Суматрански носорог

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Суматрански носорог
Суматрански носорог во зоолошката градина во Бронкс
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Perissodactyla
Фамилија: Rhinocerotidae
Род: Dicerorhinus
Вид: D. sumatrensis
Биномен назив
Dicerorhinus sumatrensis
(Фишер, 1814)[2]
Национален парк Таман Негара Резерват Табин Национален парк Гунунг Леусер Национален парк Керинци Себлат Национален парк Букит Барисан Селатан Национален парк Веј КамбасSumatran Rhino range
Распространетост на Суматранскиот носорог. Денес го среќаваме само на местата означени со црвено.[3]
Подвидови

Dicerorhinus sumatrensis harrissoni
Dicerorhinus sumatrensis sumatrensis
Dicerorhinus sumatrensis lasiotis

Суматранскиот носорог (латински: Dicerorhinus sumatrensis) е член на фамилијата Носорози и е еден од петте преживеани видови на носорози. Овој вид е најмалиот носорог со висина на рамениците од 120 до 140 сантиметри, должина од 250 сантиметри и тежина од 500 до 800 килограми. Како и африканските видови на носорози, така и овој вид има два рога. Предниот рог е поголем и најчесто е со должина од 15 до 25 сантиметри, додека другиот рог претставува само мало трупче. Телото на овој носорог е прекриено со црвенкасто-кафеаво крзно.

Единките од овој вид во минатото биле распространети во мочуриштата, дождовните и облачните шуми во Индија, Бутан, Бангладеш, Мјанмар, Лаос, Тајланд, Малезија, Индонезија и Кина (во југозападниот дел од Кина, поточно во Сечуан) [4][5]. Овие животни се критично загрозени бидејќи има само шест значајни популации во дивината: четири во Суматра, една во Борнео и една на Малезискиот Полуостров. Многу е тешко да се процени нивната точна бројка бидејќи Суматранскиот носорог е самотно животно кое се движи на големи пространства. Сепак според некои проценки, бројката се движи околу 300 единки. Намалување на популациите најмногу се должи на ловокрадството, бидејќи нивните рогови се доста ценети во традиционалната кинеска медицина. На црниот пазар достигнуваат цена од 30.000 американски долари за еден килограм коска[6]. Закана претставува и загубата на природното живеалиште, односно унишување на шумите за содавање земјоделски површини.

Суматранскиот носорог е самотно животно, но за време на сезоната за парење и при одгледувањето на младенчињата може да живее во близина на друга единка. Ова е највокален вид од сите носорози, но исто така комуницираат и со оставање белези на почвата и оставање измет. Суматранскиот носорог е многу повеќе познат од сличниот Јавански носорог, најмногу поради програмата со која 40 суматрански носорози се чуваат во заробеништво со цел зачувување на видот. Оваа програма била прогласена за катастрофа, откако повеќето носорози умреле и не дале потомство речиси 20 години.

Таксономија[уреди]

Првиот документират суматрански носорог бил застрелан на 16 километри од Бенкулу, близу до западниот брег на Суматра во 1793 година. Цртежи од ова животно и запишани описи биле испратени на природонаучникот Џозеф Бенкс, тогашен претседател на Лондонското кралско друштво. Уште истата година бил објавен научен труд за овој вид. Сепак, дури во 1814 година, овој вид ќе добие научно име, кое го дал Јохан Фишер вон Валхејм, германски научник и управник на Дарвиновиот музеј во Москва, Русија [7][8].

Научното име Dicerorhinus sumatrensis доаѓа од грчките зборови δι (ди, што значи „два“), κέρας (церо, што значи „рог“) и ρινος (ринос, што значи „нос“)[9] . Sumatrensis е добиено од името „Суматра“, остров во Индонезија на кој првично биле отркиени овие носорози[10]. Карл Лине прво ги класифицирал овие животни во родот Rhinoceros (го имале името Rhinoceros sumatrensis). Џошуа Брукс сметал дека дво-рогиот суматрански носорог не треба да биде во ист род со носорозите кои имаат само еден рог, па во 1828 година го формира новиот род Didermocerus. Во 1841 година Константин Вилхелм Ламберт Глогер го предложил името Dicerorhinus, а во 1868 Џон Едвард Греј го предложил името Ceratorhinus. Иако нормално се употребува името кое е прво предложено, во 1977 година Интернационалната комисија за зоолошко именување утврдила дека за овој посебен вид ќе се употребува името Dicerorhinus[11][2].

