Кармен (новела)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кармен
Првата страница од изданието во 1883 година
АвторПроспер Мериме
Изворен насловCarmen
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Издадена
1847

„Кармен“ (француски: Carmen) – новела на Проспер Мериме напишана во 1845 година, а издадена во 1847 година. Од неа произлегла истоимената опера со музика на Жорж Бизе, либрето на Анри Мелјак и Лудовик Алеви (1875). Покрај тоа, според неа е снимен филмот The Loves of Carmen од 1948 година, во режија на Чарлс Видор, а со Рита Хејворт во главната улога.[1] „Кармен“ ја обработува темата на трагичната љубов и љубовната љубомора. Главните ликови во новелата се Кармен и Дон Хосе чија страсна љубов за убавата Циганка не е возвратена и тоа го води до убиство на Кармен.

Главни ликови[уреди | уреди извор]

  • Кармен: е млада Циганка која во својот пад го повлекува својот љубоморен љубовник. Таа е сензуална жена, која ја користи својата привлечност и своите женски адути за да ги постигне своите цели и да ги манипулира своите љубовници. Таа буквално ги маѓепсува раскажувачот и Дон Хосе од првата средба.
  • Дон Хосе: е воено лице кој му подлегнува на шармот на Кармен и станува бандит. Тој не може да не ја послуша својата љубовница во која е страсно заљубен. Тој е слаб и немоќен и неговата страст ќе го доведе да изврши убиства. Целосно пропаѓа кога ја убива Кармен која од своја страна му признава дека не го сака повеќе.
  • Раскажувачот: е наивна личност, исто така падната во мрежата на страста кон Кармен, но кој бил спасен од Дон Хосе. Тој исто така е мудра и доблесна личност и по својот профил на археолог се доближува до авторот.

Концепт[уреди | уреди извор]

Кармен почнува со епиграф на кој е даден цитат на грчки од Паладас, кој Мериме го превел со „Секоја жена е како жолч; но таа има два добри моменти, едниот в кревет, другиот при смртта“. Книгата е поделена во четири глави со нееднаква должина, но приказната за невозможната љубов меѓу Кармен и Дон Хосе е вклучена само во третата глава. Се работи за приказна во приказна, каде основната нарација ја води еден археолог, а вградената Дон Хосе. Случките кои ги раскажува Дон Хосе се постари.

Содржина[уреди | уреди извор]

Прва глава[уреди | уреди извор]

Раскажувачот, еден археолог на пат во Андалусија, при патувањето застанува да се одмори со Антонио, неговиот водач. Тој сретнува човек чиј акцент очигледно не е андалусиски, му понудува пура и двајцата почнуваат разговор. Човекот го придружува до гостилницата. Заради знаците на загриженост кои му ги дава Антонио, раскажувачот си мисли дека е можно дека се работи за разбојник, но нему не му е страв. Откога стигнал во гостилницата дознава дека се работи за Дон Хосе Наваро, разбојник кого го брка власта. За време на оброкот Дон Хосе пее една баскиска песна на мандолина. Во текот на ноќта, раскажувачот се буди и излегува надвор и гледа сенка која минува пред него; тоа е Антонио. Тој ќе го поткаже Дон Хосе за 200 дукати. Раскажувачот го буди Дон Хосе за да го предупреди. Откако му се колни на раскажувачот дека нема да му се одмазди на неговиот водач, Дон Хосе бега за да не биде уапсен. Кога стигнуваат копјаниците, нивниот плен веќе заминал.

Втора глава[уреди | уреди извор]

Една недела подоцна, раскажувачот ги води своите истражувања во Кордоба кај доминиканците. Една вечер, сретнува една убава млада Циганка по име Кармен, која му предлага да му ја претскаже иднината. Заедно пијат по една чашка, потоа одат во домот на Кармен која е фасцинирана од неговиот часовник. Наеднаш еден човек влегува. Тој е соучесник на Кармен и таа му вели да му го пресече гркланот на несреќникот кој го носел часовникот. Но се работи за Дон Хосе, кој го забележува идентитетот на раскажувачот и го пушта да избега. Раскажувачот забележува дека Кармен му го украла часовникот, но слушајќи го Дон Хосе тој решава да не ја следи. Неколку месеци подоцна, раскажувачот се враќа во Кордоба и во манастирот дознава дека Дон Хосе е пикнат в затвор под сомнение дека го украл неговиот часовник и дека ќе го осудат на смрт за бројни други злосторства. Тој му носи кутија пури и му предлага да му помогне, но Дон Хосе вели дека една миса би му била покорисна. Бара од него да ѝ однесе еден медалјон на една жена во Навара.

Трета глава[уреди | уреди извор]

Статуа на Кармен во Севиља

Раскажувачот утредента се враќа во затворот и ја дознава целата приказна на Дон Хосе.

Неговото вистинско име е Дон Хосе Лизарабенгоа, Баск роден во Елизондо, коњанички офицер задолжен за чување на една работилница за тутун во Севиља. Еден ден, тој ја среќава Кармен која го задева за иглата, потоа му фрла цвеќе кој тој го зачувува. Малку потоа почнува некоја кавга, тој оди да види за што се работи и на едната страна наоѓа повредена жена, а на другата е Кармен. Хосе е задолжен да ја одведе Кармен в затвор. Таа го користи својот шарм (залудно) и неговиот патриотизам (се претставува дека и таа е од Навара) за да се спаси и успева во тоа. Тој добива еден месец затвор и е деградиран. Еден ден, во затворот, тој добива леб од една самонаречена братучетка, а во неговата внатрешност има нож и две пјастри, подарок од Кармен. Тој е трогнат од овој гест, но одбива да избега што би значело дезертирање. Кога излегува од затвор, станува обичен војник, ја наоѓа Кармен со која го минува денот и го обзема љубовта кон неа. Таа го манипулира за да ги затвори очите пред одредени ситни прекршоци, потоа исчезнува. Кога повторно ја наоѓа, таа е под рака со еден офицер. Почнува тепачка и Дон Хосе го убива офицерот, а Кармен му помага да избега. Тој бега во Севиља и ѝ се придружува на една група шверцери. Тука дознава дека Кармен е веќе мажена за Гарсија, еден од разбојниците во групата, и тој сè повеќе и повеќе страда заради животот кој сега го води. Разни злочини се извршени од оваа мала група. Хосе го прободува со нож при една расправија, а водачот исто така умира при една заседа во која Хосе е ранет. Тој оздравува, но Кармен го прави луд од љубомора, особено со нејзината врска со еден пикадор. Тој ја вика сè да напушти и да оди со него во Америка, но таа одбива и му вели дека повеќе не го сака. Очаен, тој ја убива со два удари со нож, потоа ја закопува заедно со прстенот кој ѝ го дал, по што и им се предава на властите.

Четврта глава[уреди | уреди извор]

Оваа глава целосно раскинува со претходното раскажување и таа се состои од енциклопедиски опсервации за Циганите, нивниот изглед, нивните обичаи, нивниот јазик. Тоа е враќање на почетниот наративен поглед, со научник во улогата на раскажувач кој го затвора ова експозе на трагичната приказна која ја чул.

Анализа[уреди | уреди извор]

Во Кармен, Мериме ги меша жанровите на класичната трагедија и пикарскиот роман за да илустрира дека Злото, што е љубовната и опустошувачка страст, која ги тера луѓето да ги преминат нивните граници, да ги избришат сите траги на разум и доблест во нивните души за да извршат дела за осуда и кои ќе го сведат нивниот живот на ништо.

Филмски адаптации[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]