Црква „Св. Петнаесет тивериополски маченици“ - Струмица

Координати: 41°26′15″N 22°38′35″E / 41.43750° СГШ; 22.64306° ИГД / 41.43750; 22.64306
Од Википедија — слободната енциклопедија
Базилика “Св. Петнаесет тивериополски маченици“

Поглед кон остатоците од старата базилика

Карта

Местоположба 41°26′15″N 22°38′35″E / 41.43750° СГШ; 22.64306° ИГД / 41.43750; 22.64306
Основни податоци
Место Струмица
Општина Струмица
Тип

 црква  базилика


Период старохристијанско време
4 век
9 век
Портал „Археологија“

Свети петнаесет тивериополски маченици — е комплекс од цркви во градот Струмица. Комплексот е вклучен во Списокот на Културно наследство на Македонија.

Историја[уреди | уреди извор]

Предание[уреди | уреди извор]

Црквата Свети Петнаесет тивериополски маченици е посветена на Петнаесетте маченици. Основни податоци за делата на Светите Петнаесет маченици произлегуваат од Житието на охридскиот архиепископ Теофилакт Охридски, иако е тешко да се утврди врз основа на кои изворни сведоштва Теофилакт Охридски го опишал судењето на тивериополските маченици.

Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363) бил издаден акт за голем прогон на христијаните во царството. Јулијан Отпадник по стапувањето на царскиот престол ги вратил старите пагански верувања и го отфрлил христијанството издавајќи заповед со кој наредил одмазда врз оние кои нема да се вратат кон старите обичаи. Во градот Никеја или денешен Изник во Турција, во центарот на градот била прочитена наредбата на царот според која на оние кои ќе се одречат од христијанството им следувало награда. Според Житието голем дел од населението ја избегнале наредбата на царот и заминале од градот.

Од оние кои побегнале биле и Тимотеј, Комасиј, Евсевиј и Теодор кои се населиле во Солун. По краткиот престој во Солун тие заминале кон Тивериопол или денешна Струмица. Во градот, Тимотеј станал епископ на Тивериополската црква, Комасиј кој претходно бил војник се замонашил заедно со Евсевиј а Теодор исто така бил епископ и учесник на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. По пристигнувањето тие започнале да го проповедаат христијанството меѓу жителите на градот и биле прифатени од страна на Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор кој го проповедале делото на Исус во презвитерски чин а заедно со нив служеле Василиј и Тома во ѓаконски чин заедно со монасите Еротеј, Даниил, Харитон и Сократ. Уште тогаш почнала да се шири нивната слава на доследни христијански проповедници и чудотворци.

По некое време за нивното дело во Тивериопол се разбрало во Солун од страна на Валент и Филип кои биле началници на градот и службеници на царот Јулијан Отпадник. По пристигнувањето во градот тие наредиле пред толпата народ да бидат доведени тивериополските црковни лица, по кое им било речено:

Цело царство се потчинува на царската наредба која гласи дека треба да се поклониме на бесмртните богови… Како само вие се покажавте, наспроти целиот свет, помудри од старите луѓе? “

Тие изјавиле дека и елинските писатели ги нарекуваат боговите неразумни и неморални и дека многу повеќе од нив ја разбираат незнабожечката религија. Но, во едни такви бајки бесмилено било да се верува, па затоа тие ја прифатиле верата бидејќи само тој за нив претставувал Бог. По ова Валент и Филип им поставиле прашање дали ќе пренесат жртва на боговите по кое тие повторно одбиле.

Поради оваа изјава сите биле осудени на смрт со отсекување на главата[1]. По погубувањето телата биле расфрлени а по заминувањето од градот на Валент и Филип жителите на градот ги зеле нивните тела и ги погребале во посебни гробови на кој било напишано името на секој од нив. Петнаесетте маченици од Тивериопол биле погребани во доцноантичка некропола, надвор од градот каде што се закопувале христијаните. Овие маченици пострадале во 361 или 362 година на 28 ноември. Денеска, според јулијанскиот календар, нивното име се слави на 11 декември. Дел од нивните мошти се наоѓаат во црквата Свети Петнаесет тивериополски маченици во Струмица.

