува модерна религиска имагинација што го прифаќа дискурсот на молитвата како своја семиотичка рамка за разбирање на интимната форма на комуникација со светоста.[32]

Заднина[уреди | уреди извор]

Предците на Софија Грандаковска се Сефарди од соседствата Голем Двор и Нова Синагога во отомански Монастир (денешна Битола). Нејзините непосредни предци се едни од малкутемината кои го преживеале холокаустот со тоа што го промениле своето име.[33]

Творештво[уреди | уреди извор]

Компаративна книжевност и културни студии

- авторски книги

  • Говорот на молитвата (2008)[3]
  • Портретот на сликата (2010)[1]
  • Неседалната химна низ слово и фреска (2017)[6]
  • Минијатури и максимали (2020)[34]

- ко-уредник и соавтор

  • DOMA [HOME], vol. 0, двојазично (англиски и македонски) book-zine издание, приредено од Антонио Петров и Софија Грандаковска (2010)[35]

Еврејска и холокауст историја на Балканот

- приредувач и соавтор

  • Евреите од Македонија и холокаустот: историја, теорија, култура [The Jews from Macedonia and the Holocaust: History, Theory, Culture] (2011)[36][37]

Поезија

  • Осмиот ден [The Eighth Day] (2005)[38]
  • Препечено сонце [The Burning Sun](2009)[39]

Книжевни преводи

  • Сефардски приказни (2014), раскази од Елиезер Папо, превод од српски на македонски[40]
  • Сараевска Мегила (2014), роман од Елиезер Папо, превод од српски на македонски[41]
  • Учителот и неговите соговорници (2016), новела од Елиезер Папо, превод од српски на македонски[42]
  • 54 песни и еден стих (2018), поезија, од Александар Петров, превод од српски на македонски[43]

Признанија[уреди | уреди извор]

