Стакленото ѕвоно

Од Википедија — слободната енциклопедија

Стакленото ѕвоно (англиски: The Bell Jar) - полуавтобиографски роман на американската писателка Силвија Плат од 1963 година. Првобитно, романот бил објавен под псевдонимот Викторија Лукас.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 20 глави во кои се опишува животот на деветнаесетгодишната студентка од Бостон, Естер Гринвуд, во текот на 1953-1954 година.

  • Глава 1-2: Летото 1953 година, таа поминува едем месец во Њујорк, заедно со група девојки кои добиле награда на конкурсот објавен од едно модно списание. Заедно со другите девојки од групата, таа го минува времето на разни забави и свечени ручеци и вечери. Една вечер, Естер и нејзината другарка Дорин се подготвуваат да заминат на забава, но кога излегуваат на улицата, ним им приоѓа едно момче кое ги кани да му се придружат во блискиот бар. Момчето се вика Лени Шепард, познат диск-џокеј. Во барот, Лени ја запознава Естер со еден свој другар, но тој не ѝ се допаѓа на Естер. Подоцна, Естер, Дорин и Лени одат во неговиот стан, каде Дорин и Лени флертуваат, така што Естер се враќа во хотелот. Утредента, пијаната Дорин се враќа во хотелот и заспива на подот пред нејзината соба.[1]
  • Глава 3-9: Естер е одлична студентка, која успеала да добие престижна стипендија за да студира на еден колеџ. За време на студиите таа била во врска со момчето од соседството, студентот по медицина, Бади Вилард. Меѓутоа, кога дознала дека тој имал љубовни врски со други девојки, Естер одлучила да го остави. Меѓутоа, во тоа време, Бади се разболел од туберкулоза и заминал на едногодишно лекување во еден санаториум. Еднаш, Естер го посетила Бади во болницата, а тој ја учел да скија при што таа паднала и ја скршила ногата. Еднаш, девојките од групата присуствуваат на свечен ручек што го организира модното списание, но кога се враќаат во хотелот, сите имаат стомачни проблеми, предизвикани од труење со храна. По закрепнувањето, Естер се запознава со Константин, преведувач во Обединетите Нации и ја прифаќа поканата да појде во неговиот стан, со намера да води љубов кон него, меѓутоа таму заспива и не ја остварува намерата. Последната ноќ од престојот во Њујорк, Естер оди на забава, каде едно момче се обидува насилно да води љубов со неа, но таа успева да се одбрани. Потоа, Естер се враќа во хотелот, се качува на покривот и ги фрла сите свои фустани.[2]
  • Глава 10-20: По завршувањето на праксата во Њујорк, Естер се враќа дома, без волја и без идеја за тоа што ќе прави во животот. Поради повеќедневната несоница и неспособноста да чита и да пишува, таа оди на преглед кај психијатарот, д-р Гордон, кој ја подложува на шок-терапија. Во следните денови, депресијата на Естер се зголемува и таа кова планови да изврши самоубиство, но нема храброст да го направи тоа. Еден ден, во подрумот испива повеќе апчиња, а кога ги отвора очите, сфаќа дека се наоѓа во државната болница. Подоцна, благодарение на славната писателка Филомена Гинија, која ѝ ја доделила стипендијата, Естер е префрлена во приватна психијатриска болница. По некое време, во клиниката доаѓа и нејзината познаничка Џоан, која ѝ кажува дека весниците пишувале за Естер за која првобитно се мислело дека е исчезната, но потоа мајка ѝ ја пронашла во подрумот и ја однела во болницата. Откако закрепнува, Естер става контрацептивно средство (дијафрагма) и води љубов со младиот професор по математика Ервин кого случајно го запознава на улица. Меѓутоа, сексуалниот однос ѝ предизвикува обилно крварење и таа оди во куќата на Џоан, која ја пренесува на болница. Неколку дена подоцна, Џоан се враќа во приватната психијатриска клиника, а потоа извршува самоубиство. По шестмесечното лекување, Естер се подготвува да ја напушти клиниката, а тогаш ја посетува Бади Вилард. Најпосле, еден ден, таа влегува во собата за разговор со лекарската комисија која треба одлучи дали е оздравена.[3]

За романот[уреди | уреди извор]

Темата на романот е развојот на главниот лик, проследен со ментален пад по разочарувањето од светот и од себеси. Компониран како низа од дополнителни сеќавања за минатите настани, романот најмногу зборува за потребата од социјална интеграција која е невозможна пред главниот лик да сфати што сака да биде. Исто така, како тема во романот се јавува и борбата против нормите и авторитетот: Естер постојано се судира со претпоставените, со момчето, со мајката и со лекарите. Нејзината потреба за женска еманципација е изразена јасно и симболично преку метафорите на изборот што постои пред неа, но самиот чин на изборот не значи и остварување на желбите. Во желбата да „постане сè“, Естер е истовремено опсесивна и несигурна, а остварувањето на нејзините желби е спречено од конзервативното американско општество и од нејзината внатрешна побуда за уништување. Оттука, воопшто не зачудува тоа што односот на Естер кон светот се изразува низ прејадувањето и гладувањето со кои таа го искажува протестот против наметнатата идеја за улогата на жената во општеството. Наместо да биде совршена домаќинка, Естер сака да има повеќе улоги и се бори за правото да нема планови за иднината. Постепено, животот на Естер се претвора во спротивност на рекламните огласи до 1950-тите кои на жените им ветувале совршенство. Додека првиот дел од романот зборува за потрошувачките импулси на Естер (прејадувањето, купувањето, собирањето поклони), вториот дел ја опишува нејзината дезинтеграција и борбата да се ослободи од стакленото ѕвоно.[4] Во продолжение, „Стакленото ѕвоно“ е роман за уметничката во настанување, како и роман за борбата за сопствената душа, за душевниот мир и за етичката рамнотежа; најпосле, тоа е роман за ритуалот на двојното раѓање.[5]