Мошти[уреди | уреди извор]

Икона од Светите петнаесет маченици
Влезот на денешната црква

По долги години, според преданието градот Тивериопол бил разрушен до темел од страна на Аварите и Словените а гробовите останале затрупани во разурнатиот храм. Со населувањето на словенските племиња во Струмичката област во извесна смисла затаил и култот кон Петнаесетте тивериополски маченици зашто настапил период на повторни конфронтации меѓу христијанската традиција на домородното население и паганскиот верски однос на доселените Словени. Но, постепено и словенското население почнало да го прифаќа христијанството, зашто само на тој начин Византија успевала повремено да ги држи под завојувачка власт и покорност.

Култот кон Светите Петнаесет Тивериополски маченици се возобновил од средината на 9 век наваму кога покрстената бугарска држава на кнезовите Борис I и Симеон I ги завладеала од Византија македонските простори. По Моравската мисија на Св. Кирил и Методиј била основана Брегалничка епархија[2] Во времето кога градот бил под власта на Борис I кој се покрстил во 864 година, според верувањата светите маченици почнале да се појавуваат на местото каде што биле положени и ги гледале како одат ноќно време по бедемот, разделувајќи им на сите што им требаат големи исцеленија. Бугарскиот цар дал заповед на Брегалничката епархија да биде изграден нов храм каде ќе бидат пренесени моштите на мачениците. Бугарскиот кнез Борис ја поддржал градбата на крстовидната црква во Струмица врз темелите на разурнатата ранохристијанска базилика и над гробовите на мачениците. При ваквиот воспоставен култен тренд се иницирало и пренесувањето на моштите во новоизградената катедрална црква посветена во нивен спомен во формираната епископија на Брегалница[3][4].

Оваа задача била доделена на болјаринот Таридин кој кога застанал врз местото каде се јавувале светителите дал наредба да се започне со копање по кое биле откриени ковчезите кои биле покриени со мермерни плочи и потпишани со натпис врз кој било изложено името на секој од светителите, надворешниот изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. Зацврстувањето на светителскиот култ кон св. Петнаесет Тивериополски маченици било предизвикано со откривањето на светите мошти на петте свештеномаченици Тимотеј, Комасиј, Евсевиј, Теодор и Сократ во втората половина на 9 век. Во 42-та глава од Житието се наведува дека пренесувањето на моштите било на 28 август, датум кој влегол и во црковниот календар за празнување на овој чин.

Во следните години според христијанските верувања, моштите на овие маченици станале извор на разни чуда: некој човек цел живот имал искривени нозе, па штом се допрел до ковчегот на светителите, оздравел; многумина измачувани од нечисти духови нашле спас за својата душа и тело, прибегнувајќи со молитва кон светителите; глуви прослушувале; неми прозборувале; болни од лепра оздравувале и уште безброј чуда се случувале од телата на овие свети маченици.

Меѓутоа, жителите на Тивериопол се побуниле на одлуката пронајдените мошти да бидат пренесени во Брегалничкиот храм, бидејќи не сакале да останат без своите заштитници. Откако долго време имало спор помеѓу Таридип и жителите, сепак, било одлучено да се земат телата на тројца од мачениците – Тимотеј, Комасиј и Евсевиј, а моштите на Теодор и на Сократ биле задржани во обновениот струмички храм. Наследникот на Таридин во времето на Симеон станал Дристер, кој по заповед на бугарскиот цар ги пренел во Брегалничката црква моштите на струмичките светци Сократ и Теодор[5].

Во 1355 година средновековниот српски владетел Стефан Душан главно своите освојувања ги распространил во Македонија, па сакајќи да ја замени Византија на Балканот на секој план, се определил да ги користи македонските духовни и културни традиции. Се крунисал за цар во Скопје со благословот на охридскиот архиепископ, а државниот Собор го одржал токму во Крупиште — каде што сè уште постоела катедралната црква на некогашната Брегалничка епископија[6]. Веројатно катедралната црква настрадала од земјотрес. Истиот средновековен српски владетел го изразил својот интерес и кон црквата „Св. Петнаесет“ во Струмица, којшто во својата Грамота од 1348-1352 година на манастирот „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ кај Призрен му ја подарил како „задужбина[7] За време на турското ропство оваа црква била разурната, а во 1921 година нејзиниот духовен култ бил обновен со изградбата на една капела[8].