  • Благодарница за особен придонес кон создавањето на капиталното дело „Македонија-милениумски културно-историски факти“, Директорат за заштита на културно наследство на Република Северна Македонија при Министерство за култура (2013)
  • Награда за Најдобар млад научник на годината „Вита Поп Јорданова“ доделена од Македонската академија на науките и уметностите, за нејзината академска работа и интернационално објавени научни студии во областа на компаративната книжевност, според меѓународна класификација (2006)
  • Плакета за афирмација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како добитник на наградата Најдобар млад научник на годината „Вита Поп Јорданова“ од страна на Македонската академија на науките и уметностите (2006)
  • Национално признание според Одлука на Владата на Република Северна Македонија како добитник на признанието „Вита Поп-Јорданова“ од Македонската академија на науките и уметностите (2006)
  • Сертификат за академски и истражувачки труд за културното наследство во Република Северна Македонија (за проектот „Женското монаштво во Македонија“), доделена од Форд Грант (Ford Grant) и Музеј на Град Скопје (2004)[2][13]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Портретот на сликата : книжевна и визуелна семиотика / Грандаковска, Софија“. Cobiss. ISBN 978-608-65215-0-9. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Васил Мицковски (30 април 2013). „д-р Софија Грандаковска: Македонскиот идентитет не е пластелин за универзални фигури со фолклорна моќ“. Глобус (314): 199–202. Архивирано од изворникот на 2013-07-23. Посетено на 30 јуни 2021. Занемарен непознатиот параметар |name-list-style= (help)CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  3. 3,0 3,1 „Говорот на молитвата / Грандаковска, Софија“. Cobiss. ISBN 978-9989-2244-2-3. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  4. Катица Ќулавкова (10 ноември 2008). „Излезе од печат „Говорот на молитвата" од Софија Грандаковска“. Премин. Посетено на 30 јуни 2021.
  5. „Промоција одржана на 4 март 2010 година“ (PDF). Универзитетски весник, издание на Универзитетот Св: Кирил и Методиј (104): 8–9. март 2010. Посетено на 30 јуни 2021. Занемарен непознатиот параметар |name-list-style= (help)
  6. 6,0 6,1 „Неседалната химна низ слово и фреска / Грандаковска, Софија“. Cobiss. ISBN 978-608-200-339-9. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  7. „Fellowship program - Sofija Grandakovska“. apexart. Посетено на 30 јуни 2021.
  8. „Институт за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан" - Билтен (I/13)“. 14 септември 2009. Посетено на 30 јуни 2021. line feed character во |title= во положба 52 (help)
  9. „Реферат за избор во звањето виш научен соработник/вонреден професор во Институтот за национална историја во Скопје“ (PDF). Билтен на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (1070): 199–202. 16 јуни 2014. Посетено на 30 јуни 2021. Занемарен непознатиот параметар |name-list-style= (help)
  10. „Past Research Fellows“. Јад Вашем. Посетено на 30 јуни 2021.
  11. הרצאת צוות חוקרים - סופיה גרנדקובסקה, Annual Lecture by Dr. Sofija Grandakovska: "Deportation of Macedonian Jews", International Institute for Holocaust Research of Yad Vashem, Jerusalem, 16 јануари 2014
  12. „Sofija Grandakovska“. Claims Conference Saul Kagan Fellowship in Advanced Shoah Studies. Посетено на 30 јуни 2021.
  13. 13,0 13,1 „CV. на Софија Грандаковска“ (PDF). John Jay College of Criminal Justice. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-06-06. Посетено на 30 јуни 2021.
  14. „Sofija Grandakovska“. John Jay College of Criminal Justice. Посетено на 30 јуни 2021.
  15. Катица Ќулавкова (10 ноември 2008). „Излезе од печат "Говорот на молитвата" од Софија Грандаковска“. Премин. Посетено на 30 јуни 2021.
  16. Елизабета Димитрова. „Поговор кон „Портретот на сликата" од Софија Грандаковска“ (PDF). Премин. Посетено на 30 јуни 2021.
  17. „Софија Грандаковска, Портретот на сликата KIC“. alter 85. Посетено на 30 јуни 2021.
  18. Елизабета Димитрова (12 август 2020). „За „Акатистот низ слово и фреска" (Скопје: Менора, 2017) од д-р Софија Грандаковска“. Премин. Посетено на 30 јуни 2021.
  19. „Introductory word to Miniatures and Maximums (2020) by Dr. Katerina Josifoska“. Посетено на 30 јуни 2021.
  20. Софија Грандаковска. „Whose Citizens Were the Jews Deported From Macedonia?“ (PDF). Историја, здружение на историчарите на Република Македонија. Скопје: ZIRM (1, L/LI, 2015/2016): 239–256. ISSN 0579-0263. Посетено на 30 јуни 2021. Занемарен непознатиот параметар |name-list-style= (help)
  21. Софија Грандаковска. „Unearthing Catastrophe in Macedonia - John Jay Fall 2019 Visiting Scholar“. John Jay College of Criminal Justice. Посетено на 30 јуни 2021.
  22. „Review of The Jews from Macedonia and the Holocaust: History, Theory, Culture by Prof. Dr. Krinka Vidakovic Petrov, Ohrid, 2011“. Посетено на 30 јуни 2021.
  23. „Review of The Jews from Macedonia and the Holocaust: History, Theory, Culture by Episcope of Pakrac and Slavonia (Croatia) and president of the Jasenovac Committee, Jovan Ćulibrk, MA, Ohrid, 2011“. Посетено на 30 јуни 2021.
  24. „Symposium project space“. Посетено на 30 јуни 2021.
  25. „The Diverse Survival Strategies of Jewish and Roma Communities in Macedonia: From Resistance to Memorialization (Summer School in Holocaust studies)“ (PDF). Посетено на 30 јуни 2021.
  26. „Епизода 2 од документарниот филм „Евреите од Македонија". Посетено на 30 јуни 2021.
  27. „Епизода 3 од документарниот филм „Евреите од Македонија". Посетено на 30 јуни 2021.
  28. „2,000th Archival Institution Integrated into the EHRI Portal“. European Holocaust Research Infrastructure. 15 јануари 2019. Посетено на 30 јуни 2021.
  29. „Immovable Property Restitution Study“ (PDF). European Shoah Legacy Institute. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-06-13. Посетено на 30 јуни 2021.
  30. Софија Грандаковска (2019). „Идентификација на Евреите од Македонија во Србија и Независна држава Хрватска во 1941 и 1942 година“ (PDF). Годишњак за истраживање геноцида. Белград / Крагуевац: Музеј жртава геноцида/Спомен-музеј „21. октобар” (vol. 11/1): 203–242. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-06-24. Посетено на 30 јуни 2021. Занемарен непознатиот параметар |name-list-style= (help)
  31. Sofija Grandakovska. "Out of the Archives: Uncovering Victims of Genocide in Yugoslavia”. Newsletter, vol. 3, no. 1 spring (2020). New York: City University of New York, Department of Anthropology, pp. 18-20.
  32. „After-words by Prof. Bojana Stojanović Pantović in: Sofija Grandakovska, The Burning Sun (2009)“. Посетено на 30 јуни 2021.
  33. „Sephardic Genealogy, Ottoman Macedonia“. interview with Sofija Grandakovska by the Center for Jewish History. Посетено на 30 јуни 2021.
  34. „Минујатури и максимали / Грандаковска, Софија“. Cobiss. ISBN 978-608-4646-35-8. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  35. Антонио Петров, Софија Грандаковска. „DOMA [HOME]“ (англиски и македонски) (0). Massachusetts: The Harvard University/Скопје: Кино Око. ISBN 978-608-65159-0-4. Посетено на 30 јуни 2021. Занемарен непознатиот параметар |name-list-style= (help); Наводот journal бара |journal= (help)CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  36. „Евреите од Македонија и холокаустот: историја, теорија, култура / Грандаковска, Софија“. Cobiss. ISBN 978-9989-136-74-0. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  37. „The Jews from Macedonia and the Holocaust: History, Theory, Culture / Grandakovska, Sofija“. Cobiss. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  38. „Осмиот ден = The eighth day / Грандаковска, Софија“. Cobiss. ISBN 9989-168-00-8. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  39. „Препечено сонце = The burning sun / Грандаковска, Софија“. ISBN 978-9989-189-52-4. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021. Text "publisher" ignored (help)
  40. „Сефардски приказни / Папо, Елиезер“. Cobiss. ISBN 978-608-4714-07-1. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  41. „Сараевска мегила / Папо, Елиезер“. Cobiss. ISBN 978-608-4714-06-4. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  42. „Учителот и соговорниците / Папо, Елиезер“. Cobiss. ISBN 978-608-65529-7-8. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.
  43. „54 песни и еден стих / Петров, Александар“. Cobiss. ISBN 978-608-261-000-9. Архивирано од изворникот на 2021-06-02. Посетено на 30 јуни 2021.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]