Црн носорог

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Црн носорог
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Perissodactyla
Фамилија: Rhinocerotidae
Род: Diceros
Вид: D. bicornis
Биномен назив
Diceros bicornis
Linnaeus, 1758
Подвидови

Diceros bicornis michaeli
Diceros bicornis longipes
Diceros bicornis minor
Diceros bicornis bicornis

Распространетост на црниот носорог

Црниот носорог (науч. Diceros bicornis) е вид на носорог кој ги населува териториите на источна и централна Африка вклучувајќи ги Кенија, Танзанија, Камерун, Јужна Африка, Намибија и Зимбабве. Иако се нарекува црн, сепак тој има сиво-бела боја на кожа.

Името на овој носорог е дадено за да се разликува од белиот носорог (Ceratotherium simum). Ова именување е малку збунувачко со оглед на фактот дека бојата на овие два вида е доста слична. Зборот бел (white на англиски) е погрешен превод на холандскиот збор weit, што значи широк, и се однесува на описот на горната усна на овој вид, која е различна од испакнатата усна на црниот носорог.

На 7 јули 2006 година Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN) објави дека еден од четирите подвида Западноафриканскиот црн носорог (Diceros bicornis longipes) е привремено ставен на листата на изумрени видови[2].

Се претпоставува дека постојат околу 3600 единки на црн носорог.

Таксономија[уреди]

Постојат четири под вида на црниот носорог[3]:

Карактеристики[уреди]

Возрасен црн носорог до рамењата е висок 140-170 сантиметри и е со должина со 3,3 до 3,6 метри[4]. Просечната тежина на возрасните единки е од 800 до 1364 килограми, но понекогаш достигнуваат и до 1818 килограми. Женките се помали од мажјаците (види полов диморфизам). Овој вид има два рога изградени од кератин. Предниот рог е поголем со просечна должина од 50 сантиметри, но во ретки случаи достигнува и до 140 сантиметри.

Најголемиот рог кој бил измерен достигнувал должина од скоро 1,5 метри[5]. Понекогаш може да се развие и најмал трет рог. Овие рогови се користат за одбрана, заплашување, ископување на корења и кршење гранки. Бојата на кожата најмногу зависи од составот на почвата каде што живеат и од индивидуалните навики за тркалање во калта. Црниот носорог е доста помал од белиот носорог, и има долга испакната горна усна со која посегнува по листовите и гранките кога се храни[5]. Црниот носорог се разликува од белиот и по помалиот череп и уши. Исто така, овој вид нема грпка на рамењата која е карактеристична за белиот носорог.

Нивната тенка повеќеслојна кожа ги заштитува од трње и остри треви. На кожата имаат голем број надворешни паразити. Птици од родовите Buphagus и Ardeidae кои живеат заедно со носорозите ги отстрануваат овие паразити. Носорозите имаат многу лош вид, па затоа повеќе се потпираат на нивниот слух и осет за мирис. Овие животни имаат големи уши кои можат да ги вртат во сите насоки и лесно да детектираат звук. Исто така имаат и голем нос и одличен осет за мирис кој им помага да откријат предатори.

Распространетост[уреди]

Црн носорог

Во поголемиот дел на XX век црниот носорог бил најраспространет од сите видови на носорози. Се претпоставува дека во 1900тите во Африка имало неколку илјади единки [1]. За време на втората половина на 20тиот век нивниот број драстично се намалил, од проценети 70 000[6] во 1960тите на 10 000-15 000 единки во 1981 година. Во почетокот на 1990тите бројот бил под 2500 а во 2004 година објавено е дека се останати само 2410 единки на црн носорог. Според меѓународната фондација за носорози (International Rhino Foundation) африканската популација малку закрепнала, па во 2003 година имало 3610 единки [7]. Според извештајот на МСЗП од јули 2006 западниот африкански црн носорог е ставен на листата на изумрени животни[8].

Црниот носорог бил доведен до работ на изумирање како резултат на нелегалниот лов поради неговите рогови, но и поради уништувањето на неговото природно живеалиште. Рогот се употребува до традиционалната кинеска медицина, и се смета дека може да освести пациенти кои се во кома, како и да лечи треска[9]. Наводните лековити својства кои се препишуваат на рогот никогаш не биле потврдени од страна на медицинските науки. На средниот исток овие рогови се користат за изработување на украсни дршки за ножеви и ками.

Однесување[уреди]

Црн носорог се одмара во зоолошката градина во Франкурт

Носорозите се самотни животни, освен за време на сезоната на парење. Мајките и младите понекогаш живеат во мали групи, но само кратко време. Мажјаците не се толку дружељубиви како женките, иако и тие понекогаш дозволуваат во нината околина да има и други носорози. Овие животни не се многу територијални, и често делови од нивните територии се препокриваат со територии на други единки . Големина на овие територии може да варира во зависност од сезоната и достапноста на храна и вода. Вообичаено на територии каде има големо количество на храна и вода, има поголема концентрација на носорози. Во Серенгети овие територии се од 43-133 km², додека во Нгоронгоро се помеѓу 2,6 и 44 km².

