Гамалсвенскби

Од Википедија — слободната енциклопедија
Поранешната шведска црква во Гамалсвенскби. Лутеранската парохиска црква Свети Јован е повторно изградена и денес служи како православна црква.

Гамалсвенскби (шведски: Gammölsvänskbi; буквално: „Старо шведско село“; украински: Старошведське; германски: Alt-Schwedendorf) е поранешно село кое сега е маало на Змиивка (украински: Зміївка) во Берислав Рајон од Херсонската област, Украина. Накратко беше познат како Вербивка (украински: Вербівка) пред да се интегрира со Змиивка. Гамалсвенскби е познат по своето шведско културно наследство.

Змиивка вклучува и три поранешни села населени со етнички Германци: лутеранските села Шлангендорф и Милхаузендорф и римокатоличкото село Клостердорф. Во деветнаесеттиот век, целиот регион, и големи делови од јужна Русија, содржеле села населени од Германци кои припаѓале на различни протестантски вери, особено лутерани и менонити, како и римокатолици.

Во близина на селото се наоѓа биосферниот резерват Асканија-Нова.

Преселување на естонските Швеѓани и основање на Гамалсвенскби[уреди | уреди извор]

Даго, Естонија

Населението во Гамалсвенскби го следи своето потекло во Хиумаа (Даго) во денешна Естонија, некогаш дел од Војводството Естонија. Според Нистадскиот договор, островот бил меѓу териториите отстапени на Руската Империја во 1721 година на крајот на Големата северна војна.

Неколку децении подоцна, дел од селското население во конфликт со локалната аристократија, одговорило на Катерина Велика во 1762 г. на повикот за доселеници на територијата новосвоена од Отоманското Царство. Денес оваа земја е во Јужна Украина.[1][2] Примамени од ветувањата за нова плодна земја долж реката Днепар, околу 1.200 луѓе го напуштиле Даго на 20 август 1780 година и пешачеле по копно до Новоросија, пристигнувајќи на 1 мај 1781 година.[3][4] Во Даго останале само околу 400 Швеѓани.[5] Додека некои извори ја нарекуваат миграцијата на естонските Швеѓани како целосно протерување од нивната естонска татковина, други извештаи го нагласуваат фактот дека на овие сиромашни и угнетени кметови им било дадено нешто што можеби изгледало како дарежлива понуда.

Без разлика на поттикот, исходот од оваа масовна миграција бил катастрофален. Од 1.200 селани кои ја напуштиле Естонија, само 900 стигнале до Новоросија.[1][3] По пристигнувањето, немало ни трага од куќите што очекувале да ги најдат. Покрај тоа, во текот на нивната прва година во Украина, уште поголем дел од доселениците починале, главно поради дизентерија. Таа прва година, 318 починале заедно со уште 116 следната година. До 1794 година, во Гамалсвенскби останале само 224 луѓе. Во 1802 година, руската влада им наредила на сите мажи Швеѓани да се венчаат до 30-та година во обид да го зголеми наталитетот.[3]

Одржување на шведското наследство[уреди | уреди извор]

Од 1787 до 1805 година, германските колонисти биле поканети во Гамалсвенскби за да го зајакнат населението во регионот. Германците ја нарекуваат областа како „Шведски округ“ и селото како „Алт-Шведендорф“. Наскоро основале три соседни села: Шлангендорф, Милхаузендорф и Клостердорф. Со доаѓањето на овие Германци, Швеѓаните брзо станале помалубројни, и на крајот многу од пастирите и наставниците во областа биле германски говорници кои не знаеле шведски.[3]

Иако Швеѓаните не го искористиле целосно обработливото земјиште што им било доделено — тие ја фокусирале својата индустрија повеќе на риболов отколку на земјоделство[3] — прераспределбата на земјоделското земјиште на германските новодојденци ги затегнала односите меѓу Швеѓаните на Гамалсвенскби и нивните германски соседи, иако се случиле мешани бракови меѓу заедниците, како што е потврдено од парохиските записи за свадби во црквите на двете заедници.[6] Додека Швеѓаните и Германците понекогаш биле ривали, тие никогаш не биле непријатели, и двете заедници соработувале кога времињата биле лоши.[7]