Постојат три подвида на Суматранскиот носорог:

  • D.s. sumatrensis или познат како Западен суматрански носорог. Од овој подвид се останати само 275 носорози, најмногу во западна Суматра. Околу 75 единки живеат на Малајскиот Полуостров. Најголема закана за овој подвид претставува уништувањето на природното живеалиште и ловокрадството. Постои мала генетска разлика меѓу Западниот и Источниот Суматрански носорог[12]. Носорозите од Малајскиот Полуостров во минатото биле познати како D.s. niger, но подоцна било утврдено дека всушност се слични со западниот подвид[2].
  • D.s. harrissoni или познат како Источен суматрански носорог или Носорог од Борнео. Денес се смета дека се останати само 25 единки од овој подвид. Познатата популација живее во Сабах, Борнео. Постојат и непотврдени информации за животни во Саравак и Калимантан [13]. Овој подвид го добил името по Том Харисон кој ги проучувал овие животни во 1960-те години[14]. Источниот подвид е значително помал од останатите два подвида на суматрански носорог[2].
  • D.s. lasiotis или познат како Северен суматрански носорог. Во минатото бил распространет во Индија и Бангладеш, но денес е изумрен во овие региони. Непотврдени извори, укажувааат на мала преживеана популација во Мјанмар, но истражувањата се оневозможени од политичката ситуација во оваа земја[15]. Името lasiotis е добиено од грчкиот јазик и значи „влакнести уши“. Подоцна биле утврдено дека влакната на ушите не се поголеми од тие на останатите подвидови, но сепак овие животни останале како посебен подвид поради тоа што се значително поголеми од останатите[2].

Еволуција[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Носорози#Еволуција.

Предците на носорозите се одвоиле од останатите парнокопитни животни за време на раниот Еоцен. Според извршените анализи на митохондриална ДНК, предците на денешните носорози се одвоиле од предците на фамилијата Еквиде пред околу 50 милиони години[16][17]. Преживеаната фамилија, Риноцеротиде за прв пат се појавила во Евроазија за време на доцниот еоцен, а потоа овие животни се распространиле низ Азија во почетокот на миоценот [18][6].

Суматранскиот носорог се претпоставува дека е последниот вид кој се одвоил од миоценските предци, бидејќи има најмногу слични карактеристики со нив[6]. Палеонтолошки докази во форма на фосилни остатоци, укажувааат дека родот Дицероринус е присутен од раниот миоцен, односно од пред 23 до 16 милиони години. Молекуларното одредување на старост укажува дека овој род се довоил од останатите преживеани носорози пред 25,9 ± 1,9 милиони години. Предложени се три хипотези за врските помеѓу суматранскиот носорог и останатите преживеани рода. Едната хипотеза тврди дека суматранскиот носорог е близок со Црниот и Белиот носорог, поради тоа што има два рога наместо еден[16]. Други истражувачи го сметаат Суматранскиот носорог за сестрински таксон на Јаванскиот и Индискиот носорог поради тоа што имаат слична распространетост[16][19]. Трета група истражувачи се служат со последните анализи и тврдат дека двата африкански вида, двата азиски вида и Суматранскиот носорог всушност претставуваат три лози кои се одвоиле пред околу 2,9 милиони години, но сѐ уште не е јасно која од овие групи се издвоила прва[16][20].

Поради морфолошките сличности, Суматранскиот носорог се смета да близок роднина на изумрениот Влакнест носорог (Coelodonta antiquitatis). Влакнестиот носорог, наречен така поради крзното кое му го прекрива телото за прв пат се појавил во Кина, и до доцниот плеистоцен веќе бил распространет низ целиот Евроазиски континент од Кореја до Шпанија. Влакнестиот носорог го преживеал последното ледено доба, но како и влакнестиот мамут изумреле пред околу 10 000 години. Иако според некои морфолошки анализи постои сомневање во поврзаноста на овие два носорози[20], сепак последните молекуларни анализи потврдуваат дека ова се сестрински таксоми[21]. Многу фосили се класифицирани како членови на Dicerorhinus, но сепак во него спаѓа само еден преживеан вид – Суматранскиот носорог[22].

Карактеристики[уреди]

Скелет на суматрански носорог

Возрасен Суматрански носорог до рамениците има висина од 120 до 145 сантиметри, должината на телото изнесува околу 250 сантиметри и тежи помеѓу 500 и 800 килограми. Најтешките единки, кои претежно се оние во заробеништво, достигнуваат и до 1000 килограми. Како и африканските видови, и суматранскиот носорог има два рога. Поголемиот е со просечна должина од 15 до 25 сантиметри, но сепак најдолгиот регистриран рог бил со должина од 81 сантиметар[23]. Вториот рог е доста помал, најчесто со должина помала од 10 сантиметри. Поголемиот рог е познат како носен или преден, а помалиот како челен рог[22]. Роговите имаат темно сива или црна боја. Иако мажјаците имаат малку поголеми рогови од женките, сепак не се забележува полов диморфизам. Животниот век на Суматранскиот носорог во дивината се проценува на 30 до 45 години. Во заробеништво најдолг живот имала женка од Лондонската зоолошка градина, која умрела во 1900 година на возраст од 32 години и 8 месеци[22].

