Димитар Ќорнаков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитар Ќорнаков
Роден 1927
Стојаково, Гевгелиско
Починал 18 јуни 2020
Скопје
Занимање историчар на уметноста и публицист

Проф. д-р. Димитар Ќорнаков ( 1927, Стојаково, Гевгелиско - 18 јуни 2020, Скопје) — македонски историчар на уметноста и публицист, припадник на првата генерација македонски истражувачи на средновековната уметност. На уметноста на копаничарството и посветил најголем дел од својата истражувачка и научна работа.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Ќорнаков е роден 1927 година во гевгелиското село Стојаково кај Богданци. Основно образование завршил во родното место. Учел богословија во Битола и во Софија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Филозофскиот факултет при Скопскиот унвиерзитет, на групата историја на уметностите. Докторирал на Универзитетот во Белград на тема „Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на XVIII и XIX век“. Учесник бил и во НОБ – во IХ Тиквешка бригада, а потоа бил назначен за прв македонски учител во Валандово во 1944 година. Повеќе од 35 години работел во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата како историчар на уметноста, додека последните години од работниот стаж работел во Институтот за старословенска култура во Прилеп. Бил повеќегодишен директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, а како стипендист на италијанската влада бил на специјализација во Рим, во Централниот институт за реставрација, во 1962 и 1963 година. Темелно го проучувал творештвото на мијачките резбари (копаничари) во црквите и манастирите на Балканскиот Полуостров: Македонија, Бугарија, Егејска Македонија, Албанија и Косово, како и творештвото на епирските резбари во Епир, Тесалија и полуостровот Пилио кај Волос и Метеора. Двапати престојувал на Света Гора (Атос), во 1984 и 1987 година, каде што ги проучувал резбаните иконостаси во повеќето светогорски манастири. Раководел и реализирал три научни проекти: „Полошки манастир Св. Ѓорѓи – Тиквешко, Манастир Св. Никола – Слепче, Прилепско, и сакрални објекти – цркви и манастири во Македонија.

Починал на 18 јуни 2020 г. во Скопје, на возраст од 92 години.

Творештво[уреди | уреди извор]

Објавил повеќе стручно-научни трудови во списанијата: „Културно наследство“, „Балканославика“, Зборник на Музејот на Македонија, „Пелагонитиса“ и други. Раководел и реализирал проекти за конзервација и реставрација на: Полошкиот манастир Св. Ѓорѓи, Манастирот Св. Преображение – Зрзе, Прилепско, Манастирот Св. Архангел во село Варош, Прилепско, Црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид, Црквата Св. Богородица Каменско во Охрид и др.[2]

Учествувал на повеќе конгреси и симпозиуми во земјата и странство.

Монографии[уреди | уреди извор]

Автор е на монографските трудови:

  • Творештвото на мијачките резбари на Балканот од крајот на XVIII век,
  • Македонска резба,
  • Македонски манастири,
  • Резбарски центри во Македонија,
  • Петре Гарката,
  • Од Првиот грев до Страшниот суд,
  • Цркви и манастири во Тиквешијата,
  • Копаничарот Макариј од Галичник,
  • Полошки манастир Св. Ѓорѓи,
  • Сливнички манастир,
  • Царски двери,
  • Копаничарот Димитар Станишев од Крушево,
  • Од Рождество до Распетие и Воскресение и др.

Соавтор е на монографиите:

  • Манастир Свети Наум,
  • Манастир Бигорски,
  • Манастир Света Богородица Пречиста Кичевска,
  • Споменици на културата во Македонија и
  • Цркви и манастири во Јужновардарска Долина.

Награди[уреди | уреди извор]

Ќорнаков е добитник на национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите:

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Одбележување 90 години од раѓањето на Димитар Ќорнаков. Архивирано од изворникот на 2017-07-11. Посетено на 2017-08-19.
  2. Преглед на печатени книги, стручно-научни трудови, сценариј и репортажи на проф. д-р Димитар Ќорнаков, историчар на уметноста од 1956 до 2009 г.