Црноопашна блатарка

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Црноопашна блатарка
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Пескаровидни
Фамилија: Шлуки
Род: Крајбрежни пескари
Brisson, 1760
Вид: Црноопашна блатарка
Подвид: L. l. limosa Linnaeus, 1758

L. l. islandica Brehm, 1831
L. l. melanuroides Gould, 1846

Биномен назив
Limosa limosa
(Linnaeus, 1758) Brisson, 1760
Распространетост: сино - зима; жолто - размножување; зелено - постојан жител.
Синоними

Scolopax limosa Linnaeus,1758

Црноопашната блатарка (науч. Limosa limosa) е птица од фамилијата пескаровидни. Се среќава и во Македонија. Црноопашната блатарка е релативно голема птица, со долги нозе и долг клун, која е опишана за првпат од шведскиот биолог Карл Лине во 1758 година. Во рамките на видот се издвојуваат три подвида, но кај сите нив е слична специфичната портокалова глава, вратот и градите со перјето во сезона на парење, обичната сива колоритност на перјето во зима и карактеристичните црни и бели линии на врвовите од крилјата.

Се размножува на територијата од Исланд во Европа до централна Азија. Црноопашната блатарка ја поминува зимата во области како Австралија, западна и јужна Европа, како и западна Африка. Гнезди околу езера, мочуришта, блата и речни утоки. Светската популација на црноопашната блатарка брои меѓу 634 000 и 805 000 поединци, поради што нејзиниот статус е „речиси загрозен“.

Опис[уреди]

Црноопашната блатарка е релативно голема птица со долг клун (од 7,5 до 12 см), долг врат и нозе. За време на сезоната на парење, бојата на клунот се менува во жолтеникава или дури портокалова со многу темен врв, додека во зима бојата на клунот е розова. Нозете се темно сиви, кафени или црни. Нема истакнат полов диморфизам, [2] но за време на сезоната на парење мажјаците се малку посветли, со заситенa портокаловa боја на градите, главата и вратот. Во зима, возрасните единки имаат сиво-кафеави пердуви. Младенчињата имаат светли портокалови области по вратот и градите.[3] Во лет, дебелите црни и бели линии на крајот од крилјата убаво се гледаат, додека, пак, на земја може да биде помешана со сличната Limosa lapponica.[3][4] Во должина, црноопашната блатарка достигнува до 42 см од клунот до опашката, со распон на крилјата од 70 до 82 см [2]. Мажјаците тежат околу 280 грама, додека женките се тешки околу 340 г.[5] Женките по правило се малку поголеми од мажјаците, во просек околу 5% [2], со малку подолг клун (просек за 12-15%) [6]. Најчесто повикот ѝ е остро вика-вика-вика.

Во една студија за црноопашната блатарка во Холандија се смета дека стапката на смртност во првата година од животот е 37,6%; 32% во втората година, а 36,9% потоа. [2]

Таксономија[уреди]

Видот за првпат е опишан како Scolopax limosa [2] од Карл Лине во 1758 година. Името произлегува од латинскиот збор limus, што значи кал. Современата класификација го вклучува видот кон родот на крајбрежни птици (Limosa) од фамилијата пескаровидни (Scolopacidae). Познати се три подвида [4] [7]:

  • L. limosa limosa, или европска црноопашна блатарка, која се среќава во западна и централна Европа, централна Азија и азискиот дел на Русија [4]. Главата, вратот и градите се светло портокалови [2];
  • L. limosa islandica, или исландскa црноопашна блатарка, којa се среќава главно во Исланд, но исто така и на Шетландските и Лофотенските Oстрови. Има кратки нозе и клун и има малку пор’ѓастокафеава боја на стомакот, во споредба со номиналниот подвид limosa [2];
  • L. limosa melanuroides, или азиска црноопашна блатарка, која се среќава во Монголија, северна Кина, Сибир и источна Русија [4]. Пердувите се слични на онаа на исландскиот подвид, но димензиите на птиците се помали [2].

Распространетост и стаус[уреди]

Со зимско перје

Црноопашната блатарка од исландската популација ја поминуваат зимата во малку потоплите делови на Велика Британија, Ирска, Франција и Холандија, но некои достигнуваат и до значително појужни области како Шпанија, Португалија и дури Мароко [8]. Птиците од подвидот L. limosa limosa од западна Европа мигрираат до Мароко, Сенегал и Гвинеја, а претставниците на типот од источна Европа мигрираат кон Алжир, Тунис, Мали и Чад [9]. Младите индивидуи од европските популации ја поминуваат првата зима во Африка и се враќаат во Европа едвај во втората година [10]. Азиските популации ја поминуваат зимата во Австралија, Тајван, Филипините, Индонезија и Нова Гвинеја.

Во лет

Црноопашната блатарка е многу поверојатно да биде пронајдена во внатрешноконтинентални мочурливи места, а не само на крајбрежјата. По правило тие се птици преселници, кои летаат во јата во зима кон западна Европа, Африка, јужна Азија и Австралија. Иако птици од видот црноопашна блатарка се забележуваат во Велика Британија и Ирска во текот на целата година, тоа не се исттите примероци. Локалните летаат на југ за размножување, додека на нивно место доаѓаат поединци од Исланд. Поединци од црноопашната блатарка се забележи на Алеутските Острови и многу ретко по атлантскиот брег на Северна Америка.

Пресметките за светската популација на црноопашната блатарка варира помеѓу 634 000 и 805 000 единки на вкупна површина од 7 180 000 квадратни километри [4]. Во 2006 година црноопашната блатарка е класифицирана во речиси загрозен вид од исчезнување, бидејќи бројот е намален за 25% во последните 15 години.

