Прејди на содржината

Григоровичев паримејник

Од Википедија — слободната енциклопедија
Григоровичев паримејник
Руска државна библиотека
Страница од ракописот
Година на изработкакрајот на XII век
Материјалпергамент
Големина104 листа
Писмокирилица

Григоровичев паримејник — македонски средновековен ракопис на пергамент од крајот на XII до почетокот на XIII век. Григоровичевиот паримејник е најстар зачуван препис од оваа богослужбена книга поради што како во минатото, така и денес не престанува да го привлекува вниманието на старословенистите. Кај нас на овој значаен македонски книжевен споменик особено внимание му посветува Зденка Рибарова, која, во соработка со Зое Хауптова и Емилие Блахова, подготвила двотомно издание на паримејникот.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Во 1844 година, Виктор Григорович го нашол во манастирот Хиландар[2] и го однел во Русија. Во 1876 година, ракописот станал сопственост на Румјанцевскиот музеј во Москва, а сега се чува во Руската државна библиотека под шифрата Григ. бр. 2 / М.1685.[3]

Ова е најстариот зачуван словенски паримејник, веројатно копиран од глаголицата.[4]

Паримејникот содржи 104 пергаментни листа напишани со кирилско старословенско писмо. Овој ракопис е палимпсест и на некои места е читлив првобитниот текст којшто претставува византиско апракосно евангелие од X век. Настанувањето на овој ракопис, според јазичните особености, се сместува во областа на Јужна Македонија, во рамките на Охридската книжевна школа. Григоровичевиот паримејник содржи паримејни четива за Раѓањето на Христос и Богојавление, потоа четива за времето на Великиот пост, за периодот на цветниот триод, како и за одделни празници од месецословот. Помеѓу некои паримии се јавуваат и упатства од типикот за извршување на црковната служба, прокимени — стихови од псалмите што се кажуваат за време на црковната служба пред да се чита евангелието, апостолот или некоја паримија и сл. Текстот започнува со Првата книга Мојсеева, а завршува со Книгата на премудроста Соломонова (11:15).[5]

Недостасуваат неколку листови во средината и крајот.

Правописот е едноеров со употреба на три јусови знаци. Еровите често се заменуваат со чисти вокали, додека употребата на буквените знаци за носовките е строго нормирана.[1]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 Поп-Атанаов, Ѓорги (2019). „МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО НАСЛЕДСТВО ВО МОСКОВСКИОТ ДЕЛ ОД РАКОПИСНАТА ЗБИРКА НА ВИКТОР ГРИГОРОВИЧ“. Посетено на 15 септември 2024.
  2. Срв. Донесения В. И. Григоровича об его путешествии по славянским землям. Казань, 1915, 75.
  3. Сводный каталог славяно-русских рукописных книг, хранящихся в СССР: XI-ХIII вв. Москва, 1984, 175—177; Куев, К. Съдбата на старобългарската ръкописна книга през вековете. С., 1979, 172.
  4. Алексеев, А. А. Византийско-славянский профитологий (формирование состава). — Труды Отдела древнерусской литературы, 56, 2004, 66-67 Архивирано на 6 ноември 2023 г..
  5. „ГРИГОРОВИЧЕВ ПАРИМЕЈНИК“. Институт за македонска литература. Посетено на 15 септември 2024.
  • Рибарова, З., Хауптова, З. Григоровичев парименик. Текст од критики за уредот. Скопје, 1998

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]