Црните носорози имаат репутација на екстремно агресивни животни. Тие напаѓаат од страв, збунетост и паника. Поради нивниот многу слаб вид, тие напаѓаат секогаш кога ќе осетат некаква закана. Забележани се случаи кога овие животни напаѓаат и стебла од дрва или термитски живеалишта. Црните носорози често се борат меѓусебе, и имаат највисока стапка на смртност како резултат на борба (највисока од сите цицачи): околу 50 % од мажјаците и 30% од женките умираат од повреди здобиени за време на борба[10]. Возрасен црн носорог нема природни предатори[11], освен еден непроверен ицидент кога возрасен носорог е убиен од Нилски крокодил [12].

Црните носорози се доста брзи, и трчајќи можат да достигнат брзина од 56 km/h.

Исхрана[уреди]

Црн носорог пасе трева

Црниот носорог е хербиворно животно што значи дека се храни со лисјести растенија, гранки, фиданки, трнести грмушки и овошје. Нивната исхрана помага во намалување на количината на дрвенести растенија што резултира со растење на повеќе трева, што е корисно за другите животни. Се знае дека овие животни јадат и до 220 различни видови на растенија. Носорозите можат да издржат без вода и до 5 дена, за време на големите суши. Црниот носорог најчесто ги населува пасиштата, саваните и тропските територии.

Црниот носорог се храни наутро и навечер. За време на најтоплиот дел од денот, тие се неактивни и најчесто времето го поминуваат одмарајќи, спиејќи или валкајќи се во калта. Валкањето во кал е значаен дел од животот на овие животни. Ова им помага да го оладат телото за време на денот, но и да се заштитат од паразити. Ако поради суша нема кал, тогаш тие се валкаат во прав. Кога се хранат, црните носорзи ги употребуваат усните за да ги соберат сите листови од гранките.

Размножување[уреди]

Црн носорог во зоолошката градина во Цирих

Возрасните единки се самотни животни, и се собираат само за време на парењето. Парењето не е од сезонски карактер но раѓањето е речиси секогаш кон крајот на дождовната сезона, односно во суви услови.

Паровите за време на парењето остануваат заедно од 2-3 дена па до неколку недели. За време на овој период тие се парат неколку пати.

Периодот на носење трае 15-16 месеци. Младите по раѓањето тежат 35 до 50 килограми. Младите прекинуваат да цицаат на возраст од 2 години. Мајката останува со младенчето 2-3 години, додека не се роди ново младенче. Младите понекогаш може да бидат плен на хиенахиени или лавови. Сексуална зрелост мажјаците достигнуваат на возраст од 5-7 години, а женките на возраст од 7-8 години. Во дивината, животниот век е од 35 до 50 години[4].

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 IUCN SSC African Rhino Specialist Group (2008). „Diceros bicornis“. Црвен список на МСЗП - загрозени видови во 2008 година. МСЗП 2008. Вчитано на 28 ноември 2008.
  2. 2,0 2,1 West African black rhino 'is extinct'“, „The Times“, 7 јули,, 2006 (конс. 9 октомври 2007).
  3. Hillman-Smith, A.K. Kes; and Colin P. Groves. (1994). (PDF)„Mammalian Species“. doi:10.2307/3504292. http://www.science.smith.edu/departments/Biology/VHAYSSEN/msi/pdf/i0076-3519-455-01-0001.pdf. 
  4. 4,0 4,1 Dollinger, Peter and Silvia Geser. „Black Rhinoceros“. „World Association of Zoos and Aquariums. http://www.waza.org/virtualzoo/factsheet.php?id=118-003-003-001&view=Rhinos&main=virtualzoo. конс. 9 октомври 2007. 
  5. 5,0 5,1 Ellis, Richard (2004). „No Turning Back: The Life and Death of Animal Species“. New York: Harper Perennial. стр. 205–208. ISBN 0-06-055804-0. 
  6. „WWF Factsheet; Black Rhinoceros Diceros Bicornis“ (PDF). „Светски фонд за природа“. October 2004. http://panda.org/downloads/species/ecop13blackrhinofactsheet.pdf. конс. 9 октомври 2007. 
  7. „Black Rhino Information“. „International Rhino Foundation. http://www.rhinos-irf.org/rhinoinformation/blackrhino/index.htm. конс. 9 октомври 2007. 
  8. Andrew Meldrum. „West African black rhino feared extinct“, „The Guardian“, 12 јули,, 2006 (конс. 9 октомври 2007).
  9. Michael Milstein. „Shop owner pleads guilty to selling black rhino horn“, The Oregonian, June 27, 2007 (конс. 29 јуни 2007). (на English)
  10. Joel Berger and Carol Cunningham, "Natural Variation in Horn Size and Social Dominance and Their Importance to the Conservation of Black Rhinoceros," Conservation Biology 12:708-11 (1998).
  11. AWF: Wildlife: Rhinoceros
  12. Wood, The Guinness Book of Animal Facts and Feats. Sterling Pub Co Inc (1983), ISBN 978-0-85112-235-9
  • Emslie, R. and Brooks, M. (1999), „African Rhino. Status Survey and Conservation Action Plan“, IUCN/SSC African Rhino Specialist Group. IUCN, Gland, Switzerland and Cambridge, UK, ISBN 2831705029 
  • Rookmaaker, L. C. (2005), „Review of the European perception of the African rhinoceros“, „Journal of Zoology“ 265 (4): 365–376, doi:10.1017/S0952836905006436 

Надворешни врски[уреди]