Прејди на содржината

Сенокос (Прилепско)

Координати: 41°24′48″N 21°28′12″E / 41.41333° СГШ; 21.47000° ИГД / 41.41333; 21.47000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Сенокос

Поглед на Сенокос

Сенокос во рамките на Македонија
Сенокос
Местоположба на Сенокос во Македонија
Сенокос на карта

Карта

Координати 41°24′48″N 21°28′12″E / 41.41333° СГШ; 21.47000° ИГД / 41.41333; 21.47000
Регион  Пелагониски
Општина  Долнени
Област Прилепско Поле
Население 271 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7504
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20093
Надм. вис. 623 м
Слава Ѓурѓовден
Сенокос на општинската карта

Атарот на Сенокос во рамките на општината
Сенокос на Ризницата

Сенокос — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото Сенокос е со македонско потекло и означува место на коешто се коси сено. Во Македонија постои уште едно село со истото име — Сенокос во Гостиварско — а села со исти имиња се среќаваат и во повеќе други словенски земји, како на пример Бугарија и Србија. Во средновековните записи, документи и пописи, името „сенокос“ официјално се употребувало за посебен вид и тип на земјиште (имот), од коешто се косело сеното. Самата местоположба и историја на селото чиешто земјиште во минатото било мочуриште околку коешто има ливади од кои се косело многу сено ја потврдува претпоставката за значењето и настанокот на името.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Селото со околината

Сенокос се наоѓа во средишниот дел на Прилепското Поле, на југоисточната страна од територијата на Општина Долнени, недалеку од патот Прилеп-Македонски Брод. Соседни села се: Мало Мраморани, Долнени и Новоселани. Селото е рамничарско и се простира на надморска височина од 623 м. Со исклучок на неколку дрвореди од тополи коишто служат за заштита од ветер на посевите меѓу нивите и нискостеблести грмушки покрај железничката пруга, самото село Сенокос и целата негова околина се изразито рамничарски со обработено земјиште, без воопшто да има шуми или поголема дрвна растителност. Селскиот атар зафаќа површина од 8,4 км2. Од Прилеп е оддалечено 11 км.[2][3]

Сенокос е село од збиен тип коешто се дели на три маала: Горно, Долно и Средно. Маалата се малку раздалечени едно од друго, така што и групите на куќи во нив се слабо издвоени.[3]

Недалеку од селото се наоѓа железничкото стојалиште ЖС „Сенокос“.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]

Сенокос се смета за релативно младо село. Сепак, во месноста Могила, сместена на 2 км западно од селото, се вели дека селаните ископувале парчиња ќерамиди, што укажува дека подрачјето било населено многу одамна. Земјиштето околу селото долго време било мочурливо, но потоа било исушено со ископување на канал. На добиената сува земја било основано денешното село од страна на Македонци кои се доселиле кај турски чифли-сајбии.[3]

Во XIX век, селото било дел од Прилепската каза на Отоманското Царство.[4]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Селото има полјоделска функција. Во рамки на селскиот атар, обработливото земјиште зафаќа површина од 612 ха, а на пасишта отпаѓаат 167 ха.[2] Во селото најмногу се одгледуваат тутун и жито. Од житариците најзастапени се пченицата и јачменот, а во помала мера и пченката и ‘ржта. Се одгледуваат и фуражни култури, како на пример: луцерка, детелина и крмна пченка за сточна храна; а застапени се и градинарските култури, како на пример: кромид, домат, пипер, морков, лук и марула. Дел од производството на градинарските производи е за задоволување на сопствените потреби, а дел и за продажба во Прилеп. Во помали размери е застапено и сточарството, главно преку одгледување на крави и овци. Во селските ливади се коси и сено коешто понатаму служи за прехрана на стоката преку зима. Поради непосредната близина на селото до Прилеп, дел од мештаните се занимаваат и со други стопански дејности во градот. Водата за пиење се добива од бунари.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948397—    
1953424+6.8%
1961435+2.6%
1971386−11.3%
1981354−8.3%
ГодинаНас.±%
1991292−17.5%
1994298+2.1%
2002315+5.7%
2021271−14.0%

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот вилает (Vilayet-I Prilepe) под името С-н-а-к-о-с и во него имало 24 семејства, 1 неженет и 1 вдовица, сите христијани.[5]

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Сенокос било село со 35 домаќинства и 133 жители Македонци.[6]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Сенокос имало 280 жители Македонци христијани.[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година Сенокос било село со 176 жители Македонци.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Сенокос се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 38 куќи.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[10]

Селото броело 435 жители во 1961 година, додека во 1994 година живееле 298 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Долнени живеат 315 жители, од кои 313 Македонци и 2 останати.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 271 жител, од кои 268 Македонци, 1 останат и 2 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 280 176 397 424 435 386 354 292 298 315 271
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Сите македонски родови кои живеат во Сенокос потекнуваат од доселеници. Смрдлевци (слават Петковден) се први доселеници кои во селото дошле од Мариово[3]. Од нив потекнува и родот Кашовци во соседното село Мало Мраморани. Ачковци (слават Свети Никола) дошле после наведениот род, но не ја знаат старината и местото на иселување. Стевановци (слават Митровден) доселени се после Ачковци и потекнуваат од домазет од соседното село Заполжани. Јакововци и Рујановци претходно сочинувале еден род кој се викал Чингеловци. Долше пред околу 160 години од Големо Мраморани, сега раселено и пусто селиште. Шилежовци (слават Митровден) не знаат од каде се доселиле во Сенокос[3]. Најдовци или Божиновци (слават Свети Никола) дошле од Долнени каде што им се роднини Станојовци. Лефтеровци (слават Петковден) и тие се од Долнени каде што се доселиле од некаде[3]. Кокароски (слават Свети Никола) не знаат од каде се доселени. Паламидовци (слават Свети Никола) дошле од Вранче каде што биле старинци. Здруковци (слават Петковден) дошле пред 90 години од Долнени. Карајаневци (немаат слава), дошле пред 68 години од селото Ранци во Кајларско, Егејска Македонија[3]. Поречани дошле од Порече пред 63-64 години.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Во селото работи подрачното основно училиште „Пецо Даскалот“, каде што се изведува настава до петто одделение.[17]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Долнени од 1952 година.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1493 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 205 гласачи.[19]

Личности

[уреди | уреди извор]

Личности родени во Сенокос:

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Црквата „Св. Атанасиј“
Археолошки наоѓалишта[20]
Цркви[21]

Во Сенокос постои е активен фудбалскиот клуб „Црвена ѕвезда“.[4]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Се знае за овие иселени семејства од Сенокос: Дековци и Чибуковци живеат во Мажучиште. Домазетовци живеат во Рилево. Велјановци живеат во Новоселани. Кашовци живеат во Мало Мраморани. Билимановци живеат во Дупјачани.[3]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 270.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Ф. Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 360–361.
  4. 4,0 4,1 4,2 Сенокос“. OldPrilep. 19 март 2014.
  5. Соколоски, М. и Стојановски, А. (1971). Турски документи за историјата на македонскиот народ (книга 4). Скопје. стр. 78.
  6. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 72-73.
  7. Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. стр. 246.
  8. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 150-151.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 21 јули 2020.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. Образование“. Општина Долнени.
  18. „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 21 јули 2020.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 19. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]