Прејди на содржината

Македонска енциклопедија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонска енциклопедија
Книги на енциклопедијата
ЗемјаМакедонија
Јазикмакедонски
ИздавачМАНУ
Издадена
септември 2009

Македонската енциклопедија — прва научна енциклопедија за Македонија редактирана од МАНУ. Енциклопедијата била подготвувана подолг период во Лексикографскиот центар при што биле вклучени 260 соработници во нејзината подготовка под раководство на главниот уредник, академикот Блаже Ристовски. Енциклопедијата била отпечатена во околу 2.000 примероци, финасиски поддржана од Владата на Република Македонија при што околу 300 примероци се продадени или подарени, а останатите 1 700 копии се повлечени од продажба. На почетокот, енциклопедијата циркулирарала во електронска форма на интернет, а подоцна можела слободно да се преземе.[1] Енциклопедијата содржи околу 9 000 одредници. Во МАНУ било планирано „Македонската енциклопедија“ да биде објавена во проширено издание со повеќе томови во кое би било опфатено она што не било опфатено или било пропуштено во двата тома, а потоа енциклопедијата би била преведена на англиски јазик.

Промоција

[уреди | уреди извор]
  • На промоцијата на Енциклопедијата, академикот Георги Старделов, тогашен претседател на МАНУ, изјавил: „Ова е прва македонска енциклопедија, ослободена од туѓи историски наслојки и толкувања, која резултира од принципот на мултикултурализмот, а не од етноцентризмот. Тоа не е само енциклопедија на македонскиот народ, туку и на македонската држава“.
  • Според академикот Гане Тодоровски, „објавувањето на Енциклопедијата, првпат во името на национална и престижна државна институција, ќе успее троа од троа да ги смири инертните наши непромислени противења и традиционални противници, на кои сме им до денов денешен трн во окото“.[2]
  • Тогашниот премиер, Никола Груевски, изјавил: „Проектот можеби не е приказ на целокупниот живот и развиток на Македонија, но ова дело автентично го скенира македонското гледиште за културното и национално-политичко минато и сегашност и претендира да стане објективна, интегрална информација за нас и нашата земја“. Притоа, Груевски го изразил своето уверување дека со својот објективистички пристап и научна аргументација ќе придонесе „за авторитетна презентација на македонската вековна опстојба на овој конгломератен етнокултурен балкански простор и вистината за нас во минатото“.[3]

Протести во однос на содржината

[уреди | уреди извор]

Издавањето на енциклопедијата предизвикало бура на протести во однос на нејзината содржина а нејзините автори се подложени на сериозни критики.

  • Американскиот амбасадор Филип Рикер, во интервју за Радио Слободна Европа, истакнал дека е добро што Груевски и Ахмети седнале заедно на маса, по објавувањето на Енциклопедијата.[4]
  • Мендух Тачи, претседателот на Демократската партија на Албанците, најавил основање на паралелна академија на Албанците во Македонија, која би подготвила автентична енциклопедија на Албанците.
  • „Не требаше да дојде до оваа огромна грешка, за која почнуваме да мислиме дека е намерна. Во овој момент, кога на државата и треба целосен политички и етнички консензус, да се настапи со такви ниски удари врз другата најголема етничка заедница, треба или да не си нормален или намерно да преземаш чекори во полза на сопствената штета“, изјавил Џевад Адеми од ДУИ, најавувајќи дека ДУИ како дел од Владата пожестоко ќе бара кривична одговорност за тие што ги злоупотребуваат народните пари.
  • Нова демократија побарала премиерот Никола Груевски да се огради од напишаното во Енциклопедијата.
  • ДПА ги повикала членовите-Албанци во МАНУ (Алајдин Абази, Луан Старова и Али Алиу) да поднесат оставки од функциите.
  • „Првата македонска енциклопедија го загрозува уставниот мултиетнички карактер на Македонија, поттикнува меѓуетничка омраза, ја фалсификува историјата на албанскиот народ, тешко ги навредува чувствата на секој Албанец, им нанесува штета на односите со нашите американски и британски пријатели и со целиот цивилизиран свет. Бараме МАНУ што поскоро да ја повлече скандалозната енциклопедија, да ангажира албански експерти во подготовка на историјата на Албанците во Македонија, јавно да им се извини на албанскиот, американскиот и на британскиот народ и да ги осуди ставовите на Блаже Ристоски. Во спротивно, ќе сметаме дека истите ставови ги дели и МАНУ. Истото го бараме и од Владата, која е поддржувач на овој проект“, изјавил Лимани Авдија, претставник на граѓанското движење „Разбуди се“.

