Воден кос

Од Википедија — слободната енциклопедија
Воден кос
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Cinclidae
Род: Cinclus
Вид: Воден кос
Научен назив
Cinclus cinclus
(Карл Лине, 1758)

     Постојан жител      Зима[2]

Водениот кос (Cinclus cinclus), е водна врапчевидна птица која е распространета низ Европа, Среден Исток, Средна Азија и индискиот потконтинент. Видот е поделен на неколку подвидови, врз основа, пред сè на разликите во бојата, особено на украсот на градите. Водениот кос е национална птица на Норвешка.[3] Се среќава и во Македонија.

Опис[уреди | уреди извор]

Водениот кос има чоколаднокафени пердуви на главата и горниот дел од грбот, а подолу на грбот е сивоцрн, гледан од далеку изгледа црно. Долниот дел ос стомакот му е светлокафен, а горниот дел, градите и грлото му се бели. Долг е околу 18 см, округол и со кратка опашка. Нема полов диморфизам. Младенчињата се посветли, на грбот имаат шарени дезени, а долната страна на телото им е слична, со потемни неправилни дамки и брановидни ленти. Белата дамка на грлото и градите е слабо изразена.

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Водениот кос е постојана птица, односно не е птица преселница. Живее во планините до алпските зони. Во зима слегува ниско во падините, во подножјата на планините. Ги населува крајбрежјата на брзите, пенливи планински потоци и планински езера каде тие се влеваат. Косот често слетува на камењата што водата ги носи и тркала, пливајќи периодично со неговиот краток опаш кренат нагоре. Името го добил од овие ненадејни падови, а не од навиката да нурка, иако нурка исто така добро како што оди во водата. Птицата лета брзо, нагло и директно, нејзините кратки крилја шумат брзо и без паузи или едрење, огласувајќи се со писклив зил-зил-зил звук. Потоа таа ќе падне и ќе се нурне или забие во водата со мало плискање. Од хоризонтала ќе влезе во водата и ќе се потопи, но не постои вистина во тврдењето дека им пркоси на законите за специфичната тежина и дека може да оди по дното. Несомнено, кога ќе влезе во водата се фаќа со своите силни нозе, но се движи под површината со пливање со помош на крилјата, како летање под вода. Успева да остане под водата напрегајќи ги мускулите, со главата наведната надолу и телото закосено, движејќи се под површината често појавувајќи се на линијата каде што се создаваат меурите. На овој начин си ја обезбедува храната, најчесто се тоа водни безрбетници, инсекти, ларви и други слатководни мекотели, а исто така риби и мали водоземци. Омилена храна ѝ се мали раковидни школки и ракчиња. Исто така, се храни по бреговите и карпите барајќи копнени безрбетници. Зимно време живеалиштето варира и е поединечно. Кога ќе замрзнат потоците, косовите се принудени да се симнат пониско од планините, да одат на крајбрежјата или други отворени води.

Размножување[уреди | уреди извор]

Cinclus cinclus

Во сезона на парење, мажјакот пее со сладок звук додека трча и позира, покажувајќи ги снежнобелите гради; лета високо и долго, содавајќи остар метален повик клинк-клинк-клинк, различно од нормалното зил. Гнездото го прават крај вода. Тоа е големо, топчесто или овално, изградено во пукнатина или шуплина во карпа, во градба или на носачи на мост, или, поретко, во надвисната гранка. Направено е од мов, сува трева и лисја. И ова, од надвор е само маска. Обично, скриен зад работ, е вистинскиот влез во гнездото во рамките на големиот куп од трева и гранки, обрабено со листови од даб, бука или други дрвја. Три до шест бели јајца се несат во периодот меѓу март и мај. Годишно одгледуваат едно или две легла, обично во истото гнездо. Ако се вознемират, младенчињата сè уште без перје ќе паднат во водата и ќе нуркаат.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Cinclus cinclus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Brewer, David (2001). Wrens, Dippers and Thrashers. Pica Press. ISBN 978-1-873403-95-2.
  3. „Norges nasjonalfugl fossekallen“ (норвешки). Norsk Rikskringkasting AS. Посетено на 19 јануари 2011.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]