Кожата на носорогот е тенка, сама 10 до 16 милиметри, и во дивината носорозите немаат поткожно сало. Крзното може да биде доста густо (најчесто кај младенчињата) или прилично ретко, најчесто со црвенкасто-кафена боја. Во дивината е тешко да се набљудува крзното на овие животни бидејќи речиси секогаш се прекриени со кал. Во заробеништво крзното е доста подолго и погусто. Суматранскиот носорог има прамени од долги влакна околу ушите и густ влакнест дел на врвот на опашката. Како и останатите носорози, така и овој има многу слаб вид. Суматранскиот носорог е доста агилен и брз, може лесно да се качува по планини и лесно поминува низ тревести падини и речни брегови[10][23][22].

Распространетост и живеалиште[уреди]

Во Националниот парк Таман Негара живее единствена позната голема популација на суматрански носорози.

Суматранскиот носорог населува и низини и планински предели, односно мочуришта, дождовни шуми и облачни шуми. Најчесто се населува во ритски предели близу до вода, во кои има пасишта. Во минатото Суматранскиот носорог го населувал целиот простор меѓу северна Бурма, источна Индија и Бангладеш. Непотврдени извори тврдат дека живеел и во Камбоџа, Лаос и Виетнам. Денес, сите преживеани единки од овој вид живеат во Малезија, на островот Суматра и Сабах, Борнео. Некои истражувачи се надеваат дека сѐ уште има мали преживеани популации во Бурма, иако ова се смета за речиси невозможно. Поради политичката состојба во Бурма, не може да се изведат истражувања за можни преживеани популации[24].

Суматранскиот носорог е прилично распрскан низ регионите на неговата распространетост, многу повеќе од било кој друг азиски носорог, што го прави уште потешко неговото истражување и пребројување на единките[24]. Постојат само шест региони во кои се знае дека има средни популации од овој носорог: Националниот парк Букит Барисан Селатан, Националниот парк Гунунг Леусер, Националниот парк Керинци Себлат и Националниот парк Веј Камбас на Суматра, Националниот парк Таман Негара на Малаја, и Резерватот за диви животни Табин во Сабах, Малезија на островот Борнео[25][6].

Генетските анализи на популациите на Суматранскиот носорог укажале на постоење на три лози[8]. Носорозите од источна Суматра и Малаја се многу поблиски отколку носорозите од другата страна на планините Барисан во западниот дел на Суматра. Носорозите од источна Суматра и Малаја имаат многу мали генетски варијации поради што се претпоставува дека овие две лози не се одвоиле за време на плеистоценот. И двете популации се толку блиски што без проблем можат да се размножуваат. За разлика од нив носорозите од Борнео се доста различни, па не е препорачливо да има мешање на оваа лоза со двете останати[8]. Генетичарите почнале да ја проучуваат разноврсноста на гените во овие популации преку идентификација на микросателити.

Однесување[уреди]

Суматранските носорози се самотни животни, освен за време на сезоната за парење и при одгледувањето на младенчињата. Мажјаците имаат територии од 50 km2, а женките од 10–15 km2[10]. Териториите на женките се одовоени едни од други, додека тие на мажјаците често се препокриваат. Нема докази дека Суматранските носорози ги бранат овие територии. Териториите ги означуваат со бележење на земјата со нозете, виткајќи фиданки на карактеристичен начин и оставајќи измет. Суматранскиот носорог е најактивен кога јаде, најчесто во зората или веднаш по самракот. За време на денот, носорогот се валка во басени со кал за да се олади и одмори. За време на влажната сезона тие се селат кон региони со поголема надморска височина, а во потоплите месеци се врќаат во рамнините[10].

Суматрански носорог се валка во кал во зоолошката градина во Синсинати.

Носорогот поминува голем дел од денот валкајќи се во кал. Ако дупките со кал се недостапни, тој ги продлабочува барите употребувајќи ги стапалата и роговите. Ова валкање во кал му помага на носорогот да ја одржи температурата на телото и да ја заштити кожата од ектопаразити и други инсекти. Единките кои живеат во заробеништво и немаат соодветни бари со кал многу брзо кожата им се воспалува или крши, имаат проблеми со очите, воспалени нокти, губење на крзното и се случува да умрат. Според одредени истражувања, носорогот употребува само три бари со кал во исто време. После 2 и 12 недели користење на една бара, тој ја напушта. Најчесто носорозите се валкаат во калта 2 до 3 часа во денот пред да одат во потрага по храна. Иако Суматранските носорози во зоолошките градини се валкаат во кал помалку од 45 минути дневно, во дивината овој ритуал се изведува помеѓу 80 и 300 минути дневно (во просек 166 минути) [26].