Подоцна Струмица доживеала катаклизма и била разрушена до темел, а настрадале и моштите. Останала само една рака за која се претпоставува дека е на Петар, која што според верувањата направила многу чуда и излечила многу болни и која подоцна била положена во храмот посветен на Света Анастасија во Солун.[9]

По Балканските војни во 1913 година некој ја однел во Кукуш. Во Струмица останал само споменот за светите Петнаесет свештеномаченици чиј спомен месното население го празнува свечено на местото каде се претпоставува дека биле погубени и каде што се случиле многу чуда. Не треба да се запостави претпоставката дека во периодот кога ранохристијанската базилика била разурната некои од моштите да биле откопувани како исцелителни реликвии и да се разнесувале во непознати насоки. Но, постои веројатност дел од нив сè уште да лежаат под струмичката земја во самиот архитектонски комплекс или пак во неговата близина[9].

Во 1984 година академик Блага Алексова го открила храмот каде се претпоставувало дека се наоѓале моштите на светците кој се наоѓал недалеку од Крупиште на Брегалница.

Култ[уреди | уреди извор]

Медал на МПЦ со ликовите на светците, аверс.

Кон крајот на 11 или во почетокот на 12 век охридскиот архиепископ Теофилакт Охридски ја составил опширната богословско-историска творба со хагиографска структура, именувана како Мачеништвото на светите славни петнаесет свештеномаченици пострадани во Тивериопол, сега именуван Струмица, за царувањето на злочестивиот Јулијан Отстапник. Овој состав претставува главниот историски и книжевен извор за проследување на култот кон св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици. Не е сочуван неговиот оригинален прототип напишан на византиско-грчки јазик.

Воспоставениот култ кон тивериополските маченици почнал широко да влијае за распрастронавување на христијанството меѓу паганите, па како што и запишал Теофилакт:

Тивериопол достигнал да стане како некоја кула од секаде видлива, која ја раздавала и на другите градови на запад светлината на верата и ги враќала од мракот на заблудата оние, што се наоѓале во длабокото море на неверието“

За поинтензивно актуелизирање на култот кон ранохристијанските маченици загинати во текот на прогоните од протагонистите на паганската вера придонела и една одредба на Седмиот вселенски собор во 842 година. Според неа се воспоставило официјалното иконопочитување и се наметнала неопходност од литература, насочена за да ја заштити светоста на христијанскиот морал и на моштите и да создаде поимпресивна емоционална атмосфера околу овој суштествен атрибут за иконопоклонството.

Култот на св. Петнаесет Тивериополски маченици се воспоставувал уште и преку уметничката традиција, со насликувањето на нивните портрети по фреските и иконите. Досега се откриени нивните портрети на западниот ѕид од централната гробница во базиликата и средновековната црква „Св. Петнаесет“ во Струмица, а се познати и неколку икони од понов период.

Споменот за нивната смрт и култ се сочувал и постоел во црковната литература и во третата деценија на 8 век, во двата канона на византиско-грчки јазик од Константин Кависила. Истите биле преведени и на црковнословенски јазик. Преданијата велат дека по погубувањето на Светите Петнаесет Маченици, жителите во знак на протест изградиле петнаесет храмови.

Најтемелни истражувања за застапеноста на овие светители во ликовната уметност изложил академик Цветан Грозданов, при што тој заклучил дека преку овој облик на манифестирање нивниот култ не излегол од границите на струмичко-брегалничкиот регион[10].

Светото дрво[уреди | уреди извор]

Во дворот на црквата има пораснато дрво над гробовите на мачениците. Месното население го почитувало тоа дрво како свето. Едно предание говори, дека некој Турчин, сакајќи да докаже дека верата на „ѓаурите“ е празна, решил да го исече дрвото, но го снашла голема несреќа, па самиот тој забранил сечење на дрвото. Кога започнале археолошките ископувања, жилите од дрвото биле оштетени, а подоцна веќе исушеното дрво беше пресечено, но култот за неговата светост продолжило да живее.

