Георги Шоптрајанов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Георги Шоптрајанов (Велес, 2 февруари 1907Скопје, 2001) бил македонски филолог, универзитетски професор и културно-просветен деец. Бил еден од најголемите македонски франкофони. Бил прв Македонец доктор по лингвистички и литературни науки.

Биографија[уреди | уреди извор]

Георги Шоптрајанов е роден во Велес на 2 февруари 1907 година како најмалото дете на Диме и Пандора Шоптрајанови. Основно образование и гимназија завршил во родниот град. Бил претседател на подмладокот на Црвениот крст и претседател на Литературниот кружок „Нада“ („Надеж“) во гимназијата. Уште тогаш собирал народни умотворби. Се приклучил на комунистичкото младинско движење и станал член на СКОЈ во 1924 година. Како студент на Филозофскиот факултет во Скопје (1926-1930), бил основач и секретар на Академското потпорно друштво (1927), основач и претседател на Литературниот кружок „ЛИПИК“ (Литература, поезија и критика). На 4 мај 1927 година, како надарен и вреден студент, Шоптрајанов бил избран за асистент и така станал прв Македонец со универзитетско звање (иако бил со се’ уште незавршена втора година на студии).[1]

По дипломирањето работел како средношколски професор по француски јазик во повеќе градови на Кралството Југославија. Добил стипендија од француската влада за специјализација по француски јазик и литература (1932) и престојувал во Дижон, Женева, Париз и други градови. Неговите професори од Сорбона го испратиле во Бургундија на научно-истражувачки студии за епохата на францускиот хуманизам и ренесанса. Во 1935 година со успех ја одбранил докторската дисертација на тема „Етјен Табуро Дезакор - живот и дело (1549-1590)“ со што го оживеал значајниот француски деец од средновековната ренесанса и станал првиот Македонец, доктор по лингвистички и литературни науки.

По докторирањето, и покрај тоа што му била понудена работа во универзитетски центри во Франција и во Европа, тој ја одбил таа чест и се вратил во Македонија. Се вработил на Филозофскиот факултет во Скопје каде развил педагошка-научна дејност. Посебно се истакнал со драмската поставка на делото „Вообразениот болен“ од Молиер, чиј превод го направил самиот. По негова иницијатива и со помош на Васил Антевски - Дрен и Страхил Гигов на 14 јули 1939 година била објавена публикацијата „150 години од Француската револуција“. Во 1940 година Шоптрајанов е еден од инспираторите во студентското движење и штрајкот на студентите на Филозофскиот факултет во Скопје. Поради своите врски со прогресивното движење бил забележан од полицијата и од воените власти и бил квалификуван како политички сомнителен. Пред Втората светска војна тој бил повикуван често на воени вежби (Штип, Ниш и други места).

Во Априлската војна бил мобилизиран во воена единица составена главно од комунисти, а по нејзиното разбивање на 6 април 1941 година, преку Куманово се вратил во Велес. За да биде поставен за просветен работник во Македонија, тој морал, како и другите македонски просветни работници, во текот на 1941 година да престојува во Софија за да се здобие со документ дека го посетувал специјализираниот курс за бугарски јазик. Поради неговата научно-истражувачка дејност и познавањето на неколку странски јазици, се родила идејата тој да биде избран за професор на Софискиот универзитет. Но, тој пак претпочитал да се врати во Македонија. Во тие тешки времиња на бугарската окупација Шоптрајанов се движел на релација с. Рлевци (Велешко) - Велес - Скопје. Соработувал со НОВ и бил член на АСНОМ.

По ослободувањето, Шоптрајанов бил именуван за прв директор на новооснованата Народна библиотека во Скопје.[2] Бил и член на Првата комисија за јазик и правопис која е основана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик. Во текот на расправите во Првата комисија за кодификација на македонскиот јазик, Шоптрајанов, заедно со Венко Марковски, Ѓорѓи Киселинов и други, се залагал јазикот на македонското централно подрачје да биде земен за основа на македонскиот литературен јазик и бил против обидите во азбуката да се земат некои српски букви. Откако од страна на Президиумот на АСНОМ препораките на Комисијата биле отфрлени, Шоптрајанов во знак на протест го откажал своето учество во Втората комисија за јазик и правопис.[3]

Шоптрајанов останал на местото директор на Народна библиотека во Скопје до 1946 година. По формирањето и започнувањата на предавањата во декември 1946 година тој е еден од првите пет професори кои предаваат на Филолошкиот факултет во Скопје (заедно со Блаже Конески, Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ и Љубен Лапе). Тој е основоположник на Катедрата за романска филологија на Филозофскиот факултет во Скопје и професор по француски јазик и книжевност.[4]

Предавал и на универзитетите во Безансон и Клермон-Феран (Франција). Општествено-политички бил член на Градската конференција на ССРНМ – Скопје и Главниот одбор на ССРНМ. Членувал и раководел повеќе домашни и странски стручни и научни асоцијации: претседател на Друштвото на библиотекарите на СРМ, претседател на Здружението на наставниците за странски јазици на СРМ, член на СИЗ за образование на СРМ, дописен член на Академијата на науките, уметностите и книжевностите во Дижон, почесен член на Академијата на науките, уметностите и книжевностите во Безансон, почесен доктор во Клермон-Феран, Париз, Безансон и Франш-Конте, член и претседател на Редакцијата за СРМ на списанието на Советот на академиите на науките на СФРЈ “Bulletin scientifique” (Загреб), член на редакцискиот одбор на сп. „Филолошки преглед“ (Белград) и др.[5]

Автор е на книгите „Кратка историја на францускиот јазик“ (1975), „Педагогијата на Мишел де Монтењ“ (1978) и „Ромен Ролан (1866-1944): живот и дело“ (1987). Превел и голем број книги од француската литература.

Носител е на одликувањата Витез на легијата на честа и Офицер на легија на честа на Француската Република (1976).

Во негова чест во 2000 година е одржан свечен научен собир.

Наводи[уреди | уреди извор]