Димитри Јанков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Роден 21 октомври 1919
Охрид,  Кралство Југославија
Починал 12 јануари 2014
Охрид,  Македонија
Занимање резбар

Димитри Јанков (Охрид, 21 октомври 1919 - Охрид, 12 јануари 2014) — еден од најактивните резбари од постарата македонска генерација, кој зад себе има оставено голем број на уметнички копаничарски дела. Тој својот живот го посветил на усовршувањето на копаничарскиот занает, и се смета за претставник на македонската резбарска уметност, како дел од повеќевековната копаничарска традиција.[1][2]

Биографија[уреди | уреди извор]

Јанков е роден во Охрид на 21 октомври 1919 година во семејство од татко Јане и мајка Лујза, стари жители на Охрид. Неговата мајка потекнувала од фамилијата Стружанчеви, чиј дедо бил надрилекар Васило Дишчија, додека таткото Јане, се занимавал со земјоделие - бавчованџија (и со лозарство), а воедно бил и казанџија. Тие живееле во делот на Охрид - Месокастро. Семејството имало девет деца, од кои седум машки (Крсте, Димитри, Ристо, Васил) и две женски деца (Славка и Воскресија). Димитри како најстар син му помагал во земјоделските работи на татка си, поради тоа што еден од синовите отишол во морнарица, додека една од сестрите работела како шивачка. Во тој период поради ниските пазарни цени во земјоделието, не се заработувало доволно, затоа Димитри напоредно да го изучувал и резбарскиот занает. Неговата мајка поинтензивно работела на земјоделието, за да ја надополни неговата работа во семејството. Димитри посетувал вечерно резбарско училиште, кое се наоѓало во зградата на спротивната страна од црквата „Св.Климент“ (денес Галерија на икони). Во 1947- 1948 година Атељето за уметничка резба го добива името Андон Дуков, резбар од првата генерација, кој загинал во НОБ. Димитри бил на возраст од 16 години кога го започнал резбарското училиште, а по неговото завршување се стекнал со звањето занаетчија. По завршувањето на резбарското училиште, дел од учениците продолжувале со школување на академијата, но Димитри немал материјални можности, иако кај него постоела голема воља за тоа. Во периодот по завршувањето со своите соученици, тој изработувал резбани предмети (кутиии др.), кои ги продавале на панаѓур во Пловдив, Бугарија. Во 1943 година тој работел во Промишљено училиште во Пловдив, каде сите резбари изработувале посебни предмети, а кои подоцна ги продавале. Во периодот од 1943 до 1947 година Димитри престојувал и работел кај братот кој бил машинист на брод на Поморскиот арсенал на Варна, а во 1947 година работел во Македонскиот дом во Варна. Во 1947 година заедно со група ентузијасти од Охрид, Методи Патче, Насте Мише, Борис Бабаче, Насте „Црниот“, Харалампие Константиноски и други на иницијатива на тогашниот капетан на морнарицата го формирале бродарското друштво „Стрмец“, предвесник на едриличарството во Охрид, на чии темели е формирана Едриличарската федерација на Македонија - ЕФМ.[3] После 1947 година работел во атељето за уметничка резба Андон Дуков, се до неговото укинување до 1962 година. Димитри од 1947 година формирал семејство, а во 1962 година изградил куќа. Во периодот од 1962 до 1965 година работел во Охридскиот Народен музеј на изработка на предмети со резба, заедно со колегите резбари Славе Крстанче, Вангел Наумовски и Перо Калајџиев. Во периодот од 1963 до 1966 година учествувал доброволно на одржување на курс во Пионерскиот дом во Охрид. Во периодот од 1965 до 1968 година работел во Југоекспорт, а од 1969 година во Бистра - продукт, каде изработувал предмети по нарачка. Во овој период била изработена комплетна гарнитура и таван, кои подоцна биле дел од ентериерот во Издавачката куќа - Мисла во Скопје. Од 1973 година тој заминал во пензија, после што продолжил да изработува предмети по нарачка. Во овој период работел како надворешен соработник, во својство - советник на главниот инженер, во состав на резбарската работилница на претпријатието ЕМО од Охрид. Во периодот на самостојното делување и за време на негов работен век обучувал голем број на ученици, кои подоцна како добри познавачи на занаетот формирале свој сопствен стил и изработувале голем број на предмети.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Петар Намичев ОХРИДСКИОТ РЕЗБАР - ДИМИТРИ ЈАНКОВ УДК. 745.511(497.7) - Скопје
  2. Д. Ќорнаков, Македонска резба, Мисла, Скопје, 1988
  3. ЕФМ одбележа 60 години од постоењето !

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Бошале Никола, Последиот патрик на охридската резба, (2008), Летра дизајн, Охрид
  • Бошале Никола, Охридски длаборез - Обид за висока специјализација, (2007), Летра дизајн, Охрид
  • Ќорнаков Димитар, Македонската резба, 1994, Мисла, Скопје

Надворешни врски[уреди | уреди извор]