Бруно Шулц
Бруно Шулц Bruno Schulz | |
---|---|
Роден/а | 12 јули 1892 Дрохобич , Австроунгарија |
Починат/а | 19 ноември 1942 Дрохобич, Германска окупирана Полска | (возр. 50)
Занимање | Писател, ликовен уметник, книжевен критичар, наставник по уметност |
Жанр | Роман, расказ |
Книжевно движење | модернизам, надреализам, магичен реализам |
Значајни дела | Санаториум, Под знакот на песочниот часовник, Улицата на крокодилите , Продавници со боја на цимет |
Бруно Шулц (Bruno Schulz) (12 јули 1892 - 19 ноември 1942) - полски писател, сликар, графичар, критичар и филозоф од еврејско потекло.
Животопис
[уреди | уреди извор]Бруно Шулц е роден во градот Дрохобич во Австроунгарија (денес во Украина), претежно населен со Евреи и поголемиот дел од животот го поминал во родниот град, работејќи како наставник по цртање во гимназијата. Тој бил син на Хенриета и на Јаков Шулц, трговец со текстилни материјали. Во нивниот дом не се негувала еврејската традиција и се зборувало само на полски јазик. Семејството Шулц живеело во куќата со број 10 која се наоѓала на главниот плоштад во Дрохобич при што членовите на семејството живееле на катот, а на приземјето се наоѓала нивната продавница. Токму во таа куќа се одвива дејството во расказите од збирката „Продавници со боја на цимет“, во која еден од главните ликови е неговиот татко Јаков. Бруно Шулц студирал архитектура во Лавов, а за време на Втората светска војна бил одведен во гетото во Дрохобич, каде бил убиен на улица од страна на еден нацистички офицер, на 19 ноември 1942 година.[1][2]
Творештво
[уреди | уреди извор]Шулц се оформил под влијание на интелектуалната авангарда собрана во движењето „Млада Полска“, како и под влијание на германската книжевност од почетокот на XX век. Во 1934 ја објавил својата прва книга „Продавници со боја на цимет“, а потоа, поттикнат од младите литерати и од издавачите ја објавил и втората книга „Санаториумот во знакот на Клепсидрата“. Всушност, овие две книги го сочинуваат целото неговот творештво, зашто ракописот на неговото трето дело, романот „Месија“ е изгубен. Исто така, Шулц има напишано и неколку други раскази, кои не дел од двете збирки, како и неколку есеи.[1] Во двете збирки, Шулц го опишува животот на Евреите во еден мал провинциски град при што неговите раскази се одликуваат со автобиографски елементи. И покрај скромниот опус, денес, Шулц се смета за еден од најголемите прозни стилисти на XX век. Неговите раскази се напишани со богат и единствен јазик, со употреба на бројни необични метафори. Притоа, тој користи повеќекратни, сложени реченици, со комбинација на старомодни и заборавени зборови и модерни, научни изрази. Оваа техника го привлекла вниманието и била предмет на бројни дискусии уште од неговите први критичари, кои неговото творештво го оцениле како смеса на убавина и поезија.[2]