Комплекс[уреди | уреди извор]

Свети петнаесет тивериополски маченици
македонска православна црква
Епархија Струмичка
Местоположба

Карта

Место Струмица
Општина Струмица
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Св.петнаесет тивериополски маченици
Изградба 1972
Завршено 1973
Архитектонски опис
Црква „Св. Петнаесет тивериополски маченици“ - Струмица
Карта
Општи податоци
Координати41°26′03.9″N 22°38′08.9″E / 41.434417° СГШ; 22.635806° ИГД / 41.434417; 22.635806

Комплексот цркви посветени вклучува цркви од различни временски периоди и тоа: претхристијанска, ранохристијанска базилика, крстообразна црква и нејзината подоцнежна обнова. Во крстообразната црква се наоѓа најстарата досега пронајдена фреска во Македонија, на која се претставени светите Тивериополски свештеномаченици. Во претхристијанскиот храм се зачувани мозаици, додека ранохристијанската базилика не може целосно да се открие заради тоа што добар нејзин дел е покриен од крстообразната црква. Оваа петокуполна средновековна црква од таканаречен сложен „цариградски тип“ е единствена во Македонија и една од ретките на Балканот[11].

Централна гробница[уреди | уреди извор]

Петнаесетте Маченици од Тивериопол биле погребани во доцноантичка некропола, надвор од градот, каде што се закопувале христијаните. На овој простор бил откриен комплекс од црковни градби во чиј централен дел се наоѓа голема засведена гробница. Централната гробница и другите 16 засведени гробници се изградени врз постар храм, односно ранохристијанска базилика, чиј под бил украсен со полихромен мозаик. Појавата на крстот меѓу мотивите на мозаикот укажува на христијански објект.

Гробницата е сместена во наосот на црквата. Има димензии од 2 × 0,82 × 1,61 м. Градена е од кршен камен поврзан со малтер. Сводот е изграден од стандардните доцноантички тули. Однатре е малтерисана, а од северната и од јужната страна има насликани крстови со проширени краци, живописани со темнокафеава боја. На западниот калкан е насликан колективен портрет на 15-те мартири затворен во една полукружна рамка ‡ цлипеус. Тој како Имагине цлипеатае претставува фунерален портрет. Мартирите се насликани во вид на бисти, со атрибути што покажуваат совпаѓање со податоците што ги дава текстот на Теофилакт Охридски за нивното мачеништво. Во првиот ред се насликани личности со архијерејски белези во облеката, кои се истакнале во зацврстувањето на христијанството во овој регион. За датирањето на претставата на 15-те маченици во нивната црква, веднаш по ископувањето на овој храм, биле искажани птрепоставки дека тие можат да потекнуваат од крајот на 4 или од почетокот на 5 век.

Базилика[уреди | уреди извор]

Од Базиликата е зачуван дел од апсидата на источната страна, северниот периметрален ѕид и основата на северниот стилобат. Подоцна над базиликата е изградена крстовидна црква. Изградбата на крстовидниот храм мартириум врз разурнатиот базиликален објект постои можност да бил изведен во текот на 5 век, или посигурно во 6 век, во времето на Јустинијан I, кога се обновени и ремоделирани многу запуштени храмови во Македонија. Над оваа црква во 9 и 10 век била изградена друга крстовидна црква. Истата не налегнува на ѕидовите на базиликата. Изместена е на јужната страна и го зазема централниот кораб на базиликата, со нартекс и егзонартекс на западната страна. Во централниот дел на наосот на крстовидната црква сместена е голема засведена гробница. Во оваа гробница на западниот калкан е насликан колективниот портрет на 15-те мартири. Овој фрескоживопис по своите одлики спаѓа во редот на најстарите фрескоживописи откриени на подрачјето на Македонија. Црквата и гробот се датирани во 9 век.

