Роднински односи

Од Википедија — слободната енциклопедија

Македонскиот јазик е еден од најбогатите со поими кога се во прашање роднинските односи. Крвното сродство, односно роднинството, во традиционалната култура на Македонците се сметало за света работа која крајно се почитувала. Блиските роднински односи се чувале, не само меѓу семејствата на родените браќа и братучеди, по чичко, вујко и тетка, туку и меѓу подалечните роднини.

Бидејќи македонскиот народ е семеен народ и долго време ги одржува семејните традиции[1], во јазикот се користат многу поими кои не можат да се најдат или воопшто не се користат во другите јазици, па дури и меѓу оние со словенскo потекло.

Директни роднински односи на различни поколенија, потомци[уреди | уреди извор]

  • Родители на детето — две личности од различен пол (татко и мајка), кои како последица на полови односи или посвојување добиваат потомци — деца [2]
  • Мајка — женски родител на детето (биолошка мајка)
  • Татко — машки родител на детето (биолошки татко)
  • Очув — мажот на мајката за нејзините деца од претходен брак
  • Маќеа — жена на таткото за неговите деца од претходниот брак
  • Син — машко дете на родителите
  • Ќерка — женско дете на родителите
  • Внук — син од ќерката или синот
  • Внука — ќерка на синот или ќерката
  • Правнук — син на внукот или внуката
  • Правнука — ќерка на внукот или внуката
  • Чукунвнук — син на правнукот или правнуката
  • Чукунвнука — ќерка на правнукот или правнуката
  • Дедо — татко на некој од родителите на детето
  • Баба — мајка на некој од родителите на детето
  • Прадедо — дедо на некој од родителите на детето
  • Прабаба — баба на некој од родителите на детето
  • Чукундедо — татко на прадедото на детето
  • Чукунбаба — мајка на прабабата на детето

Непосредни роднински односи од исто поколение[уреди | уреди извор]

  • Брат — син од исти родители во однос на другите деца на тие родители
  • Сестра — ќерка од исти родители во однос на другите деца на тие родители
  • Полубрат — брат на другите деца само по татко или по мајка
  • Полусестра — сестра на другите деца само по татко или по мајка
  • Батко — постар брат
  • Дада — постара сестра

Брачни роднински односи[уреди | уреди извор]

  • Чичко — брат на таткото
  • Стрина — сопруга на братот на таткото, не е во крвно сродство
  • Вујко — брат на мајката
  • Вујна — сопруга на вујкото, не е во крвно сродство
  • Тетка — сестра на таткото или на мајката
  • Тетин — сопруг на тетката, не е во крвно сродство

Роднински односи — прво колено[уреди | уреди извор]

Роднини од прво колено се оние кои имаат ист дедо или баба, или и двајцата. Ако претпоставиме дека родителите имаат два сина и две ќерки, тогаш тие деца ќе ги имаат следните роднински имиња:

  • внук или внука (од брат или од сестра) — син или ќерка во однос на тетката и тетинот, односно вујкото
    • братанец и братиница — син или ќерка на еден од браќата во однос на другиот брат или браќа, односно сестра или сестри на братот
    • сестричник и сестричница — син или ќерка на една од сестрите во однос на другата сестра или сестри, односно брат или браќа на сестрата
  • братучед и братучетка (братучеда) — син или ќерка на тетката, вујкото или чичкото

Брачни односи меѓу поколенија[уреди | уреди извор]

  • Свекор — татко на сопругот
  • Свекрва — мајка на сопругот
  • Тест (дедо) — татко на сопругата
  • Тешта (баба) — мајка на сопругата
  • Зет — сопруг на ќерката или сестрата
  • Снаа — сопруга на синот, внукот или братот
  • Шура — брат на сопругата
  • Шурнајка — сопруга на братот на сопругата (сопруга на шурата)
  • Свеска (балдаза) — сестра на сопругата
  • Баџанак — сопруг на сестрата на сопругата
  • Девер — брат на сопругот
  • Золва — сестра на сопругот
  • Јатрва — сопруга на братот на сопругот
  • Сват — татко на сопругот на ќерката или на сопругата на синот
  • Сваќа — мајка на сопругот на ќерката или на сопругата на синот

Останато[уреди | уреди извор]

  • Единец или единица — единствено дете на родителите
  • Посмртче — дете родено по смртта на неговиот татко
  • Посвојчепосвоено дете
  • Најденче — најдено дете чии родители не се познати
  • Копиле (навр.) — дете на кое не му се знае таткото
  • Сирак или сираче — дете на кое му умреле родителите
  • Кум или кума — сведоци на брачниот пар при венчавањето или на детето при крштевањето
  • Кумче или кумичка — дете во однос на кумот кој го крстил
  • Кумашин и кумашинка — брачниот пар во однос на кумот кој ги венчал
  • Старосват (старејко) или старосватица (старејковица) — вториот сведок (покрај кумот) при венчавањето
  • Побратим — близок пријател со кого со устен договор меѓусебните односи се уредуваат како братски
  • Посестрима — блиска пријателка со која со устен договор меѓусебните односи се уредуваат како сестрински

Наводи[уреди | уреди извор]