Хрватскиот бог Марс

Од Википедија — слободната енциклопедија

Хрватскиот бог Марс (хрватски: Hrvatski bog Mars) – збирка раскази на хрватскиот писател Мирослав Крлежа, првобитно објавена во 1922 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката ги содржи следниве раскази:[1]

Битката кај Бистрица Лесна[уреди | уреди извор]

Во „Битката кај Бистрица Лесна“ се раскажува за смртта на десетарот Мато Песек и шестмина војници во Битката кај Бистрица Лесна за време на Првата светска војна. Тие живееле тежок и сиромашен селски живот, а почетокот на војната го дочекале наивно, без да ги предвидат кобните последици. Но, потоа, со разгорувањето на војната, кај нив исчезнал ентуизијазмот и тие посакувале само да се вратат дома. Војникот Вид Трдак безуспешно ја молел власта во Загреб да се погрижи за двете мали деца кои останале сами по смртта на мајка им; војникот Штеф Лоборец само што се оженил и веќе бил однесен на фронтот, каде бил ранет и добил решение за отсуство, но повторно бил однесен на фронтот, не успевајќи ниту да добие здрави чевли; војникот Матија Криж добил писма од две девојки кои го сакале; и војникот Фрањо Блажек добил писмо од една девојка додека неговата жена била на умирање, а татко му пишувал молби за негова демобилизација; војникот Имбро Пецак добил писмо од сопругата која попусто пишувала молби за тој да биде демобилизиран; од десетарот Песек останал само часовникот кој го добил за награда за еден успешно решен ребус; Штеф Лоборец умрел без да знае дека неговата млада жена станала алкохоличарка мислејќи дека тој загинал...[2]

Бараката Пет Бе[уреди | уреди извор]

Грофот Максимилијан Акселрод, припадник на Суверениот малтешки ред, живеел здодевен живот, жалејќи по „славното минато“ кога припадниците на редот се бореле во Ерусалим. Кога почнала Првата светска војна, него го поставиле за командант на една воена болница во која имало 1.500 ранети војници. Еден ден, во бараката Пет Бе го донеле војникот Видовиќ, тешко ранет во градниот кош, кого го сместиле на креветот број осум. Ранетите војници во бараката веднаш почнале да се обложуваат дека тој нема да преживее до утредента. Следниот ден дошло до голем пресврт на бојното поле, зашто руската армија опасно се приближила до болницата, така што голем дел од болничкиот персонал, заедно со грофот Акселрод, се повлекол. Тоа го искористиле ранетите војници, кои започнале да се пијат, да свират и да играат, а некои војници силувале две медицински сестри. Меѓутоа, набргу австриската армија направила противофанзива и грофот повторно се вратил во болницата. За да воведе дисциплина, неколку луѓе биле веднаш стрелани, а сите ранети, без исклучок, морале да учествуваат во дефилето по повод победата на бојното поле. Вечерта, слушајќи ги ранетите војници како му се болат на бога на различни јазици, Видовиќ посакал и тој да се помоли за своето здравје, но сфатил дека тој нема никаков бог. Тогаш, гледајќи како се веселат грофот, лекарите и медицинските сестри, на Видовиќ му се згадило од глетката и се обидел да фрли еден сад со нечистотија врз нив. Тогаш, од него почнало да тече поплава од крв.[3]

Домобранот Јамбрек[уреди | уреди извор]

