Узунбоџак

Координати: 42°04′01.2″N 27°46′58.8″E / 42.067000° СГШ; 27.783000° ИГД / 42.067000; 27.783000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Резерват на природата Узунбоџак
МестоОпштина Мало Трново и Општина Царево, Бургас, Бугарија
Најблизок градМало Трново и Царево
Координати42°04′01.2″N 27°46′58.8″E / 42.067000° СГШ; 27.783000° ИГД / 42.067000; 27.783000
Површина25.296 км2
Воспоставен(а)13 декември 1956
Управно телоМинистерство за околина и води на Бугарија

Узунбоџак (бугарски: Узунбоджак) – резерват на природата во Бугарија, кој се наоѓа во рамките на УНЕСКО-вата програма Човек и биосфера и е еден од петте резервати на природата кои се наоѓаат во рамките на Паркот на природата Странџа во југоисточниот дел на Бугарија. Се нарекува и Лопушина.

Узунбоџак бил основан на 13 декември 1956 година, во УНЕСКО-вата програм Човек и биосфера е приклучен во март 1977 година.[1] Резерватот зафаќа површина од 25.296 км2.[1] На неговата територија се забранети сите стопански активности.[2]

Географија[уреди | уреди извор]

Узунбоџак е сместен меѓу селото Кости во општината Царево и селото Сливарово во Мало Трново, во долината на Резовска Река, околу 20 км од нејзиното устие. Релјефот на резерватот е неуедначен, а надморската висина варира меѓу 50 и 300 m.

Во паркот преовладува континентална и средоземна клима и има тенденција да биде поблага, заради влијанието на Црното Море кое се наоѓа во близина на резерватот.

Просечната месечна температура во зимските месеци не паѓа под 0 °C (2-3 °C во јануари). Земјата во паркот е со жолто-пепелава боја. Низ Узунбоџак тече Резовска Река, Каретарски Дол и реката Лопушиница.

Името се состои од два збора - "узун", што на турски јазик значи долгунест и "боџак", односно тихо, мирно и удобно.[3]

Флора и фауна[уреди | уреди извор]

Во резерватот се наоѓа 651 вид и подвид на васкуларни растенија. Око 65% од шумите се дабови, а 30% букови, а нивната просечна старост е повеќе од 200 години.[2] Во реликтни видови спаѓаат quercus hartwissiana, лаворвишна, 'Rrhododendron ponticum, Daphne pontica, Ilex colchica, Hypericum calycinum, Vaccinium arctostaphylos, Pyrus elaeagrifolia, обична мушмула, Fritillaria pontica, Quercus hartwissiana и многу други.

Фауната во Узунбоџак е разнолика. Најчести цицачи се дива свиња, дива мачка, волк, обичен шакал, црвена лисица, јазовец, срна и сив хамстер.[2] Евроазискиот рис ја населувал оваа територија сѐ до 1930—тите години кога исчезнал од резерватот.[4]

Резерватот е дом на голем број птици како што се јастреб глувчар, црвен глувчар, јастреб врапчар, мал орел кликач, рибарче, воден кос, ливадски кос, планинска тресиопашка, голема стрнарка, кукавица, црн штрк, повеќе видови соколи, клукајдрвци, ластовици и многу други птици.

Водоземците и влекачите во паркот ги вклучуваат крастава жаба, голема зелена жаба, шумска жаба, зелен гуштер, слепок, планински смок, жолт смок, смок, леопардов смок, длабочелен смок и многу други видови.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Register of the Protected Territories and Zones in Bulgaria“. Official Site of the Executive Environment Agency of Bulgaria. Посетено на 19 јуни 2016.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Uzunbodzhak Biosphere Reserve“. Official Site of UNESCO. Посетено на 19 јуни 2016.
  3. „Резерват Лопушна (Узунбоджак)“. Архивирано од изворникот на 26 март 2018.
  4. „Strandzha Nature Park: Nature Reserves“. Official Site of Strandzha Nature Park. Посетено на 19 јуни 2016.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]