Многу е тешко да се проучува епидемиологијата на суматранскиот носорог. Во 19 век како причина за смрт на единки во заробеништво биле наведени крлежи и Gyrostigma (род паразити) [23]. Познато е и дека Суматранскиот носорог е подложен на болеста сура која се шири со помош на коњската мува која ги разнесува паразитите trypanosomatida. Во 2004 година сите пет суматрански носорози од центарот за заштита умреле во период од 18 дена откако биле инфицирани со оваа болест[27]. Суматранскиот носорог нема други предатори освен човекот. Тигрите и дивите кучиња можно е да се способни да убијат младенче од носорог, меѓутоа овие млади секогаш се во близина на мајката, па нема информации за фрекфенцијата на ваквите напади. Иако живеалиштето на Суматранскиот носорог се препокрива со живеалиштето на слонот и тагирот, овие видови не си претставуваат конкуренција во барањето храна. Слонот и Суматранскиот носорог дури и ги користат истите патеки, а потоа помалите видови како елени и вепари исто така ги користат овие патеки направени од носорозите и слоновите[28][10].

Суматранските носорози имаат патеки низ целиот регион каде се распространети. Постојат два вида патеки. Главните патеки, се употребувааат со генерации и поврзуваат важни региони како местата каде што се снабдуваат со сол или региони кои се одвоени со непроодна вегетација. Во регионите каде се хранат, носорозите прават помали патеки на кои сѐ уште има вегетација. Откриени се патеки на Суматрански носорози кои преминуваат преку реки длабоки 1.5 метра и широки околу 50 метри. Струјата во овие реки не претставува проблем за носорозите бидејќи тие се одлични пливачи[22][23]. Доколку нема бари со кал во билзина на реките, Суматранскиот носорог може да ги заменат со лежење во водата во реките[28].

Исхрана[уреди]

MallotesPhilipensis.jpg Garcinia mangostana fruit1.jpg
Eugenia1.jpg Ardisia crenata6.jpg
Суматранскиот носорог се храни со најразлични видови растенија, меѓу кои: Mallotus, Мангостин, Ardisia, и Eugenia.[28][29]

Носорозите најчесто се хранат пред стемнување и рано наутро. Суматранскиот носорог се храни со млади фиданки, листови, плодови и гранчиња[22]. Носорогот конзумира околу 50 килограми храна дневно[10]. Првично, со мерење извршено во изметот на носорогот, биле отркиени повеќе од 100 различни видови храна. Најмногу се храни со фиданки со дијаметар од 1-6 сантиметри. Повеќето од растенијата со кои се храни носорогот ги има само во мала количина, што ни укажува дека овие животни многу често ја менуваат исхраната и се хранат на различни локации[28]. Најчеста храна се многу видови од фамилиите Euphorbiaceae, Rubiaceae и Melastomataceae, но сепак најмногу се храни со Eugenia[29].

При ваквата исхрана суматранскиот носорог внесува голема количина на хранливи влакна, а само средна количина на протеини[30]. Честото снабдување со сол е многу важно за исхраната на овие животни. Некои Суматрански носорози живеат во региони каде нема вакви места за конзумирање сол, па тие се снабдуваат со потребните минерали преку конзумирање растенија кои се богати со минерали[29][28].

Размножување[уреди]

Женките стануваат сексуално зрели на возраст од 6 до 7 години, а мажјаците кога имаат од прилика 10 години. Времетраењето на бременоста кај носорозите е 15-16 месеци. Младенчето кое тежи помеѓу 40 и 60 килограми, прекинува со цицање после 15 месеци, но останува со мајката во првите 2 до 3 години. Во дивината, временскиот интервал помеѓу две породувања се проценува на 4 до 5 години. Одгледување на младите во дивината досега не е проучувано[10].

Размножувањето кај овој вид на носорози е проучуван кај единките во заробеништво. Пред парењето има ритуали како зголемена вокалност на идивидуите, подигање на опашката, зголемен физички контакт и и мажјаците и женките ја користат муцката за да ги удираат другите единки до главите и гениталиите. Процесот на додворување е сличен со тој на црниот носорог. Младите суматрански носорози многу често се премногу агресивни кон женките, па се случува да ги повредат или убијат за време на додворувањето. Во дивината, женките можат да избегаат од премногу агресивните мажјаци, што не е возможно во затворените простори во зоолошките градини. Оваа немоќ да избегаат се смета дека е дел од причините за малата стапка на размножување во заробеништво[31][32][33].

Носорозите во зоолошката градина Синсинати се парат во просек од по 30 до 50 минути, додека кај носорозите во резерватот во Малезија парењето трае пократко. Бидејќи Зоолошката градина Синсинати имала неколку усшешни бремености се смета дека долгото парење е природно однесување[31]. Иако истражувачите откриле неколку зачнувања, сепак сите бремености биле прекинати од различни причини, сè до првото раѓање на Суматрански носорог во заробеништво во 2001 година. Одредени студии укажуваат дека овулацијата кај суматранскиот носорог е поттикната од парењето и има непредвидливи нивоа на прогестерон[34]. Во 2001 година, конечно успеале да ја одржат бременост со тоа што женката добивала дополнителен прогестин[35].