И покрај ова, жителите на Гамалсвенскби ги задржале своите традиции, лутеранската вера на шведската црква и стариот шведски дијалект. На крајот на 19 век, некои врски со Шведска повторно биле воспоставени со Украинските Швеѓани, кои се сметале за „изгубено племе“ кое ги зачувало постарите шведски традиции, како што се пишувањето со руни и одржувањето на постар облик на литургијата на шведската црква. Принцот Карл собрал повеќе од 6.000 рубли во Шведска и Финска за да ја поддржи изградбата на нова шведска црква во селото, и да ја замени претходната дрвена црква дадена од принцот Потемкин, која изгорела во средината на 19 век.[8] Новата парохиска црква Свети Јован била отворена во 1885 година. Извесно време, пред револуциите што следеле по Првата светска војна, посетите од Шведска станале чести, а некои селани се претплатиле на шведските весници.

И покрај тоа, имало напори од страна на Русија подобро да ги интегрира украинските Швеѓани во Руското Царство. Првичните планови за населување не ги вклучувало украинските Швеѓани за регрутирање во војската на царот, но тоа се променило до крајот на 1800-ти, и 130 мажи од Гамалсвенскби билеа примени во руската армија за време на Првата светска војна.[9]

Обид за преселување во Шведска[уреди | уреди извор]

Карикатура на повратниците од Гамалсвенскби објавена во шведски комунистички весник, во август 1929 година. Сликата ги прикажува доселениците како забавувачи, изложени на саем во заедницата во Љунгби.

За време на Руската граѓанска војна, Гамалсвенскби во голема мера го држела Црвената армија, иако селото било под артилериски оган од Белата армија под генерал Антон Деникин. Откако борбите се оддалечиле од селата во 1921 година, селаните побаралеа помош од Шведска, вклучително и писмо до надбискупот од Упсала Натан Седерблом.[10] Во 1922 година, шведскиот Црвен крст водел експедиција во Гамалсвенскби за да обезбеди помош и насоки во развојот на регионот и неговото обработливо земјиште. Според овој план, две нови шведски села, Нисвенскби („Новото шведско село“) и Свенскакер („Шведско поле“), биле основани делумно за да се зачува нивното право на земјата. Соседните германски села на сличен начин основале дополнителни пунктови, Фриденхајм и Нојклсотердорф.[10]

Конфликтите со советските власти околу оданочувањето, политиките на колективизација и правото да ја задржат својата лутеранска вера ги зголемиле напорите на некои селани да бараат враќање во Шведска. На 1 септември 1927 година, 136 земјоделци од селото поднеле петиција „на луѓето од Шведска, Финска и Америка“ за помош за повторно да се обединат со своите сограѓани Швеѓани. Овие напори не биле веднаш прифатени од шведскиот претставник во Москва, кој повикал на претпазливост.[10] На 28 јуни 1928 година, 429 селани гласале за емигрирање назад во Шведска според Декларацијата за правата на народите на Русија за поддршка на етничкото самоопределување. Во тоа време се зголемил притисокот во Шведска да се дозволи враќање на луѓето од Гамалсвенскби и на 22 февруари 1929 година Риксдаг го одобрил нивното право да дојдат во Шведска. До јуни 1929 година, советската влада постигнала договор со Швеѓаните во врска со располагањето со нивниот имот во Украина и таксите за пасоши, а повеќето од жителите на Гамалсвенскби почнале да се подготвуваат да заминат.[10] Селаните можеле со себе да понесат само она што можело да се носи во патнички воз.[3]

На 22 јули 1929 година, Швеѓаните од Гамалсвенскби кои добиле дозвола за излез, биле донесени по реката до Херсон на два пароброда. Оттаму, шведскиот Црвен крст ги донел со товарниот брод Фирузан во Констанца, Романија каде започнало копненото патување. Тие патувале со воз низ Унгарија и Австрија до Германија, минувајќи низ Синаја, Брашов, Локошаза, Будимпешта, Виена, Пасау и Штралзунд на патот кон Засниц. Оттаму со траектот преку Балтичкото Море се упатиле до Шведска.[6] На 1 август 1929 година, 885 Украински Швеѓани пристигнале во Трелеборг, Шведска, каде што биле примени од принцот Карл, војводата од Вестергетланд.[1] Од оние кои одлучиле да останат во Гамалсвенскби, 19 семејства (94 лица) набрзо се преселиле во Манитоба, Канада, каде што се населиле претходните емигранти од Гамалсвенскби. Шест од овие семејства подоцна се вратиле во Шведска.[6]

