Граничен премин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Табла на граничниот премин „Табановце“

Граничен премин — посебно опремена контролна точка преку која се пропуштаат луѓе, возила и стоки преку државната граница.

Намена[уреди | уреди извор]

Намената на граничните премини е:

  1. Заштита од влез на непожелни лица (злосторници и други лица што претставуваат закана) и други што не ги исполнуваат условите за влез;
  2. Заштита на влез на стоки што не подлежат на државни прописи, ограничени или пак подлежат на царински давачки.

Во одредени земји, граничните проверки се вршат и при влез и при излез од земјата (ЕУ, Македонија), додека во други случаи се проверува само влезот (на пр. САД, Канада). Граничните премини ги обезбедува посебен државен орган, кој се состои од униформирани лица (често цариници, гранични полициски или војнички гранични одреди).

Во Македонија[уреди | уреди извор]

Република Македонија е дел од етничка Македонија што ги зафаќа сливовите на реките Вардар и Бистрица, горниот слив на реката Црн Дрим, средишните и долните сливни подрачја на реките Струма и Места. Во тие рамки, Македонија зафаќа површина од 68 451 км2. Од неа, со потпишувањето на Букурешкиот мировен договор во 1913 г. на Грција ѝ припаднал беломорскиот дел со површина од 34 411 км2; на Бугарија — пиринскиот дел со 6 798 км2; на Албанија (802 км2) и на Србија (26 440 км2) — вардарскиот дел. Во контекст на географско-историските случувања во XX век, по Втората светска војна, Република Македонија, во рамките на југословенската федерација станала посебна република со државотворен статус, а во 1991 г. се формирала како самостојна, независна и суверена држава. Денес, Република Македонија како централна балканска држава, се граничи со Косово и Србија на север, со Бугарија на исток, со Грција на југ и со Албанија на запад. Должината на државните граници на Република Македонија изнесува 889,2 км.

Северна граница[уреди | уреди извор]

Северната граница со Косово и со Србија има напореднички правец на протегање и е со должина од 258 км, почнувајќи од врвот Шерупа (2 092 км) на корапскиот планински масив кон исток се простира по сртот на Шар Планина, ја сече реката Лепенец кај Качаничката Клисура, потоа преку висовите на планината Скопска Црна Гора, преку кумановско-прешевската повија и преку висовите на Козјак и на планината Герман стигнува до тромеѓата на Република Македонија, Бугарија и Србија. Поважни гранични премини се Блаце и Табановце.

Источна граница[уреди | уреди извор]

Источната граница со Бугарија има меридијански правец на протегање. Главно води по сртовите на Осоговските Планини и по планините Влаина и Огражден. Кон југ ја сече Струмичката Котлина и се искачува на планината Беласица. Се протега во должина од 178 км. Поважни гранични премини се Деве Баир, Делчево и Ново Село.

Јужна граница[уреди | уреди извор]

Јужната граница со Грција е, главно, со напореднички правец на протегање и се движи преку планини, рамници и езера. Таа води по сртот на планината Беласица, преку, Дојранското Езеро и Гевгелиската Котлина се искачува на Кожуф и на Ниџе, ја сече Пелагониската Рамница, а потоа преку сртовите на планината Баба се спушта до Преспанското Езеро каде што е тромеѓата со Грција и Албанија. Има должина од 261 км. Поважни гранични премини се Дојран, Богородица и Меџитлија.

Западна граница[уреди | уреди извор]

Западната граница со Албанија започнува од Преспанското Езеро, води преку планината Галичица, го сече Охридското Езеро, а потоа преку сртот на планината Јабланица и преку Дебарското Поле продолжува по сртот на корапскиот планински масив (Крчин, Дешат и Кораб). Има должина од 192 км. Поважни гранични премини се Ќафасан и Блато кај Дебар.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Николовска, Наталија (2017-11-06). „Граници и големина на Република Македонија“. Географија за седмо. Посетено на 2024-04-24.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]