Заштитен статус[уреди]

Во минатото суматранскиот носорог бил многуброен во jугоисточниот дел на Азија. Денес се проценува дека се останати само околу 300 единки. Иако не е толку редок како Јаванскиот носорог, сепак е многу подложен на ловокрадство и намалување на природното живеалиште. Неговите популации се мали и поделени. Популацијата на Јаванските носорози во Уџунг Кулон се смета дека е доста стабилна, за разлика од популациите на Суматранскиот кои се верува дека се во постојан пад. Класиран е како критично загрозен вид, најмногу поради опасноста од недозволен лов и уништувањето на дождовните шуми во кои живее. Најголемиот дел од преостанатите живеалиште се во непристапните планински региони во Индонезија [36][37].

Ловокрадството на Суматранскиот носорог, иако е помало од ловокрадството на африканските видови на носорози (барем по бројот на убиени животни), е голема причина за загриженост бидејќи според некои шпекулации доколку видот изумре, цената на неговиот рог која моментално изнесува околу 30.000 долари за килограм[6] драматично би се зголемила. Суматранските носорози никогаш не биле интензивно ловени од европските ловци. Овие носорози е доста тешко да се набљудуваат и да се ловат директно, па ловците употребуват специјални стапици. Во 1970-те, документирани се повеќе начини на употреба на делови од телото на носорогот од страна на локалното населние. Роговите се употребуваат како амајлии и се верува дека штитат од отрови. Суво месо од носорог се користи како лек за дијареа, туберкулоза и лепра. „Масло од носорог“, смеса добиена од кокосово масло во кое неколку недели седел череп од носорог се користи за лечење кожни болести. Степенот на верување и користење на овие практики е непознат[28][23][24]. Во минатото се верувало дека рогот е афродизијак, но всушност не е забележано таква употреба од страна на традиционалната кинеска медицина[6].

Дождовните шуми во Индонезија и Малезија во кои живее суматранскиот носорог, се исто така загрозени од незаконско сечење. Во овие шуми растат ретки дрва како Intsia bijuga, Shorea и Palaquium кои на меѓународните пазари имаат цена од 1800 долари за m3.

Заробеништво[уреди]

Иако се ретки, Суматранските носорози повремено биле присутни во зоолошките градини во последните 150 години. Во 1872 година два Суматрански носорози биле сместени во Лондонската зоолошка градина. Еден од нив, женка со има Бегум, била фатена во Читагонг во 1868 година и живеела во золошката до 1900 година, со што го држи рекордот за најдолг живот на едно животно во заробеништво. Во овој период, Филип Склатер, секретар на Зоолошкото друштво во Лондон, тврдел дека првиот Суматрански носорог бил присутен во колекцијата на Зоолошката градина во Хамбург од 1868 година. Пред изумирањето на подвидот Dicerorhinus sumatrensis lasiotis, најмалку седум примероци биле чувани во зоолошките и циркузите [23]. Сепак, суматранските носорози не напредувале надвор од нивното природно живеалиште. Носорог од зоолошката градина во Калкута, имал успешно породување во 1889 година, но за време на целиот 20 век ниту еден носорог не бил роден во зоолошките градини ширум светот. Во 1972 година починал последниот Суматрански носорог кој живеел во заробеништво, поточно во зоолошката градина во Копенхаген [23].

И покрај тоа што размножувањето на овие животни немало голем успех, во раните 1980-ти години била почната програма за размножување на Суматранскиот носорог во заробеништво. Помеѓу 1984 и 1996 година, со оваа ex situ заштитна програма, биле транспортирани 40 суматрански носорози од нивното природно живеалиште во зоолошки градини и резервати низ светот. Сепак и покрај големите очекувања, до 1990-те ниту еден носорог не бил роден, по што повеќето се сложиле дека оваа програма била неуспех. Во 1997 година, специјалисти од МСЗП за азиски носорози, изјавиле дека програмата била тотален неуспех дури и во „одржувањето на видот во дозволени лимити на смртност“ бидејќи, освен што немало раѓање на млади носорози туку и 20 од носорозите во заробеништво умреле [24][6]. Во 2004 сите Суматрански носорози кои биле во заробеништво на полуостровот Малезија изумреле како резултат на болеста сура, што ја намалила популацијата на осум единки[27][37].