Мнозинството од селаните останале во Шведска, многу од нив се населиле во Готланд, како и во Вестергетланд и Смоланд.[6] Во обид да ги интегрираат овие „древни Швеѓани“ со модерна Шведска, официјалните лица не им дозволиле да останат во единствена, заедничка населба.[11] Наместо тоа, владата барала од нив да чиракуваат кај етаблирани земјоделци за да ги научат шведските земјоделски практики.[6]

Околу четири месеци по пристигнувањето во Шведска, некои емигранти побарале да се вратат во Украина. Петер Кнутас и Валдемар Утас ѝ пишале на Украинската ССР дека преселбата во Шведска е непромислен чекор, и барале дозвола за три семејства да се вратат во Украина. Некои емигранти се приклучиле на Комунистичката партија на Шведска со надеж дека ќе ја одразат нивната лојалност кон советските власти.[1] Движењето на украинските Швеѓани - и во Шведска, а потоа назад во Украинската ССР - било искористено за пропагандни цели и од антисоветските и од просоветските медиуми.

Советската репресија, Холодомор и Втората светска војна[уреди | уреди извор]

 

Спомен на 16-те мажи и една жена од Гамалсвенскби кои биле убиени или исчезнати во сталинистичката чистка од 1937-1938 година.[12]

Вкупно, околу 250 селани избрале да се вратат во Гамалсвенскби. Со поддршка на Комунистичката партија на Шведска, тие основале мала колективна фарма наречена Црвено шведско село.[11]

Животот во Советскиот Сојуз се покажал како тежок. Во 1929 година, црквата во Гамалсвенскби била затворена од советската влада. Гладот од 1932–1933 година го обновил интересот за идејата да се вратат во Шведска, а некои селани потпишале документ во кој се наведува дека сакаат да ја напуштат земјата. Ова довело до апсење на 20 лица од страна на тајната полиција. Петмина од нив се испратени во затвор. Неколку селани биле убиени во сталинистичката чистка во следните години. Во 1930-ти години, поголемиот дел од 3.500 скандинавски потомци кои живееле во Јужна Украина биле обвинети за шпионирање и испратени со нивните семејства во Каторга во Сибир и Карелија.[1]

Со нацистичката инвазија на Советскиот Сојуз, германската армија пристигнала во Гамалсвенскби на 25 август 1941 година, каде војниците биле пречекани како ослободители.[9] За време на тригодишната окупација на нацистите, тие на шведските Украинци им дале германско државјанство и многу од мажите од Гамалсвенскби им се приклучиле на германските сили - и доброволно и преку регрутирање. Како што напредувале советските трупи во октомври 1943 година, Швеѓаните и Германците биле отстранети од Рајхскомесаријатот Украина според германските планови за евакуација.[9] Многу евакуирани од Гамалсвенскби завршиле во Кротошчин, во германскиот Вартегау кој бил анектиран од Полска. Речиси 150 жители на Гамалсвенскби биле фатени од советските власти на крајот на војната и испратени во работни логори, но им било дозволено да се вратат во Украина уште во 1947 година. Други успеале да заминат во Шведска или директно да се вратат во Гамалсвенскби.[11]

Во 1947 година, според советската политика за отстранување на германските имиња на места, Шлангендорф станал Змиивка, Милхаузендорф станал Михаиливка, а Клостердорф станал Костирка. Гамалсвенскби биле преименуван во Вербивка.[11]

Во 1951 година, по размена на територии меѓу Полска и Советскиот Сојуз, околу 2.500 луѓе биле преместени во областа од селата Лодина, Долни Берехи и Нанив. Поради зголеменото население, четирите села биле обединети под името Змиивка. На новопреместеното население официјално му било забрането да ги слави своите традиционални празници, како што е Вертеп за време на Божиќ. Работите да бидат уште полоши, мештаните меѓу кои биле населени, ги сметале дојденците за антисоветски националисти.[13]

Во 1955 година била изградена брана на реката Днепар, создавајќи ја акумулацијата Каховка. Ова потопило дел од селото заедно со неколку острови и рибарски води.[14]

Гамалсвенскби денес[уреди | уреди извор]