„Стакленото ѕвоно“ е единствениот роман во книжевниот опус на Плат. Често, тој неправедно се сведува на стилизирана исповед за кобното лето 1953 година, кога Плат била растргната меѓу амбицијата и немирот и кога му подлегнала на мрачниот свет на нејзините опсесии и стравови. Навистина, во романот се веродостојно опишани апатијата, обидот за самоубиство и лечењето во психијатриската клиника, но структурата на романот, заснована на паралелни текови на раскажувањето, фрагментарна ретроспектива и впечатлива карактеризација на ликовите, придонесува тој да се претвори од автобиографија во уметничко дело. Мотивот на стакленото ѕвоно е симбол на константно чувство на заточеништво, а романот може да се чита како алегорија на менталната нестабилност, зашто стекнатата психичка стабилност е секогаш кршлива и непостојана.[6] Романот е напишан со метафорички јазик кој е истовремено и поетски и репортерски објективен. Најчесто, романот се оабљудува како „роман со клуч“ зашто нарацијата ги следи појавата, текот и лекувањето на клиничката депресија на главниот лик. Меѓутоа, романот не е напишан поради потребата на авторката за самопрочистување, зашто својата психичка криза, обидот за самоубиство и болничкото лекување Плат ги есктернализира, се оддалечува од нив, а мрачните теми на саморанувањето ги претставува како дел од ритуалот или играта, а од друга страна, таа открива колку можат да бидат тешки и разурнувачки привидно удобниот живот и рутинските постапки на секојдневието.[7]

Плат ја започнала работата на романот во 1961 година, по објавувањето на „Колос“, а го завршила по разделбата со сопругот, и тоа без многу поправки и ревизии. Романот бил најпрвин објавен во Велика Британија, во јануари 1963 година, во издание на „Вилијам Хајнеман Лимитед“. Притоа, наместо со своето вистинско име, авторката го објавила романот под псевдонимот Викторија Лукас, а за тоа се наведуваат две причини:, прво, таа не била сигурна дека романот е „сериозно дело“; второ, таа не сакала да ги повреди својата мајка, другарките и познаничките кои се појавуваат во романот, најчесто во карикирана форма. Романот за првпат бил објавен со името на Силвија Плат дури во 1967 година, а во САД се појавил во 1971 година, во согласност со желбата на Тед Хјуз и Аурелија Плат. Исто така, објавувањето на романот во САД одело потешко поради тоа што уредниците на американските издавачки куќи сметале дека романот не успеал добро да ја инкорпорира материјата. Така, куќата „Харпер и Роу“ го одбила романот оценувајќи го како младешко дело. Инаку, во писмото на Аурелија Плат до „Харпер и Роу“ се споменува можноста дека било предвидено продолжение на „Стакленото ѕвоно“. Имено, Аурелија Плат го споменува разговорот воден со Силвија во јули 1962 година во кој нејзината ќерка го најавила следното прозно дело во кое „истиот тој свет ќе го претстави набљудуван низ очите на здравјето“. Сепак, Силвија Плат никогаш не го напишала замисленото продолжение на романот.[8] Исто така, нејзините дневници откриваат дека Плат размислувала за комерцијалната страна на романот кого го нарекувала „петпарачко четиво“; свесна за љубопитноста на читателите за нејзиниот семеен пекол, таа сметала дека постои голем пазар за темите поврзани со менталните болници и дека е „будала“ ако повторно не го доживее своето искуство во таа област.[9]

Според впечатокот на самата авторка, на почетокот, публиката го прифатила романот без големо воодушевување, а ниту оцените на критичарите не биле особено поволни при што тие укажувале на добриот стил, но и на лошата структура на делото. Така, за критичарот Сол Малоф делото претставува „повеќе запис отколку фантазија“. Меѓутоа, во списанието New Statesman, Роберт Таубман го нарекол романот „првиот женски роман во Селинџеровиот клуч“.[10] Убедена дека „Стакленото ѕвоно“ е современ роман кој во голема мера е погрешно сфатен, критичарката Линда Вагнер смета дека се работи за роман на растењето и образованието.[11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 29-52.
  2. Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 53-148.
  3. Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 149-293.
  4. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 18-20.
  5. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 23-24.
  6. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 12-13.
  7. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 17.
  8. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 17-18.
  9. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 22.
  10. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 24.
  11. Vladislava Gordić Petković, „Opasno leto 1953: lekcije o suicidu“ во: Silvija Plat, Stakleno zvono. Beograd: Laguna, 2017, стр. 22-23.