Седум од овие носорози биле пратени во САД (другиот останал во Азија), но до 1997 година, останале само три: женка во зоолошката градина во Лос Анџелес, мажјак во зоолошката градина во Синсинати, и уште една женка во зоолошката градина во Бронкс. Како последен напор, трите носорози биле обединети во Синсинати. После многу години неуспешни обиди, женката од Лос Анџелес, Еми, затруднела по шести пат. Сите пет претходни бремености биле неуспешни. Истражувачите поучени од претходните искуства, со помош на дополнителни хормонски терапии успеале да ја одржат бременоста и Еми во септември 2001 година родила млад мажјак кој го добил името Андалас (индонeзиски збор за Суматра) [38]. Андаласовото раѓање било првото успешно раѓање на Суматрански носорог во последните 112 години. Потоа, на 30 јули 2004 година, се родила и Суци [39]. На 29 април 2007 година, Еми се породила по трет пат, носејќи го на свет Харапан (или Хери) [40][35]. Во 2007 година, Андалас кој дотогаш живеел во зоолошката градина во Лос Анџелес, бил вратен во Суматра за да учествува во програмите за размножување со здрави женки [41][33].

И покрај неодамнешниот успех во Синсинати, овие програми остануваат контроверзни. Поборниците за овие програми сметаат дека е постигнат успех со проучувањето на репродуктивните навики, подигнувањето на јавната свест за носорозите и добирање финанскиска помош за заштитните програми во Суматра. Противниците на овие програми сметаат дека загубите се преголеми, програмата е премногу скапа и дека популациите во заробеништво не можат да се споредат со степенот на закрепнување на носорозите во добро заштитените природни живеалишта [33][6].

Во културата[уреди]

Цртеж од суматрански носорог (1927)

Постојат бројни приказни и верувања за Суматранскиот носорог кои се собрани од природонаучниците и ловците за време на средина на 1800-те и раните 1900-ти години. Во Мјанмар, се верува дека Суматранскиот носорог јаде оган. Приказните опишуваат носорог кој го следи чадот до неговиот извор, особено до логорски оган, и потоа го напаѓа кампот. Исто така постои верување и дека најдобро време да се ловат овие носорози е во јули кога тие се собираат под полната месечина. Во Малаја се зборувало дека рогот на носорогот е шуплив и дека може да се користи како еден вид црево за дишење под вода. Во Суматра и Малаја некогаш се верувало и дека рогот паѓа секоја година, а носорогот го закопува во земјата.

Наводи[уреди]