Однесување[уреди]

Живеалиште и исхрана[уреди]

Нормалното живеалиште на црноопашната блатарка вклучува речни долини, разлеани делови на езерата, поплавени тревници, мочуришта и блата. Дел од европската популација се среќава и во ниски тревни предели, крајбрежни мочуришта, пасишта, водни површини околу рибници и одводни канали. Во Холандија и Германија, блатарките населуваат и земјоделски површини од оризови полиња и полиња со компири [10]. Напролет црноопашните блатарки се селат во места со високи треви, каде што има храна, но исто така и во глинести речни утоки[10]. Во зимските живеалишта во Африка, птиците се населуваат во мочуришта, поплавени површини и системи за наводнување. Во Индија црноопашната блатарка живее крај реки, езера и многу ретко околу соленкасти води на езера, речни утоки и потоци [2].

Црноопашната блатарка се храни со без'рбетници, но исто така и со водни растенија во зима или за време на преселбата на југ. Во сезоната на парење се хранат со бубачки, муви, скакулци, стоногалки, црви и мекотели. Многу ретко се храни со икра од риби, како и јајца на жаби и полноглавци. Кога лови во вода, го користи долгиот клун за чувствување на вибрациите. Од земјата ја собира храната од површинскиот слој.[2].

Размножување[уреди]

Додворување
Limosa limosa

Црноопашната блатарка е претежно моногамна, иако во рамките на четиригодишно истражување на 50-60 парови беа забележани случаи и на бигамност (двајца брачни партнери за една птица) и е можно тоа да е нормално [2]. Истражувањето кај исландската популација покажува дека ако едниот од партнерите не пристигне навреме, се забележува своевиден „развод“ [11].

гнездото го прават во релативно ретко населени колонии. Неспарените мажјаци штитат одредена територија и се обидуваат да привлечат женка со прикажување на своите пердуви. Прават неколку дупки за гнезда подалеку од територијата за парење, и ја бранат од другите блатарки. Кога ќе ги снесат јајцата во една од дупките, територијата од 30 до 50 метри околу гнездото почнува да се чува [2]. Самото гнездо претставува плитка дупка во земјата, обично во место со малку вегетација [12]. Јајцата можат да се покријат со растенија од родителот кој ги лежи [2].

Во едно гнездо има обично од три до шест маслинесто-зелени до темно кафеави јајца [2]. Димензиите им се од 55 на 37 мм, а тежат до 39 грама [5]. Инкубацијата трае од 22 до 24 дена која ја вршат двајцата родители. По испилувањето, малите се прикриваат во околните живеалишта меѓу густа вегетација или во други засолништа [2]. Тие добиваат пердуви за околу 25 до 30 дена [5].

Односи со луѓето[уреди]

Во Европа црноопашната блатарка е предмет на лов само во Франција, каде годишно се убиваат од 6 000 до 8 000 примероци. Тоа ја намалува западноевропската популација, што е и причина за интервенција на Европската комисија со план за заштита на птиците од овој вид [13]. Во Англија долги години месото на црноопашната блатарка се сметало за деликатес [14].

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Limosa limosa. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106003003. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 „BWPi: The Birds of the Western Palearctic on interactive DVD-ROM“. London: BirdGuides Ltd. and Oxford University Press. 2004. ISBN 1-898110-39-5. 
  3. 3,0 3,1 Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter (1999). „Collins Bird Guide“. London: HarperCollins. стр. 148. ISBN 0-00-219728-6. 
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 „Black-tailed Godwit (Limosa limosa) - BirdLife Species factsheet“. „Datazone“. BirdLife International. http://www.birdlife.org/datazone/species/index.html?action=SpcHTMDetails.asp&sid=3003&m=0. конс. 27 април 2009. 
  5. 5,0 5,1 5,2 R. A. Robinson. „Black-tailed Godwit Limosa limosa. „BirdFacts“. British Trust for Ornithology. http://blx1.bto.org/birdfacts/results/bob5320.htm. конс. 27 април 2009. 
  6. Keith Vinicombe. „Black-tailed and Bar-tailed Godwits“. „Articles“. Birdwatch magazine. http://www.birdwatch.co.uk/categories/articleitem.asp?cate=23&topic=117&item=441. конс. 3 јануари 2011. 
  7. Clements, James F. (2007). „The Clements Checklist of Birds of the World“. Cornell University Press. ISBN 978-0-8014-4501-9. 
  8. ~ b026515/species.html „About the species“. „IcelandicGodwits“. Project Jaðrakan. http://www.uea.ac.uk/ ~ b026515/species.html. конс. 3 јануари 2011. 
  9. . asp? sp = 057001 „Black-tailed Godwit (Limosa limosa)“. „Species“. BirdGuides.com. http://www.birdguides.com/species/species . asp? sp = 057001. конс. 27 април 2009. 
  10. 10,0 10,1 10,2 Tucker, Graham M. (1995). „Birds in Europe: their conservation status (BirdLife Conservation Series No. 3)“. Cambridge: BirdLife. стр. 272-273. ISBN 0-9467888 -29-9. 
  11. „[http: / / news.bbc.co.uk/1/hi/sci/tech/3737646.stm Icelandic birds rely on perfect timing]“, „BBC News website“, BBC, 3 ноември 2004 (конс. 27 април 2009).
  12. Gooders, John (1982). „Collins British Birds“. London: William Collins Sons & Co Ltd. стр. 182. ISBN 0-00-219121-0. 
  13. „Management Plan for Black-tailed Godwit (Limosa limosa)“. 
  14. Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). „Birds Britannica“. London: Chatto & Windus. ISBN 0-701-16907-9. 

Литература[уреди]

Надворешни врски[уреди]