Алиша Бет Мур (анг. Alecia Beth Moore; родена 8 септември 1979) e американска кантавторка, позната под уметничкото име Пинк (анг. Pink; стилизирано како P!nk). Таа го издала својот прв сингл, „There You Go“, на нејзиниот прв албум кој бил ориентиран на R&B музиката, Can't Take Me Home, во 2000 година преку издавачката куќа LaFace Records, кој освоил комерцијален успех. Нејзиниот втор студиски албум, Missundaztood, кој бил ориентиран на поп-рок музиката бил издаден во 2001 година и имал голем успех ширум светот.
Пинк го издала својот трет студиски албум, Try This, во ноември 2003 година, кој освоил помал комерцијален успех отколку претходниот албум, но сепак од него биле продадени повеќе од 3 милиони копии ширум светот, а песната „Trouble“ од истиот албум ѝ донела Греми награда на Пинк за Најдобра Рок Вокална Изведба. Нејзиниот четврт албум I'm Not Dead, е издаден во април 2006 година. Албумот вклучува повеќе хит синглови, како што се „Stupid Girls“, „U + Ur Hand“ и „Who Knew“. Песните „U + Ur Hand“ и „Who Knew“ се искачиле на 1 место на поп табелите. Нејзиниот петти албум Funhouse, е издаден кон крајот на октомври 2008 година. Во албумот се наоѓа познатата песна, „So What“. Во албумот се наоѓале и други три Топ 20 синглови: „Sober“, „Please Don't Leave Me“ и „Glitter in the Air“. На 15 ноември 2010, таа ја издала својата прва компилација, Greatest Hits... So Far!!!.
Според Билборд, Пинк се наоѓа на 13 место на списокот на најдобри артисти на декадната табела [1] и на #1 место на списокот на поп артисти на декадната табела (2000–2009).[1] Пинк има освоено две Награди Греми, 5 MTV Видео Музички Награди и 2 Британски музички награди. До сега има продадено повеќе од 30 милиони албуми ширум светот.[2] Во 2010 магазинот Forbes Magazine, ја вброил Пинк како 27-та најмоќна позната личност, бидејќи заработила 44 милиони долари во периодот од јуни 2009 до јуни 2010 година.[3]
Пинк е родена на 8 септември 1979 година во Дојлстаун, Пенсилванија. Нејзина мајка е Џудит Мур, медицинска сестра а нејзиниот татко е Џим Мур, Виетнамски ветеран.[4] Нејзиниот татко е Католик, а нејзината мајка е Еврејка,[5] а нејзините предци емигрирале од Ирска, Германија и Литванија.[6] Пинк пораснала во Дојлстаун. Нејзиниот татко свирел на гитара и пеел песни за неа, и од раната возраст таа одлучила да биде рок ѕвезда. Пинк има еден брат, Џејсон Мур (роден 1977).[7] Во средно училиште, Мур се вклучил во бенд наречен Middleground.
Пинк го развила својот глас уште како мала. Иако таа била здраво дете на почетокот, таа подоцна добила астма која и се појавила во раните години.[8] Кога била тинејџерка, таа напишала песна за нејзините чувства, и нејзината мајка коментрила, "Нејзините први текстови секогаш беа интроспективни. Некои од нив беа многу црни, и длабоки, речиси загрижувачки."[8] Таа почнала да изведува во клубовите во Филаделфија, кога имала 14 години, и поминала одредени фази кога се занимавала со скејтборд, како хипхопер и гимнастичарка. На 16 години заедно со друга севојка таа ја формирала R&B групата Choice. Тие склучиле договор со L.A. Reid, работеле со различни продуценти две години, никогаш не издале песна, сè додека Рејд не ја натерал Пинк да ја развива својата соло музичка кариера. Идејата за сценското име "Pink" го зела од филмот Reservoir Dogs каде што се сретнува лик со име Mr. Pink.[9]
Во 1995 година, Алиша Мур се приклучила во Choice, американскиR&B бенд составен од женски членови, во кои влегувале и Криси Конуеј и Шерон Фланаган. Копија од нивната прва песна, „Key to My Heart“, била испратена на издавачката куќа LaFace Records во Атланта, Џорџија, каде Л.A. Рид ја слушнал и им овозможил бесплатен превоз до таму за да може да го слушне бендот како пее во живо. После тоа тој потпишал договор со нив, но бидејќи девојките не биле полнолетни нивните родители морале да дојдат и да се потпишат на договорот. Групата се префрлила во Атланта и го снимила својот прв албум, и песната „Key to My Heart“. Групата се распаднала во 1998 година.
2000–04: Can't Take Me Home, Missundaztood, и Try This
Првиот албум на Пинк , Can't Take Me Home, е издаден во април 2000 година. Има добиено дупла платинска сертификација во САД, со повеќе од 5 милиони продадени копии ширум светот, а на албумот се наоѓаат и првите два сингла: „There You Go“ и „Most Girls“ (број еден во Австралија). Третиот сингл од албумот, „You Make Me Sick“, бил во списокот на топ 40 во САД, во топ десет листата во Обединетото Кралство, а се појавил и во филмот Save the Last Dance. Песната „Split Personality“ била користена во филмот Дневниците на Принцезата. Во 2001 таа била дел од „Lady Marmalade“, со пејачката Кристина Агилера, раперот Лил Ким, и пејачката Mýa за дискот со песни на филмот Moulin Rouge!.