  1. van Strien, N.J., Manullang, B., Sectionov, Isnan, W., Khan, M.K.M, Sumardja, E., Ellis, S., Han, K.H., Boeadi, Payne, J. & Bradley Martin, E. (2008). „Dicerorhinus sumatrensis“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 28 ноември 2008.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Rookmaaker, L.C. (1984). „The taxonomic history of the recent forms of Sumatran Rhinoceros (Dicerorhinus sumatrensis)“. „Journal of the Malayan Branch of the Royal Asiatic Society“ 57 (1): 12–25. 
  3. Derived from range maps in:
    • Foose, Thomas J. and van Strien, Nico (1997), „Asian Rhinos – Status Survey and Conservation Action Plan“, IUCN, Gland, Switzerland, and Cambridge, UK, ISBN 2-8317-0336-0 
      and
    • Dinerstein, Eric (2003). „The Return of the Unicorns; The Natural History and Conservation of the Greater One-Horned Rhinoceros“. New York: Columbia University Press. ISBN 0-231-08450-1. 
      Оваа карта не ги вклучува непотврдените тврдења за распространетост во Лаос и Виетнам во минатото.
  4. The Art of Rhinoceros Horn Carving in China (1999), p. 27. Jan Chapman. Christie’s Books, London.
  5. The Golden Peaches of Samarkand: A study of T’ang Exotics (1963), p 83. Edward H. Schafer. University of California Press. Berkeley and Los Angeles. First paperback edition: 1985.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 6,7 Dinerstein, Eric (2003). „The Return of the Unicorns; The Natural History and Conservation of the Greater One-Horned Rhinoceros“. New York: Columbia University Press. ISBN 0-231-08450-1. 
  7. Rookmaaker, Kees (2005). „First sightings of Asian rhinos“. Fulconis, R.. „Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6“. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 52. 
  8. 8,0 8,1 8,2 Morales, Juan Carlos; Patrick Mahedi Andau, Jatna Supriatna, Zainuddin Zainal-Zahari, and Don J. Melnick (1997). „Mitochondrial DNA Variability and Conservation Genetics of the Sumatran Rhinoceros“. „Conservation Biology“ 11 (2): 539–543. doi:10.1046/j.1523-1739.1997.96171.x. 
  9. Liddell, Henry G.; and Robert Scott (1980). „Greek-English Lexicon“ (Abridged Edition издание). Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-910207-4. 
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 10,6 van Strien, Nico (2005). „Sumatran rhinoceros“. Fulconis, R.. „Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6“. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 70–74. 
  11. International Commission on Zoological Nomenclature (1977). "Opinion 1080. Didermocerus Brookes, 1828 (Mammalia) suppressed under the plenary powers". Bulletin of Zoological Nomenclature, 34:21–24.
  12. Asian Rhino Specialist Group (1996). Dicerorhinus sumatrensis ssp. sumatrensis. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Retrieved on 13 јануари, 2008.
  13. Asian Rhino Specialist Group (1996). Dicerorhinus sumatrensis ssp. harrissoni. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Retrieved on 13 јануари, 2008.
  14. Groves, C.P. (1965). „Description of a new subspecies of Rhinoceros, from Borneo, Didermocerus sumatrensis harrissoni“. „Saugetierkundliche Mitteilungen“ 13 (3): 128–131. 
  15. Asian Rhino Specialist Group (1996). Dicerorhinus sumatrensis ssp. lasiotis. 2007 IUCN Red List of Threatened Species. IUCN 2007. Retrieved on 13 јануари, 2008.
  16. 16,0 16,1 16,2 16,3 Tougard, C.; T. Delefosse, C. Hoenni, and C. Montgelard (2001). „Phylogenetic relationships of the five extant rhinoceros species (Rhinocerotidae, Perissodactyla) based on mitochondrial cytochrome b and 12s rRNA genes“. „Molecular Phylogenetics and Evolution“ 19 (1): 34–44. doi:10.1006/mpev.2000.0903. 
  17. Xu, Xiufeng; Axel Janke, and Ulfur Arnason (1996). „The Complete Mitochondrial DNA Sequence of the Greater Indian Rhinoceros, Rhinoceros unicornis, and the Phylogenetic Relationship Among Carnivora, Perissodactyla, and Artiodactyla (+ Cetacea)“. „Molecular Biology and Evolution“ 13 (9): 1167–1173. http://mbe.oxfordjournals.org/cgi/reprint/13/9/1167. конс. 4 ноември 2007. 
  18. Lacombat, Frédéric (2005). „The evolution of the rhinoceros“. Fulconis, R.. „Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6“. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 46–49. 
  19. Groves, C. P. (1983). „Phylogeny of the living species of rhinoceros“. „Zeitschrift fuer Zoologische Systematik und Evolutionsforschung“ 21: 293–313. 
  20. 20,0 20,1 Cerdeño, Esperanza (1995), „Cladistic Analysis of the Family Rhinocerotidae (Perissodactyla)“ (PDF), „Novitates“ (American Museum of Natural History) (3143), ISSN 0003-0082, http://digitallibrary.amnh.org/dspace/bitstream/2246/3566/1/N3143.pdf 
  21. Orlando, Ludovic; Jennifer A. Leonard, Aurélie Thenot, Vincent Laudet, Claude Guerin, and Catherine Hänni (September 2003). „Ancient DNA analysis reveals woolly rhino evolutionary relationships“. „Molecular Phylogenetics and Evolution“ 28 (2): 485–499. doi:10.1016/S1055-7903(03)00023-X. 