Пред падот на Советскиот Сојуз, контактите со Шведска и Канада билеа повторно воспоставени, а во 1990-ти, Шведската црква, општина Готланд и други шведски организации дале економска поддршка и воделе напори за помош. Чумак, шведски производител на масло, кечап и конзервирана храна, бил основан во блискиот град Каховка. Во 2008 година, кралот Карл XVI Густаф и кралицата Силвија ги посетиле Змиивка и Гамалсвенскби како дел од државната посета на Украина.[15]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Шама, Олег (6 October 2016). „Как шведы Украины спасались от советской власти еще в 1930-х годах“ [How the Swedes of Ukraine Escaped the Soviet Regime Back in the 1930s]. Аргумент (руски). Архивирано од изворникот на 29 October 2016. Посетено на 2 March 2021.
  2. Bartlett, Roger (1993). „The Russian and the Baltic German nobility in the eighteenth century“ (PDF). Cahiers du monde russe et soviétique. 34 (1/2): 233–243. doi:10.3406/cmr.1993.2349. JSTOR 20170857.[мртва врска]
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Giesinger, Adam (April 1975). „Villages in Which Our Forefathers Lived“ (PDF). American Historical Society of Germans from Russia (17): 33–37. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-11-29. Посетено на 3 March 2021.
  4. Rudling, Per Anders (2005). „Ukrainian Swedes in Canada: Gammalsvenskby in the Swedish-Canadian Press 1929-1931“. Scandiavian–Canadian Studies/Études scandinaves au Canada. 15: 62–91. Архивирано од изворникот на 2021-11-29. Посетено на 2021-11-29.
  5. Brunberg Rickul, Göte (27 January 2020). „Estlandssvenskarnas historia“ [The History of Estonian Swedes]. Estlandssvenskarnas Kulturförening (шведски). Посетено на 4 March 2021.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Hedman, Jörgen (1994). Svenskbysläkter : släktförteckningar över familjerna från Gammalsvenskby i Ukraina [Swedish Village Families: Genealogies of Families from Gammalsvenskby in Ukraine] (шведски). Visby, Sweden: Ödins Förlag.
  7. Malitska, Julia (2014). „People in Between: Baltic Islanders as Colonists on the Steppe“. Во Wawrzeniuk, Piotr; Malitska, Julia (уред.). The Lost Swedish Tribe: Reapproaching the history of Gammalsvenskby in Ukraine. Huddinge, Sweden: Södertörn University. стр. 61–85. ISBN 978-9186069858.
  8. „Gammal-Svenskbys nya stenkyrka“ [Gammal-Svenskby's new stone church]. Svenska Dagbladet (шведски). 13 January 1885. стр. 2.
  9. 9,0 9,1 9,2 Gyllenhaal, Lars; Westberg, Lennart (2014). Swedes at War: Willing Warriors of a Neutral Nation, 1914–1945. Преведено од Finstrom, Carl Gustav. Bedford, Pennsylvania: The Aberjona Press. ISBN 978-1-93884-7-02-8.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 Hedman, Jörgen (2000). „Gammalsvenskby: The True Story of the Swedish Settlement in the Ukraine“ (PDF). Посетено на 8 March 2021.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 Kotljarchuk, Andrej (2014). „Little Red Sweden in Ukraine – the 1930s Comintern project in Gammalsvenskby“. Во Wawrzeniuk, Piotr; Malitska, Julia (уред.). The Lost Swedish Tribe: Reapproaching the history of Gammalsvenskby in Ukraine (PDF). Huddinge, Sweden: Södertörn University. стр. 111–149. ISBN 978-9186069858. Посетено на 2 March 2021.
  12. Svedberg, Göran (2008). „Inför kungabesöket“ [Before the Royal Visit]. Gammalsvenskby.se (шведски). Посетено на 17 March 2021.
  13. Cybriwsky, Roman Adrian (2018). Along Ukraine's River: A Social and Environmental History of the Dnipro. Budapest, Hungary: Central European University Press. стр. 208–209. ISBN 978-963-386-204-9. Посетено на 3 March 2021.
  14. Forsman, Ludvig (June 2016). „Language shift from a nonspeaker perspective: Themes in the accounts of linguistic practices of first-generation non-swedish speakers in Gammalsvenskby, Ukraine“. Language in Society. 45 (3): 375–396. doi:10.1017/S0047404516000361.
  15. „Political relations between Ukraine and the Kingdom of Sweden“. Embassy of Ukraine in the Kingdom of Sweden. 3 November 2020. Посетено на 2 March 2020.

Надворешни врски и литература[уреди | уреди извор]