Јамбрек пристигнал во баталјонот пијан, заедно со другите регрути, кои првите денови биле целосно збунети од новата средина во која се нашле. Во текот на обуката, тие поминале тешки денови, изложени на навредите и тормозењето од страна на подофицерите. Единствено, за време на неделните миси, регрутите чувствувале гордост што ќе заминат на бојното поле, иако повеќето од нив немале јасна претстава за целта и смислата на војувањето. Кога пристигнал на фронтот во Галиција, Јамбрек се навикнал на воената атмосфера, но за време на еден противнапад на австриската армија, тој бил тешко ранет при експлозијата на граната. Кога се освестил, тој се наоѓал во камион на Црвениот крст, но при обидот да види што се случило со него, повторно се онесвестил. Вториот пат се освестил во еден воз, но и тогаш не бил свесен за својата состојба. Всушност, уште во возот нему му ја ампутирале едната нога, а потоа го префрлиле во дворецот на австриската принцеза Марија Анунцијата, кој бил претворен во болница. Таму му ја ампутирале и другата нога, но тој повторно не бил свесен за својата состојба. Еднаш, при посетата на ранетите, принцезата била восхитена од неговата убавина и наредила да го пренесат во близината на нејзината соба. Оттогаш, таа ја презела грижата за Јамбрек врз себе при што станала опседната со неговото тело, така што во една прилика го соблекла и започнала да го милува. Потоа, на работ на нервен слом, таа ја напуштила болницата и повеќе на се вратила назад. Тогаш, Јамбрек се освестил и видел во каква состојба се наоѓа, па почнал да ја обвинува принцезата дека му ги изгризала нозете. Кога закрепнал, му ставиле ортопедски протези и го префрлиле во градската воена болница, заедно со многу други ранети војници. Таму, Јамбрек се сеќавал на принцезата, посакувајќи повторно да биде крај неа. Еднаш, тој излегол на улицата и во блискиот фризерски салон видел восочна фигура на жена, убава како принцезата која го негувала.[4]

Смртта на Фрањо Кадавер[уреди | уреди извор]

Во воената болница, Имбро Светец, пациент на одделението за болните од венерични болести, извршил самоубиство и тоа било настан на денот. Единствено, неговиот сосед во одделението, Фрањо Кадавер лежел крај мртвото тело на Имбро и упорно се молел. Фрањо бил чевлар, кој живеел во градот, но жена му не знаела дека тој лежи во болницата, лекувајќи се од сифилис. Тагувајќи по семејството, една ноќ, Фрањо избегал и дошол до својата куќа, а на враќање кон болницата бил ранет во ногата од страна на стражарите. Утредента, болничката комисија ги прегледала сите болни и го открила неговиот престап. Во болничкото одделение се наоѓал и војникот Тони Јокл кој го познавал семејството на Фрањо. Знаејќи дека Фрањо е многу побожен човек и дека го крие од сопругата својот престој во болницата, Тони го уценувал и Фрањо морал да му дава пари, храна и облека, а најпосле, Тони посакал да му го земе и златниот медалјон. Еднаш, група болни започнале разговор за социјализмот, за политиката и за постоењето на бог и тогаш Фрањо се налутил и жестоко ја бранел католичката вера. Тогаш, Тони го нападнал него, обвинувајќи дека е лицемерен и грешен при што на сите им кажал дека Фрањо има жена во градот која не знае дека тој лежи во болницата. Сите војници почнале да го задеваат, па Фрањо бил многу потиштен и се обвинувал себеси. Утредента, Тони избегал во градот и ѝ кажал на сопругата на Фрањо, а таа дошла во болницата, со остри обвинувања и клетви кон него. Тогаш, Фрањо отишол во тоалетот и се обесил.[5]

Критички осврт кон збирката[уреди | уреди извор]

Крлежа се вбројува во писателите кои го кренале својот глас против ужасните страдања што ги предизвикала Првата светска војна и кои застанале во одбрана на загрозениот хуманизам. Своите антивоени ставови најсилно ги изразил во збирката „Хрватскиот бог Марс“ во која ги опишува австроунграскиот милитаризам, лажниот патриотски патос и религиозните култови и ритуали, а трагичните животни судбини на главните ликови во збирката сведочат за конкретната вистина за војната којашто е многу поразлична од официјалните извештаи и од историските прегледи. Во расказите, авторот насликал живи, конкретни личности кои се нашле во одредени историски околности - трагични ликови кои страдаат физички и психички, кои пропаѓаат во болка и агонија, измачени од сознанието дека се жртвувани за туѓи интереси. Оваа збирка спаѓа во оние дела на Крлежа кои најмногу се читаат и најдолго се паметат.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963.
  2. Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 5-32.
  3. Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 35-50.
  4. Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 53-83.
  5. Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 87-124.
  6. Pavle Zorić, „Miroslav Krleža“, во: Miroslav Krleža, Hrvatski bog Mars. Beograd: Rad, 1963, стр. 128-129.