Најава за ново издание

[уреди | уреди извор]

По повлекувањето на ова издание на Македонската Енциклопедија и по смената на главниот уредник, од МАНУ било најавено ново издание на енциклопедијата, со главен уредник академик Митко Маџунков, при што Маџунков истакнал дека е потребно да се направи ново проширено издание, додавајќи дека „старата енциклопедија е завршена, но оти во неа има многу грешки, не само материјални, туку и фактички грешки во однос на цели области и народи, во однос на Албанците и во однос на македонската култура во целост“, потсетувајќи дека добил налог од Собранието да се направи второ проширено издание. Со тоа, како што рекол во неговото интервју за Нова Македонија, првото издание требало да се фрли или рециклира и да се променат повеќе одредници.[5]

Совет на лексикографскиот центар

[уреди | уреди извор]

Уредници на тематските области

[уреди | уреди извор]
  • Археологија (предисторија, античка и средновековна археологија); нумизматика Акад. Вера Битракова-Грозданова
  • Античка и средновековна историја, историја на турскиот период (посебно XIX и XX век); религии (ереси и секти), историја на црквите во Македонија: Проф. д-р Михајло Миноски, Проф. д-р Шукри Рахими (од 3. III 2005)
  • Историја на уметностите: Проф. д-р Коста Балабанов (од 21. IV 2006)
  • Право, воени науки, политологија, дипломатија, социологија: Акад. Евгени Димитров (до 1. III 2006), Проф. д-р Светомир Шкариќ (од 1. III 2006)
  • Литературна историја; печатарство, издаваштво, публицистика, новинарство: Акад. Гане Тодоровски, Проф. д-р Агим Пољоска (од 3. III 2005), Проф. д-р Ариф Аго (од 1. IX 2006)
  • Лингвистика: Акад. Петар Хр. Илиевски, Проф. д-р Агим Пољоска (од 3. III 2005)
  • Музика, опера, балет; театар (драма), филм, телевизија, радио: Проф. д-р Драгослав Ортаков
  • Филозофија, психологија, логика, етика, естетика, методологија, антропологија, педагогија, историја на просветното дело во Македонија: Проф. д-р Виолета Панзова, Проф. д-р Сефедин Сулејмани (од 3. III 2005)
  • Помошни историски науки (архивистика, хералдика, филателија, библиотекарство, музеологија, епиграфика, научни и културни установи); етнографија, фолклор; фотографија: Проф. д-р Симо Младеновски
  • Економија, стопанство, индустрија, занаетчиство; шумарство, ловство; угостителство, туризам; финансии, трговија; демографија, иселеништво: Акад. Ксенте Богоев (до 1. III 2006), Акад. Никола Узунов (до 8. II 2006), Акад. Таки Фити (од 1. III 2006), Проф. д-р Методија Стојков (од 1. III 2006)
  • Математика, физика, хемија; електротехника, машинство, технологија, енергетика, информатика; архитектура, градежништво, геодезија; патишта, сообраќај, врски: Акад. Благој Попов
  • Географија, метеорологија, сеизмологија, астрономија; геологија, минералогија, рударство, петрографија: Проф. д-р Александар Стојмилов
  • Земјоделство: педологија, поледелство, овоштарство, лозарство, сточарство; биологија, ботаника, зоологија; шумарство, хортикултура, ловство; екологија: Акад. Ѓорѓи Филиповски (до 12. Х 2006), Проф. д-р Њупчо Групче (од 12. Х 2006)
  • Медицина, стоматологија, фармација, ветерина: Акад. Момир Поленаковиќ
  • Фискултура, спорт, гимнастика, шах, игри: Проф. д-р Душан Станимировиќ
  1. promacedonia.com Архивирано на 20 април 2021 г., Македонска Енциклопедија, две податотеки во pdf формат, со големина од 31.9 и 37.5 Mb.
  2. BBC, Промовирана „Македонска енциклопедија“. Пребарано на 28 август 2010 година.
  3. Влада на Република Македонија Архивирано на 23 март 2016 г., Промовирана „Македонска енциклопедија“ на МАНУ. Пребарано на 28 август 2010 година.
  4. „Од голема важност е што премиерот Никола Груевски и водачот на ДУИ Али Ахмети заедно седнаа за да стават крај на кругот на навредите и заканите кои имаат за цел да се прекине позитивниот правец во кој се движи Македонија. За мене е јасно дека огромното мнозинство на граѓаните на оваа земја е за мирна и просперитетна иднина во Европа како дел од евроатланското семејство, како дел од Европската унија и НАТО. И не можеме да дозволиме индивидуалци, кои можеби имаат своја агенда, ова да го нарушат. Мислам дека водачите на оваа земја тоа го демонстрираат“, изјавил Рикер за Слободна Европа.
  5. Нова Македонија Архивирано на 5 септември 2012 г., Да не се брза со Македонската енциклопедија, интервју со академик Митко Маџунков. Пребарано на 28 август 2010 година.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]