Црква[уреди | уреди извор]

Трикорабната базилика, подигната над гробницата на мартирите од Струмица, како најстар архитектонски црковен објект, подоцна била ремоделирана. Над базиликата била изградена крстовидна црква од типот Хосиос Давид од Солун. Тоа е крстовиден тип на црква со централна купола и со четири куполи формирани од внатрешната страна, по аглите што ги формираат краците на крстот. Овој објект во Струмица претставува крст впишан во правоаголник. Тој не налегнува на ѕидовите на базиликата. Изместен е на јужната страна и го зазема централниот кораб на црквата, со нартекс на западната страна. Подот во презвитериумот бил решен со бели и сиви мермерни плочки во техниката опус сецтиле. Позицијата на централната гробница е иста како и во претходниот објект на базиликата. Црквата е изградена со масивни ѕидови и столбови од камен и малтер, зачувани во основата.

Во апсидниот дел на олтарот во оваа крстовидна црква е изградена крипта во форма на крст со еднакви краци. Градена е и оформена од камен, тули и малтер. Димензиите на крстот изнесуваат 0,40 м, со длабочина од 0,60-0,80 м. Крстовидната крипта, била наменета за сместување на реликвиите на некој прочуен или локален мартир.

Изградбата на крстовидниот храм мартириум врз разурнатиот базиликален објект постои можност да била изведена во текот на 5 век, во времето на Јустинијан I, кога биле обновени многу запуштени храмови во Византија. Трансформацијата на базиликалниот тип на црква во крстовиден храм е одлика на ова време, на што му оди во прилог и крстовидната крипта во олтарот. Црквите подигнати врз гробови на маченици се одлика на 4 век.

Втората црква посветена на 15-те мартири била изградена врз моштите на петмина мартири од оваа група на бегалци по Брегалница. Моштите од Струмица, во катедралниот храм на Брегалница биле пренесувани на двапати во времето на кнезовите Борис и Симеон. Монументалниот храм на Брегалница со инкорпориран крстовиден мартириум бил откриен во Крупиште. Со нивните мошти е формирана првата црковна организација кај Словените во Македонија. Тоа е епископијата на Брегалница, опслужувана со клер, на словенски јазик, од учениците на св. Климент.

Црквата денес[уреди | уреди извор]

Денешната црква била изградена во 1973 година. Денес, во манастирската црква се одвива редовен литургиски живот. Реновираните манастирски конаци се отворени за поклоници кои овде би сакале да преноќеваат. Еднокреветните и повеќекреветни соби можат да сместат до 50 луѓе.

Во текот на 2012 година биле обновени иконите со злато а освен тоа бил обновен и олтарот. Иконите ги изработиле монахињи-иконописци а постоечките икони биле сместени во Галеријата на икони отворена во 2000 г. која содржи исклучително стари икони од повеќе средновековни цркви од овој регион. Во текот на 2014 година била обновена фасадата[12].

Значење[уреди | уреди извор]

Петнаесетте мартири загинати во ТивериополСтрумица, ја збогатиле Македонија со култот создаден врз нивните гробови. Овој храм уште од својот почеток играл голема улога во христијанизацијата на териториите источно од реката Вардар. Култот продолжил да живее во IX - X век, а тоа значи примање на култот меѓу словенското население во Македонија. Денес култот на Св. 15 Тивериополски Маченици е составен дел на модерна Струмица, а 11 декември е нејзин патрон. Комплексот е вклучен во Списокот на Културно наследство на Македонија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  2. Блага Алексова, Епископијата на Брегалница, стр. 126
  3. Василевски, 1997, стр. 51-52
  4. Историја на македонскиот народ, 2000, стр. 321-322, 327-328
  5. Иванов, 1931, стр. 19
  6. Н.Радојчић, Српски државни сабори у средњем веку, Београд 1940, стр. 141-145
  7. Стојан Новаковић, Законски споменици српских држава средњега века, Београд 1912, стр. 695
  8. Леонтије Павловић, Култови лица код Срба и Македонаца, Смедерево 1965, стр. 7.
  9. 9,0 9,1 Велев, Илија. Низ преминот на традицијата (книжевно-историски погледи). стр. 15.
  10. Цветан Грозданов, Петнаесетте Струмички маченици во ликовната уметност, -В: Портрети на светителите од Македонија од IX-XVIII век, Скопје 1983, стр. 127-137.
  11. „Манастирот на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица“. Посетено на 2013-04-28.
  12. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-12-31. Посетено на 2015-09-02.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]