Прејди на содржината

Симо Младеновски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Симо Младеновски
Роден 28 август 1947
Враготурце, НР Македонија, ФНРЈ
Националност Македонец
Народност Македонец
Занимање историчар
фолклорист
писател

Симо Младеновски (роден на 28 август 1947 година во село Враготурце) — македонски историчар, фолклорист и писател за деца, научен советник (од 1990 година) и редовен професор (од 1999 година) по помошни историски науки и методологија на научното истражување и раководител на Одделението за периодот меѓу двете светски војни во Институтот за национална историја.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Симо Младеновски завршил Учителска школа и Филозофски факултет (група Историја) во Скопје, каде што посетувал и постдипломски студии од историјата на македонскиот народ во XIX и XX век., а докторирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб во 1980 година. Бил професор во гимназијата со средно економско училиште во Кавадарци (1970–1974), а потоа работел во Институтот за национална историја, каде што бил избиран во стручни и научни звања. Бил член на Редакцијата и главен и одговорен уредник на сп. „Гласник“ на Институтот за национална историја, одговорен уредник на сп. „Родители и деца“, член на редакциите на „Историја“, „Македонско наследство“, „Развигор“, „Гоцеви денови“, „Просвета“ (Скопје) и „Народно стваралаштво – Фолклор“ (Белград). Бил директор на Државниот архив на РМ, претседател на Сојузот на друштвата на историчарите на Македонија и на Здружението на фолклористите на Македонија, член на Претседателството на Културно-просветната заедница на Македонија, претседател на Стручно-научниот совет на Државниот архив и координатор на проектот „Македонски историски речник“ на ИНИ.

За Институтот за фолклор во Скопје собрал повеќе илјади страници народно творештво од Кумановско (1966– 1970), а за Мемоарското одделение на ИНИ забележал сеќавања од околу 200 учесници во македонското националноослободително движење меѓу двете светски војни. Учествувал на стотина научни собири во земјата и во странство. Автор е на повеќе монографии, зборници на документи, учебници по историја за сите одделенија и класови на основните и средните училишта (на македонски, албански и турски јазик), како и автор на неколку книги раскази и поезија за деца. Бил и научен секретар на Македонската енциклопедија.

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Првачиња (раскази за деца), Скопје, 1969;
  • Празникот на мама (раскази за деца), Скопје, 1970;
  • Доктор ЕШКО (песни за деца), Кавадарци 1971;
  • Раскази за деца, Скопје, 1973;
  • Силјан штркот (прераскажал, според приказната на М. Цепенков), Скопје, 1977;
  • Сонот на птиците (песни за деца), Скопје, 1978;
  • Доста ропство и тиранство. Македонски народни песни со тематика од НОВ и Револуцијата, Скопје, 1978 (со соавтор);
  • Македонските народни песни за НОБ и Револуцијата, Скопје, 1983;
  • Револуционерката Руша Делчева (1868–1945).
  • По спомените на Лика Чопова, Скопје, 1983;
  • Младината од Македонија во НОБ, Скопје, 1983;
  • Тиквешијата во НОВ 1941–1945. Документи, книга шеста, Кавадарци–Неготино, 1984 (со соавтори);
  • Шарена книга (Раскази и поезија за деца), Скопје, 1985;
  • „Врапчето“ во Македонија како специфичен хумористично-сатиричен поетско-музички жанр, Скопје, 1985;
  • Кичево и Кичевско во НОВ 1941–1945, Документи, Кичево, 1985 (со коавори);
  • Банатското село Јабука, Скопје, 1986;
  • НОБ и Револуцијата во Југославија и учеството на пионерите, Делчево, 1986;
  • Куманово и Кумановско во НОВ 1941–1945, Документи, Куманово, 1988 (со соавтори);
  • Банатско село Јабука, (на српски јазик), Скопје, 1988;
  • Македонски револуционери, Скопје, 1989;
  • Македонска енциклопедија за деца, т. 1-5, Скопје, 1990 (автор на одредниците од македонската историја од ⅩⅤⅠ-ⅩⅩ век);
  • Македонски револуционери, Струмица, 1990;
  • Македонска книга на рекорди, Скопје, 1992 (соавтор)

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Муриз Идризовиќ, Македонската литература за деца, Скопје, 1988, 423-424;
  • 50 години Институт за национална историја 1948-1998, Скопје, 1998, 124-129.
  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Младеновски“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 978. Text "series " ignored (help)