Асеманиево евангелие
Асеманово евангелие | |
---|---|
Ватиканска библиотека | |
Страница од Асеманиевото евангелие | |
Година на изработка | Втората половина на X век |
Материјал | пергамент |
Големина | 158 листа |
Писмо | глаголица |
Асеманиево евангелие или Асеманово евангелие — глаголски ракопис од втората половина на X век чие настанување се поврзува со Охридската книжевна школа.
Име
[уреди | уреди извор]Пишуван е врз пергамент со обла глаголица и има 158 листа. Овој глаголски споменик кој се смета за најстар словенски ракопис, го пронашол во 1736 година, во Ерусалим префектот на Ватиканската библиотека Јосиф Симон Асемани (1687 - 1768) по чија смрт, заедно со целата неговата колекција, станал сопственост на библиотеката во Ватикан. Во оваа библиотека сега го носи бројот 3, а е наречено Асеманово по името на неговиот пронаоѓач. Комплетно е дигитализирано и достапно во нивната дигитална библиотека.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]По содржина е изборно евангелие (апракос) со месецослов и неговиот текст, според мислењето на многумина истражувачи, му е најблизок на Кирилометодиевиот превод на евангелието. Големата важност на ова најстаро апракосно евангелие за историјата на евангелскиот текст се потврдува и од тоа што во неговиот месецослов ги наоѓаме најстарите вести за празнувањето, паметта на браќата Кирил и Методиј и Климент Охридски. Интерес претставуваат и подоцнежните кирилски записи во почетокот на секој месец од месецословот, во кои се означени „злите денови“ во соодветниот месец. Од овие записи добива важни податоци за битот и верувањата на македонските Словени во таа далечна епоха. Асемановото евангелие е мошне важно и за историјата на нашата книжна орнаментика. Илуминацијата му е старинска и мошне оригинална, при што не се чувствува некое посебно влијание од страна на водечките цариградски илуминаторски школи. Тоа значи дека во скрипторскиот центар во кој настанало Асемановото евангелие била негувана самостојна, автохтона илуминторска традиција.[2][3]
Особености
[уреди | уреди извор]Некои од јазичните особеностите на овој ракопис се:[4]
- двоеров правопис, испуштање на еровите, обично во зборови на крајот на редот
- правописно мешање на еровите
- замена ъ > o и ь > e во силна позиција
- употреба на ѕ: cu, cu.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ https://digi.vatlib.it/view/MSS_Vat.slav.3. Отсутно или празно
|title=
(help) - ↑ Речник на старата македонска книжевност, Ѓорѓи Поп-Атанасов, Македонска книга, 1989, стр.24-25
- ↑ Ilija Velev; Liljana Makarijoska; Emilija Crvenkovska (2008). Macedonian Glagolitic and Cyrillic manuscripts. Skopje: Institute for Macedonian language Krste Misirkov. стр. 128. ISBN 978-9989-640-93-3.
- ↑ Пандев, Димитар (2020), Ќулавкова, Катица (уред.), Македонска хрестоматија, Скопје: МАНУ, стр. 9–10, ISBN 9786082033013.
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Список на глаголични ракописи
- Средновековна македонска книжевност
- Старословенска книжевност
- Старословенски јазик
- Средномакедонски период