Корисник:Bjankuloski06/Котлини во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Меѓу планинските масиви во Република Македонија, како макрорелјефни просторни целини, се разместени 24 котлински целини со поголем број полиња, предели и краеви. Имајќи ги предвид времето и условите на нивното формирање, во Република Македонија се издвојуваат: − типични котлини (простори ограничени со водоразделни линии, кои ги сечат речните текови на најпогодни места на клисурите и сатеските); − речни ерозивни проширувања; − тектонски ровови и – полиња. Тие имаат различна: територијална разместеност, големина и надморска височина. Котлините обично се разместени по композитните долини на реките.

По композитната долината на реката Вардар, почнувајќи од изворишните делови, се разместени котлините Полог (сливното подрачје од горното течение на реката Вардар до влезот во Дервенската Клисура), Скопската Котлина (сливот на реката Вардар меѓу: Дервенската, Шишевската, Качаничката и Таорската Клисура), Велешко речно ерозивно проширување (непосреден слив на реката Вардар меѓу Таорската и Велешката Клисура); Тиквешка Котлина (сливното подрачје на Вардар меѓу Велешката и Демиркаписката Клисура со долните теченија на Црна Река и реката Брегалница); Гевгелиско-валандовска Котлина (сливно подрачје на Вардар од с. Удово до границата со Грција).

Бр. Котлина Површина

(км2)

1 Гевгелиско-валандовска Котлина 1000,1
2 Тиквешка Котлина 2518,4
3 Дојрански Ров 75,4
4 Велешка Котлина 1166,1
5 Скопска Котлина 1924,2
6 Струмичко-радовишка Котлина 1482,8
7 Овчеполска Котлина 2162,0
8 Кумановска Котлина 1315,9
9 Кочанска Котлина 1020,1
10 Кривопаланечка Котлина 768,0
11 Полошка Котлина 1475,2
12 Поречка Котлина 944,6
13 Мариовска Котлина 897,3
14 Беровско-делчевска Котлина 1102,6
15 Дебарско-реканска Котлина 973,3
16 Охридско-струшка Котлина 1318,3
17 Кичевска Котлина 874,2
18 Битолско Поле 1492,7
19 Прилепско Поле 943,8
20 Демирхисарска Котлина 645,3
21 Преспанска Котлина 558,8
22 Крива Паланка 91,9
23 Гниланска Котлина 36,6
24 извор на Дворска Река 129,7

По долината на Црна Река се простираат Демир-хисарската Котлина (горното сливно подрачје на Црна Река до селото Бучин), Пелагонија со Прилепско Поле (северниот дел од Пелагониската Котлина до Тополчанската Греда) и Битолско Поле (средишниот дел од Пелагониската Котлина меѓу т.н. Тополчанска Греда до Скочивир и државната граница со Грција) и Мариовска Котлина (непосреден слив на Црна Река од Скочивир до т.т. 388 м во близина на Варелова Тумба).

По долината на реката Брегалница се простираат Беровско-делчевската Котлина (сливот од горниот тек на Брегалница до езерото Калиманци во Истибањската Клисура); Кочанска Котлина (сливното подрачје на реката Брегалница меѓу езерото Калиманци и селото Уларци); Овчеполската Котлина (непосреден слив на Брегалница од селото Уларци до т.т. 241 м во близина на селото Убого во кое влегуваа цело Овче Поле, Штипскиот предел и сливот на Крива Лакавица);

По долината на реката Пчиња се простира Кумановската Котлина (сливното подрачје на реката Пчиња во Република Македонија и долното течение на Крива Река од т.т. 825 м Видим до вливот во Пчиња) и Кривопаланечка Котлина со Славиште (сливното подрачје на Крива Река до т.т. 825 м Видим).

По долината на реката Треска се простираат Кичевската Котлина (сливното подрачје на реката Треска до сатеската кај Македонски Брод) и Поречката Котлина (сливното подрачје на р. Треска од Македонски Брод до Шишевската Клисура).

По долината на Црн Дрим се простираат Охридско-струшката Котлина (сливното подрачје на Охридското Езеро и Црн Дрим до излезот од Дримколската Клисура во близина на т.т. 1332 Гагамеш) и Дебарско-реканската Котлина (сливот на реката Радика и непосредниот слив на Црн Дрим од т.т. 1332 Гагамеш до државната граница со Албанија.

Како посебни котлински просторни целини се издвојуваат Струмичко-радовишката Котлина (сливното подрачје на реката Струмица на територијата на Р Македонија), Дојранскaтa Котлина (сливното подрачје на Дојранско Езеро на територијата на Р Македонија) и Преспанската Котлина (сливот на Преспанското Езеро на територијата на Република Македонија). Како делови од други котлини, кои се простираат во соседните држави се издвојуваат: изворишниот дел на Биначка Морава, изворишните делови на Дворска и на Лебничка Река и делот од сливот на реката Пчиња, кој гравитира кон Србија, а му припаѓа на Република Македонија.