  22. 22,0 22,1 22,2 22,3 22,4 22,5 Groves, Colin P., and Fred Kurt (1972). „Dicerorhinus sumatrensis“ (PDF). „Mammalian Species“ (21): 1–6. doi:10.2307/3503818. http://www.science.smith.edu/departments/Biology/VHAYSSEN/msi/pdf/i0076-3519-021-01-0001.pdf. 
  23. 23,0 23,1 23,2 23,3 23,4 23,5 23,6 van Strien, N.J. (1974). „Dicerorhinus sumatrensis (Fischer), the Sumatran or two-horned rhinoceros: a study of literature“. „Mededelingen Landbouwhogeschool Wageningen“ 74 (16): 1–82. 
  24. 24,0 24,1 24,2 24,3 Foose, Thomas J. and van Strien, Nico (1997), „Asian Rhinos – Status Survey and Conservation Action Plan“, IUCN, Gland, Switzerland, and Cambridge, UK, ISBN 2-8317-0336-0 
  25. Dean, Cathy; Tom Foose (2005). „Habitat loss“. Fulconis, R.. „Save the rhinos: EAZA Rhino Campaign 2005/6“. London: European Association of Zoos and Aquaria. стр. 96–98. 
  26. Julia Ng, S.C.; Z. Zainal-Zahari, and Adam Nordin (2001). „Wallows and Wallow Utilization of the Sumatran Rhinoceros (Dicerorhinus Sumatrensis) in a Natural Enclosure in Sungai Dusun Wildlife Reserve, Selangor, Malaysia“. „Journal of Wildlife and Parks“ 19: 7–12. 
  27. 27,0 27,1 Vellayan, S.; Aidi Mohamad, R.W. Radcliffe; L.J. Lowenstine, J. Epstein, S.A. Reid, D.E. Paglia, R.M. Radcliffe, T.L. Roth, T.J. Foose, M. Khan, V. Jayam, S. Reza, and M. Abraham (2004). „Trypanosomiasis (surra) in the captive Sumatran rhinoceros (Dicerorhinus sumatrensis sumatrensis) in Peninsular Malaysia“. „Proceedings of the International Conference of the Association of Institutions for Tropical Veterinary Medicine“ 11: 187–189. 
  28. 28,0 28,1 28,2 28,3 28,4 28,5 Borner, Markus (1979). „A field study of the Sumatran rhinoceros Dicerorhinus sumatrensis Fischer, 1814: Ecology and behaviour conservation situation in Sumatra“. Zurich : Juris Druck & Verlag. ISBN 3260046003. 
  29. 29,0 29,1 29,2 Lee, Yook Heng; Robert B. Stuebing, and Abdul Hamid Ahmad (1993). „The Mineral Content of Food Plants of the Sumatran Rhino (Dicerorhinus sumatrensis) in Danum Valley, Sabah, Malaysia“. „Biotropica“ 3 (5): 352–355. doi:10.2307/2388795. 
  30. Dierenfeld, E.S.; A. Kilbourn, W. Karesh, E. Bosi, M. Andau, S. Alsisto (2006). „Intake, utilization, and composition of browses consumed by the Sumatran rhinoceros (Dicerorhinus sumatrensis harissoni) in captivity in Sabah, Malaysia“. „Zoo Biology“ 25 (5): 417–431. doi:10.1002/zoo.20107. 
  31. 31,0 31,1 Zainal Zahari, Z.; Y. Rosnina, H. Wahid, K.c. Yap, and M.R. Jainudeen (2005). „Reproductive behaviour of captive Sumatran rhinoceros (Dicerorhinus sumatrensis)“. „Animal Reproduction Science“ 85: 327–335. doi:10.1016/j.anireprosci.2004.04.041. 
  32. Zainal-Zahari, Z.; Y. Rosnina, H. Wahid, and M. R. Jainudeen (2002). „Gross Anatomy and Ultrasonographic Images of the Reproductive System of the Sumatran Rhinoceros (Dicerorhinus sumatrensis)“. „Anatomia, Histologia, Embryologia: Journal of Veterinary Medicine Series C“ 31 (6): 350–354. doi:10.1046/j.1439-0264.2002.00416.x. 
  33. 33,0 33,1 33,2 Roth, T.L.; R.W. Radcliffem, and N.J. van Strien (2006). „New hope for Sumatran rhino conservation (abridged from Communique)“. „International Zoo News“ 53 (6): 352–353. 
  34. Roth, T.L.; J.K. O'Brien, M.A. McRae, A.C. Bellem, S.J. Romo, J.L. Kroll and J.L. Brown (2001). „Ultrasound and endocrine evaluation of the ovarian cycle and early pregnancy in the Sumatran rhinoceros, Dicerorhinus sumatrensis“. „Reproduction“ 121: 139–149. doi:10.1530/rep.0.1210139. PMID 11226037. 
  35. 35,0 35,1 Roth, T.L. (2003). „Breeding the Sumatran rhinoceros (Dicerorhinus sumatrensis) in captivity: behavioral challenges, hormonal solutions“. „Hormones and Behavior“ 44: 31. 
  36. Rabinowitz, Alan (1995). „Helping a Species Go Extinct: The Sumatran Rhino in Borneo“. „Conservation Biology“ 9 (3): 482–488. doi:10.1046/j.1523-1739.1995.09030482.x. 
  37. 37,0 37,1 van Strien, Nico J. (2001). „Conservation Programs for Sumatran and Javan Rhino in Indonesia and Malaysia“. „Proceedings of the International Elephant and Rhino Research Symposium, Vienna, June 7–11, 2001“ (Scientific Progress Reports). 
  38. „Andalas - A Living Legacy“. „Cincinnati Zoo. http://www.cincinnatizoo.org/Conservation/GlobalConservation/SumatranRhino/BirthAnnouncement/Legacy/legacy.html. конс. 4 ноември 2007. 
  39. „It's a Girl! Cincinnati Zoo's Sumatran Rhino Makes History with Second Calf“. „Cincinnati Zoo. http://www.cincinnatizoo.org/Conservation/GlobalConservation/SumatranRhino/BirthAnnouncement/announcement.html. конс. 4 ноември 2007. 
  40. „Meet "Harry" the Sumatran Rhino!“. „Cincinnati Zoo. http://www.cincinnatizoo.org/VisitorGuide/zoonews/RhinoCalf/itsaboy.html. конс. 4 ноември 2007. 
  41. Watson, Paul. „A Sumatran rhino's last chance for love“, „The Los Angeles Times“, 26 април, 2007 (конс. 4 ноември 2007).

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Суматрански носорог“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).